Зошто сум јас …?

Што ти значи тоа што си член на Гете-герила?

Александра Стошиќ, Белград
Милош Перишиќ, Белград
Стефан Малешевиќ, Белград
Гете-герила Приштина
Хилма Ункиќ, Сараево
Ана Ристевска и Андреј Анцевски, Скопје
Данијел Ѓекиќ, Загреб


© Александра Стошиќ, Белград Да се биде член на Гете-герилата, од многу причини е едно непроценливо искуство. Со месеци наназад, дел сум од еден тим кој го сочинуваат млади луѓе од различни профили и интересирања. Различностите се, како што тоа често во природата постои, една голема предност за она со што сме се бавеле и со што сè уште се бавиме. Стремежот и желбата да влијаеме врз општеството во кое живееме, да укажеме на проблемите, на поинакво видување на светот околу нас, како и да проткаеме креативност низ секоја наша работа, се едни од нашите главни водителки. Се разбира, за да функционира механизмот на групата потребно е секој поединец да вложи што повеќе од себе. На тој начин секој ќе може да ја истакне својата индивидуалност, да ги искаже своите размислувања, забелешки и погледи и потоа да најде врска со другите членови од екипата.

Она што за мене лично е највредно од целата прикаска е тоа што сум во Гете-герилата, што работејќи и дружејќи се со герилците и со Герила-коодинаторките стекнав искуство и ми се отворија некои нови начини на размислувања, кои ми помагаат на еден поширок и поквалитетен начин да го видам светот околу мене.
Александра Стошиќ, Белград


© Милош Перишиќ, Белград Да се биде герилец е една убава, но и сложена работа. Различни луѓе, од различни страни, се наоѓаат на едно место и на иста задача. На задача која е единствена и разновидна во исто време.

Кога треба да објаснам што е тоа и за што служи, не ми е лесно, па обично набројувам што досега сме направиле. Но и набројувањето на она што сме го направиле не е најдобриот одговор, бидејќи не претставува сè она што е Гете-герилата. Тоа е нешто што е надвор од нас и нешто само наше, бидејќи секоја генерација, како и онаа првата зачеточна, ќе биде самосвојна. Гете-герилата е еден голем перформанс, во кој на прв поглед од ништо се раѓа нешто, а тоа нешто за герилците секогаш е ново и возбудливо, бидејќи излегува од нив самите, па е лично, но и колективно. Токму така: и лично и колективно, бидејќи никој нема да се изгуби во групата, ниту групата ќе се распливне на поединци. Секогаш, рака на срце, некој води а некој следи, но улогите се менуваат во секоја акција. На некој начин Гете-герилата е како она стриповската фантастична четворка или лига на исклучителни џентлмени: собир на карактеристични индивидуалци на иста задача. И, на крајот, што е задачата? Задачата е нашиот стремеж да го промислиме светот што го гледаме и градот во кој живееме и животот кој го знаеме и кога ќе најдеме заеднички именител, нешто и да направиме. А што ќе биде тоа? Е, секоја генерација на Гете-герилата ќе даде свој одговор на тој предизвик. Милош Перишиќ, Белград


© Стефан Малешевиќ Што за мене значи да се биде Гете-герилец?
Бидејќи прашањето е поставено во сегашно време, морам да кажам дека во овој момент, како герилец, на прво место чувствувам одговорност и обврска. Недела е попладне, седам пред куќата на моите прародители и не го одморувам мозокот туку го пишувам овој текст. Кога ќе се вратам во Белград, ќе имам најверојатно десетина непрочитани мејлови од герилците; се приближува крајот на годината, па и притисокот за приведување на започнатите проекти е поголем...

Звучи како да се жалам, но сето тоа за мене се позитивни аспекти на припаѓање на Гете-герилата, бидејќи ја формираат личноста, а тоа е корисно за идните проекти и работи. На младиот човек му е потребно да почувствува што значи да се работи во име на групата, да се биде дел од колективот што е формиран врз основа на добра волја и каде нивото на ангажираност е произволен. Што значеше да се биде герилец?

Значеше многу креативно дружење со инспиративни луѓе, кои и утре можат да бидат корисни соработници. Низ заедничкото создавање склопивме неколку пријателства кои се посебни. Како семејството или екипата од основното училиште, така и соборците од герилата имаат специјален статус.

Со тие луѓе и со помош на Гете-институтот, реализирав проекти кои сам не би можел или не би смеел и помогнав во формирање и остварување на идеите на другите членови. Иако навикнат на тимска работа, досега јас или сум бил главен (како режисер или фронтмен на бендот) или сум работел за некого (како монтажер, микроман, музичар...), затоа ми беше поучно да функционирам во група на еднакви, да се навикнувам на компромиси и толеранција. Во герилата никој не сноси целосна одговорност, но никој ни не ја собира целата слава. Стоиме зад или пред заедничкото име и со тоа го поместуваме тежиштето од поединецот (и од неговата личност како автор) на самите акции и нивните последици, како во вистинско герилско војување.

А што ќе значи да се биде герилец, тоа времето ќе покаже,зашто постојат планови за продолжување на соработката во рамки на генерацијата, а принципот веќе се прошири на регионот. Also, bis bald !
Стефан Малешевиќ, Белград


Овој проект ми дава можност, заедно со другите членови на Гете-герилата, светот барем малку да го променам на подобро. Учиме едни од други и разменуваме искуства. Така запознав различни интересни луѓе и култури, со кои сега заеднички се залагам за една важна работа .
Гете-герила Приштина


© Хилма Ункиќ Да се биде герилец значи да се припаѓа. Значи да бидеш опколен со млади луѓе со кои имаш заедничка цел. Учествувањето во еден ваков проект бара да научиш да мислиш поинаку и да посегнуваш во оние сфери на својата креативност кои пред тоа не си ги спознал. Да бидеш герилец значи смеа. Понекогаш значи и чувство дека правиш голема работа, по малку револуционерна. Ти дава чувство да одиш понатаму, да не стоиш, чекајќи на промени,туку сам да менуваш. На овој начин почнуваш да забележуваш детали и да се бориш за деталите, спознаваш дека малите проекти стануваат голема работа.

Да бидеш герилец значи да се нервираш бидејќи не можеш да сфатиш како другите не сфаќаат оти токму твојата идеја е најдобра. Но да бидеш герилец значи да слушаш други и да увидиш како да направиме најдобра идеја за сите нас . Да се направи клопче исткаено од пет индивидуалности, кое понатаму се тркала низ градот впивајќи притоа уште илјада други.

Да бидеш герилец значи да бидеш горд на самиот себе бидејќи знаеш дека си направил битна работа. Да се бориш против стагнација и да бидеш визионер!
Хилма Ункиќ, Сараево


© Andrej Ančvski Чест ми е што припаѓам на првата генерација на Гете-герилата во Скопје. Тоа е, меѓутоа, истовремено и голем предизвик, затоа што нашата задача е да го истрасираме патот за идните генерации на герилците во нашиот град.Мошне сме среќни што сме дел од овој проект. Тој ни дава единствена прилика да разменуваме идеи и искуства со истомислениците, но и можност да придонесиме на културниот развој на заедницата во која живееме.

© Ana Risteska Идеата за Гете-герилата е во совршен склад со духот на времето. Таа идеја не само што не охрабрува да се развиваме како личности, туку ни дава конкретни можности за тоа. Активностите во рамките на Гете-герилата ни помагаат да се развивме како уметници, но и да ги согледаме општествените аспекти од нови, креативни агли.
Ана Ристевска и Андреј Анцевски, Скопје


© Данијел Ѓекиќ Да се одлучиш да се пријавиш за Гете-герилата беше полн погодок – не само заради фактот што сум одбран, туку затоа што ми се даде можност каква, во денешно време, на нашите простори не може да се добие. Гете-институтот со овој проект покажа дека сака да вложува во младите генерации и со тоа им ја покажа својата доверба. Доверба која недостасува во нашиот денешен свет, но и доверба дека е можно во сеопфатната глобализација и отапување да се остави влијание врз луѓето. Токму таа можност дека можам да ги земам своите работи во свои раце и така можеби да покренам нешто, е она што од првиот момент ме привлече кон герилата. Со своите акции сакаме да укажеме на одредени проблеми и ако успееме да освестиме само неколкумина од нашата околина, веќе сме успешни. Иако многумина од нас уште од порано имаа идеи за некои проекти, многу не оставија на, во капиталистичкиот свет најважната ставка, имено на буџетот. Гете-институтот ни осигури, за нашите рамки, поголема сума на пари, со кои можевме да тргнеме во реализација на еден поголем проект. Дури тогаш можевме да видиме што значи да се работи врз проектот и колку, навистина, волја и време изискува. Така низ практиката научивме многу чекори од културниот менаџмент, при што исклучително ни помогна и нашата координаторка. На крајот, со ова работа ни е овозможено и да стекнеме нови познанства, од кои некои се претворија и во пријателства. Прекрасно е да се запознаеш со луѓе од регионот кои слично размислуваат и работат со иста цел, а притоа не чувствуваат никаква меѓусебна нетрпеливост.

Се надевам дека проектот на Гете-герилата ќе опстане и дека ќе можам да продолжам да учествувам, и со тоа да го развивам општеството, но и самиот себе. Данијел Ѓекиќ, Загреб

Гете-герилата

Тековни информации за нашите активности

Goethe-Guerilla

Fotostream

Weblog: Goethe-Guerilla

The Goethe-Institut Belgrad will be 40 - and it is getting younger: Who is the Goethe-Guerilla and what is it doing?