Да се осмелиме да се сетиме

Скапиот црн дроб на Вита

  • Read in Albanian by the author
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.
  • Excerpts from Vita’s Expensive Liver by Elsa Demo
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.

Расказ на албанската авторка Елса Демо во превод на Димитар Самарџиев.

Во посткомунистичка Албанија, амбасадите го зазедоа местото на испитувачниците.

Татковината не се заработува, таа е воен подарок што на олтарот од тебе ја бара Ифигенија.

- Име?

- Сабри.

- Презиме?

- Доко.

- Возраст?

- 42.

- Дијагностициран, кога?

- Во две илјади и втората.

- Друг обид за излез надвор?

- Во Грција.

- Зошто во Грција?

- Целото семејство ми живее таму. Си мислев дека е подобро таму, отколку некаде каде што немаме никој свој.

- Која ви е професијата?

- Имам земено под кирија една мала кројачка работилница. Ја одржувам со девојчето. Луѓето немаат пари, но не штедат, поскоро купуваат готова облека, отколку да си сошијат.

Вита излезе во ходникот, покајувајќи се за она „луѓето немаат пари, но не штедат“. За прв пат се сретна со еден министер за здравство, тука во болницава. Бику, кусото име на сопругот, ја следеше со болен поглед, истоштен, поизнемоштен од луѓето што го придружуваа. Вита ги беше кренала кепенците на кројачницата. Над вратата пишуваше: Англиски стил.

По патот го држеше Бику за рака. Прстите му беа истенчени. Потемнети. Усните помодрени како капина. Бику имаше нешто слично со децата, кои берат капини. Како малите деца што заради виеж во мевот ја оставаат играта, па берат капини за да го згаснат тој необјаснив порив. Ете таква боја му беше црниот дроб. Најцрна од сите внатрешни органи. Па и изгледот на тоа парче орган требаше биде како капинеста закрпа, назабено, разјадено. Ако продолжеше органот со тој ритам, ќе се раскубеше од постојаното нагризување, како партал.

Тие истенчени прсти, чие разложување го чувствуваше Вита, го држеа магнетниот шрафцигер и со мака ги прицврстуваа ситните завртки на часовниците. Бику си го тепаше времето завртувајќи и одвртувајќи часовници и некои електрични работи што бараа поправка. Поправките одземаат време и времето бара дејствие. Taка тој лежеше на кревет или седеше и го галеше мачорот како да е тоа заборав. Подготвен беше да работи отчукување по отчукување. Еве тука се работеше на еден заборав. Неговиот црн дроб беше еден заборав. Без ориентација, без никаков знак.

Требаше да му направат локална анестезија на делот кај црниот дроб. Да продрат однадвор со едно долга игла за да му земат мал примерок од црниот дроб. Но тој колабираше. Се обидоа два пати, Вита чекаше, еднаш со пред полуотворена врата, а другиот пат пред затворена, откако тој тивко се онесвести, таа влезе наеднаш и го виде. Како и да е, оваа постапка, наречена биопсија, беше пресудна. Тоа беше најдобриот тест за да се утврди степенот на разјаденост и истрошеност на црниот дроб, за потоа да се утврди видот на терапијата, дозирањето и што да се преземе понатаму, зашто секое дотогашно лекување беше од ѓутуре. Дозите ги одредуваа следејќи му ги реакциите. Немаше дијагностичка лабораторија за хепатитис Ц, во местово. Состојбата на пациентот беше минала во цироза, цирозата бараше трансплантација, без оглед на тоа дека вирусот можеше да се развие и по трансплантацијата.

- Си правеа екперименти со телото на Бику.

- Ако пристигнеше помошта поскоро, мажот ќе преживееше.

Денот кога Вита го држеше Бику за рака по пат кога се враќаа од средбата со министерот, при што тој и` објасни дека Албанија нема никаков договор со странските држави за извршување на трансплатација на црниот дроб. Единствената можност што остануваше, беше да се издаде усмено барање од Министерството за здравство упатено до соседните амбасади, за да им доделат виза и Сабри да се пренесе некаде во Грција или Италија во некоја болница каде што се врши трансплантација на црниот дроб. Мажот требаше да остане како резидент, на подолг престој таму каде што би се извела интервенцијата. Потребна беше виза, долгорочна виза, виза за двајца, маж и жена и многу пари.

- Скапо е, кажа министерот без трошка увереност.

- Мажот ми зема инвалидска пензија од седум илјади и двесте леки. Првите шест месеци за лекувањето му плаќаше моето семејство. Секоја недела по 114 долари. Ако во последно време не земавме средства од државата за лекувањето што достигнуваше и до 3000 евра на месец, немаше ништо да направиме.

- Разбирам – кажа министерот само колку да додаде нешто, тој независно од своето малцинско потекло, имаше кажано дека вистинскиот пасош на човекот овде, каде што обичаите се побитни од делата на човекот, е доброто име. Неговото презиме со латинско потекло, би требало да значи нешто како „сам“ или „самотник“. Како министер од партијата на грчкото малцинство беше разбрал дека кога нема што да понуди, ако го употреби трпеливиот татковски тон кон овие Албанци, кои, ни две ни три, се палат како да се волна натопена со петролеј, тогаш тие ќе го сметаат за добар, па и без да мрдне со малиот прст или да спроведе некоја реформа. Во администрацијата на оваа држава така се нарекуваше отпуштањето на опозиционерите и вработувањето на милитантите.

- Па ќе ни помогнете ли, господине министер?

- Ќе дадам сè од себе.

- Родителите најдоа во Атина болница што ни гарантира точна дијагноза. Не бараме парична помош од државата за лекувањето. Веќе не ни паѓа ни на крај памет. Знаеме дека нема што да се очекува од државата... Подготвени сме да ја продадеме куќата, може да земеме кредит... ако треба... ќе бидам дарителката.

- Ќе го имам тоа на ум – кутар беше овој ноншалантен министер, во тој миг на жената и` се виде како обичен човек меѓу обични луѓе, по седум години чекање еве, една можност како оваа да се даде некоја насока на фаталната ситуација. – Ќе го имам тоа на ум – беше повторил тој – сега трансплатацијата на црниот дроб може да се изведе не само со органи од мртовци, туку и од живи дарители, ако се согласуваат. Мажот требаше да чувствува некаква болка на црниот дроб, на десната страна од мевот, токму под градниот кош. Но, всушност не чувствуваше. Чувствуваше замор, полош од болка. Немоќ. Маж без моќ.

- Гадење?

- Бику не е пребирлив.

- Повраќање?

- Скоро никогаш.

- Вознемиреност?

- Повеќе е преморен, докторе. Не може да се прибере и насочи. Како гуска во магла, ослабен е. Висок е метар и седумдесет, а тежи околу шеесет килограми, не повеќе.

- Уринирањето?

- Малку потешко му оди, а урината му е како кока-кола.

- Како спие?

- Да кажам дека се буди наутро не можам, зашто по цела ноќ е без сон.

- Има температура?

- Ако не го боли телото, има температура. Ако нема температура, нема сон... плус и психолошки вака... ја продадовме куќата... чекаме визи.

- Треба да се одбегнуваат ризичните фактори...

Вита сакаше да ги допре прстите на Бику. Го набрчка челото кога си помисли дека ќе биде разоткриена како главичка бозел од вработените во грчката амбасада, кои го одржуваат редот и безбедноста над апликантите за виза во дворот на конзулатот, опкружен со ѕидови, со метални шилци над ѕидовите, а на аглите од ѕидовите со камери. Црвенокосиот чувар сакаше да се шегува со албанскиот јазик дури ги читаше имињата на списокот. Целиот се топеше кога ќе прочиташе имиња како Јана, Харила, Марие, Петро, Јорго, Маргарита, Кристаќ, Димитраќ, Наси, Трифон... Тие во редот му се смешкаа на овој добар Грк што се трудеше да го искористи времето додека е во Албанија, во обид да го запознае месното население. Да имаше тогаш нешто во дланката ќе беше премногу за тие во редот. На оние во редот што се смешкаа на ритуалот на Гркот, од збунетост сама им се подотвораше устата или од потиштеност им се обликуваше омега на челото, кога чуварот го оставаше тасот со филтер кафе на надворешниот симс од шалтерот. Па им се втурнуваше во лицето со трчање, толку блиску како да ќе им го одгризе носот и им се дереше; на еден да не зборува на мобилниот; на друг да ја почитува линијата; на трет да ја згасне цигарата; и на еден полицаец облечен во униформа со симбол на орел што фрла пламен од клунот, но тука не држеше вода ни облеката, ни орелот, па ни кожата.

Треба да се одбегнуваат ризичните фактори, Вита во себе си ја повторуваше препораката на докторот. Устата на црвенокосиот се отвори за еден пржен компир од чинијата внатре во портирницата. Вработената во безбедноста се беше вратила на своето место и направи гримаса наместо коментар за мажот со полициска униформа преку стаклото, а потоа ја запраша.

- Зошто сакате да одите во Грција?

- Поради здравствените причини на мажот ми.

- Кој ги покрива трошоците?

- Моите родители.

- Каде ќе се сместиш?

- Кај моите родители.

- Што ќе прави твојот маж таму?

- Биопсија на црниот дроб. Докторите нè чекаат.

Жената на другата страна од стаклото забележа гуштерче, студено како да сакаше да каже: гинека, гинека, јас не ве прашав дали ве чекаат докторите или не. Ни вербалните забелешки не ве прават подобри и повластени во однос на другите што чекаат во редот. Но англискиот не и` помагаше да ја изрази со достоинство надмоќта на своето исправно мислење според правилата и законите што ги решаваат две жени, како сега отспротива, од оваа и онаа страна на стаклото. Жената од внатрешната страна на шалтерот воопшто не го сокриваше тоа дека вниманието и` го одвлече гуштерот и дека со сила ги насочи очите кон досието на Доко, повторно проверувајќи ги еден по еден печатите и потписите на документите. Без да и` го покаже гуштерот, сега веќе истоштена, на албанската преведувачка и` кажа дека тој Доко треба да се пријави до 7 јануари во грчката амбасада.

На Сабри Доко му врачија грчка виза на 7 јануари, бесплатна виза, поради здравствени причини. Вита Доко ја одбија со образложението: не ги исполнува потребните услови. На службениот документ пишуваше: може да поднесете жалба во рок од 90 дена до Министерството за надворешни работи на Грција. Визата на нејзиниот сопруг важеше три месеци со 30 денови за престој. Во тие три месеци можеше да се искористат триесет денови. Сепак таа виза беше бесполезна, зашто тој не беше способен да оди без Вита.

И тој не замина. Лежеше во болница без болест, за да земе помош што требаше да поткрепи физички, да се подготви за на пат, некакви серуми, вообичаени препарати, минерални соли. Сега во црниот дроб почна да му се собира вода, па тој употребуваше само диуретик и еден препарат нарачан од Америка, препарат приготвен на природна основа, што ја презема улогата на црниот дроб, ги чистеше отровите. Мажот закрепнуваше. Можеби одминуваше неговиот најдобар период. Вита се враќаше од Министерството за надворешни работи од каде што бараше јасно објаснување за тоа, која точка од процедурата беше погрешна. Повторно беше поднела барање до грчката амбасада. Се искачуваше по скалите на палатата. Се присети на препораките од докторот на Бику: треба да се одбегнуваат ризичните фактори. Кои беа тие овој пат? Куќата веќе беше продадена. Наскоро требаше да се преселат во некоја друга под кирија. Од овој влез неколку пати го имаше чуено гласот на сосетката, како си ја вика најголемата ќерка: Фиори, о Фиори, дедо ти падна кај скалите. Бику се симна и го крена татко и` на половина. Старецот, ни заспан ни буден, едвај ги влечеше нозете по скалите, додека раката, малку поздрава од онаа на мажот и`, му висеше како клатно над невидливата рана, на страната на црниот дроб. Вита го задржуваше здивот кај скалите кога мажот и` ден за ден го носеше пијаниот татко на сосетката. Го препознаваше толку пати потсмешливиот глас на сосетката Фиори о Фиори, ти падна... и грлото само и кажа. Плановите се движеа во друга насока.

Таа вечер Бику претрпе излив на крвта во мозокот.

Легнат на половина на еден кревет на Гастрохепатологија поврати крв. Со сет граден кош исфрли повраќаница со крв, едно клопче крв. Клопчето се одмота и распарчи со целиот труп на Бику што се собра и затвори како колумбина во прегратката на Вита. Сам од себе и` дојде еден чуден покачен глас што рече „срце мое“. Цврсто го прегрна на гради својот стутулен маж, кој не испушти ни ах, ни ох. Бику беше во кома пет дена. Не се врати назад.

***

Дојде датумот кога Вита требаше да се пријави во амбасадата. Едно време си мислеше да не оди. Ја беше фатило инает, беше несреќна, нервозна, да си го бара правото, иако и` одеше така како што и` одеше. Се пријави таму. Во холот на амбасадата си седеше и се двоумеше. Што да им каже? Во меѓувреме бирократите си мрмореа нешто пред неа, една девојка и рече: госпоѓо за вас разговараат. Таму во предворјето на нивните шалтери и` се причини дека тие нешто знаеја. Имаше ред од луѓе и на Вита и` рекоа да причека. Па таа одлучи да ја игра таа игра. Им кажа дека сака да зборува со тој што е одговорен и што го разгледувал досието на Доко. Пак и` кажаа да чека.

Жената излезе и се смести на територијата блиску до амбасадата. Си седна во еден бар. По половина час и` заѕвонеа на телефонот од сопругот. Гласот беше женски, на албански зборуваше.

- Сакам да зборувам со господинот Сабри Доко.

- Може ли да се претставите госпоѓо?

- Не ми дозволено, госпоѓо.

- Јас сум неговата сопруга.

- Каде е вашиот сопруг?

- Ова е телефонот на мојот сопруг, јас го користам.

Телефонскиот разговор одеднаш прекина. Миг потоа, заѕвоне телефонот на Вита.

- Пак ти, госпоѓо?

- Да, пак јас.

- Зошто ги имате и двата телефона?

- Ги имам.

- Не разбирам.

- Ни јас не разбирам. Нормалната процедура ви е да им се јавувате на тие што бараат виза по мобилни телефони?

- Ние сакаме да зборуваме со вашиот сопруг.

- Сопругот ми е дома.

Веднаш на тоа додаде: - Вие сакате да зборувате со мојот сопруг, јас барам средба со конзулот или со амбасадорот.

- А зошто, за која апликација?

- За првата апликација.

Гласот од другата страна за еден миг стивна, потоа рече: - Ќе ве известиме, зашто сега не е можно да ве поврземе со конзулот или со амбасадорот.

Цела недела Вита во себе бараше некакво објаснување. Главата си ја поду. Си ги повторуваше без прекин претпоставените, банални аргументи: на болниот му даваме виза, на оваа не, зашто нема да се врати.

Пак оживеа женскиот глас од амбасадата:

- Зборувам со госпоѓа Доко?

- Да.

- Како е вашиот сопруг?

- Зошто ме прашуваш за мажот ми, кога ти многу добро знаеш како е мојот маж?

- Не, не знаеме.

- Добро знаете уште од денот кога дојдов во амбасадата.

- Па тогаш зошто рековте дека мажот ви е дома?

- Мажот ми е во неговиот дом и не ти кажав во кој дом. Ако сакате да ја дознаете адресата на мојот сопруг, ќе ви ја испратам. Туку сакам да знам кој е одговорен за тоа што мажот ми настрада вака?

- А вие што барате сега, уште барате виза?

- Би требало многу добро да знаете што барам јас, да знаете дека не го загубив само мажот, туку и куќата. Децата ми се на улица. Јас сакам да знам дали си ти лично одговорна за тоа што не добив виза? И за сето ова што ме снајде?

Тишина.

- Ако не си ти одговорната, мила госпоѓо, веќе не разговарам со тебе. Јас барав средба со конзулот или со амбасадорот.

- Зошто, сакаш да комуницираш со конзулот или со амбасадорот и да му ги кажеш овие работи?

- Да.

- Зошто, ти знаеш грчки?

- Нема потреба да знам грчки, ќе си земам преведувач.

- Не, не се дозволува преведувач, - додаде гласот.

- Е па, конзулот или амбасадорот би требало да знае некој странски јазик. Така што не е тоа пречката.

- Ќе те известиме.

- Не не сакам да ме известите. Сакам да ме повикате и позитивниот или негативниот одговор да ми го кажете во очи. Сакам да те погледнам во очи.

Втората недела од март на Вита и` доделија грчка виза. Ја известија со порака на нејзиниот број од мобилниот. И` дадода едномесечна виза. Помисли да оди понатаму, да ги праша амбасадорот или конзулот или одговорниот службеник што мислеле дека би можела таа да направи со оваа едномесечна виза. Потоа си рече, живееме во Албанија, да не отиде и тоа што е добиено. Ќе си ги потсмири нервите едно време, дури не извлече нешто, барем да дознаеше кој е одговорниот што одлучува за животот или смртта на човекот. Кој бил тој човек што е толку моќен?

Попусто беше да бара поткрепа на ѕидот од албанското министерство за надворешни работи. Вита отиде таму. Не и` дадоа службен одговор. Единствениот одговор беше неофицијален: Ние сме немоќни против грчката амбасада. Оваа држава и за барањата на единката беше многу немоќна, а не пак за да побара сметка, за да земе одговор што било погрешно направено при предавањето на документите. Ни тоа не се добива тука, си рече. Што останува понатаму? Не со ризичниот фактор, си ја врткаше низ умот шупливата препорака на докторот.

***

Сабри Доко умре на 19 февруари 2009, еден месец и половина откако му доделија грчка виза, но не и на неговата сопруга. Во еден дневен весник од главниот град пишуваше: „Сабри Доко почина по церебрална агонија на возраст од 42 години. Боледуваше осум години од хепатитис Ц на црниот дроб и имаше потреба за трансплантација. Неговата куќа, сите тие години беше оддел на Гастрохепатологија во рамките на павилјонот за внатрешни болести при Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“. Зад себе ги остави двете ќеркички и сопругата. По толку години залудно тропање по државните врати, без да најде помош, трагичниот крај му го запечати грчката амбасада со тоа што не одобри виза и за неговата сопруга.“

Еден месец подоцна отиде по него и татко му. Престана да јаде и да пие. Вита не ја напушти Албанија со туристичката, триесетдневна виза, што ја зема од грчката амбасада три недели по смртта на својот сопруг.

 

© Elsa Demo
Елса Демо од Албанија
Елса Демо (Elsa Demo), родена 1976 година во Фиер/Албанија, живее во Тирана/Албанија; студирала албанска книжевност и лингвистика на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Тирана/Албанија (1995-1999 г.); од 1999 г. таа редовно пишува за албанските дневни весници Koha jonë, Korrieri, Shekulli, покрај тоа од 2003 г. таа е одговорна за рубриката за култура на најголемиот дневен весник Shekulli; голем број објавени есеи, репортажи, раскази во Koha jonë, Korrieri, Spektër, Shekulli и во други албански списанија и антологии; коиздавач на антологијата на албански автори Shqipëria kujton. 1944-1991 г. (Албанија се сеќава 1944-1991 г.) (Тирана 2009 г.) како и на втората антологија на албански автори Shqipëria tregon. 1991-2010 (Тирана 2010 г.); на првиот меѓународен натпревар на новинарите "Giornalisti del Mediterraneo" во 2009 г. во Бари/Италија таа ја добива наградата Woytila.

 

Eine Übersetzung von Dr. Ardian Klosi
Ардијан Кљоси, род. во 1957 во Тирана/Албанија. Откако дипломирал албанологија во Тирана (1980-1986), работел како лектор и преведувач во издавачката куќа за белетристика „Наим Фрашери“. Потоа студирал германистика и компративна книжевност на Универзитетот во Инсбрук, каде што докторирал во 1990. По враќањето во Албанија бил ангажиран во студентското движење и во новиот слободен печат. Од 1993 до 1998 живеел и работел во Минхен, каде што држел настава на Катедрата за албанологија. Заедно со Вилфред Фидлер е коавтор е на Германско-албанскиот речник на издавачката куќа Лангеншајд (1997). Напишал многубројни студии, статии, книги и книги по враќањето во Албанија во 1998, меѓу другите, Netët Pellazgjike te Karl Reinholdit (Пелазгиските ноќи на Карл Рајнхолд, 2005), Роберт Шварц или прозорците на мојот град (Robert Schwartz oder die Fenster meiner Stadt, 2007, албанско-германски), Katastrofa e Gërdecit 2009 (англ. The Gërdec Desaster, 2010) итн.. Од 1983 превел повеќе дела од германскојазичната книжевност, меѓу другите, од Бихнер, Кафка, Брехт, Бел, Диренмат и др. Добил повеќе награди за оригинални дела и за преводи.