Да се осмелиме да се сетиме

ШТО Е ЗА НИВ „СЛАВОНИЈА?“

Ein Essay des kroatischen Kolumnisten Slobodan Šnajder in einer Übersetzung von Klaus Detlef Olof.

1.

Ужасот на сите оние кои во XVIII век пловеа по Дунав низводно од Улм се нарекуваше Дипштајнски гребени (Düppsteiner Klippen - во тоа време два дена патување од Енхелхарцел). Доколку постоеја, осигурителните премии би достигнувале фантастични суми; а уште поверојатно е дека ниту една осигурителна компанија не би се согласила да ги осигурува патниците и имотите. Сепак се пловеше, зашто мораше да се плови. Изворот вели: „Веслата беа повлечени, а екипажот ги замоли патниците секој на својот јазик да се помоли со Оче наш“. Страшен вир повикуваше кон подводниот замок на речните божества, суровите гребени се закануваа на свој начин. Патниците се молеа: paternoster во симултан превод. Нашиот отец слушаше. Или не?

Логиката на капетанот се состоеше во следното: eден канал, еден од јазиците, секако ќе биде вклучен! И Бог ќе чуе и ќе разбере! Вавилонската збрка нема да пречи, зашто патниците нема да разговараат меѓу себе, туку директно со Него. И макар што ги има измешано, Бог е секако полиглот. Освен тоа, на сплавот - зашто тоа беа претежно големи сплавови со кои, дури и во нормални услови, беше тешко да се управува - немаше никаква пакосност налик на онаа кај оние кои во подножјето на изродената Вавилонска кула, шпионирале по налог на Небото, му поткажувале на Отецот Бог. Напротив, на сплавот владееше атмосфера на крајна понизност, и секој мораше да мисли на конечното. Патниците, за екипажот и да не зборуваме, беа запознаени со ризиците. Агентите во Улм секако ги смируваа, но сите тие знаеја дека секој втор сплав бил распарчен, и дека за многумина кои се обиделе да ги преминат Дипштајнските гребени, никогаш повеќе ништо не се чуло. Капетанот можеби сакаше да открие дека меѓу неговите муштерии се наоѓа и некој еврејски трговец. Сигурно мислеше дека псалмот, изречен на хебрејски. на некој начин ги зголемува шансите за среќно преминување. Не е така веројатно, но не може да се исклучи, дека на сплавот се нашол и некој мухамеданец. Барокните војни штотуку ги беа протерале Турците подлабоко на Балканот, но културите и цивилизациите што војуваат, вообичаено попатно и тргуваат. Не постои никаква веројатност дека во таква ситуација на соочување со конечното, капетанот би се осмелил да го фрли во Дунав следбеникот на Полумесечината; речиси е сигурно дека би го замолил да го распостеле молитвениот килим и да им ги препорача екипажот и сите патници на својот Бог. Малата мултикултурна дружина бродеше кон пропаст или спас. Од тој миг со сплавот повеќе не можеше да се управува. Тој беше наполно - како што се вели - во Божји раце.

Патниците, значи, цврсто се држат за оградата, ако такво нешто постои, и се трудат да проценат уште колку секунди им преостануваат до главниот удар: до мигот кога сплавот ќе се сврти во вирот и потоа можеби ќе се искрши од гребенот. Секој се моли на Отецот како што знае. Словенските јазици се мешаат со германските, претежно јужногермански дијалекти, хасидот со долга брада го пее својот псалм, жените ги припиваат за градите своите деца кои исто така се молат, мухамеданецот паѓа понизно на својот килим... И сплавот помина.

2.

Сплавот помина, оти ако се искршеше, јас не ќе се родев. Преку своето постоење, јас, наследник и чувар на тогаш пренесената генетска комбинација, потврдувам дека сплавот помина. Нејасно е која молитва беше успешна. Или нивото на Дунав заради пролетното топење на снегот беше доволно високо; а можеби беше доволно ниско, па вирот се беше смирил. Не верувам, всушност, дека небесниот Бог имал некој посебен интерес за моето раѓање: па тој е татко на толку многу луѓе.

А многу сплавови не поминаа. Многу останаа на дното од реката, некои одвлечени од дунавските вили, многу изедени од есетрите и сомовите. Дипштајнските гребени потопиле многу надежи. Бог, во тие мигови, во понудата од јазици не нашол некој разбирлив за него. Или пак вирот бил навистина пресилен. Агентите во Улм се трудеа да ги охрабрат патниците и муштериите, но ризиците беа општопознати. Капетанот исто така го прифати ризикот дека на сплавот може да има некој грешник кој во очите на Бога не може да се спаси. Капетанот, кој исто беше и покренувач, односно патрон на сплавот, пред себе имаше шарена група од сиромашни луѓе кои продале сè што имале за да се качат воопшто на сплавот; за да можат воопшто да ризикуваат. Го носеа со себе она што им преостанало и што можеше да се носи. Претежно тоа беа семејства, така да се каже, во полна репродуктивна сила. Но често ќе се најдеше и некој чирак, калфа, кои зад себе имаа години на приучување, барајќи ги сега оние на кои можат да им го продадат својот занает. Патуваа и војници, платеници, кои исто така беа во потрага по некого кому би можеле да му го подметнат својот занает, и од тоа често се враќаа со рани. Може да се претпостави дека имаше и жени кои многу не го оптоваруваа сплавот, зашто и онака сите ги сметаа за лесни. Ете, тие се патниците, доколку не заборавиме да го придодадеме и проповедникот кој донесува одлука да ја следи својата мала заедница доколку таа, како таква, се реши за патување.

Чиновниците на монархијата, која тогаш сè уште не беше двојна, патуваа на поинаков, помалку ризичен начин. Годината што ја земаме за разгледување - 1769 - во која го следиме драматичното, а се покажало среќно преминување на сплавот по Дунав, крај Дипштајнските гребени, е годината кога Џејмс Ват штотуку ја изложил својата парна машина: почеток на индустриската револуција која одлучила да се развие во Англија, а не во Германија. Локомотивата, меѓутоа, сè уште не е на видик, па низ Европа се патува со коњски сили. Чиновниците, високите класи, благородништвото, без оглед на кој јазик ја изрекуваат Оче наш, не патуваат со сплав по Дунав. Лутеранското благородништво не патува низ подрачјата под жезлото и фустанот на моќната царица. Хабсбуршкото и католичкото благородништво немаат потреба од патување, освен кога се војува. И ниту на еден богат патник во XVIII век не му беше мило да ризикува средба со Дипштајнскиот гребен.

Капетанот, значи, пред себе има луѓе кои од една немаштија бегаат во друга. Маркс сè уште не беше го исковал поимот: царство на нужноста. Уште не беше роден, па и не можеше нешто посебно да искова. Оние што бегаа од една немаштија во друга, повеќето потекнуваа од јужногерманските покраини. Не е сосем неверојатно присуството и на некој српски трговец, значи православец, кој подоцна влегол во романите на Милош Црњански (на пример, во Селидби). Конечно, ова беше некаква германско-словенска каша, литанија мулти-култи, со хебрејски кој беше своевиден basso continuo, како таков едновремено извор на сомнеж и завист. Наполеонските реформи сè уште беа далеку, а освен тоа јужно од Рајна, никогаш и не беа особено примени.

3.

На овој јазик - мешавина од хрватски „искривен“ со посебностите на славонскиот дијалект и комбиниран со остатоците од германската граматика (именките со голема буква, на пример) - напишано е едно писмо кое на почетокот од деведесеттите години на XX век пристигна до мојот татко од едно село крај Пасау. Беше потпишано од човек кој го има моето име и презиме, односно јас го имам неговото во хрватизирана, фонетизирана верзија. Се вика Јоханес и се претставува како брат на таткото на мојот татко; значи, брат на мојот дедо. Сè до тоа писмо, не знаев дека постои. Во писмото изразува жалење заради фактот „што поради војната, моравме да ја оставиме Славонија“. И следува грижата за „нас“, со оглед на тоа што кај нас повторно е војна. И дали ни е потребно нешто.

Тој дел од семејството „мораше да ја остави Славонија“ во 1944, пред протерувањето на германските „национални групи“, и тоа затоа што не толку омилениот водач и` наредил на таа „група“ да се повлече на тогашните граници од Рајхот што се распаѓаше. За оние со моето презиме во таа „национална група“, тоа беше токму Пасау.

Во 1769 година нивните предци, токму од овие краишта, во коишто тие се вратија во 1944, заминале во - Славонија.

Единствено средство кое можеа тогаш да го платат беше сплавот низводно од Улм, со неизбежно минување, или неминување низ Дипштајнските гребени. 1769 во Германија беше „гладна година“. Без оглед што можеби не се умираше така масовно од глад, како истата таа година во Бенгал: 10.000.000 луѓе. Најголемата природна катастрофа на сите времиња. Но за да не се умре, вредеше да се избега од Германија. Правецот на гладта беше сосем спротивен од правецот во шеесеттите години на минатиот век кога стотици илјади „гастарбајтери“ тргнаа кон Германија токму од земјите кои во XVIII век беа колонизирани од германските колонисти во времето на терезијанските реформи. Но за мене, далечниот застранет внук, не е препорачливо токму сега да се впишам меѓу „гастербајтерите“: рецесија! Во XVIII век тоа беше едноставно гладта. И гладта се мери според некоја своја „роза на ветровите“, само што таа го менува правецот во вековни размери, а не во текот на еден ден: југо, бура, маестрал... ненадејни ветришта тука и таму.

Братот на мојот дедо веќе го беше потпишал писмото, кога одеднаш во мигот на необичен занес, кој би го споредил со стравичното ежење пред Дипштајнските гребени, се загледа во времето и одлучи да ја стави на посебно парче трговска хартија следната порака:

НАШИТЕ ДОЈДОА ВО НУШТАР СО ГРОФИ ДОДЕКА НА ВЛАСТ БЕШЕ МАРИЈА ТЕРЕЗА

Токму со такви мисли, на одвај поврзаните балвани со кои не можеше да се управува, се иташе кон средбата со оние гребени: важни пораки до потомците, или пак до „најмилите“, пред конечното: патник кој испишува парче хартија во Боинг кој се срушува.

4.

Потомците, потврдувам, се родија, и пораката допатува до мене низ времето, низ речните текови, меѓу гребените:

„НАШИТЕ ДОЈДОА ВО НУШТАР...“ Врз трговската хартија, вметната во посебна обвивка, со хемиско пенкало, како некој апендикс, белешка на дното од страницата, само со големи букви. Небаре особено важна упатница што ја поврзува дијахронијата („власта на просветената, но не наполно сфатена царица“), и синхронијата, Нуштар, гратче во Славонија, околу кое во последната балканска војна во деведесеттите години од минатиот век имаше страшни борби. Синхронија, истовременост, современост, затоа што братот на мојот дедо in mente, во сеќавањата, остана во Нуштар и НИКОГАШ не дојде во Пасау, каде што беше прилично успешен во „селскиот туризам“.

Нашите кои се твои. Братот на мојот дедо, единствениот сè уште жив мост со претходната генерација, не беше напишал од каде дошле. Постои магливо предание дека тоа било јужна Германија, но знам дека на оној сплав тие се молеле како што се молат католиците.

5.

Се подразбираше дека Бог е еден, но дека е полиглот. Пред сè беше важно да се погоди жицата на која е наштиман, токму во мигот на преминувањето: во спротивен правец од Дипштајнските гребени остануваше светот кој шарената дружина на сплавот го напушташе речиси секогаш засекогаш. Низводно беше непознатиот свет кој вредеше да се замислува. Вредеше да се наседне на ветувањата на чиновниците на царицата кои ги наговараа колонистите на сите добри начини. Не е едноставна одлуката да се остави сè, дури и кога се нема ништо. Терезијанскиот чиновник можеби се јавува во облик на ловец на стаорци од бајката што ја прибележиле браќата Грим; впрочем, го разгледуваме времето кога Хердер почнал да патува „меѓу народот“ кој само што го беше открил. Сè уште не во спомнатата 1769 година кога отпатувал во Нант, а потоа во Париз. Но и ова било доволно возбудливо Хедер да го напише својот патепис. Народот, меѓутоа, das Volk, штотуку откриен, бегаше од гладта кон Исток, по патеките на саските рудари кои веќе неколку векови ги бушеа балканските планини. Народот што бега се потиснуваше кон Исток: Drang nach Osten, тогаш без помош на тенкови коишто, како што знаеме, многу подоцна почнаа да ги следат ваквите и слични продори.

Терзијанскиот заведувач од бајката за новиот почеток можеби ноќта ги примамил помладите жители, во „плодното доба“, со помош на мал кавал на кој свирел за земјата дембелија - зад седумте гори, и седумте мориња (не сум сосем сигурен, но мислам дека Баварија има седум поголеми езера), од онаа страна на темните шуми - во некоја Трансилванија...

Славонија сè уште не се спомнуваше, па ни Нуштар, речиси непостоечко гратче со еден манастирски конак. Точните дестинации колонистите ги добиваа дури откако сплавот ќе испловеше. Кога тие би испловиле така, т.е. нашите, т.е. моите.

На капетанот, значи, му беше важно да се развие цела мрежа од јазици во која би можело да се улови Божјата милост. Тоа што патниците на сплавот беа така разнолични, го сметаше за предност. Доколку на неговиот сплав се качеше кинески трговец, тоа го сметаше за добар знак. Нималку не му пречеше тоа што хасидот на сплавот си беше во сопствената година - 1769 година Евреите ја броеја сместена помеѓу 5529 и 5530. Секој, значи, си го брои и умува своето, сите бројаници се искачуваат во јатото кон Небото, а гребените беа сè поблизу и поблизу, зелениот вир сè побесен и посилен. Рибите чекаат, како и дунавските вили, како и водениот крал во својот стаклен двор во длабочините. Горе владееше, несомнено, царицата; долу, на влезовите на подземното царство, други цариници.

6.

На влезот од царството, цариниците на Тереза ја одземаа лутеранската Библија. Германскиот колонист можеше да ја пренесе својата мачка, куче или крава, и никој не го прашуваше за пари. Чиновниците на царицата го снабдуваа со потребни документи, намирници и со мало количество пари, точно пропишано, кое царската канцеларија го пресметуваше како патни трошоци. Царината знаеше дека сиромашниот колонист нема да внесе такво количество странски пари, кое би можело да ги загрози кованите пари на царицата. Цариниците знаеја дека колонистите во Царството се увезуваат самите себеси, својата гола работна и репродуктивна сила. Но, она што можеше да се внесе во главата, вредеше малку да се провери, а потоа, според можноста, да се проветри и исчисти. Лутеровиот превод на Библијата, тој почеток на модерниот германски идиом, не се толерираше во торбите. Патниците сами ја предаваа, дури и ако се лутерани, дури и кога како такви беа населувани по казна низ земјите на Тереза. Којзнае колку библии завршија на дното на Дунав.

Разликите, добредојдени на сплавот што ита кон искушението кое ќе го преброди или не, сега станаа сомнителни. Обединети пред смртната опасност, патниците почнаа да искрснуваат како индивидуи, со двојба и сомнеж. Сега откриваат дека дестинациите им се различни, иако имињата на населените места ништо не им кажуваат. Трансилванија е сè што е отаде германските шуми. Откриваат дека патуваат со различно „зошто“.

Еврејското трговче се губи во Виена, како и лесните госпоѓици. Дружината одеднаш се смали, иако крајот на патот е сè уште далеку.

Речено им е дека е мудро да се чува сплавот. Мршојадци од сите бои веќе го надушнуваат, ги потчукнуваат неговите балвани, го мерат во виенското пристаниште на Дунав. Сакаат да го купат, а ако тоа не помине, да го украдат.

7.

Дружината што пловеше по Дунав, и што среќна и недопрена ги преминуваше оние митски гребени, дунавската Сцила, која како и грчката, имаше канибалски вкус, главно се растураше, разјадуваше, веќе во Виена. Беше сосем вообичаено да се продаде сплавот на препродавачите на дрва. Додуша, се пловеше и во спротивен правец, со силата на коњите, кои спаѓаат во најжалните, најексплоатираните животни на сите времиња. Но беше апсолутно неисплатливо да се покрене таков голем сплав во спротивен правец, за да се пушти уште еднаш низ струјата со нови калфи, блудници и Евреи. Повеќето колонисти ќе се здружеа со капетанот и со грстот авантуристи во нешто како joint venture. Тие ќе ги купеа балваните, ќе го склопеа сплавот, ќе изградеа на него мала кабина за оние кои можеа да платат за да можат да се сокријат од најсилното сонце, ќе ставеа напред и назад огромно кормило, ќе ги приврзаа веслата и - ќе го пуштеа низ струјата, да речеме кај Улм.

Продажбата во Виена беше договорена работа.

Колонистите по сè изгледа не знаеја дека истото тоа го правеле и грчките колонисти, втемелувајќи ги грчките емпории во Сицилија која подоцна, благодарејќи на нивната гордост, била наречена Magna Graecia: и грчките колонисти ги спалувале своите бродови кога стигнувале на одредиштето кое сè уште не било пристаниште, но кое ветувало дека тоа ќе стане.

Германските колонисти, исто така, по сè изгледа не знаеле дека истото ќе го сторат - го запалиле својот брод - и бунтовниците на Баунти штом стасале на Питкарн, а тоа се случило две декади по „нашиот“ сплав, 1789, во годината која ги остреше гилотините. За да се создаде нов свет, понекогаш е потребно да се запалат мостовите што го поврзуваат со стариот. Потребно и мудро. За гилотините пак, денес се суди различно, и спротивставено.

Ретко кој тогашен германски колонист некогаш се беше вратил во „родниот крај“. Веќе по неколку години, „родниот крај“ се викаше поинаку. Колонистите во своите бедра, во својот скут донесе нова генерација која понаку ќе го нарекува својот „роден крај“. Стариот „роден крај“ засекогаш беше отпатувал, во бедрата, во скутот, на колонистите и колонистките, и засекогаш беше стасал во новиот „роден крај“, со исклучок на оние, кои, како Билијата во недозволен превод, беа останале на дното од реката. Ретко кој некогаш се беше вратил во годините меѓу 1769 и 1945. Во 1945 година, мораа да се вратат речиси сите. Еден круг беше затворен.

8.

Исклучок беше еден немирен човек, кој во своите партали беше повеќе изложен на сонце, отколку покриен, и кој веќе еднаш ја беше поминал митската закана на дунавската Сцила. Беше незборлив по природа, ретко се впушташе во разговори. Можеше да биде скапоцен извор на информации; можеше да ги пополни дупките во имагинативното платно што повеќето патници веќе го беа исткале за својата Трансилванија. Тој, имено, веќе бил таму, се вратил во Германија, силно замолен од оние кои патувале со него пред само три месеци. Тоа е многу кратко време ако се земе во предвид дека пловидбата само до Виена, при поволни околности, траеше речиси две недели. Молчаливиот колонист беше во посебна мисија. Тој беше вратен во Германија за оттаму да донесе особено важна порака во Славонија или некаде другаде од онаа страна на шумите (Трансилванија); нешто што колонистите во брзањето за конечна преселба го беа испуштиле, а без кое не би можеле да преживеат.

Каква беше таа порака? Некоја шифра? Опис на некаква постапка, рецепт, магија за дожд? За дожд беше доволно селската вештерка, разоткриена или не, да се измоча во кофа. На народната медицина не и` беа потребни рецепти, хурургијата беше, знаеме, работа на селските бербери.

Таинствениот патник особено тешко даваше каква било информација за земјите, или за земјата, за градовите или за градот кој колонистите го имаа во своите документи како конечна дестинација. Или тој не знаеше ништо за тоа, иако веќе тоа го беше поминал, или информациите ги скратуваше од некоја сосема поинаква причина. Можеби беше царски шпион? Можеби молчеше по висок налог, од страв дека ќе издрдори нешто од што зависи судбината на Царството, па и на светот? Да не е шпион по налог на Среќната Порта? Дали тие краишта се безбедни од Турците? Дали Еуген Савојски ги поразил доволно? Зборува ли локалното население германски? Каква е нивната вера? Имаат ли цркви? Што јадат? Прават ли деца? Силуваат ли мухамеданците кај што ќе стасаат? Дури и старици, и кобили? Најмногу: каква е земјата? Навистина ли е црна и така плодна како што им проповедаа оние кои со звукот на својот кавал, всушност наменет за стаорците и децата, ги намамиле на овој сплав? Патникот изгорен од сонцето со причина се повлече во возвишеното спокојство на ветеран кој и онака не би можел да им објасни „што сите нив ТАМУ ги чека“. Кога со никакви итрини, па ни со женски насмевки, не успеаја од него да извлечат дури и најмала информација, дури ниту некаква алузија, колонистите третиот ден се откажаа. Молчаливецот веќе никој не го гледаше, ниту некој нешто го прашуваше.

Тој тоа го користеше. Ноќе, кога сите и така заспиваа, и кога месечината го обвиваше во млечнобела боја сиот дунавски тек, туѓинецот од градите ја вадеше својата порака. Капетанот кој скришно го набљудуваше, ја откри неговата тајна, но кон таа тајна тој остана совршено индиферентен.

Внимателно, со стравопочит со која народот ги почестува своите фетиши, намуртениот патник принесе кон лицето на месечината три компири.

9.

Колонистите имаа силни причини да се распрашуваат за она што ги чека.

Нивните идеи околу тоа беа крајно дифузни. Иако повеќето беа млади, подготвени за лудоста на новиот почеток (поради тоа што, всушност, сè уште немаат ништо започнато), сепак беа доволно искусни за да знаат дека на царските чиновници не смее да им се верува без огромни резерви и ментални претпазливости. Тие знаеја дека царските заводници се платени според учинокот, односно по глава. Некои колонисти заминаа без знаење и волја на своите феудални господари, значи, беа побегнати, па и онака не би имале каде да се вратат. Некои, како „нашите“, како „моите“, заминаа „со грофите“, а тоа можеби беше и полесно, зашто исто така, со „грофите“, стотици години се одело во војни чија цел не ја знаеле ниту самите „грофи“, зашто повеќе смисла и цел имаше обичниот лов на лисици, отколку повеќето „барокни“ војни. Сегашното патување, меѓутоа, имаше сепак една маглива цел што се викаше подобар живот, иако претежно стануваше збор за голо преживување. Луѓето пребегуваа заради гладта, а заминуваа ноќе не само заради стравот од своите господари, туку и заради тоа што е полесно да се остават родниот крај, и пљачките и мачките, кога се завиени во темница. Заведени од кавалот на ловецот на стаорци, деца и души, истерани од гладта и од секаква немаштија.

А сепак, таквата одлука сигурно беше многу тешка. Одвај дека нешто знаеја за доделените одредишта, дури и да беа писмени. Ќе бидат потребни уште сто и педесет години за да се појават бедекерите, туристичките прирачници. Славонија, на пример, одвај и да беше вклучена во мапите. Пристигнуваа штури вести за тоа дека тоа е земја на волците (но тоа не им го беше рекол молчаливиот туѓинец кој под срцето ги стискаше своите три компири).

10.

Освен од компири, младите чираци и ратаи од јужна Германија страдаа и од други видови немаштии. Освен од компири, постојан беше и сè поизразениот недостаток од жени. На сплавот што иташе, сега без волја на кормиларот, со капетан кој ги беше кренал двете раце во воздух молејќи се со патниците, имаше малку жени.

Колонистите речиси секогаш беа авангарда: одеа како претходници, како истурена колона која требаше да го „истражи теренот“. На самиот терен исто така, исчистен од Турците (Турците овде се и субјекти и објекти на ова чистење), одвај да имаше жени. А тешко е без жени, исто како што не се може без стока. Не знам како грчките колонисти ја решавале ваквата слична немаштија, дали се пареле со жените-староседелки, и/или лежи ли во тоа материјалистичкиот клуч за објаснување на појавата на кентаурскиот род?

На тој сплав, значи, на кој бродат „моите“ во потрага по „подобар живот“, носејќи го во своите торби врз парче хартија името на гратчето кое одвај и да е основано и се наоѓа во Славонија, Склавонија, Турска Славонија, која, уште сосем несигурно, и` се припишува на Кроација, но само во мапите на генералите на царицата, и во нејзината, Терезијанска еротска фантазија, каде истата таа Славонија изнедрува во облик на прилично опремениот барон Тренк, и каде името на оваа коначка тврдина е едноставно Нуштар - на тој сплав, замотени до брада во ќебиња, седат додуша и три блудници. Тие копнеат, според математиката на немаштијата, по оние три компири, но секако, едно е гулаш со компири, а потомството е нешто сосем друго. Тие не се вбројуваат во равенката на немаштијата која, според тоа, има една тешка непозната: жена и мајка. Кобила и вагина. Еротската фантазија на будоарот на царицата и навистина нема никакви допирни точки со тоа - тоа се два сосем поинакви вида немаштии, од кои првата можеме да ја наречеме игрива, а втората мораме да ја сметаме за егзистенцијална. Втората немаштија е прашање на опстанок на идните колонии, а потоа и на самите колонисти. Затоа ратаите, чираците, веќе изградените занаетчии пишуваат до дома (дома?) во Германија: „Праќајте жени!“

Оти непознатата на веќе спомнатата равенка вреди каква-таква да се реши. И тоа вреди да се реши на ист оној начин на кој е решена равенката на гладот - со принесување три компири на месечевото божество. Луна е женска божица, и со уште поголемо задоволство ќе ја гледа шарената и распеана група девојки од јужногерманските покраини, кои со своите шарени фустани ќе ја покријат целата „палуба“ над балваните што го сочинуваат сплавот.

Германија, имено, штотуку испрати контигент невести, а во Славонија, кон која итаат, тие ќе се нарекуваат „снаи“, а веќе во втората генерација единствено и само „снаи“. Тоа ќе биде повесело патување, на сплавот ќе се слушне и хармоника, заедно со женскиот кикот што го разгалува екипажот, а и капетанот, луѓе што минале низ сито и решето.

Дипштајнскиот гребен наложува почит и молк, песните се прекинуваат, хармониката се собира; веслата се повлекуваат, како и она што беше набрекнало под тешката и мокра волнена облека на сплаварот и капетанот. И девојките се молат, како што се молат на Марија во католичките простории за молитва; пеат псалми, како што се пеат во катедралите. Блудници на ова патување нема, зашто оној што го организира ова патување претерано се грижи за моралноста на својот товар: потенцијално заразните примероци мора да се исклучат. Тој, агентот на сплавот, гарантира дека девојките ќе бидат испорачани во состојба како на почетокот од патувањето, значи, никако и под никаков услов во друга. Дипштајнските гребени дури се сразмерно мала опасност во споредба со опасностите кои на такво долго патување, среде XVIII век, се надвиснати над честа на жените. Затоа агентот на сплавот, а на сметка на колонистите кои веќе беа пребегале во Славонија, ќе ги плати и трошоците за обезбедување, во вид на три цврсти младичи, кои се имаат заколнато дека, за одреден надомест, ќе ја чуваат честа на жените од секакви напасници, па и од самиот екипаж; последното беше најтешко, со оглед на санитарните и други услови на сплавот. Со еден збор, распеаните невести имаа три боди-гарда кои ја чуваа честа на нивниот цут, а тие за возврат ги штитеа нив од шармот на дунавските сирени, нимфи кои веќе беа однеле на дното од реката многу Фауни. Човекот сонува, Бог одлучува, посебно она детенце што стрела со заврзани очи: сите тројца младичи на сплавот ги сретнаа жените на својот живот, и сите тројца, без тоа сè уште да го знаат, патуваат низводно по Дунав, и прв и последен пат. Нивната задача, имено, беше да ја гарантираат заштитата од напасници, но не и од љубов, за што во нивниот договор со агентот не беше ништо прејудицирано. Да го земеме тоа како случај на триумф на виша сила. Додуша, на неа тие со задоволство и` се препуштија, ама сепак го заштитија сплавот од навалата на виенските мршојадци кои сакаа да го продадат.

По сите перипетии и закани, сплавот со невестите само што не беше стасал во Вуковар, во „референтното пристаниште“. - Доаѓаат, доаѓаат! - извикуваат децата, а тоа може единствено да се децата на староседелците, кои го здогледуваат бродот на претходниот завој, и сега џагорејќи трчаат паралелно со него. Во пристаништето ечи музика, чираците, калфите, занаетчиите го облекле најдоброто што го имаат. Од височинката, сето ова го набљудува еден свештеник. Мудрата царица со декрет беше одредила на секои три села да има по еден свештеник и лекар.

Сплавот се вкотви, тесното мовче е поставено кон брегот. Некој стрела од радост, музиката - туш, невестите преминуваат, т.е. тие приоѓаат...

Младичите гледаат од брегот, некои имаат и дурбин кој сега е на голема цена, и не се позајмува.

Тука мојот пра-пра-пра-дедо, кој беше „дојден со грофите“, во окуларот на дурбинот ја виде мојата пра-пра-пра-баба, како со румени образи, во широк фустан кој може да ја поткрене како балон, несигурно фаќа рамнотежа на тесното мовче помеѓу вчера и утре. И ете, ја крева, па мојата пра-пра-пра-баба се приземјува, како крин во дунавско устие.

11.

Значи „нашите“се сега комплетни. И ќе останат „комплетни“ речиси два века, а тоа е најмалку девет генерации. Доволно „исконите“ и „корените“ да се рашират низ митските прапочетоци.

„Комплетни“?

Ако ги преживеаја тешкотиите и опасностите во годината на гладта - 1769, ако се беа некако снашле во рамките коишто со своите декрети ги беше зацртала моќната жена во Виена („терезијански реформи“), сега тие стоеја на почетокот од „новиот живот“. Местото на овој „нов почеток“ одвај и да го беа нашле, можеби најмногу, како таткото од романот на Киш „Градина, пепел“, по ѕвездите. Ако небото се наоблачеше, тие застануваа и создаваа логор, како номадите.

Но беа ратаи, калфи, значи, занаетчии. Во XIX век во Монархијата тие беа први елементи на индустријализмот, што и останаа, претежно лојалните на државата, и во Кралството Југославија. Бескрајната глупост на новата власт ги избрка од пределите во кои веќе беа „автохтони жители“, зашто други речиси и да немаше. Славонија по турските порази во „барокните војни“ беше речиси испразнета. Велам - бескрајна глупост - зашто токму тие можеа да бидат пресудно важни за индустријализацијата на земјата, која на новата власт, произлезена од инаку херојската партизанска борба, така многу и` значеше.

Но, сè уште останувам на миговите од 1769 година.

На гробиштата во Печух, недалеку од Нуштра, кој во тоа време бил еден и ист свет, денес стои германски запис:

На првите смрт,

На вторите нужност,

На третите леб

Така се римуваше животот како Tod, Not и Brot.

Оние кои ја беа преживеале заканата на Дипштајнските гребени во новата земја не беа десеткувани, туку преполовени. Она што го замислуваа како земја отаде шумите (Трансилванија), водени од кавалот наменет за деца и стаорци, навистина се покажа како сурова мајка која морала да убие дел од своето потомство, за да можат другите да преживеат.

12.

За жал, не го свртев веднаш бројот што беше напишан во писмото испратено од братот на мојот дедо од едно село во околината на Пасау, деведесеттите години кога „кај нас пак беснееше војна“. Го сторив тоа дури две години подоцна, за време на еден книжевен престој во Минхен. Пресметав, Пасау не е така далеку, а и што е денес всушност далеку? Во 1769 година до Виена, во најдобар случај, се пловело две недели.

Ми одговори гласот на мојот роднина: стариот Јоханес умрел. Неговиот потомок веќе не зборуваше хрватски. Сфатив дека во овој миг апсолутно не сум во состојба да му објаснам на мојот далечен роднина дека тој ми е род. Многу тешко прашање на идентитетот!

Што е за него Славонија? Што Хрватска?

Нешто што мора да го замисли, како што мораа тоа да го прават патниците на сплавот. Но зошто би морало тоа да се прави? А сепак, цели тринаесет генерации сопственици на нашиот генетски образец живееле, затоа што го следеле повикот на свирачот, измолкнувајќи се во мугрите од сопствената беда во таа Славонија, отаде шумите, од онаа страна на седумте езера и седумте ридови.

Во последната балканска војна, завојуваните страни жестоко меѓу себе се почастуваа од тешките цевки. Една од огнените линии, а според тоа и цели, беше на старите нуштарски гробишта. Гробовите на германските доселеници од XVIII век беа изриени во раните деведесетти години од XX век, небаре повторно ископани. Немаше време, во војната секогаш сè е во брзање, коските да бидат згрижени.

Некои од „нашите“, меѓутоа, ја најдоа овде, „кај нас“, својата среќа. Во двесте години се наоѓа по нешто, па и среќа.

Но еден круг се затвори: потомците на гордите патници од сплавот сега се раѓаат на истите оние места од коишто тие одамна беа побегнале. Овие потомци се вратија не само на овие места, туку и во својот јазик, по една интерлудија што сега потонува сè подлабоко во времето, како на дното од Дунав.

Во кој свет спаѓаат денес оние двесте години? Постои ли некоја разлика кај потомците на оние кои тогаш останале и кај оние кои испловиле? Што е за нив „Славонија“? Дали е Хекуба, како што се спомнува во „Хамлет“? Или пак нешто повеќе од глумење трогнатост?

Можеби, ако воопшто постојат, тие разлики најдобро ги одразува самиот јазик, токму преку својата бајковита нечистота, оној јазик на кој е напишано писмото на братот на мојот дедо. Но и тој е заборавен и на овој јазик веќе не зборува никој. Славонија е само сеќавање. Можеби горделиво, но некорисно. Имагинарна земја, Јокнапатафа Каунти во романот на Фокнер? Не е ли тоа оној одвај склопен сплав носен од дунавскиот тек на свеста и уште повеќе - потсвеста? Јавапаха Вилиџ, како што видов во еден индијански резерват крај Гранд Кањонот. Нешто навистина откачено што сепак и` се нуди на имагинацијата, која е во состојба да воспостави и некакви поинакви континуитети, без оглед колку и да бидат тие прекинувани со „царството“ на политичката или некоја друга „нужност“.

 

© Tena Šnajder
Слободан Шнајдер од Хрватска
Слободан  Шнајдер (Slobodan Šnajder), роден 1948 г.во Загреб/Хрватска, живее во близина на Загреб; студирал филозофија и англистика на Универзитетот во Загреб; долгогодишен главен и одговорен уредник и коосновач на списанието за театар „Prolog “; пишува колумни за дневниот весник „Glas Slavonije“ (1993 г.) и од 1994 г. па сè до денес е политички колумнист за дневниот весник „Novi list“; за време на режимот на Туџман емигрира во странство, па и во Германија; 2001-2004 г. интендант на Младинскиот театар во Загреб; независен претседател (есеи, кратки приказни и пиеси); голем број објавени книги, последна во рамките на неговите собрани дела: Faustova oklada, драми, (Загреб 2007 г.); Neka gospođica B, драми (Загреб 2007 г.); San o mostu, есеи (Загреб 2007 г.); Bosanske drame, драми (Загреб 2007 г.) и збирката раскази 505 sa crtom (Загреб 2007 г.); признанија: Хрватската национална награда за пиеси „Marin Držić“; јануари 2010г. награда од кралскиот театар на Црна Гора „Цетиње“ за најдобар неиздаден театарски текст во поранешна Република Југославија; делата на Шнајдер во странство се меѓу најизведуваните и најобјавуваните театарски текстови на еден хрватски автор.

 

Eine Übersetzung von Klaus Detlef Olof
Клаус Детлеф Олоф, род. во 1939 во Либек; живее во Загреб и Грац; студирал славистика во Хамбург и Сараево; од 1973 работи како наставник на Универзитетот во Клагенфурт; работно тежиште: јужнословенски книжевности; веќе многу години работи како посредник и преведувач на јужнословенските книжевности во германскојазичниот простор; преведувал претежно од хрватската и словенечката книжевност, но и од српски, босански, македонски и бугарски на германски; меѓу другите, ги превел Џевад Карахасан, Миљенко Јерговиќ, Зоран Фериќ и Игор Штикс; за својата сеопфатна дејност, во 1991 бил одликуван со Австриската државна награда за книжевни преведувачи.