Да се осмелиме да се сетиме

ХАЛКИ - ПРАЗНИНАТА И ВЕЛОСИПЕДОТ

Автобиографска белешка на грчкиот автор Петрос Маркарис во превод на Емилија Мајсторова-Стојановска.

Секој пат кога ќе си приспомнам на Халки, чувствувам како нешто се празни во мене. Знам дека таа празнина е поврзана со моето детство, што го поминав на островот, и одново се прашувам, а тоа продолжува до денешни дни, после толку години, еден жив дел од моето сеќавање.

Скоро сите острови имаат две лица: едно летно и едно зимско. Годишните времиња помеѓу нив, пролетта и есента, претставуваат годишни времиња кои што ја подготвуваат промената на лицето на островот. Истото ова се однесува и на Принкипониса. Меѓутоа, постои една основна разлика: Принкипониса не се острови на кои се користат слободните денови, туку острови на кои се летува. Тоа значи дека се создаваат поинакви односи меѓу жителите на островот и „туѓинците“. На грчките острови, што претежно се острови за минување на слободните денови, односите помеѓу мештаните и туѓинците остануваат во голема мера конвенционални и главно службени. Напротив, на Принкипониса постоеја цврсти односи меѓу островјаните и летувачите, односи кои што се подгреваа секое лето. И двете категории одново ја зафаќаа нитката од она место на кое што ја оставиле претходната есен, и ја продолжуваа како никогаш да не посредувале зимата и пролетта. Ова го правеше летното лице на Халки, од демографско и социјално гледиште, многу поразлично. Семејствата, младите, децата кои доаѓаа на летување, не го заживуваа само островот, туку и пријателствата од минатото лето. Оваа промена најпрво се забележуваше кај велосипедите. Не само што се менуваше бројноста на велосипедите што циркулираа низ островот, туку и бројноста на шетачите: преку зимата можеше да се види овде-онде по некој велосипед, меѓутоа на лето се создаваа цели „композиции возови“, со по два-три велосипеда во еден ред.

Кога по многу години се најдов во некои „велосипедски“ градови како Кремона, Модена или Цирих, видов дека таму сите се движат на велосипед. Спротивно на тоа, на Принкипониса велосипедот беше превозно средство само на младите. Нашите родители сообраќаа пешки или со „арабаџиска“ кола, како што ги нарекуваа кочиите со четири места за седење. Велосипедите на островите се повинуваа на истите правила како и летната гардероба. Како што при крајот на пролетта се отвораа долапите и сандаците за да се извадат летните работи, да се проветрат и да се испеглаат, така и ние ги чистевме велосипедите, ги подмачкувавме, ги светнувавме нивните метални делови, и потоа ги изнесувавме на прошетка по улиците.

Велосипедите по островите претставуваа симбол на општествениот статус и признание, како што се денес автомобилите. Оние што беа на најниска цена беа велосипедите увезени од социјалистичките земји, односно од земјите зад „железната завеса“, како што тогаш ги нарекуваа. Најчестиот пример за оваа категорија беа велосипедите од Источна Германија. Сите останати беа со западно потекло и беа увезувани од Англија или Франција. Велосипедите на младите од средната класа беа англиските BSA, мојот Rudge или француските Peugeot. Оние од високата општествена класа ги користеа францускиот Automoto или англискиот Raleigh, обата со брзини. Западногерманските беа малубројни, иако тоа беше епохата на „германското чудо“, на кое никој не можеше да му се насити и по кое сите воздивнуваа и му се восхитуваа; на германските велосипеди не им се восхитуваа и останаа надвор од чудото единствено во Турција, од непознати причини.

Централниот велосипедски булевар во Халки започнуваше од летната куќа на Исмет Инону. Првата станица беше околу триста метри потаму, кај кафеаната на Агисилаос. Втората беше излетничкиот центар на Етем, и не беше многу оддалечена од првата. Денес нема останато ниту трага од овие две кафеани во борови сенки кои што истовремено беа и зборни места на нашите родители, посебно во саботните утра. Вообичаено, кај Агисилаос студираа Грците, а кај Етем Евреите. Кога човек ќе ги минеше овие постојки, пред него се отвораше поглед долж целиот остров. Таму имаше уште две други постојки. И двете беа познати под името „мовчиња“, меѓутоа името е мамка, бидејќи и кај двете постојки не постои ништо што би потсетувало на мовче. Првото место претставува еден полукруг што потсетува на оркестра во антички театар. Второто се наоѓа четиристотини метри потаму и претставува една права линија. Во суштина, таа претставува еден заштитен ѕид со ограда, кој веројатно бил подигнат заради кочиите, како браник од провалијата. Ние ретко стигнувавме до второто мовче. Заглавувавме кај првото. Причината беше многу едноставна. Првото мовче беше собиралиште на девојчињата. Значи, не постоеше причина да продолжиме понатаму. Се разбира, погледот кон залезот на сонцето беше многу поволшебен од второто мовче, меѓутоа на кој млад му е гајле за зајдисонцето, или за сјајот на месечината? Во тоа се разбираа и го ценеа нашите родители, кои што во август излегуваа на старечко корзо под месечева светлина. Нам ни беше сѐедно.

Не знам зошто, меѓутоа на Принкипониса монополот на залезот на сонцето го имаат два манастири. Едниот од нив е манастирот Макариос на Халки. Манастирот Макариос се наоѓа на еден од двата рида на островот што потсетуваат на две грби на камилата. (Меѓу другото, турското име на Халки е: Heybeliada - Грбав остров). За да стигнеш до манастирот, треба да минеш покрај Школата за воени комуникации, да свртиш в лево, па започнуваш да се искачуваш по една патека преполна со дабови дрвја. Манастирот има една микроскопски мала црквичка. Порано имаше и еден бавчованџија кој одгледуваше марули и друг вид зеленчук и салати. Години минаа, бавчованџијата умре, на негово место друг не дојде, а во манастирот останаа само неколку борови и местото. Манастирот има поглед на Антигона. На стемнување, одтука можете да му се восхитувате на еден од најубавите залези на Мраморното Море. Ние за Воскресение одевме или во манастирот Макариос или во манастирот Агиос Георгиос, што се наоѓа над Школата за поморски кадети, и не е под надлежност на Вселенската патријаршија туку на Манастирот на Богородичиниот гроб. Наспроти тоа, за неделната литургијата на Велигден се искачувавме до Теолошкиот факултет за да ги слушаме свештениците од различни земји како го читаат Евангелието на различни јазици: грчки, српски, руски, турски, француски или било кој друг јазик, во главно редок, што на човека може да му падне на памет.

Меѓутоа, во највпечатливото заоѓање на сонцето, никој од страната на манастирот Макариос не може толку многу да ужива како во оној залез што се гледа од манастирот Агиос Георгиос на Принкипос. Искачувањето е мачно, но кога човек ќе стигне на врвот, бидува награден со единствен залез. Малубројни се оние што во денешно време го посетуваат манастирот Макариос. За разлика од овој манастир, манастирот Агиос Георгиос сѐ уште е преполн од пролет до есен. Св Ѓорѓи, како што го викаат Стамболчани, е еден многу стар манастир, но оние што се „искачуваат“ (стар израз на Стамболчани е: „ќе се качиме на Св. Ѓорѓи“) не се само посетители и поклоненици. Многумина од нив се качуваат за да седнат во излетничкиот центар што работи крај манастирот, да се напијат кафе, чај или ракија и да уживаат во глетката.

На Халки постои и трет манастир, манастирот на Арсениос. За Стамболчани двата манастири се „Макариос“ и „Арсениос“. Го минуваш второто мовче, малку подолу свртуваш в десно и стигнуваш до манастирот преку една тесна патека. Арсениос беше нашето попладневно собиралиште. Таму одевме со нашите велосипеди, растегнувавме мрежа за одбојка, помеѓу два бора пред манастирот, и игравме одбојка сѐ додека не се стемни. Па добро, ќе рече некој, зошто одевте толку далеку за да играте одбојка. Зар немаше и други чистинки на островот? Имаше, меѓутоа и од двете страни на Арсениос е море, а во средината се простира борова шумичка. Па така, можевме да играме одбојка под сенката на боровите сѐ додека не зајде сонцето и, тогаш, да се нурнеме во морето. Како што се влегува во Арсениос, десната страна е надолнина и завршува со една плажа каде боровите досегаат до нејзините рабови. Левата страна гледа кон задниот дел на Принкипос, а за да се стигне до морето, мора да се мине низ манастирот. На ова место не постои плажа, туку една голема карпа која жителите на Халки ја нарекле „посран камен“ зашто беше снежно бела од изметот на галебите. Од врвот на карпата скокавме директно во длабочините.

Освен празнината, мој друг силен спомен од Халки беа неговите борови. Се сеќавам, и Принкипос и Антигони (барем до пред пожарот) имаат многу борови, но ниту еден од овие два острови не може да се спореди со Халки. Кога бродот од редовната линија заминува од Антигони и плови по должината на неговиот брег кон кејот на Халки, не се гледа скоро ништо друго освен борови. Во мојот живот сум патувал многу и за среќа, сеуште патувам, но барем што се однесува до Европа, не сум сретнал ниту еден остров што е толку многу покриен со дрвја како што е Халки. Кога по многу години почнав да ја запознавам Грција подалеку од Атина, и ги посетив Кикладите, се соочив со впечатлива разлика. Кикладите немаат никаква сличност со Халки и со Принкипониса, но карпестиот релјеф со белите куќи и со пространоста на Егејот има една своја, единствена убавина, која што ми го надоместува она погоре наведеното за убавините и уживањето во Халки.

Прошетките со велосипед, одбојката и капењето завршуваа во деветнаесет часот и сите, и мажи и жени, млади и стари, девојчиња и момчиња слегуваа на кејот. Во реалноста втората активност на прошетката со велосипед се одигруваше на кејот, но без велосипед. Како што се шетавме од летната куќа на Исмет Инону до излетничкиот центар на Етем и назад, исто така шпартавме и бескрајни прошетки од кејот до пристаништето, од пристаништето до кејот.

Нашите мајки седеа со своите плетала во кафеанчињата и секоја вечер водеа потполно исти, монотони муабети, додека нашите татковци во истите кафеани, но одделно од жените играа табла и префа, впрочем исто како и во останатите кафеани ширум Грција. Не знам дали сѐ уште во Турција постојат префаџии, но во Грција оваа традиционална игра со карти, со долга историја, беше исфрлена од други игри, кои што нудат повеќе. На Халки префата се играше за три локуми, колку што имаше и играчи – префаџии, а губитникот го плаќа локумот и шпилот. Единственото нешто кое остана непобедено и во двете земји е таблата. И ден денес во населбите на Стамбол може да се видат дуќанџии кои, седнати на скамничиња пред своите дуќани, тепаат време играјќи табла. Истата слика ја гледав и во Атина на улицата Агион Асоматон од страната на Пиреа, онаму каде што постоеја некакви дуќанчиња со ефтини игри сѐ до предвечерието на Олимписките игри кога и на овој дел на Агион Асоматон му скокна цената и се претвори во - меѓу другото - и мошне убав тротоар. Но, таблаџиите се изгубија.

Овој секојдневен живот продолжуваше во текот на целата седмица, без отстапки или изненадувања. Со нетрпение ги очекувавме саботните попладниња за да се најдеме на Принкипос. Може навистина многу го сакам Халки и, во тоа време, го сметав за најубав во групата на Принкипониса островите, но за волја на вистината, Принкипос имаше друга величественост. Халки беше паланечка, а Принкипос велеградска средина. Тие дрвени одморалишта, големите градини преполни со цветни партери, Халки не можеше ниту да ги сонува. Доколку на кејот на Халки своите муштерии ги чекаа само пет кочии, на кејот на Принкипос чекаа педесет. Згора на тоа, на Принкипос имаше хотел „Сплендид“. И обратно, „Халки палас“ по ништо не може да се спореди со денешниот. Тогаш беше една рушевина и децата си играа криенка во неговата обрасната градина, со полусрушени, дрворезбани одаи. Денес е реновиран и претворен во еден од најубавите примероци на архитектурата во дрво.

Во градината на „Сплендид“, ние младите од Халки, секое саботно попладне пиевме „џин-физ“. Во тоа време „џин-физ“ беше во мода, особено кај младите. Секој еден млад човек кој сакаше да се здобие со почит, главно од девојките, пиеше „џин-физ“. Сега веќе и не се сеќавам точно, дали тоа беше џин со лимон, џин со портокал, или џин вотка со лимон, или вотка со портокал, но тоа не е ни битно. Она што беше важно беше да се пие „џин-физ“ во градината на „Сплендид“ и да плакнеме очи гледајќи ги девојките на Принкипос.

Понекогаш, на Принкипос одевме семејно, а не со пријатели. Тогаш не пиевме „џин-физ“ во градината на „Сплендид“, туку пиевме ракија и мезевме во ресторанот „Фацио“, до кејот. Татко ми, Бог да го прости, ги обожуваше и ракијата и „Фацио“. Јас за прв пат пробав ракија во „Фацио“ со она на татко ми: „една чашка доста е“, „две чашки доста се“. „Пасаж Христаки“ како и „Дегустација“, во Стамбол, заедно со бекриите поети и книжевници, дојдоа подоцна.

Во Халки се враќавме со последниот брод на редовната линија во дваесет и три часот. Додека од бродот ги гледав светлата на Принкипос како се оддалечуваат, секогаш ме стрефуваше истата меланхолија и истата празнина. „Му се радуваме на она што нѐ поткрепува и жалиме за она што го имаме“, вели некаде Шекспир. На крајот на краиштата, ова веројатно ќе да беше мојот проблем.

Но, како и да е, со или без Шекспир, на почетокот и на крајот на празнината што ја чуствував, како нејзини симболи, стоеја двајца Халкијци. На почетокот беше Ахмет. На оние што летуваа тука, во септември Ахмет им ги пренесуваше во Стамбол летните нешта, алиштата и кујнските потребштини. Сите го викаа „пиц Ахмет“, односно „Ахмет копилето“. И бидејќи Стамболчани, по правило, ги погрчуваа скоро сите турски изрази, го завикаа „Пицаметис“. Тоа никој не го сметаше за навреда, па дури и самиот тој го имаше прифатено ова име. Кога мајка ми ќе почнеше да се пазари со него за да ѝ спушти малку од цената, тој ѝ доскокнуваше велејќи ѝ: „Мадам, само Пицаметис може безбедно да ви ги пренесе работите“. Ова не беше претерување. Сите оние кои летуваа имаа доверба во неговото пренесување, зашто беше многу исполнителен. Ова беше позитивната страна на Ахмет. Неговата лоша страна беше што рибареше со динамит. Тоа го знаеја сите, па дури и полицијата, но не можеше да го фати, зашто беше премногу итар и го познаваше Мраморното Море како сопствениот џеб. Секогаш беше насмеан, и секогаш волен да те услужи, често пати и без пари. Штетата ја правеше врз рибите, не врз луѓето.

Враќањето во Стамбол на оние кои летуваа започнуваше во првата седмица од септември. Од ден на ден островот се празнеше, а со тоа секојдневно растеше и празнината во мене. По годишнината на Републиката, на 29-ти октомври, Халки го добиваше својот зимски изглед. Најголемата празнина што воопшто ја имам почуствувано во мојот живот е празнината на есента на Халки. Тоа не започна во основното училиште, туку по завршувањето на гимназијата. Сите што бевме во основното училиште, децата од островот, грчиња и турчиња, сите заедно си игравме. Се разбира, одевме во различни училишта, но во населбите и на чистинките бевме едно друштво. А кога бевме непослушни, и грчките и турските мајки нѐ тепаа подеднакво, без трошка милост. На лето на нашето друштво му се лепеа, под наши услови и правила, и децата на оние што летуваа. Кога завршуваше летото, овие деца повторно се враќаа во Стамбол, додека ние продолжувавме да си играме, без нешто посебно да ни недостигаат. Кратко кажано, сѐ уште живеевме во лилипутанскиот, но за нас среќен свет, па споменатата празнина не ме депримираше мене, туку мајка ми.

Самотијата и празнината ненадејно се вовлекоа во мојот живот есента кога тргнав во прва година гимназија во Австрискиот лицеј. Секојдневно, од понеделник до сабота, секое утро се качував на бродот во седум часот; во осум и триесет се нурнував во мноштвото народија и градскиот метеж на Караќој; од училиштето заминував во петнаесет и триесет и со бродот во шеснаесет и петнаесет повторно ѝ се враќав на самотијата на островот. Од бродот излегувавме пет-шест души и се губевме штом ќе го пресечевме кејот. Оваа секојдневна мена помеѓу самотијата на островот и пулсот на Стамбол, ме уништуваше. Зашто не ме јадеше само самотијата, туку и зависта спрема моите соученици кои што живееја во Стамбол. Оваа завист го алармираше црвеното светло во сабота. На одморите моите соученици се договараа за вонучилишните активности преку викендот: во кои кина или на која забава ќе одат, во која слаткарница ќе се сретнат. (Тогаш ги викавме слаткарници. Кафулињата се појавија многу подоцна). Наспроти ова, мене ме чекаше, само по неколку часа, бродот што ќе ме одведе назад во самотијата на островот.

Бидејќи своите лекции ги учев во бродот, дома не ми преостануваше ништо што треба да сработам. Па така, земав некаква книга, седнував во еден агол и читав. Со тек на времето, книгите станаа аспирин за мојата самотија и празнина. Иако веќе не земам аспирини, зашто ми пречат на стомакот, сѐ уште се чудам и се прашувам како не ми се згадија книгите.

Самотијата и тишината беа толку сеопфатни, што знаевме кој во кое време минува по улицата. На пример, кога надвор ќе слушневме чекори во осум часот, мајка ми велеше: „А, овој ќе да е Ситки беј“, и трчаше на прозорецот. Ситки бег живееше во погорното маало, што значи дека и немавме многу контакти со него, но мајка ми, со својот копнеж да поразговара со некој друг, освен со татко ми, со баба ми и со мене, трчаше до прозорецот за да размени две три думи со него.

Веројатно настанот што ќе го споменам сега ќе биде многу поубедлив од што било друго во врска со пријателските врски меѓу Грците и Турците на островот. Стрина ми Фофо, жената на братот на татко ми, зборуваше турски, како и повеќето Грци во тоа време, скудно. Значи, не го изговараше „Ситки беј“, што на турски се пишува „Sitki“. Оваа силно пригушена самогласка „i“, која ниту еден што не е Турчин не може да ја изговори лесно, ја измачува и стрина ми, па затоа го вика „Сики беј“. Единствено што „Сики“ на турски значи генитивна форма од „пенис“. Штом мајка ми, која што го зборуваше турскиот без грешка, ќе ја слушнеше стрина ми како вели: „Merhaba Сики беј“, трчаше во кујната да се скрие од срам. Но Ситки бег воопшто не се лутеше, туку ѝ одговараше со насмевка „Merhaba madam“.

Преку зимата касапниците, бакалниците и зарзаватчилниците беа празни. До ресторанот на Григорис, во улицата паралелна со брегот, постоеше бакалницата на Али бег „Браќа“. Али бег беше и наш учител по турски јазик во основното училиште. На централната улица на Халки, таму каде што е Агиос Николаос, од левата страна пред црквата, постоеше зарзаватчилницата на Лазарос. До него беше касапницата на Томас. Спроти него, касапницата на Захаријас, а до него Архимидис, кој што продаваше вода полнета во билнаци. Малку погоре беше фурната на Јанис. Никој не им ги знаеше презимињата на овие. Сите ги знаеја само на име. На лето, кога продавниците беа преполни со народ, контактот со дуќанџиите се ограничуваше на едно добар ден. Напротив, зиме, сите што минуваа по главната улица, подзастануваа пред секој дуќан и започнуваа муабет. Без разлика дали беа нивни муштерии или не. Важно беше да проговориш неколку збора за да се разбие досадата. Татко ми купуваше зеленчук од зарзаватчилницата на Лазарос, но месото го купуваше во касапницата на Садик, која што исто така беше на главната улица, но малку погоре од останатите дуќани. Никогаш веќе не каснав толку вкусни јагнешки ребренца како оние купени кај Садик. „Ту бре, овој Захариас врска нема како се сечат ребренца. Ги трупа едно врз друго божем се цепеници за огрев“, огорчено велеше татко ми, Бог да го прости. Садик постилаше масна хартија, па врз ребренцата ставаше уште една, и продолжуваше со вториот ред.

Години потоа, отидодов кај еден касап во Атина за да земам јагнешки ребренца. Касапот го дофати секирчето и почна да ги сече. Се наежив. „Ама што правиш таму?“ му подвикнав. „Нели ребренца побаравте?“ ме праша шаштисан. Човек на сѐ се навикнува. Па дури да јаде и ребренца цепени со секирче.

Што прави за викендите еден младич кој е осуден да живее на некаков остров што е оддалечен час и половина од Стамбол, згора нема ниту автомобили, ниту автобуси, ниту пак слаткарници? Го јавнува велосипедот и почнува да шета по празниот и пуст остров. Слегува до плажите крај кои боровите го допираат морето и со часови, до бескрај, зјапа во брановите. Во таквите денови, јас почнав да ги сакам ветрот и разбрануваното море, и оваа љубов ме држи до ден денешен. Мирното море ме прави да се чувствувам како да гледам во мојата када. Наспроти тоа, да патувам по Егејот сред разбранувано море за мене претставува големо доживување. Во неделните попладниња, околу седумнаесет часот, понекогаш одев на прошетка околу Теолошкиот факултет. Тоа беше времето кога од Теолошки излегуваа на прошетка и студентите, „попчињата“, како што ги нарекуваа жителите на Халки, и од време на време муабетевме за да ја разбиеме досадата.

Неделното попладне беше поврзано и со еден друг настан: секоја недела, во попладневните часови, киното на Школата за поморски кадети беше отворено и за островјаните. Млади, стари, мажи и жени, во три часот попладне се сјатуваа за да гледаат филм. Сите холивудски филмови од педесеттите години ги имав гледано или во Школата за поморски кадети, или во отвореното кино што работеше преку лето во дворот на нашето основно училиште. Така на пример, кога играше некој филм со некоја од големите ѕвезди на деценијата, како да речеме Џин Кели, целиот летен остров беше на нозе. „Ќе одиме вечер в кино? Игра ‘Генекели’“ велеа вообичаено. Кога ќерка ми, која студираше режија, ми раскажува за „Казабланка“ или за филмовите на Хауард Хокс, мене секогаш умот ми оди на киното во Школата за поморски кадети.

Пролетен симбол на Халки беше Јанос. Жителите го викаа „лудиот Јанос“, но тој беше многу повеќе мил и среќен одошто луд. Ако „Пицаметис“ го означуваше крајот на летото и приближувањето на зимата, Јанос ни праќаше абер дека зимата завршува и доаѓа летото. Зашто Јанос ги переше ќилимите на скоро сите жители на Халки. Ги распостилаше сред патот и ги преплавуваше со кофи вода. Потоа темелно ги триеше со сапун. Меѓутоа, наместо претходно да ја истресе нечистотијата со тресалка или со стап, тој се качуваше врз нив бос и играше. Како што на времето го газеа грозјето, исто така. Никој од нас не знаеше што танц беше тоа негово играње, со тоа „опа-опа“ и со тоа „рум-дум-дум“ што постојано ги извикуваше. Го сметавме за негова инспирација, сѐ додека една Гркинка туристка не го здогледа како игра та извика: „Па тој го игра каламатското!“. И така научивме како се игра каламатското.

Сите на островот ја паметеа свадбата на Јанос со Антула. Паметеја како Јанос застана пред отец Јаков заедно со неговата Антула, па со грандиозни движења се прекрсти и извика: „Слава тебе Боже, што ме удостои. И јас невин, и мојата Антула невина!“. Та откако црквата се исполни со неконтролирани кокодакања и громогласна смеа, а стадото божјо никако не можеше да стивне, стрешти продорниот глас на отец Јаков: „Тишина, непрокопсан. Не си невин. Грешник си и абдал!“ А потоа се сврте и кон божјото стадо: „Молк, и вие таму. Тука го вршиме чинот на светата тајна на бракот. Не сме на џамбази!“

„Џамбази“ беа еден булук акробати што секое лето доаѓаа на една ширинка, спроти турската гимназија, и изведуваа претстави со акробатски вештини, а својата секојдневна програма ја завршуваа со една недоделкана фарса. Секоја вечер, островот ја полнеше чистинката, зашто на јавноста ѝ се допаѓаа акробатите, а и фарсичните комедии.

Јанос и Антула изродија девет деца. Јанос трчаше насекаде кај што се бараше физичка работа, главно зашто беше исклучително цврсто граден и силен маж. И покрај тоа, не беше лесно да раниш единаесет усти, дури ни во педесеттите на минатиот век, кога животот беше многу по едноставен и имаше помалку народ. Изроди девет деца, зашто неговиот сон беше да има син, но саде женски излегуваа. Е сега, дали десеттото му се погоди машко, ќе ве излажам, веќе не се сеќавам.

Како и да е, во едно нешто островот беше едногласен, што воглавно рибарите му го признаваа на Јанос како доблест, а тоа беше неговата дарба да го предвидува времето. Во тоа време не постоше ниту телевизија, ниту сателити. Така, рибарите го слушаа Јанос. „Утре да излезете по риба“, им велеше. „Од задутре ќе има невреме“. Или, кога ги гледаше госпоѓите како уживаат во мирното, како огледало море, им го расипуваше меракот: „За три дена ќе дувне мистралот и ќе донесе снег“. Секоја втора прогноза му беше точна, што беше огромно висок процент на успешна временска прогноза во тоа време.

Доколку и постоеше некаква утеха за осаменоста и празнината што доаѓаа со зимата, тоа беше сознанието дека Принкипос стануваше уште по празен и по осамен од Халки. Рестораните како и таверните од десната страна на кејот, што преку летото голтаа народ, беа во мрак и со спуштени кепенци. Кочијашите седнати во своите кочии, стуткани на дождот, напразно чекаа муштерии што не доаѓаа. Хотелот „Сплендид“ беше затворен, а неговата градина, во која летно време пиевме џин-физ во саботните поладниња, беше обрасната. На зиме, кога се враќав на Халки од Принкипос, не чувствував тага туку една отапеност што стигнуваше до границите на некаква радост.

Може денес Халки да е многу изменет, но како што веќе реков, сите Стамболчани имаат две возрасти. Првата започнува од денот кога се родиле, а втората од денот кога го напуштиле Стамбол. Ова што сега го раскажав е нивната есенција.

 

© Regine Mosimann / Diogenes Verlag
Петрос Маркарис од Грција
Петрос Маркарис, роден 1937 во Истанбул/Турција, живее во Атина/Грција; Студии по економија во Виена/Австрија; Маркарис пишува театарски претстави и е автор на една грчка телевизиска серија, коавтор на филмскиот режисер Тео Ангелопулос, и преведувач на многу германски драмски автори, меѓу другите на Брехт и Гете; има објавено бројни книги, последни: Παλιά, Πολύ Παλιά, криминалистички роман (Атина 2008), Κατ' εξακολούθηση, автобиографски раскази (Атина 2006), Βασικός Μέτοχος,  криминалистички роман (Атина 2006), Η Αθήνα πρωτεύουσα των Βαλκανίων, раскази (Атина 2004) Ο Τσε αυτοκτόνησε, криминалистички роман (Атина 2003), неговите книги се објавени на 14 јазици, на германски се преведени Дадилката. Случај за Костас Харитос, криминалистички роман (Цирих 2009), Балкан Блуз. Приказни (Цирих 2005), итн., Маркарис бил претседател на Националниот центар на книгата EKEBI (2008-2009), а во 2005 г. ја добил германската награда за криминалистички роман (3. место во категоријата  „International“ за романот Живеј!).

 

Eine Übersetzung von Michaela Prinzinger
Михаела Принцингер, род. во 1963 во Виена/Австрија; студирала византинистика/неогрецистика и туркологија во Виена/Австрија (1981-86); научна соработничка на Слободниот универзитет во Берлин (1990-95), Post-Doc Fellow на Универзитетот Принстон (1997-98); од 1999 е слободна книжевна преведувачка (грчко-германски), проектна раководителка, модераторка; од 2005 е овластена преведувачка и општа судска преведувачка за грчки јазик; ги превела Петрос Маркарис, Реа Галанаки, Јоана Каристијани, Лула Анагностаки и многу други; ја добила наградата „Јоахим Тибурциус“ во1995 и грчко-германската награда за превод во 2003. www.mprinzinger.de