Да се осмелиме да се сетиме

Црвено

Краток расказ од Мурат Ујуркулак од Турција во превод на Мераљ Асимов.

1

Кога човекот е дете живее во една голема и блажена земја, трча лево и десно во бесознание и радосно цика. Несвесно. Потоа расте, додека расте оглупавува, како оглупавува така и го заборава светот на таа среќа, на некој начин умира. Периодот помеѓу детството и староста чиниш е чистилиште; со аргатења тешки како епиграфи, со ситни пресметки, како агонија мизерни животи преточени во бесконечна несреќа врз плочите надгробни што зјаат во сенка. Возрасните личат на зомби...

Сепак кога човекот старее како по втор пат да се раѓа, се обновува, на неколку чекори од задгробниот живот тој повторно почнуваа да живее. Заборавањето на неизвесноста кај старите го именуваат како сенилност, многу погрешно, колку повеќе забораваат толку повеќе се сеќаваат. Старите, и оние најлутите и дури и најнамуртените, знаат да бидат многу забавни, јадни и искрени...

Имав еден дедо Хамза, поточно дедо и на мајка ми. Мал бев кога го запознав. Заради некоја кавга помеѓу двете семејства која се случи за време на една свадба не ми беше судено да се запознаам со семејството од страната на мајка ми. Кога помина лутината и семејствата се смирија на еден заеднички ручек имав пет години. Ме ставија пред него, и „Види ова е твојот прадедо Хамза, баци му ја раката" ми рекоа. Како вчера пред очи ми е неговата рака со кафеави флеки и сувата и избраздена кожа што скоро ми ја запара устата. И се сеќавам дека ме интересираше што значи тоа „пра“ кај дедовците. Но најмногу од сé, се сеќавам на огромните очила за сонце на Хамза кои му го покриваа скоро половина лице...

Додека му ја бакнував раката, тој се сврте кон татко ми и го праша, „Како му е на овој името?". Кога го доби одговорот „Мурат", се натушти, налутено ја повлече раката и свика: „Ерменско име сте му дале на детево? Што им фалеше на Мехмет, Ахмет? Безбожници расипани, ниедна работа на овој свет нема да ви трае, ќе ви кажам јас..."

Староста наместо да го смали во раст како да му го зголеми телото на Хамза, беше многу крупен човек. Секогаш со еден дебел бастун се шеташе наоколу. Не можеше воопшто да ја слуша детската врева, колку пати ќе го гледав од прозорец како ќе го кренеше бастунот и со црните очила на лицето со пцости ги бркаше децата. Бев болежливо и слабо детуле и не ми дозволуваа да излезам на улица. Кога ќе се умореше од бркање деца и задишан се враќаше дома, ќе почнеше да зборува „Не раѓаат повеќе воспитани деца. Сите жени саде пичлемиња ко да вадат од газоите им ... ", а мајка ми пак за да ме спаси од рафалите на неговите пцости ме фаќаше под мишки и веднаш ме тргаше настрана...

Хамза беше војник и во Првата светска војна а потоа и во Ослободителната војна со што точно девет години не беше отиден дома. Според тоа што го раскажуваа, за време на војната малку полудел, а кога го пуштиле од војска и се вратил дома, се затворил во најтемната соба во куќата и цела една година со никого не прозборел, а кога во состојба на тотална запуштеност ставил крај на своеволниот затвор, прво што побарал од жена му е таа да му направи супа од леќа. Мислејќи дека почнал да се опоравува, жена му на Хамза радосно му ја спремила супата, но кога му ја донела чинијата полн супа на маса, по лице добила лажица. Во нашиот крај оваа супа се подготвува со доста салца и црвен пипер, па и бојата и е црвена. Причината зошто Хамза и ја беше фрлил лажицата по глава беше таа. „Од сега натаму ако пред мене ставиш некое црвено јадење ќе те убијам!" и се беше издрал на баба ми. Подоцна се разбра што била работата. Исто како некој бик, и Хамза не можеше да ја трпи црвената боја, кога и да види црвена боја тој се лутеше и губеше контрола. Еднаш пак додека сечеше дрва едно парче му залета и му се заби во рака, и тој џин од човек кога ја виде крвта која во тенок слој почна да му се слева наеднаш падна и се онесвести. Така што во таа куќа со години не се јадеше црвена лубеница, во јадењата не се ставаше домат или салца, сé во куќата што беше во црвена боја или се фрли или се раздаде по роднини и пријатели. Сé додека не дојдоа очилата...

Кога еден наш учен роднина слушна за Хамза дека од страв кон црвената боја не излегува на улица, и дека со своето постојано и кавгаџиско присуство на домашните им го загорчува животот, дури од Истанбул ги донесе темните очила кои ја намалуваа живоста на боите. Дента кога пристигнаа очилата во семејството прерасна во легенда што меѓусебно се прераскажуваше. Штом ги стави на лице, Хамза истрча на улица и по неколку часа се врати дома во едно ретко добро расположение. По тоа што се раскажуваше Хамза веднаш отишол до џамијата и го прашал имамот дали е грев да се моли заедно со очилата, кога дознал дека иако нема да му личи но дека сепак не е никаков грев, Хамза се израдувал како дете. Сега веќе петочните молитви спокојно ќе може да ги спроведува во Господовата куќа, нема да му пречат килимчињата на подот, ајетите на ѕидовите и црвенилото во елекот на имамот. И со пријателите што му се на иста возраст ќе може да седне во чајџилница и слободно да си разговара, без да го лутат црвенилата на чиповите од табланетот, бојата на знамето, и црвенилото на чајот. Та кој друг би се радувал ако не тој самиот?

Хамза воопшто не го сакаше татко ми кој беше учител левичар. Според него сите левичари беа атеисти. И тоа што татко ми беше дојденец, беше друг минус за него. Кога и да имаше прилика ќе почнеше да зборува и зборува, „Овие дојденциве сé на готово најдоа. Ние се боревме, а тие си дојдоа на готово. И грбот и јазикот им е лабав на овие. Нели му дадовте ќерка на дојденец, на никого алал нема да му правам. На Курд да ја дадевте поарно ќе беше, тие ако ништо друго се машки, не лажат. Кога дојденец ќе ти влезе низ врата, тебе моралот низ оџак ти бега...". Додека зборуваше секогаш имаше цигара во уста што се чадеше и тоа беше неговиот единствен начин како зборува. Во салонот полн со членовите од семејството, тој секогаш во најоддалечениот агол од одајата и со постојан мрмор на устата за кој никој не знаеше дал е пцост или е молитва седеше и со полуотворени очи ги гледаше. Секој знаеше дека кога Хамза е присутен не се разговара за деликатните теми поврзани за државата. Особено сите избегнуваа да зборуваат за политика. Затоа што без разлика на политичкиот став кој го браните, Хамза секогаш ќе ве искараше. Според Хамза и десничарите и левичарите, и верниците и неверниците, сите беа исто гомно. Доволно беше да се има придавка од политички карактер и веднаш по него се пцуеше. Сите беа во трка да ја продадат татковината. Целиот проблем лежеше во купецот. Русија, Америка, Арабија, Европа... Сите се беа наредиле да ја купат Турција на евтино...

Кога ќе му се одврзеше јазикот на Хамза, е тогаш си го папал. После тоа ќе почнеше една фурија од воени спомени што крај немаат. Со јасен и течен став кој не би го очекувале од Хамза, моравте со саати да го слушате како зборува. Никој не смееше од место да се мрдне, ниту до тоалет да отиде, затоа што тие што би покажале таков тип невнимателност беа проследени со невидени пцости...

Според Хамза, тие со борба ја имаат спасено државата од секаков вид внатрешни и надворешни непријатели. Кога еднаш ќе почнеше да раскажува, од гневот на Хамза и тој што живеел и што не живеел во земјата, никој не можеше да избега: емигрантите сите до еден беа за никаде, сал угурсузи, безрбетници, да можеше сите до еден назад би ги вратил. Курдите беа храбри, чесни, ама ете беа и предавници. Требаше да се сотрат кога за тоа имаше прилика, ама сега веќе беше доцна. Ерменците имаат убиено многу Муслимани, да не ги избркавме, немаше ниту еден Муслиман да остане. Румите се сплотија со Грците, се обидоа да ја окупираат земјата за да можат повторно да ја создадат Византија. А кога не успеаја во тоа, заради одмазда до темел го запалија убавиот ни Измир. Арапите нож во грб ни ставија, земјата на каурите Англичани ни ја продадоа. Впрочем Арапите се прости, неуки и валкани, така што нивното предавство воопшто не е изненадувачко. Ирачаните пак се мислат дека се којзнае што ама се лажговци кои знаат само да пијат вино и да читаат поезија. Не за џабе има поговорка „Иранска играрија ". Ќе ти ги земат гаќите простум додека стоиш. Циганите беа крадци, Лазите се глупави, Евреите пак се измамници...

Да беа оставени настрана Турците од неговите психотични пцости во врска со народите во земјата, можеби ќе можеше да гледаш на Хамза како на лудак, па дури можеше и да го жалиш и до некаде да го разбереш. Но, за жал, најтешките зборови им ги припишуваше на Турците. Според Хамза, вистинските непријатели на Турција се Турците. Затоа што Турците се дембели, Турците се плашливци, Турците се акмаци, Турците се прости, Турците се најголеми измамници. Легендите и херојските приказни сите тие им се лага. Турците кога и да се во опасност веднаш бегаат. За време на Ослободителната војна, бројот на побегнатите војници е поголем од бројот на оние што се бореа, ама никој за ова не знае, и да го знае не го кажува. Да почнеше да пишува за тоа што сé не правеле Турците, романи немаше да му стигнат. Сепак вистините ги кријат, на народот им раскажуваат приказни за херојство. Цело семејство го слушаше Хамза со отворена уста, и на сите им текнуваше истото прашање, а никој не се осмелуваше да го запраша:

„Ти сам ли се бореше дедо?"

2

Првите знаци на сенилност Хамза ги покажа прво во врска со мене, а потоа и со мајка ми.

Додека еден ден седевме во дневната соба, тој се сврте кон мајка ми и ја праша, „Кое е ова дериште што се шета наоколу? Од кај го донесовте ова пичлеме Лејла?".

Не ме позна, ама само тоа да беше, на мајка ми и се обрати со името на ќерка му која на шестмесечна возраст беше умрела од рубеола. Кога мајка ми, Ајла слушна дека ја ословува со името 'Лејла' целата се стресе, паметам дека и мене ме уплаши. А тоа што Хамза ме имаше заборавено, ми се допадна. Можеби на овој начин ќе се спасев од името „Мурат Ерменецот", и со ново име ќе можеше повторно да ме прифати, засака и гушка.

Индикациите на сенилност едно по друго продолжија. Еден ден, со Хамза до него еден нервозен имам ни се појави на врата. „Среде молитва, додека сите беа спрострени на земја, стана на нозе, покажа кон еден од Ајетите , и почна да вика и пцуе дека се погрешно напишани и дека треба да се поправат. Ние во куќата Господова не сакаме ваков безобразлук. Од вас барам, да припазите малку на дедо ви. Впрочем , подобро би било веднаш на лекар да го однесете да го види" рече имамот. Ние пак во тој момент разбравме дека Хамза знае да чита и пишува. Можеби знаеше да чита и пишува на друг јазик, ама сепак беше писмен ете, бевме затечени, почувствуваме една стравопочит кон него.

За мене пак најважната негова сенилност беше кога едно рамазанско утро ме повика и ми даде цела вреќа бомбони. Значи името ми го имаше заборавено сепак. Апсолутно ме имаше заборавено, затоа што не само што ми даде бомбони, туку и ме беше гушнал и задржал во прегратка. Со полни гради го вдишав пријатниот мирис на неговата пот, ме потстетуваше на мирисот на татко ми, татко ми беше емигрант, Хамза не беше, а сепак миризбата на потта им беше слична. Кога ќе ги помирисаше на човек му оддаваше чувство како да навлегува во еден голем свет исполнет со среќа и чувство на безбедност...

Мислам дека јас го убив дедо ми Хамза.

Без да сакам беше, но јас го убив.

Кога се враќаше од чајџилница, да не трчав занесен по хартиените авиончиња низ куќата, да не се судрев со Хамза во тој момент кога тој влегуваше низ вратата кон ходникот, од сударот Хамза да не паднеше, додека паѓаше да не му се скршеа очилата кои од лицето му летнаа, и заради неговите очила да не бевме малку попуштиле со цензурата на црвената боја, и заради тоа попуштање да не бевме ставиле весници под чевлите близу вратата, на едната страна од весниците да немаше слика од убиени терористи, и да немаше толку многу крв на сликата од убиените терористи, да не беше таа првата слика која Хамза ја виде кога падна и од болка ги отвори очите, можеби дедо ми сé уште ќе беше жив, и сите ние ќе се потрудевме да го запишеме во Гинисовата книга на рекорди како најстар човек на светот...

Додека чекав да стане на нозе и убаво да ме искара или пак една добра рака шамар да изедам, тој се загледа во фотографијата од весникот. Се исправи малку кај вратата, го потпре грбот на ѕидот, ги прекрсти нозете и седна, ја искина сликата од весникот и со потполно внимание со минути се вдаде да ја гледа. Како поминуваше времето така и дишењето му отежна, а лицето кое секогаш му беше строго почна да му се опушта. Како му се опушти лицето така и му остана, помислив за момент дека ќе се насмевне, ама не се насмевна. Ја стави фотографијата во џебот од својата кошула и полека стана, и отиде право кон најтемната соба од куќата, влезе, и кога го вртеше клучот го слушнав металниот глас на клучот што се врти во бравата и само еднаш, гласот негов, како придушено залипа...

Точно четири ноќи остана во таа соба, без јадење и без пиење, без воопшто да ни одговори на нашите молби и убедувања од другата страна на вратата, без да пушти ни еден глас.

Четвртата ноќ кога целото семејство гласно се согласуваше со предлогот на мојот голем чичко да ја крши вратата и колнеше „А новите очила уште ги нема да дојдат. Да цркне да даде Господ тој оптичар од Истанбул", Хамза се појави на вратата од дневната соба. Беше исцрпен, за четири дена се беше сторил коска и кожа, неговата крупна појава се беше преполовила. Беше целосно мокар, мирисот на мочта што испаруваше од него се разлеа низ целата куќа. Додека тетките се фрлија што побрзо да ја сокријат статуетката на едно крупно баварско селанче облечено во црвено елече што толку слободно стоеше на средината од масата ама Хамза како воопшто тоа да не го забележа. Застана кај вратата и сите еден по еден ги погледна. Кога мене ме погледна лицето како за момент со љубов да му поигра, или мене така ми дојде...

За прв пат го видов без очила, се сеќавам колку ми беа убави неговите големи сини очи, колку силно ми изгледаше неговиот поглед. Иако дете, мислам дека почувствував како неговиот поглед имаше силно влијание врз мене, како за цел живот во душата да ми се зацрта и дека погледот кој само што го бев нашол набргу ќе го изгубам. Почнав да плачам. Не можев да запрам, колку повеќе плачев толку повеќе ми се плачеше, плачот сé повеќе и повеќе ми се засилуваше, и потоа прерасна во врисок. Додека Хамза со тешки чекори одеше кон својот стол и пополека седна, мајка ми ме зеде и мене и моите солзи нè изведе надвор од дневната соба...

Години потоа во една кафеана каде што се опивме со мојот помлад чичко дознав што сé се случило таа вечер во дневната. Мислам дека чичко ми само пијан можеше да ми ја раскаже таа вечер и дека јас само пијан можев да ја слушам.

Ниту сега немам сила цела да ја раскажам...

Хамза се обидел да ги спаси женските деца, младите девојки од рацете на силувачите, тие што можел да ги земе им ги дал на муслимански семејства, тие што не успеал да ги земе тој самиот ги силувал...

Хамза како сардини ги врзал мажите еден до друг и сите со еден куршум ги стрелал, за да не троши, по пукањето ги фрлил в река...

Командантот, на Хамза му дал задача во едно село да ги преброи убиените, Хамза ја извршил својата задача, потоа командантот наредил да се убијат селаните што се со истото потекло на убијците а се во друго село, и тоа пет пати повеќе од бројката на загинатите во ова село. Кога Хамза го раскажувал ова, „Еден помалку да изброев, еден помалку да кажев, пет луѓе ќе преживеаја" рекол бришејќи си ги солзите...

Хамза со свои раце го носел огромното шише чија содржина го започнала пожарот што до темел изгорел едно поголемо маало во Измир...

Во едно место што се вика Кочгири, северно од Дерсим, Хамза како Мојсеј чекорејќи преминал преку една подлабока река, затоа што реката била полна со мртовци...

Додека војниците, воените другари негови скршени од глад за едно парче леб меѓусебно се карале, Хамза се обидел да ја дофати свиленкастоста на песокта која како магла по небото се обвиткувала, кога видел дека не успеал да ја дофати се разлутил, пламнал и изгубил контрола по што се фатил за пушката и убил четири заробеници и два војника...

Хамза црвената боја не ја сакаше, затоа што смртта и зулумот сестри и беа. Хамза не ја сакаше ниту белата боја, затоа што кога куршумот ќе се залета во глава сé во бело се прелева. И жолтата боја не ја сакаше, затоа што од раните инфицирани течеше жолто.

Хамза која боја да сјаеше таа не ја сакаше.

Боите и луѓето беа лажливи...

Еден месец по таа вечер дедо ми Хамза почина.

Буквите со кои на листот хартија ја беше напишал својата оставштина беа како и брановите во морето, свиени, лесни.

Тук и таму имаа точки, како галеби, корморани.

Тестаментот го однесовме кај имамот, не го разбра.

Го однесовме во директоратот за национално образование, никој не можеше да го одгатне.

На крај ни го прочита еден универзитетски професор.

Во тестаментот пишуваше вака:

„Кутијата за тутун на мојот воен другар, брат по пушка Арапот Фахри од Хатај...

Запалката на оној што ме спаси од заседа Курдот Џемал од Амед...

Дваесетте лири од банка на Ерменката Сехер од Чермик (вистинското име и е Херануш)...

Во футролата од моите очила имам еден џумхуријет златник. Златникот дајте му го на зетот дојденецот Хасан. Нека го потроши за образованието на Мурат. Нека не ми се лути..."

 

5 Џумхуријет златникот е пара направена од 22 каратно злато од времето на Ататурк. Позната е и под името Ататурк златник.

 

© Alexandra Klunsmann
Мурат Ујуркулак од Турција
Мурат Ујуркулак (Murat Uyurkulak), роден 1972 г. во Ајдин/Турција, прво студирал право, потоа историја на уметноста во Измир, ги прекинал и двете и се преселил во Истанбул; таму покрај другото работел како келнер, преведувач, новинар и издавач; денес работи како слободен автор и преведувач; помеѓу останатото ги има преведено делата на Едвард Саид и Михаил Букунин на турски; неговиот прв роман Tol е објавен 2002 г. (Истанбул) и веднаш предизвика големо внимание, оттогаш Мурат Ујуркулак се смета за еден од најзначајните книжевници на денешната турска книжевност; други објавени дела: романот Har (Истанбул 2006 г.); Har исто така беше ентузијастички прифатен од литературната критика; на германски јазик е преведен: Zorn; театарска адаптација на романот Tol, (Цирих 2008 г.)

 

Eine Übersetzung von Gerhard Meier
Герхард Мајер, род. во 1957; во 1986 дипломирал на преведување за француски и италијански на Универзитетот Мајнц во Гермерсхајм. Турскиот јазик го изучувал од 1982 како автодидакт. Од 1986 живее во Франција во близината на Лион и работи како книжевен преведувач од француски и турски на германски. Од француски превел книги од Амин Малуф, Анри Троја, Жил Верн, Жак Атали и Пако Рабан, а од турски превел дела од Хасан Али Топташ, Орхан Памук, Мурат Ујуркулак, Ахмет Хамди Танпинар и Муратхан Мунган.