Да се осмелиме да се сетиме

Пред да се родиме

  • Read in Macedonian by the author
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.
  • Before We Were Born by Nikola Madzirov
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.

Избор на песни од македонскиот лиричар Никола Маџиров.

ПРЕД ДА СЕ РОДИМЕ

Улиците беа асфалтирани
пред да се родиме и сите
соѕвездија веќе беа формирани.
Лисјата гниеја
до работ на тротоарот.
Среброто црнееше врз
кожата на работниците.
Нечии коски растеа низ
должината на сонот.

Европа се обединуваше
пред да се родиме и косата
на една девојка спокојно
се ширеше врз површината
на морето.

ПО НАС

Еден ден некој ќе ги здипли нашите ќебиња
и ќе ги прати на хемиско чистење
од нив да го истрие последното зрнце сол,
ќе ги отвори нашите писма и ќе ги реди по датуми
наместо по исчитаност.

Еден ден некој ќе го размести мебелот во собата
како шаховски фигури на почеток од нова игра,
ќе ја отвори старата кутија за чевли
во која ги чуваме паднатите копчиња од пижамите,
недотрошените батерии и гладта.

Еден ден ќе ни се врати болката во 'рбетот
од тежината на хотелските клучеви и
сомнежот со кој рецепционерот ни го подава
далечинскиот управувач.

Туѓите сожалувања ќе тргнат по нас
како месечина по заталкано дете.

КОГА НЕКОЈ ЗАМИНУВА СÈ ШТО Е СОЗДАДЕНО СЕ ВРАЌА

На Марјан К.
Во прегратката зад аголот ќе препознаеш
дека некој некаде оди. Секогаш е така.
Живеам меѓу две вистини
како неонка што се колеба во
празен ходник. Моето срце собира
сè повеќе луѓе, зашто нив веќе ги нема.
Така е секогаш. Четвртина од будноста
ја трошиме во трепкање. Нештата
ги забораваме уште пред да ги изгубиме -
тетратката по краснопис, на пример.
Ништо не е ново. Седиштето во
автобусот е секогаш топло.
Последните зборови се пренесуваат
како накосени кофи во вообичаен летен пожар.
Утре пак ќе се повтори истото -
лицето пред да исчезне од фотографијата
првин ќе ги изгуби брчките. Кога некој заминува
сè што е создадено се враќа.

СЕНКИТЕ НÈ ОДМИНУВААТ

Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.

Еден ден ветрот нема
да го промени правецот.
Брезата ќе испрати лисја
во нашите чевли пред прагот.
Волците ќе тргнат по
нашата невиност.
Пеперутките ќе го остават
својот прав врз нашите образи.

Една старица секое утро
ќе раскажува за нас во чекалната.
И ова што го кажувам е
веќе кажано: го чекаме ветрот
како две знамиња на граничен премин.

Еден ден сите сенки
ќе нè одминат.

ДЕНОВИ КОГА ТРЕБА ДА СЕ БИДЕ САМ

Вистина е дека градот
изникна како последица на лага
неопходна за луѓето,
саксиите и питомите животни

(така се снабдувам со
потребните оправдувања)

Вистина е дека сите луѓе
излегуваат од зградите
(чиниш земјотрес)
и со вазна во рацете
одат кон ливадите.

Се враќаат трипати потажни
со прашина во дланките
и неколку шумови
како дупки во сеќавањето.

Потоа
пак заедничка тишина.

ДОМ

Живеев на крајот од градот
како улично светло на кое никој
не му ја менува светилката.
Пајажината ги држеше ѕидовите заедно,
потта нашите споени дланки.
Во преобразбите на невешто соѕиданите камења
го криев плишаното мече
спасувајќи го од сонот.

Деноноќно го оживував прагот
враќајќи се како пчела што
секогаш се враќа на претходниот цвет.
Беше мир кога го напуштив домот:

гризнатото јаболко не беше потемнето,
на писмото стоеше марка со стара напуштена куќа.

Кон тивките простори од раѓање се движам
и под мене празнини се лепат
како снег што не знае дали на земјата
или на воздухот припаѓа.

ВРАЌАЊЕ

Ја отворам плашливо вратата
со зраците да исцртам граница
врз килимот.
Ми доаѓа глас да пуштам,
но ехото на ненаместената соба
е побрзо.
Не е моја потта врз кваката
и лишаите на мојот врат
не припаѓаат на овој свет.
Се остварив во неколку
премачкани сеќавања,
мојата душа е утробен палимпсест
на далечна мајка.
Оттука премислата на враќањето
и тивкото крцкање на ментешињата.

Со чекор би го проширил просторот
да ги зачестам зрнцата прав
и влакната што се струполуваат
долу, од светлината
секогаш бели.

СÈ

Сè е милување.
Снегот ги склопуваше крилјата
над ридовите, јас ги склопував дланките
над твоето тело како метро
што се одмотува само по должината
на другите нешта.
Вселената постоеше
за да се родиме на различни места,
татковина да ни биде виножитото
што сврзува две градини
кои не знаат една за друга.
И така времето минуваше:
страв во нас одгледувавме,
восхит кај другите се раѓаше.
Нашите сенки тонеа
во отровните бунари,
кажаните зборови се губеа
и појавуваа како срчи на песочна плажа,
половични и остри.
Сè е сеќавање.
Сонот беше близу,
далечно беше она што го сонувавме.

СПОМЕНИ НА ВЕЧНА НЕСИГУРНОСТ

Лесно е да се живее во куќата на заборавот, каде пејзажите на нашите погледи кон минатото секојдневно остануваат исти и пусти. Конструкцијата на историското време кое оди напред како брз воз по непозната патека, е таква што сите слики и предели коишто се покажуваат на прозорецот на субјективноста се движат назад, кон она што сме го напуштиле, и на кое ќе се сеќаваме само тогаш кога ќе побараме одмор во просторот на менталната осаменост. Габриел Маркес приоритетот го става на сеќавањето на срцето, коешто го брише лошото и го слави доброто, зашто благодарение на оваа свесна измама успеваме да го издржиме товарот на минатото.

Ризикот на свртувањата на Орфеј и на сопругата на Лот назад во просторот и времето се остварува преку трајно губење на заедничкото време со нивните љубени и преку длабокото вкопување во механизмот на статичната вечност, на тој начин што сопругата на Лот по свртувањето назад се претвора во кип од камен. Денес многу статуи од заборавени револуционери стојат исправени и извалкани во парковите и фабричките дворови, потсетувајќи на една идеологија и заедничко сеќавање на нешто што всушност беше најавувано како пророштво: комунизмот и братството-единството. Според архитектурата на новата јазична свест, тие парчиња обликуван камен беа нарекувани „споменици“ или „паметници“ и нивна задача не беше да паметат, туку да ги прошират границите на заедничкото паметење преку славење на страдањето, отсуството и идеалистичкото жртвување.

По падот на комунизмот, за првпат ги видов овие споменици на болката исцртани со графити што пренесуваа лични сеќавања на нечија изгубена прва љубов или дијалог за тоа дали панкот и Ниче се мртви. Во револуционерно испружените раце на овие споменици минувачите оставаа испразнети шишиња од кока-кола или празни картонски амбалажи од брза храна, како знак на сопственото присуство и живост, како обид да се заборави болката од наметнати спомени.

Естетиката на сеќавањето се гради преку континуирано испреплетување на присутноста и отсутноста, сè додека наполно не се избрише границата помеѓу нив во меѓупросторот на менталната стварност. Сопругата на еден мој пријател кој загина на своите 30 години, очајно го чува неговиот единствен снимен глас на телефонската секретарка, кој со смиреност повторува: „Не сме дома. Оставете порака.“ Пет дена по неговата смрт таа стана мајка и до ден-денес речиси секојдневно на својот веќе седумгодишен син му го пушта гласот на неговиот татко: „Не сме дома...“. Глас на присуство кој најавува отсуство. Глас на сеќавање кој најавува заборав.

Во Македонија сè уште им се принесува храна на мртвите кога се посетува нивниот гроб како манифестација на апсолутистичкиот нагон на живите за задржување на чувството на супериорност и безбедност. Ова ритуално продолжување на личното време на мртвите најчесто се остварува и преку селективно сеќавање на оние моменти од животот на кои, оние кои веќе ги нема, можеби и никогаш не би се сетиле на нив. Всушност, така се раѓа кражбата на сеќавањето, нешто што стана главен метод на опстојувањето на диктаторите на овие простори. Од кожурецот на самопрогласен пророк кој се грижи за подоброто утре, диктаторот се развива во раскошен заштитник кој нуди само сеќавања за нешта што никогаш не се случиле. Ризикот на реалноста во лулката на диктаторскиот режим е далеку поголем од ризикот на сеќавањето. Луѓето ги вербализираат и мемориски ги оживуваат сите свои копнежи и неостварени желби, полусонови... Најмалку од сè на што се сеќаваат е допирот на животот и неговите просторни и временски граници.

Сеќавањето станува дом и засолниште, а куќата се претвора во музеј на конзервирани емоционални експонати. Мојот татко се сеќава за да живее. Тој ги пее песните од годината на моето раѓање; ги именува улиците според херои од старите учебници по историја; го тера таксистот да застанува пред објекти што ги нема; мојот татко сè уште го меморира националниот ТВ-канал под број 1 на далечинскиот управувач. Гастон Башлар вели дека за да се изврши анализа на нашето битие во хиерархијата на една онтологија, потребно е да се десоцијализираат нашите големи спомени и да се допре рамништето на мечтаењата што сме ги доживувале во просторите на нашите осамувања. Можеби во навраќањето кон заедничките проектирани сеќавања, мојот татко го бара начинот да биде осамен, да ја исплете оградата на својата социолошка и емотивна безбедност, зашто понекогаш ми се чини дека неговите сеќавања се подолги и од смртта.

Потомок сум на бегалци од Балканските војни на почетокот од минатиот век, и низ приказните на моите предци сфатив дека домот е спомен кој не се наследува. По секоја војна постојат многу напуштени куќи, но постојат уште повеќе напуштени домови. Кога последен пат ја посетив Босна, луѓето своето лично време го поделуваа според заедничка константа: пред и по војната. Не постоеше младост, детство, болест. Војната беше нешто што не се заборава, а останатите нешта беа само нејзини добри и лоши љубовници. Дерида вели дека се простуваат само оние нешта кои не се забораваат, или: да простиш не значи и да заборавиш. Балканот чека да поминат децении и генерации за да се заборават сите треперења и стравови кои ја избришаа светоста на секојдневието во овие изминати години и животи. А можеби подобро е да се прости, а да не се заборави.

Се инвестираше долго во историјата, во доминантната форма на колективното сеќавање, сè додека таа не се претвори во заедничка вистина која не бара нови спомени и сомнежи, зашто секој апсолут се создадава исклучиво заради негово почитување, а не заради сеќавање. Се створи слика дека на Балканот без сеќавања немаме никаква иднина, но таквата иднина се претвора во историски проблем уште пред да стане сегашност. Овде светците и диктаторите немаат сеќавање, туку тие долго време се населени во нашите умови и срца како спомени на вечна несигурност.

 

Nikola Madzirov © Gerald Zörner / gezett.de
Никола Маџиров од Македонија
Никола Маџиров, роден 1973 г. Во Струмица/Македонија, каде што и живее. Работи како поет, есеист, литературен преведувач, уредник. Координатор е за Македонија на меѓународната поетска мрежа „Lyrikline“, а бил уредник за поезија во списанието „Блесок“. Неговата поезија е преведена на триесет јазици. Автор е на бројни поетски збирки: „Преместен камен“ (Скопје, 2007 г.), „Во градот, некаде“ (Скопје, 2004 г.), „Некаде, никаде“ (Радовиш, 1999 г.), „Заклучени во градот“ (Скопје, 1999 г.). Добитник е на европската поетска награда „Хуберт Бурда“  (2007 г.) за автори родени во Источна Европа,  како и на мноштво национални награди како „Браќа Миладиновци“, „Студентски збор“, „Ацо Караманов“. Неговата поезија е објавувана во списанија и антологии во Северна и Јужна Америка, Европа и Азија, а добитник е и на неколку меѓународни награди и стипендии: „International Writing Program“ (IWP) на Универзитетот во Ајова во САД; „Literarisches Tandem“ во Берлин; „KultuKontakt“ стипендијата во Виена; „Internationales Haus der Autoren“ во Грац; „Literatur Haus NÖ“ во Кремс и „Villa Waldberta“ во Минхен.

 

Eine Übersetzung von Alexander Sitzmann
Александер Зицман, род. во 1974 во Штутгарт/Германија; студирал скандинавистика и славистика во Виена/Австрија; истражува и предава на тој универзитет; од 1999 работи како слободен книжевен преведувач од бугарски, македонски и скандинавските јазици на германски; тој е автор на две лингвистички монографии и издавач на повеќе антологии и тематски блокови во списанија, рецензент, меѓу другото, за KulturKontakt Austria, bm:ukk и за различни издавачки куќи во земјата и во странство; во 2004 ја добил почесната награда на Министерството за култура на Бугарија, а во 2007, 2008, 2009 наградата за превод на bm:ukk и многубројни стипендии.