Да се осмелиме да се сетиме

Изет

  • Read in Bulgarian by the author
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.
  • An excerpt from Izet by Valeri Petrov
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.

Есеј на бугарскиот поет Валериј Петров, како и негов избор од песните на неговиот босански колега Изет Сарајлиќ во превод на Никола Маџиров.

Сакам да ги заштитам читателите од возможни грешки. Портретот кои тие го гледаат, не е на оној кој ги пишува овие редови, туку на оној за кого тие се однесуваат. Одлучив дека ќе биде повеќе во духот на зборникот доколку учествувам не со свое дело, туку со портрет на еден свој побратим по поезија од една блиска земја. Земјата е Босна, е името на поетот - Изет Сарајлиќ.

До пред триесетина години ова име ништо не ми кажуваше. Не знаев ништо ниту за Босна. И нема ништо чудно во тоа - несреќен факт, причина или последица на многу нешта е тоа што балканските народи многу слабо се познаваат меѓу себе. Соседи сме илјадници години наназад, а малку знаеме за сопствените култури, за сопственото минато и сегашност. Со причина се лутам на културниот Запад заради тоа што однапред, без да нè запознае, со предрасуди ни ја игнорира книжевноста, а ние пак самите, со свртени очи кон неговите културни центри, не го удостојуваме со поглед сопствениот сосед! Особено во последно време. Самиот, на пример, во моите книжевни почетоци бев под влијание на поезијата од географски далечните Франција, Италија, Германија и Русија, а за најголемите поети на блиските држави - тогашна Југославија, Романија, Турција и Грција - дури не бев ни слушнал... Она што го добив од блискоста со Изет, мене лично ми помогна појасно да го разберам овој голем парадокс.

До пред извесно време не можев да си објаснам зошто и како се спријателивме со него. За прв и последен пат се видовме пред многу години на една книжевна конференција во Будимпешта. Го помнам единствено тоа - кога организаторите ни ги поделија малите картончиња за закачување на реверот на кои требаше да си ги напишеме имињата, еден од делегатите се појави со напишан текст на своето картонче: „Хајнрих Хајне - Југославија“.

Тоа беше тој, Изет. Таквото искажување слободен дух, туѓ на вообичаеностите, ме привлече кон него, а и тој самиот беше отворен за нови познанства. Не паметам што правевме во текот на неколкуте денови од средбата и не верувам дека еден на друг си ги читавме стиховите или раскажувавме биографиите (дури неколку години подоцна дознав дека тој е муслиман од Сараево), но се разделивме како пријатели и потоа продолживме да си пишуваме, макар и со големи временски прекини.

Подоцна, кога се случија нештата кои од темел го изменија лицето на Балканскиот полуостров, нашите врски се прекинаа. Се прашував: што прави мојот балкански Хајне во својата распарчена Босна, поранешен дел од распарчената Југославија, што ли пишува, кој став го има заземено во братоубиствената војна? Но бидејќи не им верував на поштите, така и си останав со своите прашања. Дури неодамна, кога ги прочитав неговите стихови од опколеното Сараево кои тој ми ги беше пратил, сфатив дека мојот молк бил грешен. Тој чекал неговите пријатели во туѓина, како што самиот пишува во една исклучително тажна песна, „да го притиснат ѕвончето на неговата врата“, а од пријателите, вклучувајќи го и оној од Бугарија, ниту трага, ниту глас! За да се избавам барем донекаде од вината, пред две години одлучив да го израдувам поетот со тоа што ќе преведам и објавам кај нас неколку негови песни. И дури кога се зафатив со преведувањето, сфатив со кого си имам работа.

Едноставно не можам да изречам колку многу ме разбрани поезијата на мојот пријател, особено онаа од годините на војната. Кога човек ќе го проследи неговиот развој, забележува дека од гледна точка на формата тој се движи во насока од класично, макар не толку строго издржано стихообразување, до речиси слободна проза. На мене, како приврзаник на традиционалната стихотворна техника, ова не би требало да ми се допадне, а се случи токму обратното. Во што се криеше причината? Мислам дека секој читател на неговите песни без мака ќе одговори на ова прашање: тоа беше исклучителната вистинитост и искреност на секој збор. Поетот, по сè изгледа сам тоа го има осознаено, зашто привидно парадоксално на едно едно место вели дека „песните се најслаби кога сакаат да бидат поетични“, а на друго место дека „кога вистината ќе влезе во стихот, учеството на поетот е непотребно“. Јас пак во шега велев: колку полесно можело да биде пишувањето - едноставно раскажуваш за себе, за семејството, за пријателите, за нештата како што се случиле, и песната е готова!

Полесно? Полесно кога човек има душа како онаа на Изет, кога овој начин на пишување не е книжевен потфат, туку твој единствен начин на зборување со ближниот. Всушност, во тоа се криеше восхитот од поезијата што ја преведував. Сите мисли и чувства што избликнуваа од неа, беа толку близу до прозата, но бескрајно далеку од позерството. И од вештачката убавина. Добри, нежни, топли, тие го потврдуваат она што го наслушнував за животот и состојбата на поетот во страдалните денови на неговиот Град, за тоа како тој среде крвта и урнатините, без оглед на загубата на блиските роднини и пријатели, сепак успеал да ја зачува својата човечност; како со стихови и општествено делување во тие тешки и сложени мигови наполно ја стекнал љубовта на својот народ кој и без тоа го љубел, и станал негов најомилен современ поет. Веројатно браќата по уметност од другата страна на фронтот, си мислев, имале своја вистина поинаква од неговата, но за тоа кој е виновен, а кој не, не можев оддалеку да судам. Единствено чувствував дека здивот на Изетовата поезија во речиси сите случаи се издигнуваше над омразите. Велам „речиси“ зашто тука-таму во стиховите што ги преведував, пат си пробиваше и гневното жигосување на спротивната страна, но од каде да знам дека нештата биле такви, дека... Како што реков, поезијата за која зборувам е возвишена, а тоа значи дека не би можела да лаже.

А имаше и уште нешто - мислам дека братството на поетите треба да биде над илјадниците други мотиви, а мене кон преводите дополнително ме поттурна чувството за блискост со преведуваниот автор. Испадна дека многу нешта нè поврзуваа. Исти беа и општествените идеи што ни ја обгорија младоста и омилените книжевници, уметници, кинематографи, и односите кон новините во денешната светска уметност. И чиниш тоа не беше доволно, па по препрочитувањето на речиси сите автобиографски стихови ми стана јасно дека сосем блиски ни биле и животните - еуфемистички речено - перипетии. И исто ни беше однесувањето кон нив, исти ни беа и горчливите мисли и чувства кои сепак не беа лишени од надеж, а сврзани со растурањето на нашите младешки мечти и рушењето на светот по кој мечтае нашето поколение... Тој тоа убаво и точно го изрекол: „Нашите мечтаења за комунизам беа вредни како сите наши подоцнежни разочарувања!“

Погоре во текстот го бев искажал чудењето од тоа како бргу, без вистински да се познаваме, се бевме спријателиле со него. Постепено сфаќав дека веројатно интуитивно, преку некои неосознаени микрознаци, сме почувствувале дека нештата што нè поврзуваат се многу повеќе од она што можевме да си го откриеме еден на друг за време на неколкуте денови од далечната конференција. Како кај сантите мраз, тие беа нашите скриени делови коишто... Но, не, споредбата не е добра, зашто сантите мраз се нешто студено, а нашата средба беше - неверојатно топла.

Таа нема да се повтори. Мојата желба да му испорачам радост на мојот босански пријател не може да се оствари - кога стасав до средината од мојата работа, пристигна веста дека тој го напуштил нашиот грешен свет. Оваа горчлива вест ја прошири мојата првобитна замисла - да преведам само неколку песни - до размерите на „Избрани песни“, од чијшто предговор преземам значаен дел од овие редови. Задоцнив, но делумно ме тешеше мислата дека поетите продолжуваат да живеат отаде смртните дати и дека моите преводи ќе помогнат при вториот живот на чудесниот поет и човек Изет Сарајлиќ.

Со истата мисла објавувам и дел од нив тука. Тие треба да се преведат на германски, па намерно избрав песни од вториот период на поетот, оној на слободниот стих, кои при нивното пресоздавање на двата туѓи јазика малку се имаат оддалечено и, возможно е, малку ќе се оддалечат од соодветните оригинали. Се надевам на тој начин читателите ќе ја почувствуваат нивната убавина и ќе ги земат, како што велиме ние Бугарите, присрце, односно, близу до своето срце.

ЗБОГУВАЊЕ СО ДЕРВИШОТ ИМАМОВИЌ

Умре Дервишот Имамовиќ,
добар човек
не од Сечуан,
туку од Зеница.

Уште еден живот кој беше повеќе од роман,
згасна.

Другите од комунизмот
добија палати,
Дервишот -
темници.

За Дервишот
најточно би било да се рече
дека по професија
беше логораш.

Усташките,
германските,
норвешките,
советските логори
се негова биографија.

Заврши
во логор во Сараево.

Такви како Дервишот Имамовиќ
да беа на чело на Че Ка,
интернационалниот и хуманистички дух на Октомври
и денес ќе беше жив.

Такви како него
да беа на местото на Жданов

Зошченко ќе умреше
како најпочитуван старец во Ленинград.

Да беа такви како него...
Пол Елијар своите лета
би ги минувал во Мала Дуба.

Да беа такви како него...
Ристо Трифковиќ некогаш не ќе завршеше
на Голи Оток.

Да беа такви како него...
Константин Библ никогаш не ќе се фрлеше
од тринаесеттиот кат.

Да беа такви како него...
Симон Сињоре и Ив Монтан никогаш не ќе ги искинеа
своите партиски книшки.

Да беа такви како него...
На Кундера, поетот на Прага,
никогаш не ќе му текнеше
да ги напушти своите „Вацлавски намести“
и кафеаната „Славија“
да ја замени со некое бистро на Монпарнас.

Да беа такви како него...
„Аурора“ не ќе стоеше засрамено
пред Нахимовската академија.

Тој
не кокетираше со комунизмот
како Пикасо или Иво Андриќ,
тој комунизмот го живееше.

Дури и тоа
што почина во логор
за него беше сосем нормално.

ВОЈНИ ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ

На Марко Башиќ преку глава му минаа
две бaлкански и две светски војни.
Оваа му е трета.

Мене и на моето поколение - втора.

А за Владимир
со неговите осумнаесет месеци
во овој миг може да се рече
дека дури половина од својот живот
го има поминато во војна.

НА ПРИЈАТЕЛИТЕ ОД БИВША ЈУГОСЛАВИЈА

Што ли се случи со нас прекуноќ,
пријатели?

Не знам
што правите.

Што пишувате.

Со кого пиете.

Кои книги ги читате.

Дури не знам
дали воопшто сме веќе пријатели.

НА ВЛАДО ДИЈАК

Добро е Владо, што си на „Барите“ !

Во Подлугови и во Сараево
сите кафулиња се затворени.

Во Босна
е неспоредливо потешко
да се дојде до чашка ракија
отколку да се дојде до сопствената смрт.

РАЦЕ

Цели пет години
го држеше кундакот на пушката -
раката на војникот.

Таа беше присилена
да го претепа саканото куче -
раката на ловецот.

Таа цел живот
нанесуваше удари -
раката на боксерот.

Таа цел живот
на устата и` принесуваше чаша -
раката на пијаницата.

А еве и среќна рака
која дваесет години
те милува.

Еве и среќна рака!

(1968)

НИШТО НЕ БИ МЕ ПРЕПОРОДИЛО ТАКА

Ништо не би ме препородило така
како можноста одново
како дваесетгодишник
во оние исти кочии
по оној ист пролетен дожд што и тогаш врз нас паѓаше
со идната другарка Сарајлиќ
да се возам до Жељина Поповача.
Со оглед
на ужасно ниската морална состојба во земјата
не верувам дека некогаш во социјализмот ќе поминам низ улицата на Огњен Прица,
но затоа на оваа Поповача од 1950 година сè уште имам право да се надевам!

НЕГОВАТА УЛИЦА

Тој исто сонуваше за згазнатата трева, за раскопчаната женска блуза.
Беше млад.
Не сметајќи го неговиот задгробен живот,
имаше само осумнаесет години.

Вие никогаш не видовте како му се менува лицето.
Вие ја знаете само неговата улица.

Но јас го знам уште
кога од старите мотори и даски правеше авион кој никогаш не полета,

кога му зборуваше на татка си
дека во оваа борба некој мора да падне,

кога помеѓу две апсења ја праша мајка си
Мајко, ме љубиш ли?

- и преку нејзините замаглени очи долго гледаше низ улицата,
онаа
која сега го носи неговото име.

(1963)

ТЕОРИЈА НА ДИСТАНЦАТА

Теоријата на дистанцата ја измислија пост-фестумашите,
оние кои не сакаат да ризикуваат за ништо.

Спаѓам меѓу оние
кои сметаат дека за понеделникот
треба да се зборува во понеделник;
во вторник веќе би можело да биде предоцна.

Тешко е, секако, в подрум,
додека над тебе прелетуваат гранати,
да се пишуваат песни.

Потешко од тоа е единствено
да не се пишуваат!

ПО РАНУВАЊЕТО

На Мика Маслиќ

Синоќа в сон
ми дојде Слободан Марковиќ
за да им се извини на моите рани.

Ова е воедно и единственото српско извинување
за сето ова време,

а и тоа беше само в сон
и од мртов поет.

 

Valery Petrov © Ivo Hadjimischev
Валериј Петров од Бугарија
Валери Петров (Valeri Petrov), роден 1920 г. во Софија/Бугарија, живее во Софија/Бугарија; студирал медицина на Универзитетот во Софија; коосновач на списанието за сатира „Hornisse“; по распадот на социјалистичкиот режим во Бугарија се ангажира политички и станува пратеник на левицата на VII Големо Народно Собрание; поет, драматург,сценарист и преведувач; голем број на објавени книги, последни: „Избрано“ в 5 тома („Избрани дела“ во 5 тома) (издавачка куќа Zachari Stojanov, Софија 2006 г.), „Лирика“ I u. II том („Песни“ I u. II том); драмски дела: Когато розите танцуват (Кога танцуваат розите), Тeатър, любов моя (Театар, љубов моја); сценарија: На малкия остров (На малиот остров), Рицар без броня (Витез без оклоп); помеѓу 2000 г. и 2010 г. нема преведени наслови на германски јазик; кон неговите најважни награди се вбројуваат државната награда „Paissij Hilendarski“ и медалот „Stara planina“; член на бугарската академија на науки.

 

Eine Übersetzung von Thomas Frahm
Томас Фрам, род. во 1961 во Дуисбург, денес живее во Софија како публицист и преведувач од бугарски. Моментно работи на преводот на вториот дел од бугарската трилогија романи на Владимир Зарев, чиј прв дел бил објавен под наслов Familienbrand (Битието) од издавачка куќа Дојтике во Виена. Во 2009 Фрам добил работна стипендија на Германскиот фонд за преведувачи, а во 2010 бил одликуван со номинацијата за наградата Берлински мост на Гете-институтот за Familienbrand (Битието) на Владимир Зарев.