Да се осмелиме да се сетиме

СЕКОЈДНЕВЕН ДВАЕСЕТТИ ВЕК

Песна од Балша Брковиќ од Црна Гора во превод на Никола Маџиров.

Секој ден ги проживувам
Првите шеесет години
На дваесеттиот век.

Секој ден:

Точно во 19:00 умреа
Ниче и Вајлд.
Најлудата и најдостојна
Смртна прегратка во историјата.

Во 19:18 исчезна Црна Гора.
(Сè е cool - ќе се врати за помалку
Од еден час.)

Во 19:33 умре Константинос Кавафис.
Најголемиот грчки поет.
Живееше во Александрија. Ова е одлична
Судбина, зашто на поетите им е убаво
И меѓу книги
И на пепелишта.
Отсекогаш ми беше симпатично тоа што зборуваше
Грчки со силен англиски акцент.
Но, тој беше данди, а тоа е одличен чик детаљ,
Секако повеќе прашање на звукот и стилот, отколку на ставот.
(Добро е кога кој било јазик
го зборувате малку поинаку
од сите останати.)
Жал ми е, помислив, што
Макар една година не одживеав
Во Германија, па да ги збудалувам Црногорците
Зборувајќи црногорски со дискретен
Германски акцент.
Но, такви се лудостите на јужњакот...

Ако е 19:43, или некоја минутка
Тука-таму, бргу го тргнувам погледот
Од ликот на Медуза.
Ги мразам војните и итам понатаму
Кон веселото повоено доба,
Годините на опуштања и големи надежи.

Во 19:57 го замислувам-гледам
Гинзберг, како џезира: Америка,
Ти дадов сè и сега сум ништо...
Со 57 центи во џебот.

Ако погледнам точно во 19:52,
Тука е хидрогенската бомба, а сè заради
Една фотографија - експлозија
Некаде на Пацификот - која како
Дванаесетгодишник со недели
Ја гледав, секојдневно, макар по десет минути.
Се обидував да го замислам
Звукот, големината на Печурката, бојата, и пак звукот...

Како и во времето на Архимед
Најлудите оружја се направени од најпаметните.

За Вселената, за просторот најмногу
Дознавме правејќи ја таа бомба,
Најмногу научивме
Благодарејќи на страста за убивање.

Мудроста има траги од крв на усните.
Отсекогаш.
Во 1959 година мојата игра
Со столетието на часовникот
Завршува.
Токму кога станува интересно,
Тука е јубилејната бројка 20:00.

Така на мојот секојдневен
Дваесетти век му е ампутиран
Неговиот најубав дел.
XX-от век без
Шеесеттите, седумдесеттите,
Осумдесеттите и деведесеттите
Е изрод од век.
Две големи војни,
Неколку паметни глави и
Малку прекрасни навестувања.

Дури по 19:59 почна
Лудилото, она најдоброто.

Но сето ова, во моето секојдневно
Столетие, исчезнува за минута.

И потоа часовникот е пак само часовник,
А не кратер на драгиот луд век.

Мојот часовник, мојот штит со
Глава на Горгона, тој
Сеопшт знак на непостоечка
Победа над Чудовиштето,
Секој ден нуди - дваесет и четири
Макар скратени векови
Или - по шеесет години на сите столетија
До 2400 година.
О.К. Помислив многу пати,
Зошто не некое друго столетие,
Минато или идно,
Зошто не ова, сегашното: оти се паѓа
Во така убав период од денот, и оти така
Нежно се тркала,
Како дива која чекори по црвена патека
За време на некоја величествена
Филмска премиера.

А мене, сепак
Секој ден
Ми се јавува само еден век, поточно
Неговите шеесет проценти.

(Тоа е голем, сериозен недостаток.
Овие часовнички векови
Лишени се од fin de siècle епохите.
А тоа е сепак најлошото што
може да му се случи на едно столетие.
Кога ја нема збунувачката есен.)

Зошто не XVIII?
Последното големо доба на ексцентриците,
Вели Калвино во предговорот
За Il Barone rampante.

Зошто не треченто?
Каков само танц би бил тоа со
Тројцата фирентинци. (Во 13:08 започнува
Пишувањето на Пеколот.)

Би имало тука, во големиот календар на мојот
Дигитален часовник,
Уште блескави примери, но
Никогаш не се случува ниту еден друг век.

Секојдневно - само дваесеттиот.

Помислувам понекогаш дека
Овој век-печат
Е врз мене, на моето тело,
Како неизбришлива тетоважа,
Знак за сите времиња,
Како сопствен логорашки број...

 

Balša Brković © Balša Brković
Балша Брковиќ од Црна Гора
Балша Брковиќ (Balša Brković), роден 1966 во Подгорица/Црна Гора, живее во Подгорица; студирал општа книжевност и теорија на книжевност на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград; театарски критичар, уредник на рубриката за култура и вршител на должноста главен и одговорен уредник на црногорскиот дневен весник „Vijesti“, член на редакцијата на списанието за литература „Ars“ како и слободен автор (поезија, проза и есеи); Брковиќ досега има објавено пет книги поезија и романот Privatna galerija (2002 г.), што достигна тираж од над 20 000 примероци и 2007 г преведен во Чешка, 2006 г. во Словенија, а 2007 г. во Албанија. Неговиот роман Privatna galerija ја доби наградата „Mirosavljevo jevandjelje“ за најдобра прозна книга во Србија и Црна Гора за 2001-2003 г. Брковиќ е член на црногорскиот ПЕН центар.

 

Eine Übersetzung von Gudrun Krivokapić
Гудрун Кривокапиќ, род. во 1941 во Гетинген/Германија; студирала историја и англистика во Гетинген и Минхен; се преселила во Белград; започнала нови студии; дипломирала на германистика; преведувачка и презентерка на Програмата за странство на Радио Белград; лекторка за германски јазик на Катедрата за германистика во Белград при Универзитетот во Белград; преведувањето и симултаното толкување и’ се споредни дејности (српски/германски). Раководителка е на библиотеката на Гете-институтот во Белград до 2006; живее во Белград и Гетинген.