Да се осмелиме да се сетиме

Снег

  • Read in Bosnian by the author
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.
  • Snow by Mile Stojić
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.

Поема на босанскиот лиричар Миле Стојиќ во превод на Владимир Јанковски.

Снег

Постоеше еден град во срцето на светот
Неговите улици жагореа со музиката на секојдневието
Неговите дрвореди шумеа со здивот на љубовниците
Неговите утра мирисаа на првите изданија на весниците и на свеж леб
Неговите госпоѓи ги шминкаа убавите лица, ги чешлаа русите коси
барајќи секој ден да биде споменик на нивната убавина
Неговите поети страдаа за неговите госпоѓи
(така е тоа во сите градови)
Постоеше еден град
милуван со студениот планински ветер од околните ридови
милуван со свилена моминска шамија по лицето
Неговите тесни плоштади пееја со минарињата и камбаните
Неговите патишта водеа во иднината и во светот

Постоеше еден град на крајот од светот
Неговите улици ги прекрија темни облаци, густ чад
Неговите дрвореди се исечени за да се загреат замрзнатите раце,
да се зготви чемерна супа
Неговите утра мирисаа на барут и засирена крв
Неговите госпоѓи ги шминкаа убавите лица, ги корнеа црните коси
За да ги прекријат брчките и подочниците на несоницата и стравот
Постоеше еден град
милуван со канонади од околните ридови
Неговите тесни плоштади молчеа во присмртна тишина
Неговите патишта водеа во понижување и на оној свет

Постоеше еден град во срцето на светот
Чии богомолки го преколнуваа бога
да го испрати судниот ден, кијаметот
Чии гробишта буеја, се влечкаа по плочниците и улиците
Седум илјади денови, седум илјади години
Смртта се клештеше на семејната фотографија
Во прегратка со најмилите

Постоеше еден град кој го напуштија
и боговите и луѓето, го прекрија со црна шамија неговото лице
И ги фрлија неговите русокоси нимфи во прегратката на Беовулф
неговите млади љубовници на киклопот за вечера
Постоеше еден град кој го напуштија мудреците и поетите
Препуштајќи ја одбраната на сиромашните и
презрените

Постоеше еден град на крајот на светот
што гореше на вашата маса како запален факел
но не можеше да го растопи мразот, да ги загрее тврдокорните срца
Не падна ни дожд да ги исчисти пепелта и крвта
Не се појави ни ветерот да го издува чадот од улиците
солзите од лицата. Не дојде ни пролетта да
ги поттикне пупките, да ги раззелени гранките, ниту летото
Не пристигна ни синкавата утопија

Само зимата прошета низ ранетите тротоари,
низ роварените улици. Невиноста повторно
заблеска по покривите
со првиот снег.

Сараево, летото 2009.

 

Mile Stojić © Mile Stojić
Миле Стојиќ од Босна и Херцеговина
Миле Стојиќ (Mile Stojić), роден 1955 г. во Драгичина /Босна и Херцеговина; живее во Сараево; студирал јужна славистика на Универзитетот во Сараево (1974- 1980 г.); лектор на Универзитетот во Виена (1993-2002 г.); новинарски и издавачки ангажмани за разни медиуми во поранешна Република Југославија, главен и одговорен уредник на списанието за литература Odjek  (Резонанца) и Lica (Лица) во Сараево; поет и есеист, голем број објавени книги, последни Cafe Nostalgija, есеи (Загреб 2008 г.), Među zavađenim narodima, песни (Загреб 2009 г.); преведени на германски јазик: Во болката со бес, босанска воена литература (Виена 1996 г.), Прозорец, Зборови. Босанска азбука, есеи (Клагенфурт1998 г.); Унгарско Море, песни (Клагенфурт-Виена 2006 г.); членува во П.Е.Н. Клубот и во здружението на писатели на Босна и Херцеговина: значајни награди и признанија: Brankova nagrada, Goranova nagrada, Kočićevo pero, Godišnja nagrada Društva pisaca BiH и други.

 

Eine Übersetzung von Klaus Detlef Olof
Клаус Детлеф Олоф, род. во 1939 во Либек; живее во Загреб и Грац; студирал славистика во Хамбург и Сараево; од 1973 работи како наставник на Универзитетот во Клагенфурт; работно тежиште: јужнословенски книжевности; веќе многу години работи како посредник и преведувач на јужнословенските книжевности во германскојазичниот простор; преведувал претежно од хрватската и словенечката книжевност, но и од српски, босански, македонски и бугарски на германски; меѓу другите, ги превел Џевад Карахасан, Миљенко Јерговиќ, Зоран Фериќ и Игор Штикс; за својата сеопфатна дејност, во 1991 бил одликуван со Австриската државна награда за книжевни преведувачи.