Да се осмелиме да се сетиме

Да се осмелиме да се сетиме

Југоисточна Европа е „ … оној мултиетнички регион во кој националните кујни не се единствените работи кои остро се разграничуваат – а сепак се мешаат едни со други“.
– Гинтер Грас

„Вулканот“ наречен Балкан

Не е мал предизвик да се соберат книжевните гласови од Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и ПЈРМ/Македонија како и од Бугарија, Романија, Грција, Турција и Кипар за да се произнесат на заедничката тема „Сеќавање“. И тоа, не само затоа што таквиот потфат е очигледно обемен, туку и поради непредвидливата и чувствителна проблематична област, како што стои погоре во цитатот на Гинтер Грас. До ден денес зборот „балкан“ се поистоветува со „вулкан“. Земјите од регионот на Југоисточна Европа го негуваат својот историски диверзитет и имаат развиено засебни етно-национални идентитети. Не постојат ненарушени соседски односи. Националистичките струи ги попречуваат заложбите за интеграција во заедничката европска зона на слобода и стабилност. Често се упатуваат соблазливи погледи во насока на Брисел, но од друга страна, пак, се игнорираат соседите во непосредна близина.

Склоноста емоционално да се оптоварат интелектуалните дебати преку сеќавања за војната, пустошењата, бегалските кризи и прогонот постепено се губи. Со постојаната историзација на општествениот дискурс секое навраќање кон историјата, речиси без исклучок, се карактеризира со националистички обележја, а историјата честопати се толкува како историја во која се изгубила големината и значајноста.

Конструкција на „историјата“

Југоисточна Европа е измачувана од своето минато. Сеќавањата, создавањето идентитети, обидите да се совлада минатото – сите овие, без исклучок, во секоја од земјите на овој регион се исклучително опасни теми. Секоја од земјите има стриктна и специфична државна политика во однос на историјата, вклучувајќи и широк опсег симболички спецификации. Доминираат етноцентрични историски слики, а истовремено историските аргументи се исклучително значајни во дневнополитичките конфликти. Пишувањето на историјата насекаде се карактеризира со „организирана невиност“ – никој не е виновникот, а сите се жртви на другите. Историското истражување и предавањето историја немаат функција на историско просветлување, туку задача да го наведат националниот идентитет кон посакуваните насоки. Па така, во сите земји на Југоисточна Европа наоѓаме колективни сеќавања кои се речиси идентични со сето она што оди во прилог на самоувереноста на конкретното општество. Соодветно на тоа, речиси и да не се одржуваат јавни дебати, а академските дијалози се исклучителна реткост. – ‚Дисидентите’ ризикуваат.

Невозможната „антологија“

Ова е важно да се знае со цел да се разбере значењето и значајноста на потфатот да се поканат еминентни автори од земјите на Југоисточна Европа со цел колективното да се „осмелат да се сетат“, претставувајќи искуства во книжевна форма кои се сè уште оптоварени со историја и емоции, и на тој начин можеби за првпат да овозможат пристап кон преработка на оваа тема.

Повеќе од 20 автори како и преку 50 преведувачи му пристапија на амбициозното „осмелување“. Опсежната и сложена подготовка, преводот на текстовите на јазиците на сите земји од кои доаѓаат авторите, како и многу други организациски работи, ќе беше невозможно да се реализираат без мрежата на Гете институтите и нивната стручност во областа на јазиците и преведувањето. Печатеното издание на антологијата беше објавено во 2010 година под бр. 239 на списанието „die horen“.