Добредојдовте во Канцеларијата за врски на Гете-институт

Природно вештачки – звучни флертови на електро-сцената

Harry WeberBrandt Brauer Frick, Foto: Harry WeberГенерацијата лаптоп го открива инструментот. Со бендови како Brand Brauer Frick електронската музика отвара нов круг во истражувањето на звукот. Виртуелното се спојува со аналогното и создава нови текови во урбаната звучна култура.

Клубот Бергхајн има доживеано сè и сешто. Луди забави и силни пулсирачки битови, најпознатите диџеи и туристи од целиот свет. Но, вакво нешто ни Бергхајн нема видено: мал оркестар со држачи за ноти што звучи како музика што би ја пуштал некој добар, искусен техно-диџеј. Минатиот мај токму Brandt Brauer Frick со нивниот ансамбл го почестија најпознатиот клуб во Берлин со своето гостување. Десет музичари кои прават музика на жичани, дувачки и гудачки инструменти, а која вообичаено настанува во електронските кола. Хаус и техно од оркестарската школка, па дури и ударите на басот, основата на секоја добра трака не потекнуваат од драм-машина – туку од отворот на тубата.

Даниел Бранд, Јан Брауер и Паул Фрик доаѓаат од џезот и класиката, а Фрик студирал композиција. Нивната идеја за рекреирање на електронска музика со класични инструменти за некои е ќорсокак, за други обична шега, додека пак за трети е еден од највозбудливите музички експерименти на нашето време. Идејата во моментов е сосема уникатна, но истовремено и симптом за интересен феномен. Колку и да се различни поединечните примери може да се забележи дека веќе извесно време во електронската музика за која се сметаше дека може сосема да се откаже од традиционалните инструменти, се пробива копнежот за акустично создавање на звук.

The Brandt Brauer Frick Ensemble (live), Quelle Youtube/www.brandtbrauerfrick.de

Изменетиот поглед

Така дипломираниот пијанист Франческо Тристано доживува огромни успеси движејќи се на границата меѓу клубот и класиката. Младиот Луксембурѓанец подеднакво свири во филхармониите и дискотеките, го интерпретира Бах и го слуша техно-пионерот Карл Крег во Детроит. На минатиот Sónar-фестивал во Барселона, најзначајниот фестивал за електронска музика во Европа, овој јуни најзначаен настан беше изведбата на дела од Стив Рајх: онаму каде што вообичаено доминираат грамофоните и лаптопите во центарот на сцената стоеја клавир и вибрафон.

Francesco Tristano, Foto: Universal Music

Но, сепак Берлин како етаблиран центар на електронската музика е местото каде што ваквите идеи се промислуваат консеквентно до крај. Од главниот град не потекнуваат само Brandt Brauer Frick. Тука не се наоѓа само Бергхајн каде три дена по ред под наслов „Club Contemporary Classical“ се бараат допирни точки меѓу денс-подиумот и концертната сала. Туку тука се наоѓа и „Radialsystem V“ единственото место на светот каде најсистематски се бришат сè уште постоечките граници меѓу жанровите и уметничките форми.
Тука е и берлинскиот продуцент Хендрик Вебер, кој твори под псевдномиот „Pantha du Prince“, кого копнежот по органскиот звук го одведе дотаму што тој во последниот албум Black Noise, кој беше високо оценет од критиката, користи исклучиво звучни семплови што ги знимил во Швајцарските планини. Во Берлин живее и Бенџамин Мајерс. Њујорчанецот е дипломиран диригент, пијанист и композитор. Со неговиот оркестар Redux што преставува комбинација од рок-бенд и камерен оркестар тој ја спојува звучката слика на класиката со динамиката на рок-музиката и структурите од електронската клубска музика. Лаптоп-оркестарот од Берлин пак оди по спротивниот пат: пренесува дела од модерните композитори во дигиталниот свет и на тој начин лаптопот станува класичен инструмент.

Во живо и семплување

Pantha du Prince, Foto: www.panthaduprince.com

Се разбира електронската музика, барем по откривањето на семплерот, самата си го најде патот во севкупната музичка историја, но фасцинацијата од аналогниот звук изгледа дека станува сè поголема. Важна причина за тоа е сè поголемото значење на настапите во живо. Откако музиката е широко достапна во дигитализирана форма, продажбата на физичките носачи на звук е сведена на минимум. Тоа повеќе не важи само за класичните поп, рок или џез албуми. Откако диџеите се почесто старите добри плочи ги оставаат во регалите и ја вжештуваат атмосферата во клубовите со мпз меморирани на лаптопите, од овој тренд страдаат и продуцентите на електронска денс музика.  

Ако со плочите едвај може нешто да се заработи, тогаш артистите можат да живеат од својата музика само ако ја изведуваат на сцената. Тоа отсекогаш било негативна страна на електронската музика, особено оптичкиот аспект: дури и во дигиталното доба не е особено возбудливо да се гледа како неколкумина здрвено стојат на сцената и на неколку минути притискаат некое копче на лаптопот, во споредба со музичарот кој испотен свири на својот инструмент.

Electro-Pioniere Kraftwerk, Foto: EMI

Електро-пионерите Крафтверк се обидоа да ја отстранат оваа негативна страна со тоа што околу себе создаваа мистериозна атмосфера и настапуваа како роботи на сцената. Денешната генерација оди по спротивниот пат: берлинскиот продуцент Саша Ринг кој под псевдонимот Апарат стекна углед на креатор на звучни пејзажи од фантазијата, формираше бенд кој не само што ги свири неговите композиции направени на компјутери, туку и одново ги интерпретира со средствата на инди-рок бенд. Ринг дури и почна да пее како дел од бендот.  
Ваквите тенденции во глобално вмрежаната диџејска и продуцентска сцена се разбира не се ограничени само на Берлин или Германија. Слично како Апарат работи и данскиот продуцент Anders Trentemøller: неговите композиции се комплексни, обединуваат елементи од класиката и клубската култура и не можат да се замислат без бесконечните можности што ги нуди компјутерот. Но, кога Трентемолер заминува на турнеја со своите дигитални симфонии, тој се потпира на поддршката од гитарата, басот и тапаните. Дури ни искусните диџеи повеќе не ја потценуваат моќта на аналогните инструменти.


Томас Винклер
Работи како независен автор во Берлин, пишува за музика и бејсбол за taz, die Zeit и други медиуми.

Copyright: Goethe-Institut e. V., Internet-Redaktion
октомври 2011

internet-redaktion@goethe.de

Линкови за темата

Гете-герила

Креативност, богатство на идеи и уметнички акции на Балканот. Млади луѓе од Белград, Херцег Нови, Приштина, Сараево, Скопје и Загреб во акција.

Електронска музика од Германија

Актуелни тенденции и најважните развојни линии од минатите години.Линкови до етикети, клубови, фестивали и одбрани активности на Гете-институт.