Кино - 360 степени Прошетка низ самиот филм

Дали хемисферната проекција е иднината на киното?
Слика (исечок): © www.softmachine.de

Киното на иднината не повикува само на гледање. Проекциите на целиот свод и техниката за виртуелна реалност му овозможуваат на посматрачот да се нурне во светот на филмот. Засега,
доживувањето - 360 степени е на почеток на развојот.
 

Уште во 2006 година во Планетариумот на Германскиот музеј во Минхен можеа да се видат исклучиво ѕвезди. Изгледот на небото ноќе беше колку што е можно пооригинално проектиран на сводот во вид на слајдови. „Денес можеме од целата палета да црпиме компјутерски генерирани содржини“, вели Герхард Хартл, кустос за астрономија. Планетариумите станаа многу атрактивни за продуцентите на така наречените фулдом (цел свод)-филмови, поради
нивните сводови како простор за проекција. Спектарот се протега од документарци за природата па сè до скапи анимации, од графики поддржани со музика, па сè до играни филмови. Шесте многу моќни дигитални проектори, кои во 2015 г. ги набави Планетариумот, заеднички создаваат панорама од 360 степени на сводот. „Повеќе нема ограничувања во просторот, како во вообичаеното кино“, опишува Хартл. „Гледачот може да се врти на сите страни“.

Планетариумот како кино проектирано на свод

Моментално во Планетариумот на Германскиот музеј во Минхен се прикажува анимираниот филм „Лимбрадур и магијата на гравитацијата“, кој ја имаше својата премиера во куполата по повод Фестивалот на детски филм во Минхен 2016. „Лимбрадур“ раскажува за патувањето на едно момче во вселената. Филмот трае 45 минути, а беше потребна една ноќ да се внесе во дигиталниот систем. „Големината на датотеката изнесува половина терабајт, а изготвувањето на еден ваков филм трае до една и пол година“, објаснува Хартл. Без оглед на тоа, продуцентот на „Лимбрадур“, Петер Поп, иднината на киното ја гледа во хемисферната проекција. Поп, доктор по економски науки, во 2001 г. ја основал компанијата која работи на глобално ниво, „Софтмашин“ (Softmachine). Веќе во 2004 г. го продуцираше првиот фулдом-филм: анимацијата „Калуока’хина- Магичниот гребен“, која својата премиера ја имаше во планетариумот во Хамбург. Тоа беше првото дело што воопшто ја користеше
техниката 360 степени за да раскаже приказна.

Забавување на сликата

Во тоа време во светот постоеја само 90 фулдом-театри или т.н. театри на цела купола, претежно планетариуми и научни центри. Денес постојат повеќе од 2000, меѓутоа само околу 30 од нив се наоѓаат во Германија. „Но, пазарот постојано ќе расте“, предводникот Поп е убеден во тоа. Ако ништо друго, тогаш поради техничкиот напредок, кој денес, на пример, овозможува многу повисока резолуција на сликата отколку во времето на неговите почетоци како продуцент. „Киното 360 степени е целосно нов медиум, кој нема никаква врска со рамното платно за проекција“, нагласува тој. „Ефектот е неспоредливо поинтензивен“. Исто така и поради тоа што техниката има влијание на начинот на раскажување. „Доживуваме забавување на сликата. Има помалку засеци за да активниот гледач може да одлучи на каде ќе го насочи својот поглед“.

Повеќе интензитет кај материјали кои остануваат исти

Што се однесува на содржините, не се забележува некоја револуција. Фулдом- киното создава нови перспективи на познати содржини. Истото важи и за киното на виртуелна реалност, кое исто така, нуди доживување од 360 степени - пришто гледачите не се движат во купола, туку носат таканаречени очила за ВР. Во споредба со фулдом-проекциите, оваа техника е сè уште во зачеток, но и таа, исто така, се развива многу брзо. Гледачите кои гледаат филмови низ очилата што се продаваат на пазарот неретко се жалат на мачнини и главоболки.

Пролетта 2016 холандската фирма „Самхауд Медиа“ (Samhoud Media) на претприемачот Јип Самхауд (Jip Samhoud) го тестираше германскиот пазар, меѓу другото, со привремено кино на виртуелна реалност во Платон Кунстхале во Берлин. Со 30 седишта беше прикажан краткиот документарен филм Clouds over Sidra, кој гледачот го пренесува во камп за бегалци во Јордан. Но, исто така, на репертоарот имаше и хорор-филмови, жанр за кој Кристине Хогенбом,
вработена во „Самхауд“, смета дека е особено погоден да долови задлабочување, односно сеопфатни доживувања: „Влегувањето во страшна куќа во виртуелната реалност изгледа многу пореално отколку во кино!“ Таа тврди дека не важи аргументот дека може да се изгуби вистинското кино-доживување со впуштањето во херметичкиот свет зад очилата: „Сè уште
постојат заеднички впечатоци, за кои може да се дискутира по завршувањето на филмот“.

Визуелизирање на минатите епохи

Техниката 360 степени, меѓутоа, не служи само за забава. Таа игра сè поголема улога во научниот свет. Кристоф Антес, раководител на тимот В2Т на компјутерскиот центар „Лајбниц“ во Минхен, се занимава со сцени на виртуелна реалност, со помош на кои се овозможува слободно движење. За тоа се погрижи една инсталација за проектирање на пет страни, која се применува во делот на анализа на податоци. Податоците се визуелизираат на таков начин што се добива пластичен впечаток на 3Д кино и чувство дека „можеш да се движиш во просторот околу некој објект“, вели Антес. Техниката може да се користи во многу различни истражувачки области „од археологија до зоологија“. Во еден проект, на пример, беше повторно создадена гробница, украсена со фрески, кај Карабурун во северна Ликија (во денешна јужна Турција) од времето околу 475 г.п.н.е. Во проекцијата од 360 степени повторно
 беа оживеани гробните простории и сликите на ѕидовите внатре од различни перспективи и агли.

Кураторот Герхард Хартл, исто така, посакува да не се занемари научниот дел. Тој има мешани чувства за развојот на планетариумите па сè до т.н. медиумски куполи: „ Планетариумите се создадени да ја објаснуваат астрономијата. Поради тоа треба, според Хартл, внимателно да се гледа на дигиталниот напредок: „Ѕвезденото небо сè уште најдобро се претставува со аналоген
проектор“.