100 ГОДИНИ БАУХАУС
ЗНАЕЊЕ ВО КРАТКИ ЦРТИ: „БАУХАУС“ ВО ШЕСТ РЕЧЕНИЦИ

Баухаус нè пресретнува во секојдневниот живот почесто отколку што мислиме – и тоа не само во салоните за мебел. Некои максими од школата за дизајн станаа крилатици.  
 

  • „Крајната цел на секоја сликарска дејност е градбата!“ Илустрација: © Tobias Schrank
    „Крајната цел на секоја сликарска дејност е градбата!“ Градење, градење и повторно градење: Валтер Гропиус, основач и истовремено прв директор на „Баухаус“, сосема јасно ја имал пред очи визијата на својата институција. Во манифестот на „Баухаус“ во 1919 година тој напишал: „Заедно ќе ја создадеме новата градба на иднината, во која сè ќе биде во еден облик. Архитектура и пластика и сликарство“. Со овој интердисциплинарен концепт ликовната уметност требало да се обедини со архитектурата – со фокус на …? Градбата.
  • „Потребата на народот наместо потребата за луксуз“ Илустрација: © Tobias Schrank
    „Потребата на народот наместо потребата за луксуз“ Да се ослободи патот за пролетерската архитектура! Швајцарскиот архитект Ханес Мајер го наследил Гропиус на позицијата директор на „Баухаус“. Тој се поставил критички кон работата на својот претходник и ја доживеал првата фаза под раководство на Гропиус како „секташка и естетска“. За да ја преориентира школата, тој усвоил нови одредници: „основната тенденција на мојата настава ќе биде апсолутно функционална, колективистичка и конструктивна“, што во превод значи: сите објекти треба да може да се произведат поволно и во масивно производство, со цел да се достапни за секого.
  • „form follows function“ Илустрација: © Tobias Schrank
    „form follows function“ Без орнаменти, без непотребни и одвишни работи: Тезата „form follows function“ не потекнува од мислителите на „Баухаус“ – иако постојано ним им се припишува – но во Германија за првпат била доследно применета. Иако целиот јазик на „Баухаус“ би нè натерал да претпоставиме дека оваа максима е есенцијалната мисла на школата, Василиј Кандински се издвоил од ова со својата изрека „Потребата ја создава формата“.
  • „Каде што има волна, таму има и жена којашто ткае, и тоа само за да ѝ помине времето“ Илустрација: © Tobias Schrank
    „Каде што има волна, таму има и жена којашто ткае, и тоа само за да ѝ помине времето“ Иако „Баухаус“ се чини толку модерен за своето време, Гропиус набрзо дал до знаење дека тој не придава никаква вредност на апсолутната родова еднаквост што првично ја постулирал и не сакал да ги земе во обѕир жените. Колку далеку се отишло со еманципацијата во смисла на Советот на мајстори на „Баухаус“, најпосле стана јасно со препораката „да не се прават непотребни експерименти“. Жените треба да се подеднакво вешти во ткаењето, а од курсевите за архитектура треба да се исклучат.
  • „Еден предмет е определен од својата суштина“ Илустрација: © Tobias Schrank
    „Еден предмет е определен од својата суштина“ ...утврдил Гропиус во 1925 година, најјасно што може. „За нешто да се направи така, за тоа правилно да функционира, најпрво мора да се истражи неговата суштина, бидејќи тоа потполно треба да ѝ служи на својата намена, т.е. практично да ја извршува својата функција и да биде трајно, евтино и убаво“. Предметите да се истражуваат во нивната суштина – тоа се објаснувало на навидум „лудите“ наставни часови, на коишто учениците требало да се стават „во кожата“ на предметите.
  • „лошо неудобно“ Илустрација: © Tobias Schrank
    „лошо неудобно“ Ова ли треба да биде архитектура? Имало и наплив од критики кога ладната, функционална архитектура требало да се докаже на „Изложбата Баухаус“ во 1923 година. Челично-бетонска градба, варосана во бело со нови станбени елементи; ѕидовите во детските соби смееле да се насликуваат, а мебелот да се поместува, со цел да се заштеди простор. „Станица на Северниот пол“, „операциони сали“, основниот нацрт - „архитектонска вицотека“, целокупниот впечаток „лошо неудобно, ортодоксно-пуритански“ – вака звучеле острите зборови на некои современици.