ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА КУЛТУРАТА

Во шестнеделната фаза на проектот, учесничките и учесниците на Coding da Vinci ги реализираат своите идеи.

Културните експонати сместени зад витрините во затемнетите изложбени простории за посетителите на музеите и архивите се вообичаена работа. Но денес тие би можеле поинтензивно да се доживеат. Културниот хакатон Coding da Vinci покажува како дигитално да се оживеат музејските поставки.

Класичните музеи се базираат врз фантазијата на своите посетителки и посетители: Изложбените експонати вредни за заштита најчесто не смеат ниту да се допираат, ниту испробуваат – набљудувачите мораат сами да дојдат до заклучок за тоа какви се тие на допир и како се користеле. Исто така, и написите и информациите се навистина што е можно поилустративно уредени; но сепак, секој посетител и секоја посетителка мора да си направат сопствена замисла за тоа како би можело да се одиграат настаните. Тоа го покажуваат актуелни примери од еден културен хакатон-проект: Изложбените експонати би можеле одамна да се доживеат во дигиталниот свет, а историските места може виртуелно да се оживеат.  
На пример, оној кој ќе се „шмугне“ во функционалниот костим на VR-експонатот „Kleid-er-leben“ ќе почувствува на своја кожа како облеките од минатите векови од Историскиот музеј во Франкфурт ги ограничувале можностите за движење. Корисниците и корисничките избираат парче облека, се движат во него низ виртуелни историски простории и можат и самите да се погледнат во огледало. Историските телефонски апарати, пак, на музејската фондација Пошта и телекомуникации се оживуваат во мобилната игра RingRing: Ако изложбените експонати стојат неми и неподвижни на полиците, тие во апликацијата почнуваат да ѕвонат, сè додека корисничката или корисникот не го подреди точниот тон на ѕвонење на секој од моделите. Политички забавно е во апликацијата „Стара хартија“, којашто ги прибира на едно место најнеобичните написи од весниците од првите години на 20. век: Забава и историска едукација во едно, достапно насекаде преку паметен телефон и интернет.
 
Дури и најголем дел од веќе непостојниот Берлински ѕид може да се доживее во виртуелната сфера. Архивата на „Фондацијата Берлински ѕид“ програмерките и програмерите ја однесоа директно на улица. Ако ја преземете апликацијата „Berliner MauAR“ додека шетате низ Берлин, на вашиот екран можете да го видите Берлинскиот ѕид на неговата оригинална локација или дури и да шетате околу него. Преку GPS-локализација паметниот телефон ги прикажува историските слики точно на местата на коишто се наоѓа корисникот или корисничката во моментот. Или преку веб-страницата „Aufbau Ost-Berlin“ може да се види како владата на ГДР ја предвидела иднината на главниот град. Веб-страницата и мобилната апликација предлагаат тури на различни теми и на секоја локација ја презентираат соодветната визија на ГДР.
Од апликацијата за туризам до роботската буба: скриншотови и слики од проектите што настанале за време на Coding da Vinci. Фотографија: © Coding da Vinci

ПОВЕЌЕ ОД ДУЗИНА НОВИ ПРОЕКТИ ЗА САМО ШЕСТ НЕДЕЛИ

Сите овие дигитални апликации го прават стекнувањето знаење попристапно, појасно и, исто така, позабавно. Тие во никој случај не се резултат на долги, скапи, големи проекти. Напротив: сите тие беа создадени во период од не повеќе од шест недели за време на културниот хакатон Coding da Vinci. Овде се собраа културни институции и експерти за технологија од различни бранши за да развијат нови идеи за културно посредување – без комерцијална заднина и ограничени на строго дефинирано времетраење на проектот.

Главната причина за тоа што може да се креираат комплетно нови апликации за многу кратко време е тоа што ресурсите за тоа се веќе долго време достапни: Повеќето културни институции ги дигитализираат своите колекции. Многу музеи, архиви, библиотеки и галерии воведоа дигитални записи со податоци за да ги обезбедат и сортираат своите фондови. Дали копии со слики со висока резолуција, историски звучни датотеки или 3Д-скенови на скелети од диносаурус - тони вредни податоци се чуваат на серверите на културните институции. Досега, тие главно се користеле само за внатрешна употреба или за истражувачки цели. Со хакатонот тоа се менува: овде се работи за тоа постојните податоци одново да се искористат.
 
Културниот хакатон беше инициран со здружување културни и Open-Data-организации – меѓу кои и Германската дигитална библиотека, Истражувачкиот и надлежен центар за дигитализација Берлин (digiS), Фондацијата Open Knowledge Германија и Wikimedia Германија. Оттогаш, тој се одржува еднаш или двапати годишно во различни германски региони; уште осум хакатони ќе претстојат во периодот од 2019 до 2022 година благодарение на поддршката од страна на германската сојузна фондација за култура. На почетната работилница културните институции – учеснички ќе ги презентираат своите збирки податоци. Притоа, интердисциплинарни тимови од дизајнери, развивачи, графичари, музејски куратори, уметници, хакери и развивачи на игри ќе собираат идеи за проекти, било да се тоа апликации, игри или визуелни инфографики, коишто тие директно ќе ги реализираат во последователната шестнеделна работна фаза. Од првично обезбедените податоци настануваат целосно нови производи: во просек, повеќе од дузина проекти за само неколку недели.

КОРИСТЕЊЕ НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ НА КУЛТУРАТА


Со проектот, организаторите на Coding da Vinci сакаат да ги охрабрат културните институции да ги направат своите дигитализирани збирки достапни за јавноста: „Кога веќе се создадени со јавни средства, тие треба да бидат слободно достапни за секого“, стои во образложението. Но, не се изложени сите културни добра како експонати, многу остануваат во магацините на музеите. Значи, така тие не се видливи за јавноста. Кога би биле дигитално достапни, тоа би се сменило – во тоа се барем убедени креаторите на Coding da Vinci. Освен тоа, целта на хакатон-проектите е да ја инспирираат младата публика, со афинитети кон дигиталните медиуми публика за култура и музеи. И за тоа е потребен повеќе дигитално достапен материјал.
Користејќи ги фотографиите на Гизела Дучман, којашто со своите слики ја прикажува обновата на Источен Берлин, членовите на тимот на „Aufbau Ost-Berlin“ создадоа дигитални тури низ градот. Користејќи ги фотографиите на Гизела Дучман, којашто со своите слики ја прикажува обновата на Источен Берлин, членовите на тимот на „Aufbau Ost-Berlin“ создадоа дигитални тури низ градот. | Фотографија: Screenshot © Aufbau Ost-Berlin Технички, не би било проблем да се отворат дигиталните колекции. Сепак, многу културни институции се плашат од тоа. Тие стравуваат дека податоците може да се комерцијализираат или да се користат неправилно. Елизабет Клајн, координаторка на проектот Coding da Vinci Rhein-Main (Рајна-Мајна), смета дека задача на проектот е културните институции да се ослободат од стравот од губење на контролата. На хакатонот, тие можат да се поврзат со хакерската заедница. Тие стапуваат во контакт со програмери и креативни умови и истовремено добиваат увид во различните проекти што можат да произлезат од отворените податоци. 
 
Рут Розенбергер од Бонскиот Дом на историјата на Сојузна Република Германија го смета нејзиното учество во Coding da Vinci за целосно позитивно. „Јас сум навистина импресионирана од високото ниво на проектите. Беше возбудлива соработката со еден млад, интердисциплинарен тим кој со свеж поглед ги погледна фотографиите од нашата колекција. Еден современ музеј, исто така, мора да го заземе своето место на интернет. […] Културниот хакатон ни помага да откриеме нови можности“.