Бартоломео Сорге
„АКО ПОЛИТИКАТА ГИ ЗАГУБИ СВОИТЕ ВРЕДНОСТИ, ЌЕ ЈА ЗАГУБИ СВОЈАТА ДУША“

Бартоломео Сорге (1929–2020) бешe италијански језуит и католички научник, којшто е активен од врмето на папата Јован XXIII и Вториот ватикански собор. Интервјуто го спроведе Јерг Нис. Тој студирал филозофија и теологија и во 2011 стапил во језуитскиот поредок. Во моментов припаѓа на језуитската заедница во Стокхолм. 

Нис: Драг Бартоломео Сорге, Вие сте од 1946 година член на црковниот ред Дружбата Исусова. Вие сте веќе со децении предводник на религиозната и политичка мисла, денес живеете во една језуитска општина во Галарат, Италија – и ја гледате Европа во криза. Ќе ни го објасните ли тоа, Ве молам?

Сорге: Јас мислам, дека ние во Европа доживуваме цивилизациска промена со доста специфични последици. Во културната антропологија се разликуваат два вида на кризи: економска и структурна криза.Замислете си го сето ова како куќа, чијшто фундамент одговара на културата на еден народ. На културниот темел стојат ѕидовите, кои од своја страна ја одредуваат архитектурата на градбата. Врз сето ова влијаат вредностите на луѓето. Во внатрешноста на куќата може да дојде до бројни промени - ова се аналогии на економските кризи - но притоа структурата на куќата останува стабилна.

Токму во глобализацијата ни треба нов хуманизам.

Бартоломео Сорге

Но, во Европа и во светот има не само внатрешни, економски промени, туку и структурни промени: досегашниот општествен модел не може повеќе да издржи. Јас би рекол дека индустриската цивилизација - со своите вредности, со својата култура, со своите темели - од почетокот на 21. век е веќе на крајот. Но на неа сепак се потпираа оние структури, кои ги образуваат политичките институции во областите работа, семејство и образование. Ако овој фундамент колабира, ќе пропаднат и самите структури. Во една ваква криза се менуваат вредностите и обичаите: луѓето се раслојуваат над фундаментот на куќата. Кризата повеќе не е исклучиво економска: тоа е целиот општествен модел што сега мора да се преобмисли.

Денес ја доживуваме економската криза што е резултат на индустријализацијата. Проблемот е, што ние не знаеме, што да правиме, затоа што вчерашниот модел повеќе не е соодветен, а утрешниот модел сè уште не е измислен. Ние мораме да изнајдеме нови начини. Јас секогаш велам, предизвикот на 21.век се состои во тоа „да живееме заедно и заемно да ги почитуваме разликите“, бидејќи токму во глобализацијата ни треба нов хуманизам. Иднината е неизвесна, но е и обврска. Изградбата на нова заедничка куќа, ако така сакате, е убавото и тешкото на нашето време.
Ако политиката ги загуби своите вредности, ќе ја загуби и својата душа. Кога ќе се случи тоа, целиот организам се влошува, скапува и се корумпира. Всушност, кризата е исто така и криза на идеалите што ги гледаме денес во сите земји. Кога се губи силата на моралот, корупцијата има слободен пат – дури и нашите наводно цврсти демократии не се имуни на тоа.

Нис: Како би требало да изгледаат денешните морални вредности?

Сорге: За тоа сакам да го цитирам Јован Павле Втори, којшто во својот говор, во 1995 година, по повод 50-годишнината од основањето на Обединетите нации, рече: „Да започнеме со заедничкиот етички јазик, којшто е впишан во сoвеста на целото човештво.“ Ова им го рече на стотиците луѓе од различно потекло во публиката. Африкански, европски и азиски народи, будисти, атеисти, муслимани и католици: Папата беше убеден во тоа, дека сите луѓе имаат заеднички етички јазик со одредени основни вредности.
На пример: достоинството на човекот. Нема да најдете некого, којшто во принцип ќе ја отфрли оваа вредност. Замислите за тоа, како да се одбрани тоа навистина се различни, но не и принципот кој стои зад тоа. Или: солидарност. Човекот првенствено е „социјално битие“. Никој не може сам да егзистира. Да се биде човек, значи да се биде во релација еден со друг. Ако ги изгубиме овие врски еден со друг, ќе го уништиме и достоинството на човекот.

Потоа тука е и субсидијарноста, којашто го опишува развојот на индивидуалните способности, самоопределувањето и личната одговорност – секој човек се цени по тоа што умее да го прави. Друга есенцијална основна вредност е заедничкото добро: благосостојбата на секоја индивидуа во рамките на едно општество ќе ја постигнеме или заедно или нема да ја постигнеме. Зачувувањето на создавањето е пример за ова. Еколошката криза не става пред предизвик за живот или смрт. Или ќе се грижиме за одржувањето на планетата или ќе пропаднеме, ќе не снема.

Еколошката криза не става пред предизвик за живот или смрт.

Бартоломео Сорге

Ако се земат предвид овие принципи на зедничкиот етички јазик, тие можат да бидат основа за новиот глобализиран хуманизам – во новиот свет обединет во плуралност. Тогаш цивилизациите ќе можат да растат во него и и постепено да се развиваат нови вредности. Уставите на одделните народи може да содржат свои вредности што се важни за нацијата, тоа не е проблем. Но, мора да најдеме „основа“ за новата куќа. Институциите мора да се променат врз основа на оваа нова свест. Треба да ги ревидираме постојните договори, особено во поглед на новите миграциски движења. Притоа тука се работи за нов проблем, типичен за третиот милениум.

Тогаш ќе ни требаат „жителите“. Ние ја изградивме куќата Европа – тоа значи дека Германците мора да останат германски, но тие исто така треба да ја прифатат заедничката култура, основата на нашата заедничка куќа. Притоа тука помалку станува збор за тоа Германија, Италија и Франција да се направат европски, туку дотолку повеќе за тоа Германците, Италијанците и Французите да се направат Европејци. Се работи за нова форма на човекување. Ова е важно да се знае: човекот сам е во состојба да ја смени историјата.

Видов дека е можно да се обнови политиката дури и во време на структурна криза.

Бартоломео Сорге

Ако некој би ме прашал за еден збор, со кој може да се надмине оваа структурна криза, јас би одговорил: образование. Ако не развиеме нови форми на работа и нова култура во однос на технологијата, ако не развиеме соодветни елити, нема да успееме во третиот милениум да ја добиеме битката за модерна, обединета Европа. Тогаш дури и најактуелните и најмодерни закони ќе бидат бескорисни.
Нис: Во средината на осумдесеттите години од минатиот век го основавте институтот Istituto di Formazione Politica „Pedro Arrupe“ во Палермо. Токму тој вид на образование сакавте да го етаблирате таму?

Сорге: Да, токму така. Кога отидов во Палермо, тоа беше ново поглавје во мојот живот - придонес за моето европско образование по 25 години теоретско истражување и предавање. Дотогаш влегував и излегував од Ватикан и од палатата Квиринал, каде се сретнав со тројца претседатели на Републиката. Тоа беше мојот свет долго време!

Но потоа застанав на улиците низ Палермо, каде што многу луѓе беа малтретирани и убиени од мафијата. Се запрашав, како можеме да му помогнеме на Палермо да го поврати вледеењето на правото. Одговорот гласеше: со образование. Ние развивме програми против криминал и корупција и успеавме, да создадем нова свест во цивилното општество.
Сакавме да го смениме светот и започнавме со луѓето на улиците, а не со оние во палатите. Почнавме во соседството, со обични граѓани, со верници и неверници, со десно и лево ориентирани. Целиот град беше подготвен да се бори против организираниот криминал и да го врати владеењето на правото. Тоа беше почеток на таканаречената „Пролет на Палермо“, здружение на совест и заеднички етички јазик што ги обедини сите луѓе со добра волја.

Во Палермо научив дека политиката може да се обнови дури и во време на структурна криза. Моето време таму беше фундаментална потврда за моите теоретски истражувања. Една од лекциите од Палермо е дека довербата во иднината зависи од нашето образование, нашите идеали и нашиот начин на заедничко живеење, од почитта кон оние кои се различни.

Потоа дојде папата Фрањо, кој уште повеќе нѐ поддржуваше да излегуваме во светот како црква. Притоа не станува збор за нас верниците како единство, од коe другите се исклучени. Убедувањето дека сите луѓе живеат обединети во заедничка куќа - тоа е инкарнација на христијанството во денешната историја. И токму така гласи агендата на Папата: Единството во различноста е токму она што му треба на светот.
Нис: Како може Црквата да помогне во поглед на единството во Европа? Каков совет ќе и дадете на помладата генерација?

Сорге: Црквата мора да обезбеди цемент што ги врзува тулите на куќата, тули што се симболи на љубовта. Верувам дека службата на Црквата во градењето на обединета Европа, обединет свет, не се состои во тоа да му предлага закони на Европскиот парламент. Се работи за тоа да ги сакаме сите и да ги покануваме сите да си помагаат едни на други како браќа и сестри. Дојде време за тоа.
 

Црквата мора да обезбеди цемент што ги врзува тулите на куќата.

Бартоломео Сорге

Има сè повеќе луѓе кои се посветени и сакаат да ги променат работите. Кога граѓанското општество започнува да се движи, ќе започнат и промените. Јас и самиот го доживеав тоа во Палермо: луѓет стануваат. Тоа е знак за надеж.

Човештвото е рационално, и во политичкиот живот има разум. Мислам дека Европа со своето културно наследство старо две илјади години, може да биде клучна сила за глобалното единство, кое продолжува да напредува. Никој не може да ја запре историјата - но може да ја насочи.