Пандемија на корона
ГЛОБАЛИЗАЦИЈА НА СОЛИДАРНОСТА

Времето на кризата може да стане одлучувачкиот час на Европа.
Времето на кризата може да стане одлучувачкиот час на Европа. | Фотографија (детаљ): © Adobe

Справувањето со пандемијата бара многу од нас. Сепак, прашањето е: Колку сме отворени да научиме нешто од тоа – и кои поуки ќе ги извлечеме? Зошто токму земјите-членки на ЕУ би требало да станат Европа на солидарноста.

Што нѐ учи пандемијата на корона? Нѐ учи ли воопшто нешто, или сѐ уште е премногу рано да прашуваме за тоа? Иако вестите за добрите изгледи за успех на вакцините даваат повод за извесна надеж, сепак крајот на пандемијата уште долго не е на повидок. Секоја недела, секој ден ни носи нови сознанија. Не можеме да предвидиме, колкав ќе биде бројот на заразените, заболените и смртните случаи и со кои подоцнежни последици ќе се соочат погодените од корона? Исто така сѐ уште немаме претстава за долгорочните економски, општествени, политички и културни последици од пандемијата. Ние веќе зборуваме за постпандемиско време. Но, што го карактеризира ова време за разлика од времето пред тоа. 

НЕПРАВДИТЕ ДОАЃААТ ПОВЕЌЕ ДО ИЗРАЗ

Додека некои со надеж зборуваат за времето по пандемијата, други се тресат од страв од тоа што би можело да дојде. Сигурно се чини само, дека многу нешта ќе бидат поразлични. Но, колку многу поразлични? Сега, секој обид за толкување сѐ уште се зема со резерва. Политиката оди на сигурно – а исто така и општеството и секој од нас. Не може никако поинаку. 
 
Пандемијата го засега - како што означува поимот позајмен од старогрчкиот јазик -  „целиот народ“. Таа е во денешниот глобален свет настан на човештвото, бидејќи ги засега сите на земјината топка. Како и да е, таа не е големиот „порамнувач“, како што можеме понекогаш да прочитаме. Заразите никогаш не биле тоа. Во времињата на зарази покрај оние, коишто страдале или доживеале мачна смрт, секогаш имало и такви, кои излегувале од кризата неоштетени или дури и профитирале од неа. Во времиња на пандемија се изоструваат разликите помеѓу луѓето, кои произлегуваат од недостаток на правда и го влошуваат животот на многу луѓе, го скратуваат или му нанесуваат болка. Но тоа веќе одамна не е сѐ: некој проблематичен развој кој бил на повидок се забрзува под стреата на заразата. Добрите работи повеќе не се продолжуваат, затоа што е потребна помош негде на друго место или пак недостасуваат сили. Не, вирусот не нѐ прави порамноправни. Напротив, тој прави веќе постоечките нееднаквости уште повеќе да дојдат до израз, уште и ги засилува. Светот во хоризонтот на пандемијата на корона се покажа како уште понерамноправен, уште понечовечки отколку што беше претходно.

ДА СЕ ДЕЈСТВУВА СОЛИДАРНО – И НАДВОР ОД ДРЖАВНИТЕ ГРАНИЦИ

„Нечовечки“ – индикативно е да се размислува за значењето на овој збор. Бидејќи нечовечкото често е длабоко човечко, бидејќи со тоа претежно се мисли на нешто, што му припаѓа на човекот, што е нормално или распространето. Префиксот „un-“ (не-) во овој збор не означува нешто, што фактички не би било човечко или коешто не припаѓа на човекот. На крајот на краиштата, способноста да можеме да летаме од сопствена побуда, не ја нарекуваме „нечовечка“. Напротив, префиксот означува нешто што навистина постои, но не треба. Овој збор има етичка димензија: Луѓето не треба да се однесуваат нечовечки, иако тоа е често пати нешто сосема типично за човечкото однесување.
 
Од оваа причина, нееднаквостите и нечовечностите, кои сега стануваат поочигледни и се интензивираат, можеби покажуваат нешто, што треба да го научиме од пандемијата: дека не треба да постои еден определен начин на меѓучовечки соживот. Секогаш ќе има разлики помеѓу луѓето. Но, тие не смеат да станат толку големи, што притоа ќе го нарушат единството на човештвото. Затоа што, како што покажува големиот збор на „човечко семејство“, сите ние сме сродни едни со други. Но, тоа исто така значи дека сносиме одговорност едни за други и дека треба солидарно да дејствуваме едни со други.
 
На почетокот на пандемијата имаше многу солидарност во помалите заедници – во семејствата, помеѓу соседите, во компаниите. Но она што во најголема мера недостасуваше беше солидарност на меѓународно и глобало ниво. На тој начин европската криза значително се интензивира. Од летото наваму е малку поинаку. Дава надеж тоа што сега политичарите повикуваат на солидарно дејствување и тоа и надвор од границите на Европа. Но самото тоа не гарантира посолидарен свет. Може да се поставуваат многу барања; неопходни се конкретни одлуки и дела – не само на политичко, туку и на општествено и индивидуално ниво. Оние коишто имаат многу, мора да бидат спремни да се откажат од своето богатство. Егзистенцијалната беда треба да се ублажи. Заедно може да се побараат модели на глобален соживот, кој нема да биде само социјален, туку и еколошки и одржлив. Самото солидарно дејствување треба да стане заразно, со обѕир на ширењето на корона-вирусот ширум светот.

да се ЗАпочне денес

Фактот дека вирусот имаше толку разорно дејство во некои земји, се должи на долгорочен недостаток на солидарност и на распространета рамнодушност спрема страдањата и маките на другите луѓе. Зар не треба одново да размислиме за праведноста и основите на нашиот соживот? Зарем не важи, барем таму, каде што тоа е во наша моќ, што е можно поправедно да ги распределиме негативните последици и споредните ефекти од пандемијата? Зарем не ни е потребна поинаква светска здравствена политика? Како во иднина ќе се финансира СЗО, како ќе се поделат вакцините, во колкава мера ќе биде успешна COVAX -иницијативата- светско здружение за развој и дистрибуција на вакцини- како ќе го обликуваме светот по пандемијата и како ќе се справиме со различните последици од пандемијата, ќе покаже, дали ние реагираме на глобализацијата на техниката, економијата и транспортот исто така и со глобализација на солидарноста.
 
Кога ние во Европа сериозно ќе ја сфатиме задачата на солидарноста, ова време на криза може да стане одлучувачкиот час на Европа: слабост, од којашто Европа ќе излезе посилна. Шок, кој одново води до поставување на прашањето за основите на нашиот соживот. Несигурност, која води во продлабочена сигурност за тоа, кои сме ние како Европејци и кои сакаме да бидеме. Во минатиот век, глобалните кризи – како на пр. двете светски војни – доведоа до такво продлабочување на европското. Зошто ова треба да биде поразлично во сегашната криза? Затоа што ако едно е јасно, тоа е фактот, дека ниедна европска национална држава не може сама да се справи со пандемијата и нејзините последици. Ако едно е несомнено, тогаш тоа е сознанието, дека токму европските земји се најтесно поврзани меѓу себе. И ако една работа треба да биде јасна, тогаш тоа е што една Европа, којашто сѐ уште не е способна ниту за внатрешна солидарност, за што во пролетта имаше тажни примери, нема да покаже солидарност ниту кон надвор. Но би била ли тоа сѐ уште Европа – една Европа, што не го зачувува наследството на солидарност ниту внатре ниту кон надвор? Еднаш Европа го откри хоризонтот на универзалното – којшто токму бидејќи е универзален не е европски. Овој хоризонт ни поставува барања. Солидарност со другите, да, со сите луѓе – особено со настраданите, болните, слабите луѓе – и тоа спаѓа тука.
 
Ако ја собереме оваа сила, ќе ја избегнеме ли нечовечноста и ќе станеме ли почовечни? Можеби за неколку години ќе утврдиме, дека ние – индивидуално во нашите семејства и во кругот на пријатели, во клубови, цивилно општествени групи и религиозни здруженија или во различни држави и државни сојузи, како човештво – независно од пријателските, но најпосле не и резервирани зборови- научивме нешто или воопшто ништо не научивме од пандемијата. Дека, со обѕир на состојбите на нечовечност не го слушнавме повикот на она што треба да се направи. Многу говори за тоа, дека ова не е неверојатно. Ние толку многу копнееме по нормалност, што штом се вратиме во извесна рамка на нормалните животни односи, би можеле да ги заборавиме тешките ситуации од пандемијата на корона. Под одредени околности сѐ уште се интензивира нечовечноста на нашиот соживот. Сепак можеби ќе биде сосема различно, толку различно, што не би можеле ни да си го замислиме тоа. Се надеваме дека е така, и ако испадне така, тогаш мораме да започнеме уште денес.