Clean(s)ing Skopje

„Slow culture“ значи да си одвоите време за себе

Уметничкиот пар, составен од звуковниот и изведувачки уметник Холгер Мајк Мертин и фотографката и документаристка Сесилија Мартенс (Си), се запознал во 2022 година за време на едногодишниот престој на Холгер во Кејптаун. Така настанал проектот #twoartistsoneplanet. Заедно патуваат од Јужна Африка, преку Европа до Индија и на својот пат оставаат уметнички траги. Моментално со својот проект се наоѓаат на едномесечен престој во Скопје.
 

Clean(s)ing Skopje © Ceeces Travel
„Clean(s)ing Skopje“ (Прочистување на Скопје) - тоа е насловот на вашиот проект. Што се подразбира под ова? 

Холгер: Проектот е поделен на две фази. Првата фаза е „cleansing“. За нас тоа значи да собираме отпад од улиците на Скопје. Втората фаза е „cleaning“. Тоа е англискиот збор за чистење. За мене, тоа е повеќе менталнo, отколку физички. Локално собраните отпадоци ќе ги трансформираме во креативен материјал за проект, со кој ќе создадеме нешто ново, како на пример, скулптура. Овој процес ќе помогне во разбирањето на нашиот модерен начин на живот, ќе го рефлектираме и, се надевам, ќе најдеме нови начини на живот. 

Што сакате да постигнете со вашиот проект?

Холгер: Да ја подигнеме свеста! Сакаме да ја стимулираме рефлексијата врз себе и нашето општество. Во нашиот проект го користиме само тоа што веќе постои: отпад. За мене нема ништо поодржливо од тоа. Моето уметничко творење треба да формира позитивен утописки простор. Уметноста отвора патишта преку кои луѓето можат да се доживеат себеси на поинаков/нов начин.
Си: Сакаме да ги поврземе луѓето со различно потекло. Да искусиме нешто заедно, тоа создава контакт. Поврзаност, интеракција и разновидност, тоа е најважниот дел на нашиот проект тука.

Што значи за вас „Slow Culture“?

Cи: „Slow Culture“е начинот на кој ги обликуваме нашите животи. Без разлика дали тоа е купување на нашата облека и дали тоа е етички оправдано. Се работи за тоа како патуваме: дали се возиме со авион или претпочитаме автобус или воз. Тоа е начинот на кој се храниме: јадеме вегански и растително. Ние веруваме во „Slow Culture“ и во одвојување време за местата што ги посетуваме. Идејата да се качиме во авион и да го завршиме нашиот проект во Скопје само за еден викенд е токму спротивното од она што го подразбираме под „Slow Culture“. Треба да се обидете да се интегрирате во местата каде што патувате или барем обидете се да научите и да одвоите време. „Slow Culture“ни овозможува да имаме време да застанеме и да се запрашаме: „Што се случува овде?“, „Што можеме да научиме?,“ „Што можеме да пренесеме?“. Тоа е „Slow Culture“ за нас. Холгер, дали би сакал да додадеш уште нешто?

Холгер: „Бавна култура“ значи одвојување време.

Cи: Секако дека сум свеснa за реалноста. Веганството, на пример, е финансиски ексклузивно, особено во мојата родна земја, Јужна Африка. Ние не ја сакаме оваа ексклузивност. Не требa да e поскапо да се земе автобус од авион. Дури и на нашето патување беше поскапо патувањето на копно отколку летањето. Целиот систем мора да се промени. Сепак, не можеме за сѐ да ја обвиниме политиката, бидејќи секој од нас е дел од системот. Се надевам дека нашата работа ќе ги инспирира луѓето да размислат што можат да направат и променат. Да се види кои се можностите.

Holger Maik Martin ©Ceeces Travel Холгер Маик Мертин е германски уметник за изведба на звук и движење и обучен перкусионист со фокус на одржливост, заштита на животната средина и општествени промени. Соработувал со разни уметнички институти, на пример, германскиот културен совет, Гете-институтот и индустријата за изведувачки уметности. Неговите патувања го однеле низ Германија, мароканските планини Атлас, Франција, Финска, Белгија, Косово, Турција, Грција, Бугарија, Намибија и Африка.















Cee (Cecilia Martens) © Ceeces Travel Си (Сесилија Мартенс) е фотографка, режисерка и патописец родена во Јужна Африка. Има освојувано награди во областа на патувањето, туризмот, одржливоста и медиумите. Таа низ годините работела на многу кампањи и проекти во споменатите бранши. Претходно, две децении работела во угостителството, на манифестации и како волонтерка. Потоа основала своја компанија и го променила она што го известува, споделува и создава. Cи сега се фокусира на фотографијата, филмот и документацијата како нејзини креативни алатки. Преку своите патувања, таа може да ја покаже реалноста на патувањето, одржливоста, културната разновидност, менталното здравје при патување, искуството како патник црнец, социјалните прашања и својата вистинска љубов кон луѓето и човечките врски.