Современи (не)демократии

Современи (не)демократии

Современи (не)демократии

Фестивалот за современи уметности АКТО веќе 15 години активно му се спротивставуваше на еден силен политички бран на уривање на јавното и заедничкото.

Впрочем, светската пандемија на коронавирусот не само што го истакна насилното деполитизирање на културата и го посочи коруптивниот дух кој цело време ја разнишува нејзината фрагилна природа, туку и создаде простор за рефлексија на залудните напори, пропаднатите желби и можните разочарувања на цел еден свет од културни работници. Културата е фрагментирана, девалвирана, во обид за нејзина елитизација. А, таа не се произведува половично. За културата и уметноста треба егалитарен систем, кој ќе дава еднакви можности за сите и компетитивниот индивидуалистички принцип кон градење на културата треба да се промени од корен.

И тоа е една од низата современи недемократии кои се широко прифатени кај нас. Недемократиите демнат од секој ќош. Чекаат да се појави шанса за веднаш да ги разнишаат столбовите на она што е градено осмилено, стратешки и со многу труд. Дали тоа се јавните простори, платформите за дискусија кои ја оневозможуваат аргументираноста, културата и уметноста, па сѐ до начините на кои функционираат институциите, овие недемократии претворени во лични апетити на отуѓување и збогатување го јадат сето она што е наше.

Оттаму, АКТО во 2021 година отвора двогодишна тема „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација и отуѓување, кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото. АКТО ја испитува оваа тема преку примерот на плоштадот како репрезент на современите недемокрациски процеси, кој наместо да биде арена каде што се слуша агонистичка дискусија, на создавање политички субјективитети, тој повеќе стана место на набљудување, на пасивност и молк отколку на јавност или на живот на улица.
АКТО ги вложува своите ресурси во продукција на општествено сензитивни дела за јавен простор, повеќе отколку во дела со репрезентативна функција, и со тоа се позиционира како контрапункт на доминантната парадигма на фестивализација на културата.
Користејќи го пристапот на критичко-уметничкиот поглед кон реалноста, а не репрезентативниот, АКТО задира подлабоко во едукативната страна на уметноста. Па така во ова издание АКТО работи со студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје со кој ФР~У има официјален меморандум за соработка, како и со студенти на Архитектонскиот факултет во Скопје и со Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Заедничката работа на студентите по различните уметности креира и една интердисциплинарна лабораторија,која има и свое јавно претставување во неколку наврати.
Во оваа насока на креирање на интердисциплинарна лабораторија која ќе продуцира ново знаење и јавна програма во рамки на програмата на овогодинешниот АКТО  и која ќе вклучува млади уметници и студенти во активно создавање на современа култура и уметност, е  дел од годинешната соработка во Гете институт – Скопје. Размената на знаења и искуства со германски автори во рамки на програмата на АКТО ќе придонесе за интернационализирање на програмата на фестивалот но и локална поддршка на културниот сектор во државата.
Во рамки на оваа соработка на АКТО со Гете институтот ќе имаме гостување на две организации кои на различен интердисциплинарен пристап ја обработуваат темата на уметноста во и со јавниот простор.

Слушна реакција на архитектурата: Работилница со  Оле Фрам / Торстен Михаелсен (ЛИГНА колектив од Хамбург) 11-14.11.2021.
Простор за работа: Архитектонски факултет Скопје и јавен простор

Краток опис:

Во својот есеј „Уметничкото дело во добата на неговата механичка репродуктибилност“, Валтер Бенјамин славно изјавува дека архитектурата ја доживуваме не само визуелно туку пред сè преку „тактилна рецепција“ што се „совладува преку навика“. Тоа не се постигнува со обмисленост, туку со обземеност. Но, во критичкото издание (Werke und Nachlass) на текстот на Бенјамин променет е еден збор, односно стои „taktische Rezeption“ („тактичка рецепција“) наместо „тактилна“. Оваа мала промена би можела да даде призвук на активност на рецепцијата на зградите и урбаните пејзажи, која во добро познатата верзија на реченицата се појавува како релативно пасивна операција: можеби сè уште ми доминираат стратегиите на архитектурата, кои ги следам по навика, но сега барем би можело да стекнам тактички однос кон тоа.
Од оваа појдовна точка работилницата сака да ѝ пристапи на архитектурата, а особено на уникатниот внатрешен дел на градот Скопје со своите градби налик сцена. Бруталистичката архитектура беше изградена за да ги обземе своите гледачи и корисници, но истовремено и да ги повика да погледнат во иднината во која се чинеше дека сè е возможно, а човештвото може дури и да ги надмине законите на природата. Какви навики, каква тактилна, каква тактичка – т.е. дистанцирана, критичка, перформативна – рецепција би била соодветна или би можела да го промени односот кон овие градби? За да ги најдеме можните одговори, предлагаме во работилницата да се произведат аудио записи кои ги повикуваат слушателите да се постават себе си во однос на градбите – не само да го искусат начинот на кој архитектурата дава моќ и ги пренесува нивните пораки. Целта би можела да биде да се воспостават нови тактички навики во односот со градбите и – посегнувајќи и кон звучната димензија – да се претвори рецепцијата на архитектурата во уште поголемо мултисензорно доживување.
За работилницата ќе се користи онлајн аудио мапата radio aporee, преку која резултатите се лесно достапни за секој корисник на смартфон во градот. 

14.11.2021 (13:00 - 14:00)
Слушна реакција на архитектурата: јавна презентација на неколкудневната работилница со студентите од факултетот за драмски уметности, студентите од архитектоснки факултет и студенти од ликовна академија. 
Простор за изведба: јавен простор

Изгубени модернистички утопии?
Работилница и јавно предавање со Миодраг Куч (ZK/U (Центар за уметност и урбанизам) во Берлин).
Работилницата ќе се оддржува во периодот: 30.11.2021 - 4.12.2021
Јавно предавање: 1.12.2021

Неодамнешната популаризација на и интерес за (социјалистичкото) модернистичко наследство внесе различни позиции и политички (ре-)изјави. Од една страна, архитектите и визуелните уметници често ја фетишизираат неговата естетика (особено бруталистичката архитектура), додека пак од друга страна, урбаниот развој заснован на недвижности се обидува да се ослободи од реликтите на несаканото минато. Помеѓу таквите радикални позиции, државата/градот нема соодветна валоризација кога станува збор за модернистичкото наследство, заробено во секојдневната политика и одржувањето на урбаните инфраструктури кои се распаѓаат.
Работилницата „Изгубени модернистички утопии?“ ги става граѓанското општество и населбите во центарот на дискусијата, проширувајќи ги значењата и функциите на Месната заедница под чија закрила може да се формираат, дискутираат и испробуваат иновативни идеи за наследството. За време на работилницата ќе размислуваме за имагинарни собранија и политичка култура која не е центрирана на човекот, ќе ги контекстуализираме нашите заклучоци и ќе ги вклучиме локалните чинители, но и ќе воведеме уметнички алатки за трансформација.

Целта на работилницата е да се деконструираат традиционалните пристапи кон наследството („заштита“, конзервација, заживување, семиотички прекин итн.), да се сензитивизира учесниците за враќање на политичкиот простор и конечно да се даде перформативна повелба за урбана трансформација.