За зборовите! – Јазична колумна
Да потпевнувате, без притоа да го знаете текстот
За што тие всушност пејат? Томас Бем признава дека во поп песните не го разбира секој збор. Кога ќе го праша интернетот за што се работи, понекогаш прилично се вознемирува. А понекогаш е среќен за придобивката од поетските зборови.
Откако започнав навистина интензивно да слуша музика, не ја разбирам. Се сеќавам кога како тринаесетгодишник танцував во кујна на песната The Love Cats од групата The Cure – или се обидував да танцувам. Оние кои го познаваат комплицираниот ритам на песната знаат што миислам. Воопшто немав поим, за што всушност се зборува во песната. Секако: за мачки, за „недостасување“(miss you) и за бакнежи (kiss you), значи за срце и болка, а многу повеќе од тоа во тоа врме и не сакав. До ден денес не го знам целиот текст на песната и неговото значење. И одолевам и во овој момент на искушението да побарам информации на интернет.
Моето досегашно незнаење ќе си го задржев за себе, доколку неодамна не го прочитав романот Blackbird од Матиас Брант, еден од најдобрите и најпознатите германски актери на денешницата и син на Вили Брант, кој од 1969 до 1974 година беше сојузен канцелар. Насловот на романот потекнува од една песна на групата Beatles. Матиас Брант во едно интервју соопштил дека како млад не го разбирал текстот многу. Тој не знаел дека „blackbird“ (кос) во песните на Пол Макартни симболично претрставува американска жена, „person of colour“ која е изложена на секојдневна дискриминација.
Добро слушнете
Матиас Брант и јас сме дел од една генерација која израсна пред глобализацијата, во време кога владеењето друг јазик беше „cool“ или доказ за образование, но не и нужност. По потреба, вината им се префрлаше на лошите наставници кои не успеале да ни побудат интерес за странски јазик.Неодамна го приметив мошне големиот репертоар на песни кои моите две ќерки, на кои им благодарам за многуте сознанија за јазикот, умеат да ги пејат, па дури и да ги рапуваат. И тоа, како што ми изгледаше, без вообичаените „мондегрини", т.е. феноменот на погрешно слушање стихови од песни од типот: „The ants are my friends, they're blowin' in the wind!“ наместо „The answer my friends, is blowing in the wind“, притоа сакајќи правилно да го цитирам Боб Дилан, носителот на Нобеловата награда за литература.
Распеаните ќерки на возраст од десет и четиринаесет години, ја изведоа на пр. песната со наивен наслов Rockstar на пејач наречен Пост Малоне, така што јас ги пребарав стиховите на интернет. И автоматски остарев за 100 години и посакав да се послужам со најцрната педагогија и на децата со закана од казни да им забранам да го слушаат овој вид нехумана и шовинистичка музика. Потоа размислив подобро и посегнав по методот на просветлувачки дијалог и само запрашав: Разбирате ли, всушност, што пеете?“
Зад зборовите
Кога сам ќе си го поставам прашањето, тоа одеднаш зазема огромна димензија. Дали јазикот, кој јас го зборувам, не е како песна, која цел живот си ја потпевнувам, без притоа да го знам текстот? Без да размислувам што се крие зад одделните зборови? Така што најпрво мора да дојдат други луѓе и да ми укажат на тоа: „Дали всушност разбираш, каква е резонанцата, кога зборуваш за „црнци„ или „обоени“ или за „раса“?“ Тогаш имам избор: дали ќе се чувствувам како тинејџер кој треба некој да го подучи? Кој потоа ќе инсистира на својата невиност и ќе замери дека сите тоа би го направиле. Што има во тоа погрешно? Или пак ќе почнам да размислувам...Вчера го побарав текстот на две песни кои во последно време многу ги слушам. Бев зачуден, што сè досега не сум разбирал. Колку многу поезија, загадочност, колку многу зборови кои досега ми биле непознати. Сите ги побарав во речник. И морам да кажам: Сега многу повеќе сакам да потпевнувам.