ДЕСЕТ ГОДИНИ PASCH
Тајната формула на Гете

2.000 училишта, 600.000 ученици и една мрежа што се шири: иницијативата PASCH полни 10 години. Доволна причина Гете-институт и неговите партнери да слават и да дадат осврт на успешната приказна.
 

Јоханес Еберт е малку возбуден кога се качува на подиумот. Не, не поради својот говор. Тоа претставува рутина за генералниот секретар на Гете-институт. Туку затоа што вети дека потоа ќе извози круг со PASCH-мобилот, раскажува Еберт. А самиот тој, како што вели, има трема од возењето на минибусот. 

Но, најпрво, во салата „Хилмар Хофман“ која се наоѓа во централата на Гете-институт во Минхен, на славеникот треба да му се дадат сите почести. Тој полни десет години. Се вика PASCH. Или со полно име: „Училишта, партнери на иднината“. Министерството за надворешни работи на Германија ја започна иницијативата во 2008 г. Целта: да се создаде мрежа од партнерски училишта ширум светот, кои посебно ќе ја стимулираат наставата по германски јазик и кои ќе пренесуваат слика од модерна Германија. Гете-институт и неговите партнери, Централната служба за образование во странство, Германската служба за академска размена и Педагошката служба за размена на Секреаријатот на Конференцијата на министрите за култура беа особено успешни во оваа мисија.



10 години PASCH- старт на RASCH-мобилот

За да се направи овој успех попрегледен, сега може да се кажат и неколку впечатливи бројки: моментално, во PASCH-мрежата припаѓаат 2.000 училишта од кои за 600 училишта во 120 различни земји се грижи Гете-институт. Вкупно 600.000 ученици учат германски јазик во партнерските училишта, а тоа е пет проценти од вкупниот број изучувачи на германски јазик во целиот свет.
Збор може да им се даде и на оние што успехот го доживеаја непосредно. Некои од нив и лично дојдоа во Минхен ова петочно претпладне за да честитаат. На пример, Ахжок Пандеи, директорот на интернационалното училиште „Ахлон“ во Индија. Училиштето е едно од првите партнерски училишта воопшто. Пандеи се сеќава како се започна пред десет години, а тоа е со 20 ученици што учеа германски јазик и еден наставник со половина работно време. Денес има 600 ученици и тројца наставници со полно работно време. А запрепастувачки е колку течно учениците зборуваат германски јазик по само три години настава. Директорот на училиштето има една теорија во врска со тоа: Гете-институт мора да располага со тајна формула за учење јазик, смета тој.
 
 „СВЕТИЛНИЦИ НА ПОЛЕТО НА ОБРАЗОВАНИЕТО“

„На овие ученици потоа светот им е отворен“, вели Пандеи. Четворица од неговите некогашни штитеници во моментов студираат во Германија. Мегна Среда е една од нив и таа, исто така, дојде денес. Младата дама одлично зборува германски јазик и студира информатика на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. „Без PASCH-мрежата немаше да бидам на студии во Германија“, вели таа. Кога зборува за своите PASCH-искуства, тоа звучи како да е повеќе од само добра настава по германски јазик: Во училницата откривме и една нова култура.

Можност за размена: PASCH-алумни на прославата на јубилејот | фото: Кордула Флегел

Можност за размена: PASCH-алумни на прославата на јубилејот | фото: Кордула Флегел
 
И генералниот секретар Еберт има сосема лични сеќавања за почетоците на PASCH. Во тоа време тој сè уште бил раководител на регионот Источна Европа /Централна Азија на Гете-институт и присуствувал во Новосибирск на отворањето на едно од првите PASCH-училишта, на минус 30 степени. Но, за разлика од надвор, во училиштето веднаш го облеало топлина и воодушевување. Можеби тоа е тајната формула.
Еберт е во целост задоволен. „PASCH е успешна приказна, за која многу партнери го имаат дадено својот придонес“, вели тој. „Училиштата станаа вистински светилници на меѓународното поле на образованието“.
 
Потоа, очигледно, му причинува особено задоволство кога седнува во PASCH-мобилот и го вози околу блокот, свирејќи гласно со сирената. „Следна станица: Бон“, стои на натписот на ветробранското стакло. До крајот на годината, минибусот ќе сопре во 30 градови и ќе ја претстави иницијативата, како вовед во следните десет години. Кој сака виртуелно да патува: Повелете, качете се!