Младите учат различно Поврзаноста со Германија е одлучувачка

Младите учат различно
Младите учат различно | Фото (исечок): © Goethe-Institut/Daniel Seiffert

Ако младите имаат пријатели од Германија, ако во училиште учат многу за Германија и ако во наставата често слушаат германска музика или гледаат германски филмови, мотивацијата за учење германски јазик се зголемува. Придонес кон тоа има и желбата за студирање или работа во Германија. Тоа го покажува новата студија на Гете-институт.

Во денешно време е незамислива настава по странски јазици без содржини за општеството и културата. Оној што денес учи странски јазик дознава многу за луѓето и за земјата или земјите во кои се зборува овој јазик. Зашто јазикот како комуникациско средство не може да се пренесе и научи без поврзаност со општеството во кое живеат говорителите на овој јазик (види Heyd, 1991, 47). Содржините за културата не само што будат интерес кај учениците и ја поттикнуваат меѓукултурната компетенција, туку се користат во наставата и за да се зголеми мотивацијата на учениците (види Bettermann, 2010, 1455; Huneke & Steinig, 2002, 67).

Студија за мотивацијата за учење кај младите

Во новата студија на Гете-Институт за мотивацијата на младите за предметот германски јазик беше испитувана и улогата на информациите за општеството и културата во наставата по германски јазик и нејзиното влијание на љубовта кон предметот (види. Salomo, in Vorb.). Студијата кажува дека над половина од наставниците по германски јазик сметаат дека е тешко да се предава на млади личности. Како посебен предизвик наставниците го доживуваат недостигот на мотивација на нивните ученици.

Информациите за општеството и културата ја зголемуваат мотивацијата

Речиси сите од анкетираните наставници сметаат дека е важно, покрај за германскиот јазик, да се пренесуваат и информации за општеството и културата. Тоа, секако, не значи дека е неопходно овие содржини често да се обработуваат во наставата. Според проценката на анкетираните ученици, една третина од нив многу малку или воопшто ништо не учат за Германија. Три четвртини посакуваат во наставата повеќе да учат за Германија.
Студијата, исто така, потврдува колку има смисла да се сфати сериозно желбата на учениците: со зголемување на делот за германското општество и култура се зголемува ентузијазмот кај младите за предметот германски јазик (види ја сликата).

Сликата јасно го прикажува силниот заемен однос меѓу осознавањето на општеството и културата во наставата („Дали во наставата по германски јазик учиш многу за Германија?“) и омиленоста на предметот германски јазик („Дали го сакаш германскиот јазик како училиштен предмет?).

Музиката и филмот ја поттикнуваат мотивацијата за учење

Музиката во наставата ја зголемува мотивацијата Музиката во наставата ја зголемува мотивацијата | © Goethe-Institut/Sonja Tobias Музиката и филмовите во наставата помагаат при процесот на учење и кај младите ја поттикнуваат мотивацијата за учење германски јазик. Студијата покажува дека колку повеќе се користи музика и филмови во наставата, толку повеќе учениците ја сакаат наставата по германски јазик. Овие два медиуми и во слободното време кај младите играат важна улога: 92 % од нив со задоволство слушаат музика, а 86 % сакаат да гледаат филмови. Од таа причина, нивната употреба во наставата наидува на многу големо одобрување. Покрај тоа, музиката и филмовите секогаш пренесуваат општествено-културни содржини, а тоа е уште една причина за тоа што се омилени.
За споредба, употребата на интернет во наставата не придонесува за тоа учениците повеќе да ја сакаат наставата по германски јазик, иако 89 % од младите во своето слободно време сурфаат на интернет. Самата употреба на интернетот не дава по секоја цена позитивен ефект, Важно е употребата на интернетот во наставата да има цел за да може да нуди „медиумско-дидактичка додатна вредност“ (види Mayrberger). Интернетот често се употребува во наставата без некаква поврзаност со Германија (на пр. за учење зборови) или со некоја општа истражувачка цел. Напротив, германската музика и филмови сами по себе воспоставуваат врска со општеството и културата.

Пријатели од Германија имаат позитивно влијание

Пријатели или познаници од Германија ја поттикнуваат желбата за учење германски јазик. Оние ученици кои во студијата навеле дека имааат пријатели или познаници од Германија повеќе ја сакаат наставата по германски јазик.

Училишна размена меѓу американски и германски младинци Училишна размена меѓу американски и германски младинци | © Goethe-Institut/Daniel Seiffert За време на младоста, интересот за врсниците е голем, а паралелно со тоа и потребата да се комуницира со другарите. Без сомнение, тоа е причината поради која младите кои имаат пријатели во Германија повеќе се заинтересирани за наставата по германски јазик. Тоа, секако, не е единствената причина, пред сè, бидејќи младите го користат англискиот јазик како „лингва франка“. Младите се многу помотивирани да изучуваат странски јазик ако можат да го употребуваат во автентични ситуации. Освен тоа, личните контакти со говорители од една култура придонесуваат за отстранување на негативните предрасуди. А тоа, секако, е видливо и во однос на мотивацијата за учење.

Плановите за иднина во Германија ја зголемуваат мотивацијата

Возрасните, по правило, учат за да постигнат одредени цели, што се најчесто поврзани со професијата, и наученото да го применат непосредно. Децата и младите, пак, стекнуваат знаења и вештини што ќе им користат во понатамошен момент од животот (види Schaie & Willis, 2000).  Затоа, младите ученици не се секогаш свесни за значењето на познавањето на германскиот јазик. Добата на младоста, покрај тоа, се карактеризира со интензивна потрага по ориентирање и давање смисла во животот (види Hurrelmann, 2010). Од таа причина, младите често се прашуваат за смислата (или бесмисленоста) во врска со учењето германски јазик.

Ако младите поврзуваат конкретни цели со учењето германски јазик, макар биле и подоцнежни, интересот за наставата по германски јазик е значително поголем. Студијата покажува: мотивацијата за германскиот јазик расте паралелно со сè поголемата желба на учениците за студии или работа во Германија.

Што може да земат предвид во наставата наставниците по германски јазик?

Наставниците може да ја зголемат желбата за учење германски јазик кај своите ученици ако:

  • во наставата почесто обработуваат општествено-културни содржини, а тоа особено важи за германската музика и филмови,
  • поттикнуваат контакт со ученици кои зборуваат германски јазик, на пр. преку имејл-контакти со одделенија од Германија, размена на ученици и сл.
  • учениците ги запознаат со можностите кои се поврзуваат со учење германски јазик, на пр. студирање или работа во земја од германско јазично подрачје.

„Што да се прави со... немотивирани младинци?“ (Youtube.com)

Заднина

Повеќе од една година Дороте Саломо по налог на Гете-институт била во повеќе средни училишта ширум светот, со цел да ја испитува мотивацијата за учење на младите за предметот германски јазик. Во рамките на оваа студија, таа со помош на прашалник испитала повеќе од 4000 ученици, како и 500 наставници по германски јазик. Учесниците потекнувале од следниве земји: Египет, Босна и Херцеговина, Бразил, Кина, Франција, Индија, Индонезија, Италија, Камерун, Мексико, Холандија, Полска, Русија, Шпанија, Чешка, Турција и САД.

Користена литература

Bettermann, Rainer: Sprachbezogene Landeskunde. In Hans-Jürgen Krumm / Christian Fandrych / Britta Hufeisen / Claudia Riemer (Hrsg.): Deutsch als Fremd- und Zweitsprache. Ein internationales Handbuch. De Gruyter Mouton, 2010.
 
Heyd, Gertraude: Deutsch lehren: Grundwissen für den Unterricht in Deutsch als Fremdsprache. Diesterweg, 1991.
 
Huneke, Hans-Werner & Steinig, Wolfgang (Hrsg.): Deutsch als Fremdsprache. Eine Einführung. Erich Schmidt Verlag, 2002.
 
Hurrelmann, Klaus: Lebensphase Jugend. Eine Einführung in die sozialwissenschaftliche Jugendforschung. (10. Auflage) Juventa, 2010.
 
Mayrberger, Kerstin: Digital, mobil und vernetzt.Magazin Sprache, Goethe-Institut, Juli 2014.
 
Salomo, Dorothé: Deutschland, Deutschlernen und Deutschunterricht aus der Sicht von Jugendlichen und Lehrkräften in verschiedenen Ländern weltweit. Eine empirische Studie. Goethe-Institut 2014.
 
Schaie, K. Warner & Willis, Sherry L.: A stage theory model of adult cognitive development revisited. In Robert L. Rubenstein et al. (Hrsg.): The many dimensions of aging: Essays in honor of M. Powell Lawton. Springer, 2000.