Германски јазик за деца Филмови во наставата – повеќе забава при учењето јазици

Децата сакаат филмови
Децата сакаат филмови | © goodluz – Fotolia.com

Децата сакаат филмови. Во наставата тие нудат промена и забава, а го поттикнуваат и процесот на учење. На што треба да внимаваат наставниците при употреба на филмови во наставата? Неколку совети и практични примери.

Децата не го изучуваат мајчиниот јазик и другите јазици толку лесно и брзо како што се мисли. Тоа е долготраен процес кој има потреба од добро промислен методско-дидактички пристап. Раната настава по странски јазици мора да нуди услови за учење што ќе ги имаат предвид сите развојни промени, како од јазичен, социјален, емоционален, когнитивен, така и од моторен аспект. Во денешно време, сè помали деца се под влијание на медиумите и се многу визуелно ориентирани, „тие не сакаат само да слушаат и зборуваат, тие сакаат слушнатото и да го видат“ (Rück 2004: 204). Филмовите во раната настава по странски јазици се многу погодни за таа цел.

Добри причини

Новите медиуми се нешто посебно за децата. Така, еден филм со активностите што следуваат по него може да придонесе да се избегне едноличноста во наставата. Мотивацијата кај малите изучувачи на јазикот се зголемува и (повторно) може да се разбуди интерес и желба за новиот јазик и култура. Филмот и разновидните активности оневозможуваат брзо губење на концентрацијата.
Содржината на филмовите многу придонесува во процесот на учење на когнитивно поле: децата се сретнуваат со возбудливи и интересни теми, се пренесуваат содржините за земјата и се воведува или утврдува новиот вокабулар. При гледање филм истовремено се стимулираат повеќе сетила. Од тоа најмногу профитираат децата со послаби резултати. Поврзаноста на тонот и сликата го олеснува разбирањето. Вокабуларот често може да се разбере од контекстот, што го прави излишно користењето на мајчиниот јазик.
Децата и самите може да прават филмови. Цртаат слики за соодветниот вокабулар, измислуваат мали приказни кои потоа може да ги снимаат со мобилен телефон. Така ги собираат првите искуства во продукција на сопствени кратки филмови, кои, на пример, преку YouTube може да се стават во мрежа.

Насоки за користење филмови

Филмовите во никој случај не се цел самите за себе, туку тие треба да го поддржуваат процесот на учење, да нудат забава и да го збогатат учењето (Widlok 2014:45). Заедничкото гледање треба да даде поттик за изучување на јазикот и да го поттикне говорењето. Затоа, филмовите не треба да ги преоптоваруваат учениците ниту јазично, ниту когнитивно. Покрај тоа, наставникот треба да ја познава содржината на филмот и кога е потребно, однапред да направи вовед со посебни активности за да го олесни разбирањето.

Како дополнителни задачи и вежби потребно е за сите деца и за сите типови учење да има по нешто: невербални активности, како на пример, илустрирање на некоја сцена, диктат со цртање или игра со пантомима, но и јазични задачи како погодување зборови или правење асоцијации. За децата што многу сакаат да зборуваат погодни се едноставни игри по улоги, во кои новонаученото го применуваат во јазичен комуникативен контекст. Притоа содржините мора да бидат релевантни за децата и тесно поврзани со нивните лични искуства. Едноставните содржини познати од секојдневието им ја поттикнуваат на малите деца желбата за зборување.

Правилото е: помалку е повеќе. Треба да се има предвид дека концентрацијата на оваа возраст е многу краткотрајна. Дури и филм што трае од три до пет минути со вежби, кои нудат можност за  креативни активности низ игра, може многу да придонесе за процесот на учење странски јазици.

Материјали за наставата

Од омилената „Серија со слонот“ Гете-институт направи избор од кратки филмови. На вкупно три ДВД-ја се наоѓаат многубројни цртани и филмови за природата на јазично ниво од А1 до Б1. Филмовите се особено погодни за раното изучување странски јазици во основното образование.

Буквата „B“ како „Burg“ и „Blume“

Три кратки филма од „Серија со слонот“ за буквите B, D и F ви стојат на располагање за да ги преземете. По примерот на морфемата D ќе видите дека филмот може да го употребите во наставата. Ќе најдете примери и за посложени задачи. За двата други филма можете на учениците да им дадете сами да продуцираат филмови. Ви посакуваме многу забава.