Манифест „Ставот е битен“ "Ние доживуваме брутализација на јазикот"

Зошто е потребен апелот „Ставот е битен“?
Зошто е потребен апелот „Ставот е битен“? | Фото (исечок): © BLLV

Навреди во училишниот двор, говор на омраза за време на одморите: Симоне Флајшман, претседател на Баварското здружение на наставници, опоменува на агресивниот начин на обраќање – и својот апел го насочува кон колегите, родителите, новинарите и политичарите. Бидејќи: „Децата учат според модел на однесување“.

Г-ѓа Флајшман, Баварското здружение на наставници во летото 2016 го издаде Манифестот „Ставот е битен“. Во него опоменувате за раздор на општеството, пред сè, преку деснопопулистите и десноекстремистите и се вртите против сè поголемата агресивност во јазикот и во однесувањето. Зошто беше потребен ваков Манифест?

Постојат повеќе причини: во функција на претседател на Баварското здружение на професори бев гостинка на првото читање на Законот за интеграција во Баварското покраинско собрание и доживеав колку беше агресивна атмосферата, како и дека претседателката на покраинското собрание неколкупати мораше да ги повика на ред и мир пратениците што учествуваа на дебатата. Потоа, сè повеќе колешки и колеги соопштија дека се вербално нападнати кога во каква било форма се ангажираат во работа за бегалците. Понатамошна причина беа и засилените жалби од родителите, кои се плашеле дека на нивните деца помалку ќе им се обрнува внимание затоа што за децата-бегалци се отвориле курсеви по германски јазик.

Значајна појдовна точка за Вашиот апел се општествените дискусии за бегалците кои често се водат од две сосема спротивни гледишта. Што набљудуваат наставниците при оваа тема?

Симоне Флајшман, од 2015 г. Претседател на баварското здружение на наставници со околу 61.000 членови. Фото (исечок): © BLLV Симоне Флајшман, од 2015 г. Претседател на баварското здружение на наставници со околу 61.000 членови. Фото (исечок): © BLLV | Фото (исечок): © BLLV Училиштето е огледало на општеството. Некои политичари се дрзнуваат во изборот на зборови како за бегалците и оваа политичко-агресивна дебата се пренесува преку медиумите во домовите. Колку поостро се води политичка расправа, исто и вербална, толку посилно се вгнездува одбивноста во главите на населението и толку побезобѕирно се изјаснуваат луѓето. Тоа може да се почувствува и во училиштата. Таму се извикува „проклети странци“, таму се дискриминираат малцинствата. Ние доживуваме брутализација на јазикот која води дотаму што децата повеќе не можат да ги почувствуваат демократските процеси.

Каде ја гледате причината за овој оваа појава?

Децата учат според модел на однесување. Ако забележат дека возрасните со пцости реагираат на конфликти, тогаш тие тоа го преземаат. Особено кај децата и младите, начинот на размислување мошне брзо се преточува во дела. Затоа опоменуваме: сакаме да избегнеме растење генерација, која ги повредува другите не само со агресивни зборови, туку и со агресивни дела.

Манифестот завршува со повик да се покаже став за космополитско општество и заемен однос со почит. Што значи ова конкретно?

Ако некој ученик во аулата извика „проклети странци“, јас како наставник морам веднаш да отидам кај него и со јасно држење на телото и со јасен говор да дадам до знаење: „Не така!“ И на тој начин повторно ќе служам како пример: да не се свикува како реакција на исказот на ученикот или ученичката, туку преку личен разговор да се дознае што се крие зад тоа. Конкретно, ние посакуваме во секојдневието наставниците во училиштата да интервенираат и да забранат навреди – во наставата, на одморот, во училишниот двор, но исто и на родителските состаноци. Да ги принудат учениците да се однесуваат фер еден со друг и никого да не дискриминираат. Наша цел, исто така, е овој Манифест да доживее голема поддршка во општеството. Ги повикуваме сите да соберат храброст и во тешки ситуации да се исправат и да речат „Стоп!“.

Кому му е особено потребна помош во „покажувањето став“: на учениците, наставниците, родителите, новинарите или на политичарите?

Тоа е предизвик на целото општество и сите сме повикани. Ние заедно мораме да покажеме став – дали на маса, во училиште, во медиумите. Со каков тон е напишана некоја статија? Што ќе се случи ако едниот го дискредитира другиот? Што вели наставничката во училиште? Како зборуваат луѓето во месарница за бегалците од соседството? Во вакви ситуации сите мораме да бидеме внимателни и да се вмешаме.

Како треба да придонесе политиката за подобра комуникација – гледано од разумен избор на зборови?

Некои политичари сосема свесно го поттикнуваат народот еден против друг. Нив сигурно нема да ги придобиеме со нашиот Манифест. Потребен ни е поголем простор за демократско граѓанство во училиштата. Наставниот план не смее едноставно да се помине само формално, туку ние мораме сега да реагираме за општествени промени. Мораме да најдеме време да разговараме со учениците за тоа како функционираат демократските процеси. Како доаѓаме до одлука? Како постапуваме со другите мислења и гледишта? Дали еден на друг си подвикуваме или се сослушуваме и преговараме. Ние мора на учениците истовремено да им бидеме и модел и да ги оставиме да дознаат што значи демократска расправија.

Какви се, според Вас, шансите за соживот во училиштата и во општество во кои владее почит?

Со Манифестот сакаме да посочиме на болна точка и да се обидеме да ги поддржиме луѓето, за да се охрабрат да покажат став. Станав педагог бидејќи отсекогаш бев убедена дека токму со децата и младите може да се вежбаат позитивни начини на однесување, да се разговара и живее. Сите училишта имаат задача. Да образуваат и воспитуваат. Интеграцијата, инклузијата и дигитализирањето се трите големи предизвици за училиштата. Ние, наставниците, даваме голем придонес во справувањето со овие задачи и јас сум оптимист дека и во иднина ќе успееме во тоа.