Училиштен натпревар
Учење на германската култура за дебатирање

Младите најчесто сами одлучуваат за што сакаат да дебатираат
Слика (исечок): © Jugend debattiert/Hertie-Stiftung

Училишниот натпревар „Младината дебатира“ може да биде придобивка не само за младите од Германија, туку и за оние што го изучуваат германскиот како странски или како втор јазик. Пилот-проектот од Берлин треба да премине во сите подготвителни класови и во класовите за добредојде (специјални класови за ученици-доселеници) во цела Германија.
 

Училишниот натпревар „Младината дебатира“ може да биде придобивка не само за младите од Германија, туку и за оние што го изучуваат германскиот како странски или како втор јазик. Пилот-проектот од Берлин треба да премине во сите подготвителни класови и во класовите за добредојде (специјални класови за ученици-доселеници) во цела Германија.

Дали секој училиштен ден треба да започнува со час по германски јазик? Дали користењето на јавниот превоз во Берлин треба да е бесплатно? Вакви прашања се тема на натпреварот Младината дебатира, кој се одржува од 2001 година наваму под покровителство на германскиот претседател и кој е наменет за младите од средните училишта. Со соодветна обука наставниците се здобиваат со материјали со кои учениците ќе научат на дебати да убедуваат со фактичко аргументирање. Најдобрите учесници во дебата од едно училиште ќе имаат можност да учествуваат на регионални, покраински и сојузни натпревари.

Учениците по германски јазик дебатираат во земјата и во странство

Искуствата од странство и пилот-проектот во класови од Берлин покажуваат дека форматот не функционира само кај мајчини говорители. Под името Младината дебатира меѓународно натпреварот се одржува од 2004/2005 година во десет земји во Средна и Источна Европа. Покрај нив, исто така и Кина, Шпанија и Португалија, како и шест земји од Јужна Америка организираат натпревари во дебата за учениците по германски јазик. Околу 150 ученици од дванаесет групи ученици по јазик од девет училишта во Германија имаа можност во пролетта 2016 да го пробаат форматот и да учествуваат на градски натпревар едни против други.

За разлика од учесниците на кои германскиот им е мајчин јазик, оние кои го изучуваат германскиот како втор или како странски јазик, во подготвителната настава учат не само како да најдат аргументи и да ги структурираат своите говори, туку и како соодветно да се изразуваат во дебата на германски јазик. „Вежбите за вокабулар им помагаат на учениците да разработуваат тематски концепти. Со помош на индиректен говор може да се надоврзат на прилози од други лица. Јазичните средства кои се ориентирани на нивоата на Заедничката референтна рамка за јазиците нудат типични изрази кои помагаат да се воведат реченици или да се завршат пасуси“, објаснува Ангсар Кеман, раководител на проектот Младината дебатира во фондацијата Херти.

Обуки и натпревари во повеќе училишта

Сега проектот треба да се прошири низ цела Германија во групи кои го изучуваат германскиот како втор јазик. Според Ангсар Кеман, веќе се изјасниле осум покраини за воведување на проектот: „Младината дебатира посебно е омилен пред сè, во градовите-покраини, бидејќи тие имаат поголем дел ученици со имигрантско потекло и поради близината, исто така, може почесто да се организираат средби за обука или натпревари по часови.“
Покраините како Северна Рајна Вестфалија, Баварија или Баден-Виртемберг, кои во однос на младите имигранти, почесто имаат проблеми со законски ограничувања на престој, сакаа на почетокот да се концентрираат на по еден голем град. Во Мекленбург-Западна Померанија се испланирани регионални обуки.
Клаудија Хеберлајн е една од наставничките кои го промовира проектот. Од 2011 до 2014 учествувала на натпреварот како наставник по германски јазик во Кина. Сега во еден подготвителен клас во Штутгарт развива модел на наставна единица за воведување дебата, која наскоро ќе ја претстави во обуки за наставници. Секако дека за сите млади претставува предизвик да се обработуваат теми од различни аспекти и да се прифатат други мислења, вели таа. Но, не насекаде дебатната култура игра толку важна улога како во Германија. „Моите ученици во Кина на почетокот во потрага по аргументи постојано ме прашуваа кое е точното решение. Со текот на времето согледаа дека тоа воопшто и не постои. Да се следи овој мисловен процес, за мене беше прекрасно искуство“.

Учеството на натпревар отвора нови перспективи

За кои теми сакаат да дебатираат, младите најчесто самите одлучуваат. При чувствителна социјална или политичка состојба, една дебата со строги правила нуди повеќе можности од отворена дискусија.
„Многу од учениците со миграциско потекло доаѓаат од земји во кои жените и мажите не се рамноправни. За нив е многу поприфатливо девојчињата да земат збор, а момчињата да ги слушаат во рамки на игра“, смета Ангсар Кеман.

Младината дебатира, покрај тоа, нуди добра подготовка за јазичен испит за германска јазична диплома ориентиран кон аргументација. Сепак, независно од испитот, натпреварот може да остави траги на учесниците, вели Клаудија Хеберлајн: Често класовите за добредојде или подготвителните класови се прикотвени на реалните училишта и сепак е добро ако во нив на некој начин се одржува настава. На младите, кои на натпреварот се истакнуваат со јазични и интелектуални способности, можно е полесно да им го отвори патот кон гимназија што може да има одлучувачко влијае врз нивниот понатамошен тек на животот“.

Во наставата често мораме да собираме аргументи за и против некоја тема. Од училиштето во Сирија тоа едвај ми е познато. Ми помогна тоа што тоа го учев во класот за добредојде.
Силвија Алсулиман на 16 години пребегала од Сирија во Германија, учествувала во еден клас на натпреварот Младината дебатира и тогаш станала победничка на пилот-натпреварот во Берлин. Во меѓувреме посетува редовна настава, 11. година во едно училиште во Берлин, каде што секојдневно профитира од обуката за дебата.

„Со Младината дебатира имав можност да патувам низ Источна Европа и да најдам многу нови пријатели. Во студирањето профитирам од наученото и во работата тоа ќе ми биде од огромна предност. Способноста објективно да се аргументира е непроценлива“.
Иван Микна започнал во второ одделение да учи германски јазик и во гимназија посетувал работна група по Младината дебатира. Во 2014 победил на државниот натпревар во Чешка, така што стигнал до меѓународно финале. Во меѓувреме студира правни науки во Прага и сака да стане адвокат.

Младината дебатира е иницијатива на претседателот на Германија и е под негово покровителство. Партнери се фондациите Херти, Роберт, Меркатор и Хајнц Никсфорд, како и Конференцијата на министрите за култура, министерствата за култура и парламентите на државите. Младината дебатира меѓународно (државни натпревари во средна и источна Европа) е проект на Гете-институт, на фондацијата „Сеќавање, одговорност и иднина“, на непрофитната фондација Херти и на централната служба за образование во странство