Германски јазик со Чорапко Кога куклите зборуваат

Естер и Чорапко
© Nachtmann & Silies GbR / WDR 2015

Како можат децата да учат германски јазик со кукли од чорапи што самите ги изработиле? Авторите на „Германски јазик со Чорапко“ покажуваат колку е тоа едноставно.

Една црвена кукла наречена „Чорапко“ наидува на Естер, човек. Естер разговара со куклата на германски јазик – јазик што на малата кукла не ѝ е многу познат. Што може притоа да тргне наопаку? Веројатно многу нешта, а за тоа станува збор и во „Германски јазик со Чорапко“. Новата телевизиска серија ја произведе куклена империја, група продуценти од Келн, наменета за телевизискиот канал WDR/KiKa. Чорапко повторува сè што ќе каже Естер и не внимава многу на граматиката. Сепак, комуникацијата е успешна. Убав почеток во светот на германскиот јазик.
 

Wie heißt du
Германски јазик со Чорапко: Како се викаш? (прва епизода)

Но, како децата во својата училница можат да учат германски јазик со помош на кукла што самите ја изработиле? Тоа го доловуваат триесет наставници во основни училишта, педагози и воспитувачи од Полска под водство на филмски продуценти, што е понуда на Гете-институт Варшава. Најпрво се гледаат филмовите, а „Германски јазик со Чорапко“ ги воодушевува учесниците, бидејќи секој пат смеењето е уште погласно и бидејќи односот меѓу човекот и куклата е, едноставно, прекрасен.

Сега – на работа

Доволно беше гледање, сега – на работа! За еден час сите учесници во германското училиште ќе изработат кукла од чорап: Прво се одбира чорап, потоа се зема парче картон и од него се сече едно „O“; се превиткува на средина, на предните страни му се лепи двостран селотејп, потоа чорапот се превртува наопаку и „O“ се лепи на местото кај петицата. Чорапот повторно се превртува и, ете, куклата има уста.

Сега ѝ се дава простор на креативноста: очи, коса, усни, облека – сите материјали може да се најдат евтино или скоро бесплатно. Учесниците и децата подоцна треба да знаат сè да изработуваат сами.

Eine fertige Sockenpuppe Eine fertige Sockenpuppe | © Till Nachtmann & Stefan Silies Така се создава суштество, коешто сè повеќе добива свој карактер. Чорапко е таков каков што чорапот сака да биде, а не секогаш каков што учесниците сакаат да биде. Некои учесници се разочарани. „Требаше да изгледа убаво!“, но набрзо се јавуваат другите: „Супер е! Погледни како се смее. Тоа е смешно!“ Наводно, грдите пајчиња се исто така убави.

ПРЕД КАМЕРА

Куклите се готови. А што сега? За почеток, неколку проби. Водителот на курсот го зема својот фотоапарат, го поставува на снимање и вели: „Ќе пееме!“ Бидејќи се снимаат само куклите, но не и кукларите, тоа значи: слобода за смешни гласови, убави изреки и опуштена атмосфера. На тој начин за кратко време настануваат многу мали сцени: Два чорапа кои се караат за молив („Мене ми припаѓа!“, „Не! Мене ми припаѓа!“). Притоа е важно: Сцената мора да има почеток и крај. Идеи за сцени доаѓаат од секојдневни конфликтни ситуации: родители кои сакаат да го принудат своето дете да пишува домашни задачи или да си ја среди собата; кавга помеѓу браќа и сестри; претставување нов ученик во одделението - мала тешкотија мора да постои!

ВООПШТО НЕ Е ТОЛКУ ТЕШКО

Учесниците брзо учат на што треба да внимаваат: да ја отвораат устата само кога куклата зборува; да ја држат раката испружена за да куклата може да стои исправена; да се направи јасна долна граница за сликата; секогаш куклата да е свртена кон камерата; внимателно да се слуша другиот куклар за да може соодветно да се реагира; да не се брза и да се биде опуштен.

Дали ќе се снима со сопствениот фотоапарат, со паметен телефон или, пак, со таблет, во денешно време постојат многу можности. И, ако се внимава на основните правила, а тоа е камерата да се држи мирно и блиску до куклата, тогаш нема што да тргне наопаку. Со програмите за , кои делумно се достапни и бесплатно на интернет, со едноставни средства може да се исече почетокот и крајот на еден клип, да се стави рамка или да се додаде слика и наслов.

Во пракса, режисерите од Келн постојано го прават истото искуство. Дали во домовите за бегалци во Германија или во приватни училишта во Турција, децата се поврзуваат со своите кукли што самите ги изработиле и со задоволство ги оставаат да зборуваат. А кога куклите зборуваат, и децата зборуваат.