ГЕРМАНСКИ ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИК
КОГА ПОВЕЌЕ Е СЕПАК ПОДОБРО

Познавањето други странски јазици го олеснува изучувањето на германскиот јазик.
Познавањето други странски јазици го олеснува изучувањето на германскиот јазик. | © Marco2811 - adobe stock

За наставата по физика се потребни познавања од математиката; за да се учи кошарка, услов е да се знае како се фрла топка; часовите по политички науки се надоврзуваат на знаењата на учениците од историјата. Само наставата по странски јазици изгледа дека е сама за себе. Со тоа, во наставата по германски како странски јазик се губи важен потенцијал.

Најчесто има две причини поради кои наставниците се воздржуваат да се повикуваат на другите јазици. Додека наставниците по физика воопшто не се плашат дека нивните ученици ќе ги смешаат физиката и математиката, наставниците по странски јазик се загрижени дека првиот јазик што го имаат учено учениците ќе влијае на другите јазици и токму поради тоа ќе прават грешки. Ова најверојатно е остаток од времето кога преовладувал контрастивниот пристап, но тој сè уште се провлекува, па во случај кога учениците го изучуваат германскиот како странски јазик по англискиот јазик и понатаму се појавуваат грешки како „Es war *auf einmal“ (базирајќи се на англискиот израз „once upon a time“) или „*Ich“ (користење на големата буква „I“ како во англискиот јазик) (примери од Marx 2000). Постои страв од интерференции, кои не се пренесуваат само од мајчиниот јазик, туку и од другите изучени странски јазици.

Од друга страна, дури и наставниците, кои со задоволство би укажувале на поврзаноста со англискиот јазик, што вообичаено е прв странски јазик на нивните ученици, понекогаш се резервирани. Ова е поради фактот што многумина од нив се несигурни кога се работи за странски јазик. Сепак, наставниците по германски јазик не би сакале да се истакнат како слаби говорители на англискиот јазик.

ПРЕДНОСТИ ВО УЧЕЊЕТО СО ПОМОШ НА ПОЗНАВАЊЕ АНГЛИСКИ ЈАЗИК

Спротивно на нивните грижи, погледот на истражувањата спроведени во последниве децении покажува дека повикувањето на други (странски) јазици може да биде предност во изучувањето нов јазик. На пример, ученик кој го научил или сè уште го изучува англискиот како странски јазик има многу предности при изучувањето германски јазик. Овие предности не се однесуваат само на јазичните особености, туку, исто така, и на стратегиите и техниките за учење.

ЈАЗИЧНИ СЛИЧНОСТИ

Очигледна почетна точка е вокабуларот. Сличности нема само во вокабуларот. Сличности нема само во вокабуларот. | © Maranso - adobe stock Германскиот и англискиот јазик делат голем фонд зборови кои се темелат на интернационализми што потекнуваат од латинскиот јазик (Universität, informieren), имаат заедничко потекло со германска заднина (Haus, Apfel) или англицизми (cool, city). Дури и на првите часови по германски јазик, учениците без проблем може да ги препознаат ваквите зборови, а тие најчесто се именуваат како први, кога се работи за улогата на англискиот при изучувањето на германскиот јазик. Така, на пример, Лаи и Меркелбах (2011) можеа да покажат дека на изучувачите на германскиот јазик од Тајван од голема помош при изучувањето на германскиот вокабулар им биле знаењата на англискиот како нивни прв странски јазик. Ова е, без сомнение, наједноставниот, најбрзиот и најпродуктивен начин да се профитира од познавањата на англискиот јазик.

Покрај тоа, и структурните особености се често од помош. Ова важи особено за изучувачите чиј прв јазик е помалку сроден со германскиот јазик, како што се, на пример, кинескиот, арапскиот или рускиот јазик. Збороредот е сличен во двата јазици од германската јазична група, кога се работи за прашални реченици со прашални заменски зборови (Wer kennt die Geschichte?; Who knows the story?: прашалниот збор на прво место – глагол – останати информации) и кај прашања каде што очекуваме да/не одговор (Beginnt die Geburtstagfeier um 15 Uhr?; Does the birthday party begin at 3 pm?: глагол – подмет – останата информација). Други граматички елементи, како што се компаративните форми (schnell – schneller; fast – faster), како и промената на самогласките кај јаките глаголи (singen – sang – gesungen; sing – sang – sung), исто така, покажуваат сличности. За наставата по германски јазик, исто така, е од помош кога многу категории, како глаголи или прилози, се веќе познати од наставата по англиски јазик и затоа не треба да се воведуваат и објаснуваат посебно. На крај, и текстуалните аспекти играат важна улога: кој некогаш пишувал опис на личност на англиски јазик, веќе знае нешто за структурата и содржината на ваквите видови текст и знаењето го применува кога пишува опис на германски јазик.

ИСКУСТВО ВО ИЗУЧУВАЊЕТО СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ

Друга предност при изучувањето следен странски јазик произлегува од стекнатото искуство во изучувањето на претходниот странски јазик. Уште во 1999 Мајслер докажал дека изучувачите на јазик, до седмиот или осмиот јазик, со секој нов странски јазик сè повеќе и сè посоодветно ги применуваат стратегиите за учење. Покрај тоа, изучувачите на втор или друг последователен странски јазик се стекнуваат со поголем осет за јазици и тие, покрај другото, се поуспешни во препознавање шеми и прагматични нијанси и затоа се поуспешни во учењето нови структури (Jessner, 2006).

Секако, не е злато сè што сјае. Оние што во наставата по англиски јазик имаат негативни искуства, кон наставата по германски како странски јазик може да пристапат со повеќе негативен став. Во вакви случаи, должност на наставниците по германски јазик е особено внимателно да ѝ пристапат на темата изучување странски јазик и да им покажат на учениците дека тие може да бидат успешни во изучувањето на германскиот јазик.

МЕТОДИКА НА НАСТАВАТА ПО ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ

Во суштина е важно учениците да ја воочат користа од своите веќе стекнати знаења по странски јазици и истите да ги искористат при учењето на германскиот јазик. Иако тие имаат јазични познавања и способности од својот прв странски јазик, тие често не ја препознаваат паралелата и користа во изучувањето на својот втор јазик (De Angelis 2011). За да ги искористат тие преднсоти, на учениците очигледно им треба специфичен пристап во наставата по терцијарниот јазик, односно во наставата по германски како странски јазик, кој го изучуваат по англискиот јазик (Marx 2005).
Успешната настава во овој контекст се темели на два столба. Прво, учениците треба да се оспособат самостојно да размислуваат за јазиците и за изнаоѓање и систематизирање на меѓујазичните паралели. Од друга страна, пак, тие треба постојано да размислуваат за процесот на учење јазици, кој ќе им помогне во усвојување и применување други стратегии. Истражувачкиот тим воден од Нојнер и Хуфајзен (2009) ги дава следниве насоки за праксата:

  1. Секогаш, каде што има смисла, работата на часовите треба да вклучува повеќе од еден јазик и еден предмет. Наставниците треба да ги охрабрат своите ученици да бидат покреативни во откривањето сличности меѓу јазиците. Тоа ќе им помогне на учениците самостојно да размислат за сопствените предзнаења.
  2. Јазичните структури треба да се вметнат во содржината и во текстуалниот контекст. Оние што го изучуваат германскиот како странски јазик по англискиот јазик веќе учеле еден странски јазик, па затоа нема потреба содржината многу да се поедноставува.
  3. На почетокот на учењето треба повеќе да се развиваат рецептивните вештини. Тоа им овозможува на учениците многу брзо да совладаат текстови, кои всушност би требало да се многу над нивното ниво, а тоа ја зголемува и нивната мотивација (Kursiša 2014).
  4. Бидејќи најчесто за наставата по германски како странски јазик кој се учи по англискиот јазик има малку време на располагање, треба да се внимава релевантните содржини да се разработат што е можно побрзо, особено во почетната настава. Токму во овој случај англискиот јазик може да послужи како корисен забрзувач.
КОРИСТЕЊЕ НАСТАВНИ ПОТЕНЦИЈАЛИ

Во меѓувреме прилично обемното истражување и искуствата стекнати со учењето германски јазик како последователен на англискиот јазик, како и наставата која е приспособена на оваа ситуација на учење, јасно покажуваат дека учениците кои се свесни за стекнатите знаења и искуства од другите јазици може да профитираат од нив при учењето нов јазик. Од суштинско значење притоа е наставник кој дава поддршка и кој им помага на учениците, но и самиот не се плаши од влијанието што би можел да го има англискиот јазик во наставата по германски јазик. Резултатот би бил настава која не ги подготвува учениците само за учење германски јазик, туку и за учење други јазици во текот на животот.