Во актуелната настава по странски јазици често се симулираат комуникативни процеси. Целта, притоа, се сценарија за учење во кои автентичната интеракција меѓу две реални личности зазема централно мето. Дигиталните медиуми играат значајна улога во постигнувањето на овие цели, .
Звучи толку едноставно: наместо во наставата по странски јазици да се занимаваме со застарени учебници и да симулираме комуникација во ситуации кои имаат мала поврзаност со реалниот живот, со помош на дигиталните медиуми би можеле виртуелно да донесеме вистински соговорници во нашата училница, така што јазиците ќе ги изучуваме на автентичен начин врз база на примери од секојдневниот живот. Во Германија, уште во 1995 г., Рајнер Донат веќе се жалеше дека дидактичките симулации нè принудуваат да „создаваме форма на комуникација која не ја одразува ниту јазичната ниту културната стварност на соодветната земја“ (Donath 1995: 46). Тој предложил „информациите од втора рака, кои се дадени во учебниците и кои се секогаш застарени, лажни и ретко автентични“ (Donath 1995: 46) да се заменат со реалистична комуникација и иницирал соодветни е-мејл проекти. Како и да е, тоа што звучи многу лесно и убедливо во теоријата, излегува мнoгу сложено и проблематичо кога станува збор за деталите. Бидејќи, проблемите започнуваат уште со самиот поим „автентично“.
ШТО Е АВТЕНТИЧНО ВО АВТЕНТИЧНАТА КОМУНИКАЦИЈА?
Повикот за автентична комуникација е голем затоа што наставата по странски јазици често се карактеризира со неавтентичнa комуникација, чијашто апсурдност германскиот комичар Лориот сосема соодветно ја има карикирано во телевизискиот курс „Германски јазик за почетници“:
Виктор: Се викам Виктор. Тежам 82 кила.
Тој: Се викам Херберт. Мојот воз поаѓа во 19 часот и 26 минути.
Таа: Ова е мојот сопруг.
Тој: Ова се моите панталони.
Виктор: Ова е мојата актовка.
Во екстремен случај, комуникацијата во наставата нема скоро ништо заедничко со автентичната комуникација надвор од училницата: таа служи исклучиво за однапред поставената дидактичка цел (на пример, да се учат заменки). Не постои интриничка мотивација за да се стапи во дијалог, туку исклучително вештачки создадена причина за разговор. За реалниот живот на соговорниците, комуникацијата нема никакво содржинско нуту, пак, какво било егзистенцијално значење.
Напротив, автентичноста се покажува во три димензии кои, како надоврзување на Јудит Биндсгенс-Костен (2013), накусо може да се резимираат на следниов начин: Комуникацијата, кога не се ориентира на идеалите и стереотипите од учебниците, туку на јазичната и културната реалност, е лингвистички и културно автентична. Таа е функционално автентична кога има вистинска причина да се стапи во контакт со други лица и кога размената не служи само за наставна цел, туку е лично важна за учесниците во разговорот.
Дури и овој кус и површен опис разјаснува зошто често има несовпаѓање меѓу автентичната комуникација и комуникацијата во училницата. Да бидеме јасни: колку се повеќе дидактизирани комуникативните процеси, толку помалку ќе се доживеат како автентични.
Зад кулисите, дигиталната комуникација може да се гледа како шанса на наставата по странски јазици да ѝ се додели што е можно поголем степен на лингвистичка, културна и функционална автентичност.
Исто така, треба да се внимава на тоа дека автентичните писмени процеси во дигиталните медиуми се базирани некаде помеѓу двата пола на усно и писмено изразување така што текстуална порака во чет, на пример, не треба да се вреднува строго според стандардите на речниците. Друг аспект, кој е типичен за автентичната комуникација, е тоа што наставниците ја губат контролата на повеќе нивоа: учениците, на пример, може наместо да кажат нешто за себе по мејл, како што е побарано од нив, да насочат преку Ватсап на нивниот Инстаграм-профил или без знаење на наставникот на Твитер да искоментираат што се случило, наместо тоа да го сторат преку „официјалната“ видеоконференција. Во екстремни случаи, автентичната комуникација, исто така, може да значи дека учениците од Германија и од Франција преферираат да комуницираат меѓусебно на англиски јазик.
ТЕХНИКА И ДИДАКТИКА
Со помош на дигиталните медиуми е полесно од кога и да било досега да се започне автентична комуникација. Од друга страна, пак, сè уште е тешко, како и порано, да се зачува автентичноста во дидактизираната настава. Тоа е веројатно најзначајната причина поради која апелот на Донат да се стави крај на симулациите во наставата по странски јазици, и по скоро четвртина век, е сè уште актуелен. Германско-холандскиот проект за видеоконференција, ГЛАС (види Langela-Bickenbach 2015), кој ја доби наградата за најдобар наставник во 2018 во категоријата „Иновативна настава“, е доказ дека е возможно да се комуницира автентично во наставата по странски јазици.