Термин за консултации - јазична колумна
Како странски збор влегува во „Дуден“?

Илустрација: Отворена уста со таблетна јазикот
Како германскиот јазик внесува странски зборови? | © Goethe-Institut e. V./Illustration: Tobias Schrank

Англискиот јазик има значително влијание врз германскиот вокабулар, тврди Катрин Кункел-Рацум. Но, таа сепак ги смета претерани прашањата како „Дали наскоро сите ќе зборуваме Денглиш?“. За инклузијата на странските зборови во „Дуден“, нормативниот речник на германскиот правопис.

Иако многу зборови кои потекнуваат од анлискиот јазик се составен дел од говорниот и пишаниот германски јазик, сепак во „Дуден“,  правописниот речник на германскиот јазик, сè уште преовладуваат зборови од латинско потекло. И покрај тоа што во последното издание беа додадени многу англицизми, тие сè уште не го надминаа бројот на латинизмите. Повеќето странски зборови во „Дуден“ имаат корени од латинскиот јазик, а по нив следуваат зборови со потекло од англискиот, грчкиот, францускиот, италијанскиот, арапскиот, шпанскиот, хебрејскиот, холандскиот и рускиот јазик.

ИНТЕГРАЦИЈАТА МОЖЕ ДА УСПЕЕ

Интеграцијата на странски зборови е возбудлив процес. Мојот омилен пример е „fluffig“, кој е изведен од англискиот збор „fluffy“. Според нагласувањето и пишувањето, како и според видот на зборот и флексијата, зборот „fluffig“ сега е германски збор, иако не го негира своето потекло, па затоа сметам дека е одличен пример за интеграција. Би додала уште еден пример: неодамна некој нè праша како се пишува Instagrammer, дали со едно или со две „м“. И двете варијанти можело да се најдат на интернет. Според основата на англискиот јазик, што е многу поутврдена, ние преферираме две „м“. Покрај тоа, овој начин соодветствува на конвенцијата на германскиот правопис. На вакви примери може да се види дека прифаќањето странски зборови во „Дуден“ со себе носи низа содржински, правописни, граматички, а понекогаш и фонетски прашања.  

СПРАВУВАЊЕ СО АНГЛИЦИЗМИТЕ

Нормално, исто како и во редакциите за речниците во други земји од неанглиско говорно подрачје, при дискусиите, пред сè, се разговара за тоа колку од тие зборови ние ги сакаме во нашиот јазик и, следствено на тоа, и во нашите речници.

Зa разлика од Франција и Шпанија, во Германија не постои државна институција, како на пример „Académie française“ или „Real Academia Española“, кои јасно се противат на инклузијата на англицизми и експлицитно го промовираат користењето француски или шпански еквиваленти.

Непостоењето ваква централизирана лингвистичка институција во Германија е една од причините за тоа што овде англицизмите се прифаќаат многу полиберално. Секако, и во Германија се појавија иницијативи против користењето на англицизмите, но нивниот ефект остана прилично мал. Сепак, во редакцијата на „Дуден“ не гледаме причина за аларм и прашањето кое нам често ни е поставувано: Дали наскоро сите ќе зборуваме денглиш? го одговараме кратко и јасно со „не“. Проблемот не е прифаќањето поединечни англиски зборови, туку нивната масивна и необмислена употреба во текстовите. Затоа се фокусираме на тоа, на луѓето кои пишуваат текстови да им дадеме совети како тие соодветно да ги употребуваат странските зборови според својата целна група читатели.

Fake News ИЛИ Fakenews?

За нас во редакцијата понекогаш воопшто не е лесно да одлучиме која правопсина варијанта за одреден збор треба да се земе за „Дуден“. Во последното издание на „Дуден“ доста долго се занимававме со поимот Fake News и по интензивна дискусија се одлучивме во „Дуден“ да ги вметнеме сите три можни варијанти во германскиот јазик: Fake News, Fake-News и Fakenews. Ја препорачуваме варијантата Fake News, но притоа ќе следиме која варијанта ќе преовлада во пишаниот јазик.
Од друга страна, пак, кога беше внесуван зборот „Uluru“ за Ајерс Рок, познатиот рид во Австралија, главно се занимававме со неговиот изговор. Како го изговараат Австралијците, а како луѓето чиј мајчин јазик е германскиот?

Така, инклузијата на странски зборови секогаш ни носи нови сознанија и искуства. Патем, мојот омилен збор од 27. издание е „hyggelig“ – данскиот збор за „пријатно“ што на германски јазик се вика „gemütlich“.