Читање Мост-Берлин 2012

Македонската авторска Лидија Димковска и германскиот преведувач Александер Зицман се номинирани за наградата Мост-Берлин 2012. По тој повод Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје и издавачката куќа Блесок срдечно Ве покануваат на литературно читање и разговор со номинираната авторка Лидија Димковска кое ќе се одржи на 23.04.2012 г., Светскиот ден на книгата и авторското право, во 20 часот во ГЕМ Клубот. Македонскиот писател, професорот Венко Андоновски ќе ја претстави авторката со особен осврт кон нејзината последна поетска книга „Чесна девојка“ .

Наградата за литература и превод “Мост Берлин“ ќе се додели по шести пат од страна на Фондацијата БХФ Банк. Наградата се доделува за современо значајно литературно дело од Централна и Источна Европа и неговиот исклучителен превод на германски јазик. Покровителството за наградата го презеде господинот Петер Естерхази, добитникот на престижната германска награда за мир. Партнери се Гете-институт, Литературниот колоквиум Берлин и Фондацијата Културна сопственост на Прусија.

Наградата ќе биде доделена на 5 јуни 2012 г. во Стариот музеј во Берлин, а истовремено во Литературниот колоквиум Берлин ќе се одржи Симпозиум посветен на литературата во Централна и Источна Европа. Жири-комисијата од бројните пријави и предлози номинираше краток список на кандидати кој е објавен на 16 март 2012 г. на Саемот на книгата во Лајпциг:

Лидија Димковска: Чесна девојка
Превод од македонски: Александар Зицман.

Едицион Кореспонденцен. Виена, 2010.

Јури Андручович: Перверзија
Превод од украински: Сабине Штер
Издавачка куќа Зуркамп. Берлин, 2011.

Мирчеа Картареску: Тело
Превод од романски: Герхард Чејка и Фердинанд Леополд
Издавачка куќа Чолнај. Виена, 2011.

Бора Ќосиќ: Кратко детство во Аграм
Превод од српски: Бригите Деберт.
Шефлиг&Ко. Франкфурт/М, 2011.

Петер Надаш: Паралелни приказни
Превод од унгарски: Кристина Вирах.
Издавачка куќа Роволт. Рајнбек, 2012.

 

Лидија Димковска е родена во 1971 г. во Скопје, Македонија. Детството го поминала кај нејзините баба и дедо во селото Слегово, а потоа  се вратила во родниот град и студирала општа и компаративна книжевност. По студиите авторката се преселила во Романија, каде на Универзитетот во Букурешт предавала македонски јазик и литература, а истовремено докторирала на романска литература. Димковска денес живее во Љубљана, Словенија, каде работи како писател, преведувач, есеист и професор по меѓународна литература. Во 2005 г. од Македонското здружение на писателите за романот „Скриена камера“ ја добива наградата за најдобро прозно издание на годината. За романското издание на „Meta-spanzurare de meta-tei“ (2001; „Мета-бесење на мета-липа“) во 2002 г. ја добива литературната награда Поезис, а во 2009 г. наградата Хуберт-Бурда за млада источно-европска поезија. Освен тоа авторката е добитник на разни признанија за нејзините литературни преводи. 

Александер Зицман е роден во 1974 г. во Штутгарт. По студиите по скандинавистика и славистика во Виена, истражува и предава на тамошниот универзитет. Од 1999 г. Зицман работи како слободен преведувач од бугарски, македонски и скандинавските јазици на германски. Автор е на две лингвистички монографии како и издавач на повеќе антологии и прилози во списанија, евалуатор за Културконтакт Австрија, Сојузното Министерство за настава, уметност и култура на Австрија како и разни издавачки куќи во земјата и во странство. Во 2004 г. доби почесна награда од Бугарското министерство за култура, а во 2007, 2008 и 2009 година континуирано ја добива преведувачката награда од Сојузното министерство за настава, уметност и култура, а добитник е и на бројни стипендии. Александер Зицман живее во Виена.

назад