Да се осмелиме да се сетиме

Пијаното од блокот бр. 31

Foto: Nikola Mihov
  • Read in Bulgarian by the author
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.
  • An excerpt from The Piano in Block 31 by Lea Cohen
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.

Расказ на бугарската авторка Леа Коен во превод на Весна Ацевска.

Во нашиот блок тоа пијано дојде од невиделица. Таму местото му беше необично, како на балски фустан на селски панаѓур, на американски филм во бугарско кино или на рецепт со тартуфи во списанието „Жената денес”. Денес, триесет години подоцна, нештата осетно се променети, откако гледам мажи со обоени руси бради како носат балски фустани во „прајм-тајм” на телевизија, од американските филмови се нема спас во кината, а наши пратеници јавно му ги појаснуваат на сиромашното и без пари население кулинарските својства на габата со цена на златото.
Блокот Nо31 се наоѓаше точно до блокот Nо13! Никој не можеше да ми објасни на што се должеше таа збрка во нумерацијата. Пред и по него, кај симетрично подредените згради на нашиот живеалиштен комплекс, следуваше нормална аритметичка последователност... Nо11, Nо12, Nо13 и наеднаш, врз северниот ѕид на полусвртената кон исток зграда, се појавуваше голема подискривена бројка, напишана со црна масна боја: Блок Nо31?!
„Комплекс” беше збор што немаше ништо заедничко со мојата претстава за домашно спокојство. За мене беше еднаков на касарна. Бев слушнала дека го ползуваат како определба за психичко растројство, кое си го претставував како нервен тик. Не дека особено ме интересираше што точно означуваше, но го поврзував и со други новонавлезени зборови во јазикот. КОМбинат (металуршки, местен), КОМанда (Тимурова), КОМандир (партизански), КОМбајн и соодветно КОМбајнер (исто и КОМбајнерка, како што видов во еден советски филм), КОМесар (полит-, сакан херој од советската револуционерна тематика и од вицовите за Чапаев), КОМсомол (организацијата во која членував додека не забременив првпат) и, се разбира, КОМпартија и КОМитерна (историјата им ја изучував задолжително во деветтиот клас, кога сè уште добивав добри белешки).
За време на мојата неразумна младост си замислував дека ќе живеам на улица со поетско име, како „Акација”, „Незаборавка” или нешто слично, а не во зграда нумерирана како во затвор. Подоцна, кога навистина се најдов за кратко во него, една од сокелијничките ми раскажуваше дека и во Њу Јорк улиците имале само броеви. Трета авенија, Петта авенија итн. Самата беше одела таму и тврдеше дека аголот на Петтата авенија и на некоја улица, исто така со број, мислам дека беше 42, бил едно од најживите места на светот. Можеби е вистина, но немаше како да проверам.
Понекогаш се прашував дали биографијата ќе ми беше поинаква ако луѓе со врски не беа успеале да го пикнат нивниот незаконски блок Nо31 на местото на првично предвидената градинка? Се шегувам! Та ние немавме биографии, а кога требаше, пополнувавме „автобиографија”! Автобиографиите започнуваа веднаш со следниот задолжителен текст: „Произлегувам од...”. Следуваше: „...бедно работничко семејство” (добитнички избор), „селско трудово” (исто така вршеше работа), а во мојот случај – „на службеници”, што беше очајно! Немав големи шанси со моите разведени родители, зашто татко ми беше архитект, а мајка ми – учителка по германски. Целосна „автобиографска” катастрофа! За среќа, Коста имаше правилна „автобиографија”, заради што и го добивме односното живеалиште. Соодветната КОМисија ја беше разгледала, беше ја нашла за „задоволителна” и беше распоредила добивање на живеалиште на 4-тиот спрат во блокот Nо31. Така се населив таму. Збогум акации, незаборавки и други нездрави фантазии!

Жителите на блокот беа собрани, како што се вели, од кол и од јаже. На последните три спрата апартманите беа големи и со тераси, а таму живееја луѓе „со врски”. Се познаваа по тоа што речиси и не разговараа со другите, минуваа гадливо покрај нас за да се качат со лифтот и имаа резервирани места на паркингот, на којшто ги оставаа најновите „Лади”. На подолните спратови живееја работници од големиот металуршки КОМбинат, дојденци од провинцијата или просто луѓе на кои никој не би им помогнал да отидат на некое поприфатливо место во центарот или во јужните квартови каде што улиците носеа имиња на цвеќиња, на прогресивни поети или на загинати партизани, а не просто броеви, испишани со црна масна боја врз груб малтер, како на нашиот Блок Nо31!!!

Соседите од нашиот спрат се разликуваа од сите други во блокот.
Да живееме врата до врата со семејство музиканти за нас беше необично, дури и конфузно. Се чувствував различна од нив и тоа ме притеснуваше. Бевме петмина во нашиот апартман, бев свикнала на викотниците на децата, на бучните подригнувања на Коста, кои ги тераа поголемките да се смеат а најмалата да плаче, на миризбата на запржен кромид, без кој Коста не можеше. Од нивниот апартман не идеа миризби, на скалите пристигаа гами од пијано, звуци од виолина или тишина... Кај нас беше бучно како во крчма, а кај нив, кога не свиреа, тихо како во читална. Само што ниту тие влегуваа во крчма, ниту ние читавме, така што немаше каде на друго место да се сретнеме освен на скалите или во лифтот.
Бракот со Коста многу ја разочара мајка ми, која беше истенчена дама. Заедно со една друга нејзина разведена пријателка неколку пати ме беа воделе на хорски и на симфониски концерт за да ми дадат правилна насока во воспитанието. Тоа, моето воспитание, конечно пропадна во нивните очи откако ме видоа дека го гаѓам со хартиени топчиња ораторот на едно поетско читање и откако длабоко заспав на претставата на операта „Пикова дама”.
Немаше како да ѝ објаснам на мајка ми дека местата на кои ме водеше Коста уште на почетокот ми беа поинтересни од нејзините концерти и читања, а заради „Пиковата дама” ја намразив операта за целиот мој живот, зашто и нејзините четири часа траење се покажаа најдолгиот културно-образовен испит на кој ме беа подвргнале. Бидејќи Коста беше хокеист, голман на неговиот тим, односните места беа предимно хокејски мечеви и тренинзи, претходени, спроведувани и проследувани со посети на барови и седенки, како и на неговиот, даден од клубот стан, каде што основен интерес на двајцата ни беше неговиот кревет. На него забременив уште пред да го завршам последниот клас на гимназијата, така што и немав некој особен избор: се наложи, наместо студентска клупа, кај што мајка ми мечтаеше да ме види, да изберам бебешка количка, која ја туркав во продолжение од седум години, зашто моите бремености следуваа една по друга со ритмичноста на хокејските сезони.
Се случи така што откако Коста престана да игра хокеј и јас престанав да забременувам. Маж ми, на почетокот, се обиде да го пополни недостигот од луксузен спорт со алкохол, којшто веќе не можеше да го плаќа со девизи, штедро давани во минатото за мечевите во туѓина. Но Коста најде решение и за тој проблем. Новопојавените пријатели, за кои се сомневав дека се во блиски врски со милицијата, му носеа дома цели кутии со скапи пијалоци, кои набрзо се претворија речиси во единственото занимање. Се опиваше брзо и запаѓаше во жални состојби, кои будеа одвратност дури и кај децата. Како отплатуваше за тоа алкохолно изобилство и за пакетчињата банкноти со кои располагаше, беше прашање за кое претпочитав да не размислувам. По околу половина година помината од Коста во алкохолно пијанство, решив да си најдам работа, иако парите не ни недостигаа дома. Просто, тоа беше единствениот начин да бидам настрана од Коста, по неколку часа на ден. Се вработив како телефонистка во поштата. Ја избрав таа работа заради смените, кои ми даваа извесна слобода, и затоа што ми се допаѓаше да зборувам со различни луѓе, нешто што избегнував да го правам со Коста заради неговите непрекинати поплаки или безобразните подметнувања што ми ги правеше, а кои самиот ги сметаше за појава на внимание или за истенчен хумор.

Ретко ги гледавме соседите, но нивниот живот ме заинтригира, а очигледно не само мене.
– Тие луѓе не ли се чукаат? – се изрази на својот деликатен начин еден ден Коста.
– Зошто? – прашав, колку да одговорам нешто.
– Па никогаш не слушам да се тресат креветите, ниту да крцкаат пружините.
Навистина, од спалната нè делеше само еден ѕид. Граден според стандардите на социјалистичкиот панел, којшто имаше својство да пропушта не само звуци туку и некои посилни миризби, па би требало, одвреме-навреме, да ни ја достави саканата информација.
– Сосетката е доста убавичка – продолжи да размислува Коста.
Го погледнав сомничаво. Си го знаев маж ми – го сметаше тоа за машка должност, ако не ја „исчука” секоја мадам што му даваше можност за тоа, барем да ја посака, вклучително и гласно, можеби за да си ги провери свенувачките рефлекси. Немав никаква причина да ѝ бидам љубоморна на сосетката за маж ми: таа беше фино, издолжено суштество, по неа на скалите или во лифтот остануваше одвај доловлива арома на нежен, цветен парфем, се чудев со што се хранеше, бидејќи нивните панели никогаш не пропуштаа миризба на готвено, каква што се ширеше насекаде низ блокот. Не верував таа под никакви околности да погледне во мојот Коста, кој наспроти бившата хокејска слава веќе имаше подуен изглед и одеше лесно расчепатен, небаре нешто се опираше во неговите панталони од внатрешната страна.
– Мамо, денеска свирев на пијано! – се пофали еден ден ќерка ми Ива. – Нина ме покани кај нив и ми покажа како се местат рацете на белите и црните клавиши.
Така ѝ го научив името.
– И што друго те научи тета Нина? – љубопитно праша Коста.
– Да не ја викам „тета”, не било убаво.

Решив дека е мој ред и по неколку дни, издебнувајќи го моментот, кога од апартамнот на соседите не се слушаше ни пијано ни виолина, позвонив на вратата. Поминаа неколку минути пред да ми отвори маж ѝ на Нина. Беше речиси ручек, а тој се појави рошав, во пижами, со вцрвенети од сон очи. Во живеалиштето им беше темно, зашто насекаде уште беа спуштени пердињата. Тој ме погледна изненадено, се прозевна, ја поправи пижамата и почека зачуден. Носев чинија со штрудла, што ја направив утрото (една од саканите рецепти на мајка ми), и му ја подадов. Тој се поколеба за миг, ја зеде штрудлата и, додека со раката си ја поправаше разбушавената од сон коса, појасни:
– Сношти имавме седенка, се прибрав во четири наутро. Уште не можам да се наспијам, Нина веќе е отидена на репетиција. Влезете, не стојте на вратата, ќе Ви направам кафе.
Не чекав да ме покани вторпат, бев љубопитна да видам како живеат моите чудни соседи. Влеговме во кујната. Масата беше портокалова, а столовите од проѕирен плексиглас. Дотогаш не бев видела таква разнобојност во една најобична кујна. Шкафовите им беа исто така во бледозелена боја на трева, како кај детските играчки. Внатрешноста беше со димензиите на мојата сопствена кујна, но во нивната се почувствував како во градина со светлозелено, портокалово и чисто, во која можев да седам спокојно на некој од проѕирните столови без да стравувам дека мазна дамка ќе ми се залепи на облеката.
– Многу е убаво кај вас – не издржав да ја пофалам покуќнината.
– А, Нина е голем естет. Може да го обиколи светот за да најде нешто што никој друг не знае каде да го бара. Се викам Влади, а Вие?
– Јас сум Жени – којзнае зошто истресов.
Всушност, името ми беше Генка, но „Жени” ме нарекуваше единствено онаа разведена пријателка на мајка ми што ја сметав за крајно неприродна.
Влади направи кафе во коцкесто ѓезве, од кујната се крена пријатна миризба, двајцата отпивме од ароматичната течност, тој за мое задоволство посегна по мојата штрудла и дури рече во знак на одобрение „Мммм”. Пижамата му беше раскопчана на градите, можев да забележам колку мазно, без влакна и без дебелина му беше телото. Додека се маеше низ кујната, ѕирнав неколку немирни влакна кои се подаваа од отворот на долните пижами и таа глетка чудно ме возбуди.
– И Жени, како се чувствувате во блоков? Одамна ли сте тука?
– О, воопшто не е лошо – одговорив со преувеличен ентузијазам за да ја скријам збунетоста поради неговата отворена пижама. – Доволно е децата да не се удираат по скалите и лифтот да не се расипува еднаш неделно. Коста, мојот маж – му појаснив јас – вели дека е еден од перспективните квартови во Софија.
– Перспективен за што? – праша подбивно Влади.
– Ами за живеење – се збунив јас.
– Зошто, живот ли е тоа? – се изнасмеа соседот. – Не ми обрнувајте внимание, уште сум кисел од сношти. Штрудлата Ви е многу вкусна. Ќе се видиме пак, изгледа веќе сум задоцнил – додаде тој и стана неочекувано брзо.
Пижамата му се отвори сосема и јас неволно се загледав во неговото деликатно тело, чија мазна белина беше предизвик за мојата сексуалност, обрасната со нечувствителност, незадоволена со пијаните ласкања на Коста и одвратена од неговата навика во постелата да се однесува со мене како со проститутка. Влади го забележа мојот поглед, ме испрати набрзина и речиси ме истурка надвор на плоштатчето.

– Знаеш ли – му реков којзнае зошто уште истата вечер на Коста – мислам дека нашите соседи отспротива се чукаат многу штедро.
Коста се опули.
– Што? Да не си пробала? – се изнасмеа со груб тон, а јас се извлеков без да му давам други објасненија.

Следната седмица имаше „ленинска” сабота. Известувањето за тоа го донесе, како и во другите случаи, тетка Пенка. Таа живееше насреде во едно мало блокче и работеше како „тета” во блиската детска градинка. Макар и полуграмотна, тетка Пенка беше, општо земено, добра жена. Не ги забораваше родендените на децата и секогаш им подаруваше по нешто. Предимно книжиња. Можеби околноста што и самата речиси не можеше да чита ја тераше да купува книжиња за другите. За последниот роденден на Ива дури и се обидела да напише сопствена посвета, но нејзините ограничени знаења по граматика ја беа довеле да го состави следниов чуден запис: „Честит Роденет Дем”. Скоро како Мечето Пуф!
Таа добра жена по професија „тета” се претвораше во харпија кога требаше да се организира нешто во квартот. Беа ја избрале за одговорна и таа одеше од врата до врата со некакви списоци за да собере членски влог за Црвен крст, за Отечествениот фронт или да продава задолжителни марки за изградба на нов споменик на социјализмот за Бузлуџа, за чилеанските, сомалиските, кубанските и други другари, дури и за универзитетот „Патрис Лумумба”, чие име тетка Пенка беше го испишала со детски ракопис на следниов начин: „Патрисло Мумба” и којзнае зошто го сметаше за брат на Фидел Кастро. Секогаш се наоѓаше некој повод за тие списоци, разнесувани по спратовите и кои, според мене, имаа таинствено воздејство врз нашиот живот. Ми се чинеше дека незначителната сума и потписите врз нив ни гарантираа малку спокојство и сигурност, кои тетка Пенка можеше да ни ги обезбеди во својство на квартов чувар на социјализмот и редот.

– Нема да потпишам! – го слушнав гласот на мојот нов познајник Влади, придружуван од возбудените извици на тетка Пенка, која претстојниот ленински саботник одново ја беше преобразил во беспоштедна квартова харпија.
Ја отворив внимателно вратата и излегов на плоштатчето меѓу скалите.
Тетка Пенка го буташе хемискиот молив во рацете на соседот, тој го одбиваше и повторуваше упорно.
– Не разбравте ли, госпоѓо, веќе Ви објаснив! Нема да потпишам и нема да учествувам ниту јас ниту мојата сопруга во ленинскиот саботник за чистење на квартот. Ние сме музиканти и работиме со рацете. Тоа се нашите инструменти. Не можам и не ми е дозволено да држам лопата.
– Го слушна ли како навредува? – ми се сврте тетка Пенка мене. – Ме нарече „госпоѓа”.
Се видов во небрано лозје, но не посмеав да земам учество во спорот.
– Лопатите се за нас, а виолините за вас, така ли? – се развика тетка Пенка, обземена од неочекувана красноречивост. – А не може ли да биде обратно?
– Не може – одговори спокојно Влади.
– А кој тогаш ќе ги чисти улиците, кој ќе ги сади дрвцата?
– Тоа не е мој проблем – отсече Влади.
– Е, сигурно ќе се најде некој – се обидов јас да се замешам, за да им ја прекинам бесмислената кавга.
Го разбирав нашиот сосед-музикант, кој не сакаше да си ги повреди рацете. Зошто тоа не ѝ го објасни на тетка Пенка? Можеби и таа ќе го разбереше тоа! Одненадеж ми мина низ умот дека тој не спореше со неа, туку со целата држава, која го принудуваше да направи нешто за кое немаше желба, а можеби и го сметаше за глупаво.
– Ете, ќе излеземе ние сите, и децата ќе ни помогнат. Кој може ќе работи тетка Пенке, не ги терај луѓето на сила – се обидов да им го прекинам спорот.
– Потпишете се тука – не го спушти оружјето Пенка и одново на Влади му ги подаде хемискиот молив и списокот.
Тој одби, но го сретна мојот молбен поглед, ги подигна помирливо рамената и стави потпис на врвот од хартијата, откако додаде:
– Тоа не менува ништо!
– Сите во сабота, точно во девет – нареди строго за догледање Пенка и додаде кон Влади: – Вие исто! Ништо нема да ѝ биде на виолината за едно утро.
– Ви кажав, нема да дојдам! – отсече Влади и ѝ ја затвори вратата пред носот.

Ленинскиот саботник помина како и вообичаено, со многу врева и со мал резултат. Тетка Пенка подели неколку искривени лопати, од некаде се појави и количка, мажите стоеја во групи и главно пушеа цигари, ние, надве-натри подзаметовме околу влезот. Во девет наутро Влади излезе со виолината на улица, помина покрај нас, се поздрави учтиво и замина некаде. Тетка Пенка поцрвене од гнев, но не рече ништо. Се маевме до ручекот, потоа мажите испија по едно пиво и сите се развеаја кој каде гледа. Цветната градина, заради која нашата сосетка разнесуваше списоци, не се направи ни овој пат, и остана за следниот саботник со името на водачот на револуцијата, меѓу кого и зачистувањето на квартот имаше, според искреното убедување на тетка Пенка, таинствена зависност. Така просторот меѓу блоковите си остана гранична меѓа, посетувана само од бездомни кучиња и насејана со празна пластика и со шишиња за пиво. Тоа се случи во почетокот на октомври.

Два месеца подоцна на вратата се појави човек во воена униформа и ми се претстави како испратен од Воениот округ.
– Никој ли нема кај Драгостинови? – ме праша тој. – Идам третпат и никој не ми отвора.
Ги кренав во недоумица рамената.
– Има покана за него од резервата, двапати оставам соопштение да дојде и да ја прими. Ќе ја земете ли Вие за да му ја дадете?
Махинално ја примив жолтеникавата расписка и се потпишав во некаква тетратка. Според поканата, Влади требаше да се јави во седум часот претпладне следниот вторник во дворот на Округот за да замине како резерва во рок од 45 дни.
Не бев сомничава, но ја прозрев невидливата врска меѓу непотчинувањето на мојот сосед-виолинист за време на саботникот и заповедта што сакаше да го испрати некаде на воени маневри во средината на декември.
Додека уште го практикуваше својот хокеј Коста ниту еднаш не појде како резерва – спортисти, артисти, музиканти и други луѓе со поделикатни професии обично беа поштедувани од таа мерка, која се преземаше поскоро како казна, во што и се преобразуваше во принцип секое задолжително запазување на законите и правилата. Постојниот закон за воена должност не важеше за најитрите луѓе и привилегираните, како што не важеа за нив ни глобите за поголема брзина и за употреба на алкохол зад воланот или драконските ограничувања за закуп на живеалиште, за кола или за екскурзија во туѓина. Врските што Коста си ги создаде во Округот одамна веќе му гарантираа спокојство. Беше ми кажал дека со шише увозно виски успеал да уреди да му го затурат воениот отчетен картон на скришно место за службениците во одделот „Резерва”.

– Го викаат комшијата во резерва – му соопштив лаконски на Коста, уште истиот ден откако му го покажав писмото од Округот.
Коста се изнасмеа грубо и, ми се стори, со извесна злорадост.
– Музикантите ги викаат ретко, треба да нагазил на нешто – забележа тој.
– Не можеш ли да му помогнеш да се откачи? Зима е, а тој ми се гледа доста изнежнет. Ти имаш врски во војното.
Коста се ожесточи.
– Ја види ја ти неа! Се загрижила! Што ти стана? Да нема нешто, а?
Ја познавав грубоста на Коста, не сакав да го предизвикувам.
– Не, ништо, просто ми падна на ум, нели сме соседи.
– А одовде ти минува ли нешто?
Тој се наведна, ме притисна грубо кон себе и брцна под моето здолниште.
– Ми се гледаш нешто навлажнета, да не си била некаде?
– Престани, не можам да ги поднесувам твоите глупости – се озабив јас.
Коста веќе ме допираше, децата беа на училиште, така што немав место за отстапка. Се смирив и го истрпев и овој пат, оти потоа се успокојуваше и ме оставаше на мир некое време.

Влади замина во резерва една седмица подоцна. Вечерта пред да излезе од блокот рано во шест, за првпат тенкиот панел што нè разделуваше ги пропушти не само бурното крцкање на креветот во нивната спална туку и неговите гневни викотници, како и нејзиниот плач. Влади се ругаше силно, преку ѕидот што нè делеше долетуваа зборови и изрази кои претпочитав да ги заборавам веднаш и стравував дека некој од соседите можеше да го слуша заедно со мене. Тој едноподруго ја нарекуваше државата „скапана”, раководителите „идиоти”, соседите „поткажувачи и ченгели”, ѝ ветуваше на расплаканата Нина дека никогаш, никогаш, никогаш (не помнам колку пати го повтори зборот) нема да се помири со тоа. За разлика од мене Коста се правеше дека не слуша ништо, макар што претходно беше наслушнувал дали им крцка креветот. Отиде во ходникот, го пушти телевизорот на најсилно и си налеа, како и обично, двојно виски од новата кутија што неодамна му ја донесоа дома со бела „Лада” со службен број.
Бидејќи се сомневав дека тетка Пенка е виновна за таа казненичка резерва што силно ги погоди соседите, следниот ден, штом ја здогледав, минав на спротивната страна од улицата и се зарадував дека таа остана непријатно изненадена од мојата демонстрација.

Беше среда во декември, се наближуваше Новата година, одвреме-навреме ја посетував сосетката Нина, таа ме покануваше на прозрачните столови во светлозелената кујна, пиевме кафе врз портокаловата маса, но веселите бои не можеа да ги скријат нејзината тага и вознемиреност.
На двапати замина на посета – маж ѝ беа го испратиле доста далеку – се враќаше тажна и со зацрвенети очи од плач.

– Не треба така да се кинеш – ѝ реков еден ден. Времето минува, маж ти ќе си дојде, ќе видиш дека сè ќе се заборави. Само да е здрав, другото нема значење. Толку ти завидувам дека така внимавате еден на друг.
Бев наполно искрена, таа ме погледна изненадена и јас ѝ објаснив:
– Знаеш ли колку жени би биле задоволни да се тргнат од своите мажи за извесно време?
Нина ми фрли прашален поглед и јас ѝ признав:
– Ама да! Оти да не го земат Коста, на пример? Ем ќе здивнам малку од него, ем ќе престане некое време со пиењето. Ништо нема да му биде, а и мажите понекогаш претпочитаат машко друштво.
– Влади не поднесува касарна, насилство, принуда. Затоа му е тешко.
– Знам – одговорив јас.
Нина ме погледна зачудено.
– Ве слушнав последната вечер, пред да замине Влади. Панелите се тенки и пропуштаат сè. Треба многу да внимавате што зборувате.
Таа замрзна на местото и праша:
– Нели нема да ме издадеш, те молам?
Во погледот имаше уплав и очај.
– Не заради мене, заради Влади, ако го затворат, нема да издржи.
Замолчев и се обидов да се сетам на слушнатото. Да го затворат дури и затоа што беше ја нарекол државата „скапана” а управниците – „идиоти” се чинеше доста преувеличено. Слични приказни можеа да се слушнат за она поранешно време, а милицијата ги земаше предвид само ако веќе се сомневаше во некого, инаку ќе требаше половината население да го отераат во затвор.
– Не знам што сте наумиле – реков случајно – но навистина треба многу да внимавате.
– О, те молам Жени, не кажувај на никого. Влади сè веќе смисли. Штом си слушнала, што има да кријам? Ќе се измолкнеме од тука. Ти знаеш дека ќе замине на турнеја со оркестарот за два месеца и ќе остане кај наши пријатели. Јас се запишав во истото време за екскурзија во Унгарија. Така ќе стигнам до Белград, таму ќе ме чекаат. Само не кажувај на никого дека си слушнала.
Стоев како тресната, не знаев што да кажам. Ништо не бев слушнала, ништо не бев разбрала. Заради Коста и неговиот телевизор го бев пропуштила најважното. Само тоа недостигаше!
Истата вечер го прашав Коста дали си спомнува што бевме слушнале преку ѕидот, но тој или сметаше дека се занимавам со женски бесмислици или се направи дека не ме разбрал. Јас, исто така, се обидував да го заборавам слушнатото, но еднаш споделена тајната на Нина стана заедничка и повеќе не можев да се отргнам од неа.

– Ќе ми требаат девизи – ми рече Нина по неколку дена, додека одново пиевме кафе на нејзината портокалова маса.
Сосетката ми се виде видливо променета во изминатите седмици. Под очите имаше сини кругови како од хронична несоница, беше ослабена и здолништата ѝ се свлекуваа надолу од половината, провиснувајќи се врз слабичките ѝ бедра.
– Барем неколку стотини долари, не ли можеш да ми најдеш од некаде?
– Опасно е, а и како ќе ги изнесеш? Ако ги најдат кај тебе, може да те отераат во затвор.
– Не се обеспокојувај, ќе најдам начин, ти само помогни ми да ги купам. Имам неколку парчиња накит од мајка ми, со нив ќе ги платам девизите.
Нина отиде во другата соба, пребаруваше низ гардероберот и донесе темносина старинска кадифена торбичка. Ја истури содржината врз портокаловата маса. Кон мене се стркала златен прстен со јадар брилијант, го зедов и почнав да го разгледувам.
– Тоа е од баба ми, дедо ми ѝ по подарил за свршувачката. Виенски производ. А оваа гривна е подарок на мама од нејзината свекрва – смарагд со брилијанти. Исто и овие обетки. Што мислиш, колку може да се земе за сите нив?
– Немам претстава! Сакаш ли да го прашам Коста? Тој се шеташе со тимот на запад, сигурно ќе знае нешто по тоа прашање.
Нина не ми одговори, го стави набрзина накитот во торбичката и ми ја тутна в раце.
– Ете, прашај кого сакаш. Ми требаат триста долари.
Признавам, целата работа не ми се допаѓаше уште тогаш. Ја зедов торбичката со страв, небаре Нина си ја ставила внатре сопствената глава. Уште не знаев дека главата внатре беше мојата сопствена.

Вечерта почекав да си легнат децата, на Коста му сипав двојна доза виски и дури се најдов во ризик да ме повлече во спалната. Тој само ме пофати по задните делови и одново ја надигна чашата додека втренчено гледаше во телевизорот некоја репортажа од последното издание на „Златниот Орфеј”.
– Данчето е доста цицлесто – се искажа компетентно тој. – Велат дека се чукала со Кастро.
– Остави ги тие глупости, гледаш колку убаво пее жената.
– Не ли гледаш дека го лапнала микрофонот, како да е... И ти да го лапнеш така, и ти ќе пропееш...
Ми се повраќаше од него.
Ја извадив кадифената торбичка и реков:
– Сакам да ти покажам нешто.
Ја исипав содржината на масичката.
Коста ги ококори очите:
– Од каде ти е тоа?
– Нина ми ги даде, од мајка ѝ ѝ биле. Сака да ги продаде. За долари.
– Тие не се бедни, зошто ѝ притребале долари? Знаеш ли колку чини сето тоа?
– Не знам – одговорив искрено.
– Најмалку пет-шест илјади, горе-долу колку половина апартман. Пријавени ли ѝ се? Ако не ги пријавила, според законот за криење на драгоцености и злато може да ѝ залепат и пресуда.
– Ајде сега, глупости. Ѝ требаат пари на жената, за нив бара 300 долари.
– Триста долари?
Коста се отрезни.
– Нешто треба да се зајале тие луѓе. Ајде, кажи ми жено врачанска сè што знаеш, за да си немаме непријатности.
– Ти се молам Коста, остави ме – повикав јас, обидувајќи се да се откинам од прегратката на неговите железни раце.
– Кажувај, оти сега ќе им са јавам на моите и накитов ќе појде право во милиција.
– Добро, ќе ти кажам, ама немој да правиш глупости, вети ми.
Коста ме пушти, појде до гардероберот, пребаруваше долго во него, извади некакви зелени банкноти и ми ги даде.
– Еве ти ги твоите 300 долари, да видиш дека сум разбран човек, ќе ги приберам овде овие боклуци, но сакам да ја знам вистината.
Ги зедов парите, се издишив и му реков:
– Решиле да патуваат луѓето, им требаат малку пари.
– Да патуваат, велиш. Каде ќе патуваат? Хм, добро.
Го прибрав накитот во торбичката и ја сокрив некаде во гардероберот.
Бев толку задоволна што сè помина доста лесно, дури малку подоцна и замижав и го истрпев неговото грофтање врз мене и овој пат. Мислев на радоста што ќе ја доживее Нина. Но си го претставив исто така и Влади, споменот на чие бело, деликатно тело не ме напушташе.

Влади се врати кон крајот на јануари и за чудо не изгледаше измачен и испатен, туку помажествен и лесно огрубен, нешто што не само што му прилегаше туку имаше ефект врз мене и особено врз она место со општа определба „под лажичката”, од кое соодветно се управуваа особено чувствителните зони во долниот дел на телото. Изгледаше спокоен како некој што го нашол одговорот на прашањата и кому му остануваше само да ги доведе до исполнување. Нина и јас знаевме каков беше одговорот и тоа нè правеше неспокојни. Бев ѝ ги дала тристате долари на Коста уште другиот ден, таа ги прибра без коментар, ниту се зарадува, ниту се возбуди, разбрав дека тие претставуваат дел од товарот што го носеше и од кој потајум можеби сакаше да се ослободи.
Во почетокот на март оркестарот на Влади замина на односната турнеја и низ тенкиот панел одново ги доловив нивните бурни љубовни галежи и придушеното липање на сосетката.
– Тие креваат најголема врева во постелата кога се разделуваат – забележа филозофски Коста и одново појде да го засили телевизорот.
Јас го слушав крцкањето на креветот, ту забавено ритмично, ту силно забрзано, соодветно на љубовниот ритам на двајцата и срцето ми премираше, небаре Влади се разделува од мене. Го чувствував повеќе од кога и да е она „треперење под лажичката” и дури солзи ми навираа во очите. Немаше да ги видам повеќе, ниту неа, ниту него. По три дена и таа требаше да замине со тристате долари на Коста в џеб или каде што ќе ги сокриеше, за да се најдат некаде во светот. Ме болеше срцето од таа мисла, ќе ми недостигаа, особено тој.

Децата започнуваа на училиште во седум и половината, ги будев еден час порано. Бев тргнала да ги будам точно навреме следниот ден по заминувањето на Влади, кога слушнав врева и тропот на скалите и долго ѕвонење на вратата на соседите. Погледнав низ клучалницата – на плоштатчето стоеја двајца уноформирани и еден цивилен. Вратата се отвори, Нина излезе надвор, имаше исплашен и збунет изглед.
– Треба да направиме претрес. Еве ја заповедта. Имаме пријава дека незаконски тргувате со девизи и дека имате намера нелегално да ја напуштите земјата.
Цивилниот ја истурка замаената Нина внатре во апартманот и тројцата влегоа по неа.
– Што си зјапнала таму? Немаш ли друга работа? – грубо ме повлече Коста, којшто исто така се доближи.
– Но тие идат да ја затворат.
– Е, и што од тоа? Ќе срка што си надробила.
– Но Коста, од каде...?
Тој ме погледна мрачно, ми сврте грб и влезе во бањата.
„Боже, проклет да е! – си помислив со ужас. – Тој ја удави.”
Дури и не се ни замислив, само си го претставив лицето на Влади, неговиот поглед исполнет со укор и зборовите што веројатно ќе сакаше да ми ги каже. Одвај ли ќе беше најубавото што би го слушнала од еден маж! Ја отворив вратата и го притиснав долго нивното ѕвоно. Ми отвори цивилниот, изгледаше налутен, но пред да каже што и да е се втурнав во собата и на Нина ѝ реков:
– Врати ми ги тристате долари што ти ги оставив да ми ги чуваш од Коста.
Таа ме погледна без да сфати, цивилниот профучи со недоверба, но јас продолжив.
– Парите се мои, што има да кријам сега. Си ги имам, не сакав маж ми да знае. Ете, оној ден ми го собра накитот што си го бев купила претходно. Сакал да ѝ го даде на милицијата. Глупости, милицијата со тоа ли ќе се занимава.
– Каков накит? – праша љубопитно цивилниот. – Во пријавата не пишува за накит, туку станува збор само за незаконско поседување на девизи.
– Е па тоа се глупостите на Коста. И девизите, и накитот се мои.
– Ајде да го видиме накитот – беше љубопитен цивилниот.
Не чекав да повторат, веќе ги воведов кај нас, уште се слушаше шумот на водата во бањата, го отворив гардероберот, долго ја барав кадифената торбичка, но не ја најдов. Цивилниот почека некое време, а потоа пресече:
– Ќе дојдете со нас во Управата.
Коста излезе од бањата замотан во бањарка, намуртено ги гледаше туѓите мажи во куќата, се обиде да им каже нешто, но јас набрзина ја грабнав чантата и излегов на скалите. Нина седеше пред лифтот побелена како мртовец, се обиде да ме извлече, но јас ја турнав и слегов со тројцата.

Ми дадоа година и пол за незаконски зделки со девизи и со драгоцености откако признав дека одамна се занимавам со тоа. Поминав во затвор 8 месеци и, отворено кажано, не беше толку страшно колку што си бев претпоставувала. Жените беа доста разговорливи додека игравме карти навечер, а понекогаш и преку ден, пушевме не толку лоши цигари и, најважното, речиси и не го гледав Коста. Ми беше мака само за децата, не сакав да ги води на посета, се бев зарекла дека нема да ме видат во затворска престилка и со крпа на главата како болна од тифус.

„Од затвор се излегува, од гроб не” – велеше онаа моја сокелијничка, која беше одела во Њу Јорк и како последица беше се нашла на истото место како мене. Само што во нејзиниот случај доларите не беа триста туку три илјади, и не ги беше изнесла туку се беше обидела да ги внесе. Нејзината тетка ѝ ги подарила, без да се сомнева до каде може да ја дотера тој нејзин подарок. Кога ми соопштија дека веќе можам да си одам, и двете плачевме на разделбата, другите исто така се стемнија околу нас. Тие жени внатре ми станаа поблиски отколку луѓето надвор.

Првото нешто што го забележав кога се прибрав дома беше сменетата плочка на вратата на Драгостинови. Уште се забележуваа траги од двата винта на табелата со артистички напишаните им имиња.
– Кој живее во соседниот апартман? – ја прашав мојата поголема ќерка.
– Еден од милицијата се всели пред еден месец – ми одговори таа.
– А Нина?
– О, ја нема, таа си замина уште тогаш, откако...
Воздивнав со олеснување. Беше успеала и без тристате долари да дојде до својот Влади и тоа ме зарадува.

По една седмица ми позвонија на вратата. Беше тоа еден слаб маж на средна возраст, којшто водеше за рака едно момиченце на возраста на мојата најмала ќерка.
– Идеме за пијаното – се огласи тихо.
– Какво пијано? – го прашав љубопитно.
Тој го извади весникот „Вечерни новини” во кој, еднаш седмично, поместуваа огласи и посочи со прст.
– Еве го огласот, се продава пијано. За неа е – додаде тој со извинување и го посочи малото, бледникаво дете со големи очи и со сенки под нив.
– Човекот го нема, оставете телефон, ќе му кажам да Ви се јави.
Мажот долго пребаруваше по џебовите, најде хемиски молив и напиша некаков број на грбот на еден трамвајски билет. До стуткав уште додека слегуваа со лифтот.
Веднаш открив дека макар што бев преживеала доста во изминатата година, при што влегувањето и излегувањето од затворот ми беа помачни отколку престојот во него, мислата дека пијаното на Нина ќе го напушти блокот ми се стори неподнослива, како да ќе ми одземеа лична драгоценост. Дури за момент и си вообразив дека немаше да се вратам кај Коста ако на соседниот ѕид на живеалиштето не беше потпрено пијаното. Тоа навистина не беше точно, кај Коста се вратив заради децата, особено заради малечката Ива. Но, никогаш порано не бев ја почувствувала приврзаноста кон еден предмет, како што тоа се случи со Коста кон неговата нова „Лада” или на мајка ми кон нејзиниот телевизор во боја, купен преку врски. Но пијаното на Нина со убавата црна, лакирана површина, која ги одразуваше предметите и луѓето како огледало, со блескавите пасажи што се тркалаа низ блокот дури до улицата, со умеењето да биде ту тажно, ту весело, ту скокливо иронично, беше се преобразило во мене како нешто живо, кое имаше срце, душа, дишење. Не сакав да го загубам, како што си ги загубив соседите, затоа и решив да го купам. По која и да е цена.
Цел ден наслушнував на вратата и штом слушнав како се врти клучот кај соседите ја отворив и со присилна љубезност се вдадов кон мажот со милиционерска униформа, кој беше се доселил до нас.
– Здраво, јас сум Жени, ќе дојдам уште денес да го земам пијаното, Нина ни го беше ветила за мојата најмала ќерка, се разбира, јас ќе ви платам нешто, колку што сакате, но детето беше започнало да зема уроци и треба задолжително да има инструмент.
– Ја нема Нина, нема ѓавол, живеалиштето ми е отстапено заедно со мебелот. Пијаното не е мебел, ниту е нешто од некоја полза, најмногу две саксии да стави човек одгоре, ама зафаќа многу место. 200 лева – отсече тој, а јас се вдадов да ги соберам.
Сакав да заврши операцијата колку што може побрзо така што до ручекот најдов двајца Цигани со јажиња кои го преместија пијаното од соседниот апартман во нашиот. Го разместив мебелот, му најдов место и тоа се закова во аголот, како отсегаш да било таму. Го отворив внимателно капакот и минав со прстите по клавишите. Се слушнаа кристални звуци како од сребрени ѕвончиња, кои ме потсетија на краткото време кога од апартманот на моите соседи долетуваа гами, бравурни пасажи и романтични кантилени на виолина, кои Влади ги исполнуваше со толкаво чувство. Го отворив горниот капак, бев видела дека Нина го прави тоа кога сакаше пијаното да звучи посилно. Ја забележав торбичката со нафталин, закачена на една од попречните гредички. Ја извадив внимателно и оддолу се покажа друга торбичка, кадифена и со темносина боја. Растреперена ја зедов, внатре тропкаше нешто, ја исипав содржината врз капакот на пијаното – тоа беше накитот на Нина. Коста беше ѝ го вратил поради каење? Не можев да поверувам!
Уште се губев во разгатките пред да забележам дека Коста се беше вратил, кога ме изненади од грб.
– Зошто си го довлечкала тоа пијано? Што е тоа? Дај ми го веднаш – се обиде да ми ја грабне торбичката од раката, но јас ја сокрив зад грбот.
– Коста, ти си имал совест. Си ѝ го вратил накитот. Зошто не ми кажа?
Бев речиси возбудена. Отсегаш се надевав дека грубоста на Коста беше само параван, завеса за неговиот неуспех во спортот, а можеби и во животот, и дека зад неа се криеше еден добар човек, којшто не можеше да стане љубен сопруг и татко.
– Глупачка! Вистинска глупачка. Ја сокрив торбичката додека зборуваше глупости со оние на скалите, ја сокрив во тоалетното казанче.
– Но после си ѝ ја вратил на Нина.
– Е, отидов да ја посетам, пред да замине. Ме молеше да не ја издавам. Како што гледаш, не ја издадов, а можев да го направам тоа како ништо. Зашто многу убаво ме замоли.
Коста намигна заговорнички и безобразно кон мене и реши да ми појасни:
– Навистина се чукаше многу убаво.
Не му поверував, ми го рече тоа за да ми се одмазди за затворот, а можеби се сомневаше дека тоа го бев направила не заради Нина, туку заради Влади. Дури не ни можеше да му мине низ умот дека се бев жртвувала заради него, зашто не сакав маж ми да живее со дамка на разнесувач и на никаквец.
– Толку убаво се чукаше што ѝ го врати и накитот.
– Е, колку си голема будала. За што ќе ѝ беше? Не можеше да го земе, ќе ја фатеа како ништо и тогаш ќе ти правеше друштво во затворот. Просто, потоа го сокрив во пијаното, дури му кажав и на оној блесав, милиционерот, дека ќе го купам од него, не очекував дека толку брзо ќе населат некого во апартманот. Добро си направила што си го зела. Колку му даде?
– 200 лева – одговорив махинално и како насон.
– Не е лошо, ќе го продадам најмалку за 1000.
– Не! – му реков неотстапно јас. Пијаното е мое, нема да го продаваме, а накитот ќе ѝ го дадеме на милицијата. Освен тоа, се радувам дека си ја исчукал, зашто така сме квит. Нејзиниот исто така беше голем љубовник.
Чекав со нетрпение да ме удри, дури и сакав, така веќе сè ќе беше завршено веднаш и засекогаш. А и грубоста ќе му беше доказ дека ми поверувал за Влади. Коста поцрвене, очите му се исполнија со некаква солзлива течност, ќе испаднеа од напрегнување. Видов дека сакаше да ја исфрли злобата врз мене, си замислив за миг дека ќе ме полее со зелена, смрдлива течност, со која сигурно му беше преполн стомакот. Но тој се совлада, зелената жолч се врати назад пред да ја изблуе надвор.
– Милицијата сум јас, безобразна пачавро, ако не си разбрала уште – ми рече грубо тој, ми ја истргна од рацете торбичката и ја стави во својот џеб. – Задржи си го пијаното!
Ја тресна вратата зад себе и затупоти по скалите.
Да! „Љубен сопруг и татко” Коста ќе беше само во неговиот некролог.

Пијаното на Нина до ден-денес стои на избраното пред години од мене место. Најмалата ќерка научи доста вешто да свири на него, но го отфрли кога влезе во пубертетот. Не го продадов ниту тогаш, ниту подоцна, кога Коста ме напушти засекогаш и кога навистина имав нужда од пари. Се покажа дека сум во право. Ќерката на Ива, шестгодишно дете со живи очи и со вредни прсти, често го отвора капакот којшто го бришам од прав секој ден и веќе нафрла некои мелодии на пијаното. Мечтаам за времето кога ќе свири брзи гами и бравурни пасажи, како што некогаш правеше мојата сосетка Нина. Таа, според гласовите во блокот, беше успеала да го најде својот сопруг во Германија и никогаш повеќе не се врати ниту во квартот, ниту во градот, ниту во својата земја.
Блокот Nо31 официјално не постои веќе. За да ја премавнат измешаната нумерација, пред некое време му дадоа име како на улица. За моја жал, името не е ниту на цвет, ниту на умрен од туберкулоза млад поет, ами на царски генерал, кого комунистите го застрелале неправилно. Тоа сигурно ги дразни некои мои соседи, зашто периодично цртаат графити врз него ту во форма на пресечен крст, ту на црвена петокрака-ѕвезда. Од нив името на улицата-генерал не се чита и сите продолжуваат да ја нарекуваат Nо31.

     

    © David Marchon
    Леа Коен од Бугарија
    Леа Коен (Lea Cohen) родена 1942 г. во Софија/Бугарија, живее во Швајцарија; студирала клавир и музички науки во Софија и Утрехт; докторира во 1975 г.; од 1975-1979 г. раководи со Софиската филхармонија; ја застапува демократската опозиција во бугарскиот парламент (1990 г.); амбасадорка на Бугарија во Брисел (1991-1996 г.) и во Берн (1997-2001 г.); од 2002 г. раководи со Агенцијата за културна размена со Бугарија „Ardente“; Леа Коен пишува книги од областа на музичките науки („Paul Hindemith“,монографија, „Narodna Kultura“ 1967 г.; „Liubomir Pipkov“, монографија, „Narodna Kultura“, 1969 г., „ Monsieur Croche et Monsieur Debussy“, „Muzika“, 1988 г.), има објавено осум романа и една пиеса, последни Das Calderon Imperium (Konsortium Alternus), роман (Riva, Ciela 2005 и 2008 г.); Кандидат Президента, роман (Ciela, 2007 г.), Близка връзка, роман (Ciela 2008 г.), Преследвачът на звуци, роман (Ciela 2009 г.), Горчиви череши, пиеса, премиера - септември 1999 г. на Меѓународните празнични игри „Apollonia “, Созопол, Бугарија; Floriada, роман, (Gal-Iko 1999 г.  и Ciela 2010 г.); Кратката вечност на Алма М, роман (Kraliza Mab 1997 г. и  GAL-IKO1998 г.);  Докато смъртта ни раздели, роман (Kraliza Mab 1996 г. и GAL-IKO1999 г.). Нејзиниот роман Das Calderon Imperium беше преведен на германски јазик   и објавен во февруари 2010 г. од издавачката куќа Zsolnay во Виена.

     

    Eine Übersetzung von Thomas Frahm
    Томас Фрам, род. во 1961 во Дуисбург, денес живее во Софија како публицист и преведувач од бугарски. Моментно работи на преводот на вториот дел од бугарската трилогија романи на Владимир Зарев, чиј прв дел бил објавен под наслов Familienbrand (Битието) од издавачка куќа Дојтике во Виена. Во 2009 Фрам добил работна стипендија на Германскиот фонд за преведувачи, а во 2010 бил одликуван со номинацијата за наградата Берлински мост на Гете-институтот за Familienbrand (Битието) на Владимир Зарев.