Да се осмелиме да се сетиме

Nicossienses

  • Read in Greek by the author
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.
  • An excerpt from Nicossienses by Niki Marangou
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.

Расказ и песна на кипарската писателка Ники Марангу во превод од грчки на Емилија Мајсторова-Стојановска.

Никозија, велеше Христофор, има еден набој што го создава зелената линија. Сите што се одтука копнеат да одат на другата страна, а оние отаде, сакаат да дојдат тука. Ова создава еден вид копнеж во градот. Градот има врска со Константинопол и Солун, но не и со Атина.

Седевме така на балконот кај Костадин а наоколу се простираа градот, двете трговски улици, низите од палми, Света Софија со своите две големи минариња, скриена зад некакви нови зданија.

- Беше толку значајна црква, реков, што тука се крунисуваа кралевите на Ерусалим и на Кипар. REGES HIERUSALEM ET CYPRI.

Јасно се слушаше гласот на имамот. Беше недела а улиците празни. Само некои слаткарници беа отворени и некои минувачи што за разонода ги разгледуваа излозите долж тротоарот. Изгреваше месечина огромна како резанка лубеница.

Во Никозија дојдов на четиригодишна возраст, кога ја завршија клиниката што ја градеше татко ми близу до Општата болница, спроти судот. Со мојот велосипед јурев горе-долу по бескрајно долгиот ходник на клиниката. Дојдена од Лимасол во Никозија, дури и јас, иако дете, чувствував некаква тегобност. Една затворена заедница на државни службеници, една колонија, мошне поинаква од оној Лимасол на бекрии и трговци. Скудни сеќавања имам од овој период, но би можела да го опишам секој агол на Лимасол. Приемите во премиерската зграда, родендените на кралицата, вечерните тоалети на мама, беа замена за веселбите во Лимасол околу големата квадратна маса во кујната.

Во основното училиште мојата фантазија се разгоруваше од борбата на ЕОКА против англиската окупација. Толку многу ме измачуваше фактот дека моите родителите беа донеле дома една Англичанка за да нѐ учи англиски јазик, што дури ги сметав за предавници.

Живеевме крај реката во една област со големи дрвја, еукалиптуси и палми, мошне близу до Турската населба на градот. Во Турската населба одевме секојдневно со мајка ми зашто таму беше пазарот и централната пошта, каде што ги земавме писмата на тате од неговото поштенско сандаче. Ми се допаѓаше Турската населба, од дете имав некаква љубов кон старите згради, историјата, па изнаоѓав најразлични изговори за да одам таму. Наоколу црквата Света Софија се простираа зраковидно улиците со најразлични занаети. Малечки замаглени дуќанчиња а стоката со клинци закачена на ѕидот, или пак на полиците. Мајсторот седнат пред едно ниско масиче и си работи. Јорганџилници со шарени јоргани и перници, розови, виолетови, портокалови, турски бои како што велеше баба, кога ќе облечев нешто дречливо. Подолу започнуваа чевларите со обесените кожни чизми и влечки во силни бои. Алваџии со големи парчиња алва и нож забоден одозгора, улицата со железарија, улицата со метража. Со мајка ми влегувавме и во пазарот. Измешана миризба од пастрма, сирење, цвеќиња. Месото секогаш го купувавме од Хасан, зашто беше најубаво. Рибата, пак, од Андреја, а зеленчук кај што ќе најдеше најсвеж. Сите ме знаеја на име и ми подаруваа ѓеврек или што било друго што имаше во дуќанот. И Турците и Ерменците, сите зборуваа грчки.

Никозија ја запознав подобро во шеесеттите кога веќе полнолетна талкав со својот велосипед ширум градот. Татко беше многу строг. Единствено кога одев на часови дозволуваше да излегувам од дома. Дури и во British Council одев кришум. Со изговор, демек, оти имам некаков час, бегав од дома а патот постојано ме носеше во Турската населба. Изнаоѓав различни часови за да имам можност да излегувам. Имав откриено една Ерменка во улицата „Викторија“ која што предаваше дактилографија и стенографија. Мајка ѝ седеше во еден киоск и го набљудуваше сообраќајот по улицата. Спроти нивната куќа беше ерменската црква на Богородица Тирска. Тогаш ја купив книгата на Gunnis та прочитав дека таму постоел магацин за сол. За време на опсадата на Никозија во 1571 година од страна на Отоманците, Ерменците, кои ги мразеа Латините , им помогнале на Отоманците, кои што пак по паѓањето на градот за возврат им ја подариле црквата. Ја читав книгата и си замислував дека сум археолог, и со голем восхит го откривам тој и тој натпис, таа и таа надгробна плоча.

Златарската улица имаше мали дуќанчиња со некакви примитивни излози. Стоката на златарите вообичаено беше натрупана во англиски поцинкувани кутии за бисквити, во кои претурав со часови. Имав најдено брош кој беше во облик на рака што држи цвет, едно обетче од злато, она злато од времето на Отоманската империја со многу бакар во него, и некакви црвени камчиња кои што ги викаа „селании“ , веројатно од Цејлон. Сето ова во тоа време беше премногу евтино, и купував по нешто кога тоа ми го дозволуваше мојот неделен џепарлак. Ме восхитуваа некои ланчиња со сребрени приврзоци во облик на кутивчиња, во кои имаше некакви хартии испишани со арапско писмо и, како што ми објасни еден златар, беа во врска со арачот што на времето Турците им го наметнувале на Грците од островот, а на секој еден што не го плаќал му ја отсекувале главата. На овие кутивчиња имаше прикази од отсекување глави што ги гледав со часови, но никогаш не купив ниту едно од нив. Години подоцна, во еден музеј, видов едно такво. На него беше прикажан Свети Јован Крстител. Значи, мошне е веројатно оваа приказна да беше само мит. Еден од повеќето такви митови кои што се раѓаа во древните градови. Имаше и мноштво од сребрени бурми, од времето на војната во 1940 година, кога многу жени ги давале своите златни бурми и купувале сребрени на кои пишувало „ОСЛОБ. БОРБА 1940“. Најголемиот број златари беа Грци кои што по 1963 година избегаа оттаму и се раштркаа на сите четири страни. Еден од нив е Етеокле, го сретнав многу години подоцна. Се обидуваше повторно да го отвори дуќанот, но не можеше да сврзе крај со крај зашто веќе почнаа да носат готов накит, а оној рачно изработениот веќе не се бараше. Па така, отвори една таверна – ама каква таверна – еден шанк во една стара куќа, во која што и самиот живееше со својата жена Шпанка. Стана алкохоличар.

Кога дојде времето да почнам да се интересирам за момчиња, моите први состаноци беа горе во кубињата на Света Софија. Помеѓу овие кубиња се образуваше една камена вдлабнатина во облик на кауч, нешто како камен шезлонг. Ја набљудував низината како зазеленува на пролет, и како пожолтува на лето. Се искачував по тесната скала на минарето и цела Никозија се простираше под моите нозе, сѐ до планинскиот венец Пентадактилос. Од едното минаре галопираше Севах Морепловецот, а од другото Џејн Остин. Читав без престан. Продолжив да одам во Турската четврт дури и откако беа поставени барикадите од двете страни. Млада девојка со велосипед - никој и не помислуваше да ме сопре.

Демаркационата линија го сечеше градот токму по средината, на улицата Ерму. Тоа беше делот низ кој скоро секојдневно минувавме со мајка ми. Бескрајни, тесни а долгнавести дуќанчиња со стакларија, чинии, чаши, играчки, вистински водопад од бои, во тоа време првата пластикарија што ме воодушевуваше со своите бои, кинески емајлирани садови исцртани со риби. Областа опустоши, дуќаните беа преместени, се раштркаа, во кафеаната SPITFIRE, со одвај читлив натпис, стара веспа сред обраснат излог, вреќи песок, ровови.

Никозија ја напуштив во 1965 година. Заминав за Берлин на студии, каде преживував една друга Никозија, нејзината носталгија. Се вратив назад во 1970 година. Најдов еден наполно изменет град, меѓутоа и јас се имав променето, ги имав изгубено своите сокови и не бев во можност ниту да пишувам, ниту да сликам. Пишував статии по весниците „за новите тенденции на европскиот социјализам“ за кои добивав мошне поволни критики, но и покрај тоа бев вакцинирана од северноевропската тага. Ги имав изгубено своите моливи. Единствено летаргичните пладниња на Никозија ми помагаа да се потсетам која сум. Безделничење и палми на хоризонтот. И морето.

Пред инвазијата во 1974 година, Никозија беше речиси крајбрежен град. За дваесет минути се стигнуваше до морето, автомобилот се искачуваше по планината, а патот слегуваше стрмо од врвот кон Керинија па сѐ до морето, волшебното море. Често ги затворам очите и си го замислувам ова патување до морето. Изминаа веќе 26 години. Сега, за да стигнеш до омајното море ти требаат два и пол часа патување. Морето се изгуби од секојдневието на градот. Гледајќи кон север, кон планината Пентадактилос која го задскрива морето, гледам едно огромно турско знаме обликувано на самата планина. Одбегнувам да гледам кон север.

Често се шетам низ стариот град, низ онаа половина што остана. Сите улици завршуваат со стражарници. Слегувам низ улицата Лидрас, старата централна трговска улица која што сега е претворена во пешачка зона. Во длабочината се забележуваат минарињата на Света Софија помеѓу кои, за време на рамазанот, има испозакачено лампиони во различни бои. Црквата Фанеромени, амамот Емерке во населбата со борделите. Називот „Емерке“ произлегува од двојната џамија Омерје, односно џамијата на Омер, стар манастир на Августинците, кој станал свето место за муслиманите кога согласно со традицијата таму преноќувал Калиф Омар. Но, и за Латините овој манастир бил свето место. Старите хроничари раскажуваат дека таму било закопано нераспаднатото тело на Свети Јован од Монтфорт. Јован дошол на Кипар во летото 1248 година заедно со Свети Лудовик за да го подготват походот на крстоносците низ Светите Земји. На Кипар останале преку зимата, кога некаква епидемија ја косела војската. Свети Лудовик изгубил над 250 коњаници. Таа зима умира и Јован и го погребуваат во Августинскиот манастир. Уште се прераскажува дека некаква си Германка, на враќање од аџилак од Светите Земји, откако ја минала ноќта молитвејќи крај светецот, загризала едно парче од неговото рамо за да го понесе со себе како дел од светите мошти. Меѓутоа бродот со кој требала да замине не поаѓал сѐ додека не се исповедала и не го вратила назад парчето што веднаш зацелило на мртвото тело.

Никозија е полна со вакви приказни како што се впрочем и сите стари градови кои што со себе носат напластени сеќавања. Подолу се наоѓа палатата на драгоманот Хаџигеоргаки Корнесиос, со зодијачките знаци на неговите деца. Стариот град изобилува со низа убави стари цркви, живописани со фрески кои имаат посебна убавина. Честопати, во долниот дел на сликата, бил насликан дарителот кој го платил живописувањето на фреската. Холандски трговци, Латинки госпоѓи со тантели, преубави починати ќерки во пурпурни фустани и со рацете прекрстени на градите, деца со чудни капчиња. Во овие цркви, литургиите посветени на Света Недела зрачат со побожност и посветеност, со балдахини украсени од девојките во соседството, што го следат древниот обичај поврзан со обожавањето на Адонис . Единствено во стариот дел на градот ми се допаѓа да ги следам велигденските литургии. Сите се таму. Мажот со антички грчки профил крај мене загледан во шестокрилот , Римјани, Франки со мрежест вел на главата, Сарацени, Копти, Несторијанци, Маркос Ѓакон, девојката облечена во црно, теологот во демодѐ костум, сите восхитени и заслепени сред жолтозлатниот сјај и кадифето, „за страв на Агарјаните“ .

Подолу, Крстот на Мисирикос, што всушност е џамија, потврдува каква мешаница е овој град. Една стара византиска црква посветена на Крстот со готски, италијански и франкиски архитектонски елементи. „Мисирикос“, веројатно од Мисир, односно Египет, и згора со минаре.

Жителите избегаа од своите домови што се граничеа со зелената линија, линијата што го дели градот на половина. Па така, овие куќи станаа работилници: Гаврил тенеќеџијата, складиштето на Петрос - уличниот продавач – во кое ги чуваше своите тезгериња што наутро ги товареше, во зависност од сезоната, со лимони, дињи, велигденски свеќи; до него едноракиот Павлос кој сече дрва, Стефанос амамџијата и господин Спирос чевларот. На ѕидот намачкан со мрсна боја зборот „ПОЧИТ“. Навечер, улиците се пусти и оној што пешачи по градските ѕидини опкружени со палми, во ендеците може да насети море или барем река, меѓутоа во Никозија нема водни оази за да ја пресечат летната жега на Месаорија, на низината што се распостила ширум околу градот, пожолтена преку поголемиот дел од годината. Никозија најмногу ми се допаѓа среде таквата летна жега, кога навечер пирка западниот ветрец и вжештениот град почнува да диши. И сите излегуваат во дворовите или на балконите.

Кога кон средината на векот Никозија започна да расте и веќе немаше место за нови куќи сред градските ѕидини, се изградија и првите соседства надвор од ѕидините. Велелепни куќи во неокласичен или колонијален стил со пространи дворови. Ова се најубавите соседства на градот што, за среќа, се зачуваа. Зашто новите населби што се изградија последниве години, никогаш не станаа соседства. Последниве години во Никозија падна тешка пара. По инвазијата многу Кипарци, кои ги загубија своите домови и работни места, заминаа во арапските земји каде мошне напорно работеа за да заработат, се вратија назад и одново го изградија местото. Богатството во тие новораспространети области се гледа уште на прв поглед. Куќи што нивните сопственици си ги замислиле како во телевизиските серии и во кои, кога ќе се вселат, можеби и нема да се чувствуваат удобно. Овие квартови немаат никаква боја; овие новоградби со своите колонади и приватни базени би можеле да се наоѓаат каде било.

Она што мене ме определува е стариот град и чувствувањето на историјата што со себе ја влече секој еден ѕид обраснат со трева. Само тука имам чувство за географската местоположба на Никозија сместена кон исток. И како одминуваат годините јас, која што бев страствен патувач, веќе не чувствувам потреба да заминам. Има мигови кога ми се чини дека целиот свет се сјатил во мојот двор, каде што

Во друштво со лисна вошка и гасеница
место песни да пишувам
годинава засадив трендафил роза
столистна од куќата на оплакувањето во Агиос Томас
шеесетлистна што Мида ја донесе од Фригија,
Банксијан од Кина што дојде,
фиданки од единствената преживеана мушичка
сред стариот град,
и посебно Rosa Gallica што крстоносци ја донеле,
а кај нас и дамаскинова ја нарекуваме,
со нејзиниот божествен мирис.


Во друштво со лисната вошка и гасеницата
и со папатачето, ноќната пеперуга, лисната бубачка,
пепелницата, осоликата мува,
богомолката што сѐ солапува,
ќе споделиме лисје, латици, небо,
сред оваа незамислива градина
и тие и јас минливи.

____________________________________

1 Константинопол, т.е. Истанбул

2 ЕОКА – Национална организација на кипарските борци

3 Rupert Gunnis (1899-1965), роден во Лондон, аматер проучувач на британската скулптура и колекционер. 1932 год. бил инспектор на Кипарскиот музеј на антиквитети.

4 Латини – католици, паписти.

5 Називот е изведен од грчкиот назив Кевланис за Цејлон, денешна Шри Ланка.

6 Адонис или Озирис.

7 шестокрил (εξαπτέρυγα, грч.) – зраците на свештеничките жезоли што ги симболизираат крилјата на Серафим.

8 Назив за западноевропејците од византиско до денешно време во Грција (спор. со поимот „ала франка“ во Македонија).

9 Назив за Турците и воопшто за муслиманите, иноверците.

 

© Niki Marangou
Ники Марангу од Кипар
Ники Марангу родена 1948 во Лимасол/Кипар, живее во Никојзија;  студирала социологија во западен Берлин (1965-70); прво работела како драматург во Кипарскиот државен театар; работи и како сликарка, учествувала на бројни изложби во Кипар и во странство; меѓу другото во 1999 г. го превела делото на Јоахим Сарториус „Александрија“; независна авторка (раскази, романи, песни, бајки); бројни објавени книги меѓу другото: , Είναι ο πάνθηρας ζωντανός, роман (Атина 1998), Selections from the Divan, песни (Никозија 2001), Γιατρός από τη Βιέννη, роман (Атина 2003), Divan, Антологија песни (Атина 2005), Ο Δαίμων της πορνείας, раскази (Атина 2007); на германски се преведени: И ја славеа свадбата четириесет дена и четириесет ноќи, Бајки од Кипар (Келн 2001), Од Фамагуста до Виена, Приказна на еден лекар од Кипар, роман (Клагенфурт 2008).  Меѓу другото добитник е на наградата за поезија од Атинската академија (2006)  и наградата Кавафи (1998).

 

Eine Übersetzung von Niki Eideneier
Ники Ајденајер, род. во 1940 во Килкис / Грција; во 60-тите години студирала грчка филологија и византологија во Солун и Минхен. Од 1964 работела за грчката програма на Баварското радио, кое било насочено против грчката воена хунта. Од средината на 70-тите години е предавачка за новогрчки јазик и книжевност на Универзитетот во Франкфурт/Мајна. Превeдувалa грчки писатели, како Јанис Рицос, Василис Алексакис, Манолис Анагностакис, Јоргос Химонас, Алекос Фасијанос на германски јазик, и германскојазични писатели, како Петер Хандке. Гинтер Грас, Ингеборг Бахман и Серги Ездамар на новогрчки јазик. Во 1982 ја основала на издавачка куќа „Ромиозини“ за грчка книжевност на германски јазик. Во 1998 и’ биле доделена турско-грчката награда Abdi-Ipekci за мир и меѓусебно разбирање на народите и наградата Арзу Токер за издавањето на тријазичната читанка Kalimerhaba.

 

Eine Übersetzung von Ingrid Parth-Dombros
Ингрид Парт-Домброс, род. во 1940 во Росток/Германија како ќерка на писателот и новинар Волфганг В. Пат; студирала сликарство и историја на уметноста во Минхен и работела како уредничка во минхенското списание Мадам; во 1961 се омажила за грчкиот дипломиран инженер и писател Апостолос Домброс; од 1964 живее во Атина; во 1984 објавила збирка свои кратки раскази под наслов Ρίζες και κλαδιά (Корења и гранки); за некои свои приказни е одликувана со книжевни награди од ПАРНАСУС и други книжевни друштва; работи како преведувачка на поезија и проза од грчки на германски и обратно; во 2005 со сопругот ја основала организацијата за помош GREEK COMMITTEE FOR EDUCATION OF KENYAN YOUTH, KOSTAS DOMBROS во Кенија и секоја година минува 4 месеци во Африка.