Да се осмелиме да се сетиме

Инспекторот Воланд

  • Read in Serbian by the author
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.
  • An excerpt from Inspector Voland by Aleksandar Gatalica
    Sie benötigen den Flashplayer, um dieses MP3 zu hören.

Есеј на српскиот писател Александар Гаталица во превод на Владимир Јанковски.

Би било наивно да се тврди дека ѓаволот се појави на Балканот.

Да го замислиме ова: пие кафе во Загреб во кафеаната „Дубровник“ и го изигрува големиот писател Мирослав Крлежа, при што го презел неговиот лик; седи налактен, а две млади келнерки шепотат меѓу себе; едната вели: „Еј, типов е плукнат Крлежа“. Или вака: јаде двоен чизбургер во белградскиот Мекдоналдс на Теразије и се прави дека е средношколец кој преку теразијскиот брег тукушто побегнал од часот во блиската Филолошка гимназија. Или вака: отвора сметка во експозитурата на една отмена турска банка во Сараево и на сметката вложува лажни 107.000 долари, кои се толку совршен фалсификат што службеничката на банката нема никакви шанси да ги препознае...

Не, ѓаволот не може да се замисли во ваков амбиент. Кога, меѓутоа, би напишале: ѓаволот се појави во Москва, сè би изгледало поинаку. Да речеме вака: ѓаволот се најде во Москва. Беше лето и црвеникавата прав од Патријаршискиот рибник ниско се сукаше по земјата и околу неговите нозе. Воланд се качи низ лавиринтите на пеколот и преку подземниот ходник кој недалеку од тука излегуваше на Земјата излезе на површината. Се појави под небото што личеше дека има боја на ’рѓа. Погледна околу себе и сфати дека се наоѓа на московските улици. Тргна, без да проговори, од Никитинската улица до Пречистенска, потоа сврти во Љевившкиот сокак и влезе во куќата во која живееше Варвара Аркадјевна Сатина.

Ваквиот ѓавол сигурно би го освоил вниманието на читателите, но тоа не се случи. Ѓаволот се појави на Балканот. Навистина на почетокот мислеше да го изигрува Мирослав Крлежа, да изеде двоен чизбургер во Белград и да отвори сметка на туѓо име, со лажни пари, во Сараево, но прво се упати во Македонија. Дали тргна со воз, дали застана на Косово, дали допатува со авион во Скопје – тоа не е важно. Едноставно се најде покрај Вардар и како отмен гостин, облечен во костум од совршено скроен твид, се пријави во хотелот „Томче Софка“. Не сакаше да оди од другата страна на реката и да отседне во некој од луксузните хотели. На неговата природа повеќе му одговараше стар објект со големи соби, со високи тавани и раскошно резбани врати.

Застана пред рецепционерот и на некој српско-македонско-руски јазик („Уверлива вавилонска мешавина“, си помисли) му рече дека е странец и дека се вика Воланд Разумович. Неговиот јазик совршено го претстави како вечен патник низ Источна Европа и на рецепционерот ни на крајот на умот не му падна дека пред него се наоѓа ѓаволот, кнезот на пеколот и господарот на сумпорните испарувања. Новодојдениот подаде украински пасош и рече дека има намера да се задржи неколку дена.

– Само неколку дена – одврати рецепционерот за кого Воланд веднаш виде дека не верува ни во бог, па ни во неговиот паднат ангел, ѓаволот. – А малку да ја „надуваме“ сметката. Вие мене ситни денарчиња в џеб, јас на вас двапати поголема цена за хотелската соба. Потоа вие кај вашите правдате двојно...“

– Тоа нема да биде потребно – рече Воланд можеби премногу остро – таму каде што се враќам сметките си ги правдам самиот на себеси.

– А, значи, приватник...

– Да, приватна пракса. Сопствено книговодство. Мала фирма – одврати ѓаволот самоуверено.

– Како што сака господинот, како што сака господинот.

И така Воланд се смести во хотелот. Но, зошто дојде? Зошто од срцето на земјата, преку дупките во кои несреќниците врескаа со еони, па низ влажната глина, низ мемливите наоѓалишта на валкан гас и она мало количество бедна нафта, потоа низ смрдливиот тресет покрај коските на неисплаканите покојници во плитките гробови, за како крт, низ дупка во земјата, да излезе баш во Скопје, чудно измазнет, ни малку извалкан од слоевите на земјата и облечен во вистински англиски костум со дворедно закопчување?

Балканот беше загноениот папок на Европа, лошо зашиената рана од која не истече гнојот, место каде што криците сè уште се слушаа до подземните спили и чудните траектории на понорниците. Војните што се водеа во ридовите завршија, па Воланд сметаше дека мора лично да дојде за уште еднаш да ги подгрее старите клетви и простените навреди да ги направи непростливи. Во тоа тој не виде ништо лошо. Луѓето беа тие кои се фаќаа за пиштол и го повлекуваа орозот; луѓето убиваа – ѓаволот отсекогаш само предлагаше. Можеа да кажат „не сакам“; ја имаа слободата на волјата, но куршумот сепак влегуваше во цевката, оружјето се репетираше и се слушаше „пукај“, а ништо од тоа не го правеше ниту ѓаволот, ниту некој од неговите педесет мрачни кнезови кои постојано можеа да сметаат на човечката потреба за карање, на неговата зла природа и злопамтење.

Сега, меѓутоа, дојде времето на мирот и со луѓето мораше да се игра поинаку. Никој како ѓаволот не знаеше дека има време кога сè оди наопаку и го нема тој здрав разум кој тркалото на историјата може да го запре во жалното враќање назад, но и дека има време кога сè ќе помине и ќе настапи, за ѓаволот едвај издржливото време на просперитет кога веќе не е лесно луѓето да ги наведеш едни против други и кога старите караници, некогашните воени бранители и профитери, се турнати долу на рабовите од градот за таму, во локалните кафеани, со скршени шишиња во рацете, сè уште да водат некои свои војни кои од трагедија веќе наголемо станале комедија.

Но, без разлика дали е војна или мир, луѓето мораа да се караат. Затоа дојде лично. Кога беше загноено, кога беше гнило го праќаше Велефор, моќниот војвода кој луѓето ги тера да ограбуваат, Лареј кој се појавува во лик на стрелец, предизвикува борби и прави раните да не зараснуваат, Моракс кој се појавува во форма на бик со човечка глава и наведува на суеверија, Рајам кој слетува на земјата како чавка и ги уништува градовите, Влам, Фрукас, Мурмур или некој друг. Тие лесно ја завршуваа работата. Сега стигна за со практична вежба народите на Балканот да ги скара уште еднаш во мигот кога тоа воопшто не им паѓаше на ум. Со тоа сакаше и во долниот свет – кој внимателно го набљудуваше секој негов чекор – да ја покаже својата надмоќ, владетелското достоинство и авторитативната природа која и понатаму не попушта, иако ѓаволот веќе добро навлезе во својата триста милијардита година од ангелско постоење, па би можело да се каже дека веќе беше старичок, но само во некоја рака преценет.

Имаше намера да докаже дека сè уште може да предизвика. Овој пат со навидум сосема поинакво дејствување. Реши да се прикаже како помирувач! Тој, ѓаволот, Воланд, Беовулф, Ариел, како и сè да се нарекуваше во изминатите илјадалетија. Да, токму тој, принцот на темнината требаше да биде миротворец. Сепак, не дека немаше своја пакосна сметка. Луѓето требаше навидум да ги смирува, да бара од нив солидарност и покајување, но тоа требаше да го прави толку подло што апелите во луѓето да предизвикаат пркос и сосема обратна реакција.

Затоа прво се најде во Скопје. Шеташе покрај Вардар и впечатливо ги менуваше ликовите. Помина како отмен господин со бастун кој од стариот мост се загледа во брзаците, за на булеварот Гоце Делчев да се претвори во мала Албанка, продавачка на кибрит, па потоа, веднаш зад аголот на булеварот Крсте Мисирков, во некаков студент, цвикераш. Како таков висок тип, оценувајќи дека на Земјата главно му е здодевно, влезе во кругот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Беше 2009-тата година, сред претседателските избори во Македонија, па ѓаволот реши да го побара професорот Фрчкоски, еден од кандидатите за кои мислеше дека ќе победи на изборите.

– Господине Фрчкоски, јас сум студент, но го знам она што го знае и народот на Македонија – почна Воланд, ненајавен – Македонија е зрела да добие Албанец за претседател.

– Албанец? – се зачуди професорот.

– Да, видете, тоа добро би одекнало не само на патот кон Охрид кој Македонија всушност не го контролира, туку и во Албанија, во Турција; а потоа треба да се смета и на вечната приврзаност на Америка за албанското прашање. Изгледа дека сето тоа го попречува само вашата тврдоглавост. Здружете се со некој од петте албански кандидати, повикајте ги своите гласачи да гласаат за него и тој ќе победи.

– Ве молам да излезете од мојот кабинет. Приемни денови за студенти се вторник и четврток... А она што го имате, предложете му го на Ѓорѓи Иванов, тој и така ќе ги добие изборите, па може на некој и да му ги подари.

И така се заврши тоа. Ако и мислел со некој да соработува, професорот веќе не беше подготвен. Чудно е тоа колку во променети околности може да се постигне со добрина. Дали јас го реков тоа, или некој од моите земски ученици, мислеше инспекторот Воланд додека со комбе се возеше по правливиот пат кон Охрид. Практично веднаш зад наплатната рампа се стапнуваше на албанска територија. Некои сомнителни типови преминуваа од едната до другата страна на патот, а деца викаа и мавтаа на комбето како само овој пат да немаат намера да го каменуваат. Беше тоа земја во која боцката се качуваше на каколот, каколот на џамија, џамијата на минаре, а тие, вперени кон небото, постојано беа подготвени да испалат како ракети кои одат директно во џенетот (рајот).

Во една таква џамија Воланд го прими Агрон Буџаку, кандидат на партијата Демократска унија за интеграција. Воланд се престави како Турчин со Буџаку зборувајќи на совршен турски, и тоа „на истанбулски“. Тука се најдоа. И двајцата се клањаа навечер; Воланд со себе го имаше и својата постилка за молитва, што особено го импресионираше домаќинот, но предлогот сите пет албански кандидати да се обединат околу единствената жена, Мируше Хоџа, само ги зацврсти албанските поделби, па Воланд повторно се врати во Скопје задоволен. Не треба да се одолговлекува. Се виде и со идниот победник Ѓорѓи Иванов. Со слатки зборови ги зацврсти сите идни несреќи на Македонија, а потоа едноставно се премести на Бриони. Не патуваше со воз, не леташе со авион. Исчезнуваше од едно и се појавуваше на друго место, а зад себе оставаше само празен кревет кој мирисаше на изгорено...

Сепак мораше да побрза зашто веќе следниот ден на Бриони требаше да се сретнат претседателите на Хрватска Стипе Месиќ и на Словенија Данило Тирк. Многу работа требаше да заврши Воланд пред овој мал и пакосен самит. Значи, немаше намера да ужива во зимското сонце на Јадранот, ниту да се шета низ смокварниците, маслинарниците и мирисните леи на бујната медитеранска вегетација – всушност, сето тоа тој го презираше, токму како што и секоја измама премногу лесно ја завршува. Му беа потребни само неколку часови за да ги убеди луѓето од кабинетот на двата претседатели дека тој е најдобриот преведувач од словенечки на хрватски, да го фалсификува своето богато работно искуство и да ги наговори токму тој да седне меѓу Месиќ и Тирк и да почне – како поинаку освен погрешно и подло – да ги преведува нивните тешки преговори.

Сè беше речиси комично, иако територијалниот спор меѓу двете земји воопшто не беше смешен. Месиќ дојде за да не даде ни педа од Пиранскиот залив, ниту еден квадратен метар од црвената истарска земја; Тирк да го бара Буј со околината и анкаранската страна на Пиранскиот залив – и ништо помалку. А кога преговорите почнаа? Месиќ сфати дека Тирк баш се откажува од тврдите намери Словенија да и’ ја земе на Хрватска и другата страна на Пиранскиот залив со заднината сè до стариот истарски град Буј со околината, а Тирк дека Месиќ речиси му го нуди Буј и Пиранскиот залив на тацна. Можеби насетија дека преведувачот ги мами, но... Договорот речиси е постигнат. Само едно Воланд превиде (ете, и тој по нешто може да занемари). На двајцата претседатели им се причини дека другиот соговорник лесно се согласува на сè, па застанаа и се договорија да се консултираат со своите влади. Двајцата си заминаа речиси пеејќи, а ни Воланд не беше тажен. Што со слатки зборови досега не успеа да раскара, ќе даде отровни плодови наскоро, кога лошото преведување ќе почне да прави нови забуни во односите на некогашните добри соседи кои имаа заеднички непријател – Србија.

А во Србија? И таму Воланд планираше да оди, таму и понатаму имаше одлични можности за работа, но пред Србија требаше да се отиде во Сараево и да се вложат оние 107.000 лажни долари. Гледаше во кутрата службеничка на банката „Зират“: ги разгледуваше банкнотите, неколку пати ги проверуваше низ машината која задоволно пискаше зборувајќи дека банкнотите се вистински и на крајот на Воланд му даде признаница која тој ја потпиша со името Ибрахим Хаџихафизкапичиќ. Така нови 107.000 лажни долари се пуштени во промет, но тоа не беше целта на Воланд. Повторно тој си имаше свои локални мали пулени на кои имаше намера да им ги понуди отровните плодови на своето помирување. Бакир Изетбеговиќ, синот на Алија, познат како „господарот на Сараево“, беше најнервозниот човек кој овој пат на Земјата го запозна.

– Вие, барем, сте добар муслиман, ефенди Хаџихафизкапичиќ – му рече Изетбеговиќ во зградата на Градското собрание – се распрашав кај нашите луѓе кои ми рекоа дека сте верник посветен на Алах и на чистиот живот.

– Цел живот живеев така – одврати Воланд самоуверено.

– Тогаш Вие сигурни знаете дека Србите, Србите се виновни за сè. Подобро би било меѓународната заедница да направи нешто, а не нам да ни дозволи тоа да го решаваме на наш начин.

– Тој „наш начин“ нè чинеше овие дупки од шрапнели на Градското собрание и на оние сараевски солитери кои и понатаму изгледаат како некоја ѕверка да ги гризнала и да им ги откинала катовите и ќошовите заедно со арматурата и со бетонот. Да се обидеме со нешто друго?

– Со што?

– На пример, да понудиме изградба на православен соборен храм во Сараево, во замена за изградба на Бајракли-џамијата заедно со наша медреса во Бања Лука?

– На тоа би се согласил само ако минарето во Бања Лука фрла сенка доволно долга да го засени православниот крст на соборниот храм во Сараево, а Додик би се согласил само ако централната купола би била толку висока за од неа да се гледа храмот на Свети Сава на Врачар во Белград.

– Ќе се зачудите, ефенди Изетбеговиќ, ако Ви кажам дека Додик веќе се согласи.

Со зборот „се согласи“ разговорот нагло заврши. Како да е некој од оние стари управници на Сараево, Бакир само одмавна со рака и ја сврти, како Турчин, главата настрана, од што Воланд сфати дека треба да тргне на пат за Бања Лука. Таму, секако, го прими Милорад Додик. Се смееше, искривувајќи го своето месесто лице како да е од пластелин и се правеше дека тие двајцата се познаваат со години.

– Вие, брате Липовац, барем сте добар православен христијанин – му рече Додик во зградата на Банскиот двор – се распрашав кај нашите луѓе кои ми рекоа дека сте верник посветен на нашиот еден единствен и вистински Бог.

– Цел живот живеев така – одврати Воланд самоуверено.

– Тогаш Вие сигурно знаете дека „Странците“, тие муслимани што ги „молзат“ туѓите пари, се виновни за сè. Подобро би било меѓународната заедница да направи нешто, а не нам да ни дозволи да го решаваме тоа на наш начин.

– Тој „наш начин“ нè чинеше иселување од Мостар, од Тузла, од Сараево... Да се обидеме со нешто друго?

– Со што?

– На пример, да понудиме изградба на Бајракли-џамијата, па уште и со медреса, во Бања Лука, во замена за изградба на православен соборен храм во Сараево?

– На тоа би се согласил само доколку храмот би бил толку голем што југоисточниот ѕид би му бил во Сараево, а северозападниот во Бања Лука, да биде толку голем за и нивната Бајракли-џамија, заедно со медресата, да се смести во една апсида на нашиот велелепен соборен храм. Ама џабе ми е мене дали ќе се согласам или не. Го знам Бакир, тој ќе се согласи само ако минарето на џамијата биде толку големо што авионите над Босна ќе мораат да ја менуваат патеката на летање.

– Ќе се зачудите, господине Додик, ако Ви кажам дека ефенди Изетбеговиќ веќе се согласи...

Со зборот „се согласи“ разговорот нагло заврши. Воланд веќе беше на Косово, кога телефонските жици меѓу Бања Лука и Сараево почнаа да се вжештуваат, Бакир Изетбеговиќ и Милорад Додик да ги пцујат секретарите и двајцата да го колнат непознатиот со презимиња Хаџихафизкапичиќ и Липовац, кој им ја зготви оваа каша, па уште и беше дрзок за нивните согласувања да им јави и на босанско-херцеговските и на весниците во Република Српска. Но, Босна веќе не го интересираше Воланд. Имаше тој сега пред себе нови добри и на вистината предадени политичари, а освен тоа, некои од нив беа и лекари.

Кога се најде во северниот дел на Косовска Митровица, ѓаволот виде дека е пладне. Тукушто го извади рачниот часовник од раката и во општата болница се облече во синозелен хируршки комплет. Долго ги миеше рацете, а потоа тргна низ ходниците и од чиста забава направи со сите кои се сретнуваа со него од некаде да им биде познат. Го радуваше што сите го поздравуваат со: „добар ден, докторе“, па и тоа што докторот Ивановиќ, кој веќе беше во операциониот блок веднаш му го даде скалпелот.

– Колега, не се надевав дека сепак ќе дојдете – кажа докторот Ивановиќ, инаку надвор од болницата еден од српските прваци на северна Косовска Митровица. Доктор Ивановиќ ни самиот не знаеше зошто го изговори тоа, ниту зошто на уважениот колега веднаш му го препушти местото покрај болниот.

А Воланд, се разбира, не се збуни. Нему на располагање му беа сите знаења и сите вештини, па ни глетката на отворената лева плешка на пациентот на операционата маса не му беше непозната.

– Што имаме тука, колеги? – почна ѓаволот како да е професор по хирургија – Слезината е со нормална големина, со хомогена ехо-структура. Поголемиот дел од горната половина на слезината е зафатен, меѓутоа, со формацијата се поместува за околу 53 милиметри. Станува збор за цистична промена, но имам дилема дали е тоа лимфоидна циста или ехинококна циста. Колега Ивановиќ, ќе да е лимфоидна?

Потврдното кимање со главата беше знак дека новодојдениот хирург добро процени.

– Да ја отстраниме цистата – затоа рече ѓаволот и направи неколку многу сигурни резови. Сè беше готово за неколку минути и тој нов доктор Јовановиќ веќе во канцеларијата ја пополнуваше болничката листа во која сигурно запиша: Cystis splenis, Циста на слезината, Дијагноза D735.

Но, новиот хирург не дојде за на докторот Милорад Ивановиќ да му помогне во работата како хирург. Тој имаше на ум нешто друго, а таа работа повеќе можеше да се оцени како работа на доктор за душата, отколку на доктор за телото.

– Брате мој и мој колега, тешко работите и живеете тука. Ние на Островот ваквиве цисти веќе ги отстрануваме со лапроскопски методи, она што се вели „низ шпионка“, а вие тука ги сечете и ги сечете пациентите.

– Абе, ние тука сечеме сешто, брате Јовановиќ, туку кажи ми како ти е таму, таму... таму...

– Во Брајтон? Абе, не е лошо, туку туѓина е тоа, студена, удобна, но бедна. Ти си тука барем свој на своето. Туку... Многу си тврд надвор од болницата. Не даваш, брате, ништо. Го стегна оној премин на мостот на Ибар, па како некој Харон не дозволуваш ни напред, ни назад. Отвори го, бе, патот, пушти ги и Србите јужно, и Албанците северно. Што велиш, а?

Знаеше ѓаволот дека ваквиот предлог е баш ѓаволска работа, без разлика колку и да е завиткан во шарените хартии на толеранцијата, зашто мостот на Ибар меѓу закараните делови од Косовска Митровица веќе со години беше еден од најневралгичните папоци на Европа, место на кое уште еднаш, после Берлин и Сараево, се подели еден град. Затоа ни одговорот на докторот Ивановиќ не го изненади.

– Тоа, брате, веќе да не ми го споменуваш. На Ибар ќе биде границата и Коштуница ќе го отвори првиот контролен пункт.

– Којзнае, којзнае – рече ѓаволот малку замислен и замина.

А уште истата ноќ Милорад Ивановиќ сони чуден сон. Лесно го премина контролниот пункт и со Србите – веројатно на православниот Велигден – премина на јужната страна. Бодреше некои старци, но и вешто ги уверуваше дека на српските гробишта на албанската страна ќе најдат пустош. Но, кога стигнаа таму, здогледаа модерни гробишта: капијата променета, дури трипати премачкана со црна боја, патеките посипани со црвеникав чакал, а сите гробни места обновени, измиени, едноставно блескаат на пролетното сонце...

Скокна од креветот и си рече на себеси: „грд сон“, а потоа се сепна. Зошто грд сон? Зарем тој самиот секој ден не грми за вандалите Албанци на кои ни српските гробови не им се свети? Па сепак, се стресе. Кога тие би станале добри, како личности како него би имале сила толку да им се осветуваат? Отиде во болницата и таму ја виде истата слика. Повторно тој доктор Јовановиќ од Брајтон оперираше, повторно го убедуваше дека треба да го отвори мостот на Ибар, повторно следната ноќ сонуваше.

Сега стоеше на српската страна и ја сечеше лентата, но со кого: со некој албански политичар лично. Немаше контролен пункт, немаше граница, го немаше Коштуница, само еден албански политичар кој не го познаваше. Мостот целосно се отвораше за нормален проток на луѓе и докторот Ивановиќ повторно се сепна. Сега беше целиот во пот, но тој не беше единствениот што се потеше.

И студентскиот лидер или поточно кажано „студентскиот лидер“ Рахман Бериша на јужната страна на Косовска Митровица немирно спиеше во тие ноќи. Тој беше еден од оние кои во 1999-тата година беа локални лидери на УЧК. Во таа 1999-та година вети: „протести“, „маршови“ и „ослободување на северната страна на Митровица за седум до десет дена“. А потоа времето почна лудачки да минува низ клепсидрата и поминаа години и години. Сплетките го тргнаа настрана и тој стана само командант на мостот од јужната страна. Се менуваше на стража и дури малку научи француски од француските војници на КФОР, кога една дождлива ноќ на стражарското место го посети непознато момче. Ликот на тоа момче – бледо, со густи црни веѓи и немирни очи – излезе од најдлабокото сеќавање на Рахман, па не е чудно што командантот на мостот застана како некоја студена рака да го фатила за врат.

– Садик – промрмори – бев убеден дека српските скотови те убија, уште тогаш... уште таму...

– Рахман, пријателе, да, ме убија, со јамка за врат како некој вепар. Не ми дадоа ни да се свртам за да им ги видам лицата. Но, мене сега ми е чудно добро. Дојдов да видам колку тебе ти е лошо. Стоиш тука и чуваш. Што чуваш, кутар мој Рахман? Мостот, од кого? Пушти ги луѓето да одат, да тргуваат, да се дружат. Нема Србите да ве расипат, ниту вие нив.

– Тоа да не ми го кажуваш, пријателе. Ако заради тоа си станал од мртвите, си ја утнал страната. Премини на другата страна и подобро казни ги своите убијци отколку мене да ми пречиш.

– Но, гледам како студениот дожд ти тече низ кабаницата. Студено ти е. Чизмите ти се полни со вода, Рахмане. Оди дома. Ти се спие. Уморен си...

И Рахман замина. Го напушти стражарското место, првпат по десет години колку што стражареше – и сони. На јужната страна, му се чинеше, стои со Милорад Ивановиќ, но нема ниеден вистински Албанец околу него. Тука има само некој дебел албански социјалистички раководител со тегет костум на линии и црвен каранфил во реверот. Дебелиот политичар ракоплеска и ги бодри со простачки движења како да е на натпревар. Србинот Ивановиќ држи ножици и како да му се заканува, му дава и нему еден пар. Се свртува Рахман. Мисли дека ќе го среди неговиот снајпер пред да ја пресече лентата и да го отвори мостот, а потоа сепак ја пресекува и вриснува.

Во креветот е сам, но тоа е само почеток. Сонот од северната страна на Косовска Митровица одговараше на сонот од јужната. Во понеделник беа гробишта, во вторник сечење на лентата на мостот на Ибар, во среда двајцата седеа заедно во некое кафуле и се смееја на исти вицови, во четвртокот беше уште полошо, но сепак подобро отколку во петокот; сонот од петокот, пак, беше попријатен од оној во саботата; оној од саботата никако не можеше да се нарече кошмар, според она што двајцата сонувачи го сонуваа во неделата...

Во недела навечер, кога ѓаволот веќе се подготвуваше за враќањето во мрачните длабочини на Земјата, два неволници се мотаа околу мостот, не знаејќи што бараат таму и што треба да направат. Ги гледаше ѓаволот уште некое време и во истиот миг, како да ја мести програмата на многу радио-апарати ги пушти сите гласови одеднаш. Некој по доверливата линија телефонираше од Бања Лука во Белград; еден курир одеше да пренесе лична порака од некој за некој; секретарите во кабинетите работеа до доцна во ноќта; новинарите шпекулираа; младите претставници за медиуми на многу министерства подготвуваа лажни соопштенија; оние двајца во Косовска Митровица сепак ја демнеа моќноста да ги подигнат рампите од двете страни на Ибар; а птиците летаа на запад не претскажувајќи ништо добро.

Црвеното небо беше последниот знак што инспекторот Воланд го виде на Земјата. Се сети: требаше да отиде во Белград и таму да изеде двоен чизбургер во белградскиот Мекдоналдс на Теразије изигрувајќи средношколец кој преку теразијскиот рид побегнал од час во блиската Филолошка гимназија. И таму имаше уште клиенти меѓу советниците на претседателот на кои можеше да им подметне разни „вознемирувачки правилни идеи“, но ова беше доволно. Fuga idearum-от што го ослушнуваше уште некое време беше последното што го слушна на балканската земја.

А потоа едноставно пропадна во земја. Како да заминува на починка во својата мрачна градина, издиши и не му беше жал што наскоро ќе вдишува само отровни испарувања. Мирот – како да е некоја бела света крава – веќе не можеше да се разниша. Сега на просторите од некогашната крвава Југославија веќе не се одигруваше трагедија, туку комедија. Низ смеата, сепак, знае да се лизне и по некоја солза, а на Воланд ни тоа не му беше малку. Да се расипува барем она малку што оди на добро, понекогаш е послатко, отколку да се поттурнува она што веќе било склоно на пад.

Сега и самиот се чувствуваше малку уморно. Ќе ги испрати тој своите мрачни војводи Велефор, Лареј, Моракс, Рајама, Влам, Фуракс и Мурмур за да ги загнојат раните што тој ги отвори. Народите на Балканот само однадвор беа цврсто определени за мир, тие сè уште можеа да расипуваат и да се расипуваат. Ако не со злобни предлози, тогаш, како сега – со добри. Дали Балканците можеа да ги одбијат предлозите на ѓаволот? Сосема сигурно. Имаа можност за избор, но, како што тоа и се случува со луѓето, секогаш го правеа спротивното. Кога ги наговараше на злодела, прифаќаа; сега кога ги убедуваше да направат добри работи, одбиваа.

– Луѓето се обични мушички – беше последното нешто што инспекторот Воланд го кажа со човечката уста што самиот си ја направи. Додека пропаѓаше низ слоевите од иловица, глина и покрај старите турски гробови сепак се исплаши дека луѓето би можеле да се досетат и многу повеќе да се потпрат на својата можност за правилен избор.

 

Aleksandar Gatalica © Aleksandar Gatalica
Александар Гаталица од Србија
Александар Гаталица (Aleksandar Gatalica), роден 1964 г. во Белград/Србија, живее во Белград; студирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот во Белград; преведувач од старогрчки јазик, музички критичар во дневниот весник „Novosti“ (до 2008 г.), уредник и писател на рубриката за литература „BLIC knjiga“ во дневниот весник „Blic“; досега има објавено девет прозни дела, последни Nevidljivi, роман (Белград 2008 г.); Vek, кратки приказни (Белград 1999 г.); Linije života, роман (Белград 1993 г.); неговите прозни дела се преведени на десет европски јазици; Гаталица во 1993 г. ги доби наградите „Miloš Crnjanski“ и „Giorgio la Pira“ за романот Linije života како и наградата „Ivo Andrić“ за Vek (кратки приказни 1999 г.); неговиот последен роман Nevidljivi влезе во крајниот избор за наградата NIN-Preis 2008; член на управниот одбор на српскиот ПЕН центар; вршител на должноста претседавач со Европското движење во Србија.

 

Eine Übersetzung von Gudrun Krivokapić
Гудрун Кривокапиќ, род. во 1941 во Гетинген/Германија; студирала историја и англистика во Гетинген и Минхен; се преселила во Белград; започнала нови студии; дипломирала на германистика; преведувачка и презентерка на Програмата за странство на Радио Белград; лекторка за германски јазик на Катедрата за германистика во Белград при Универзитетот во Белград; преведувањето и симултаното толкување и’ се споредни дејности (српски/германски). Раководителка е на библиотеката на Гете-институтот во Белград до 2006; живее во Белград и Гетинген.