Да се осмелиме да се сетиме

Свртувајќи го погледот и погледнувајќи
Балканот потолерантно се справува со разликите. И покрваво

Foto: Peter BusseFoto: Peter Busse

И оној кој не знае ништо друго за Балканот, си мисли дека е сигурен во една работа: Ова е татковината на нетолерантноста, етничкиот национализам и аутистичко малограѓанство. Тоа, како се чини, се докажа пред кратко време. Сите гревови, за кои се товари национализмот на западниот континент во 19. и 20. век, империско проширување, потиснување, истребување и насилна асимилација на малцинствата, уште еднаш започнаа на Балканот во девеесетите години. Очигледно е дека стереотипите, етничката омраза, националната политика на моќ, односно она што ние во Европската унија по две светски војни го оставивме зад себе, успеаа да се одржат во овој слабо развиен предел и во последните дваесет години, и со типично доцнење успеаа уште еднаш да се развијат.

Оној кој детално и без предрасуди ќе се впушти во регионот, ќе доживее искуства, кои тешко се вклопуваат во оваа слика. На пример, никаде во Европа луѓето не преоѓаат толку природно од еден на друг јазик како на Балканот. Во ниедна европска држава толкав дел од населението нема роднини во странство како во Хрватска. Ова не е само последица на бегствата и прогонот. Со право се шират гласини за гостопримството кон странците. Во селата и малите места во регионот луѓето од различните националности и вероисповеди и по војната сè уште негуваат култура на заемно посетување и честитање, пред сè за време на религиозни слави, кои на пример помеѓу протестантите и католиците во Германија се сосема непознати. Дури и обичајот на размена на ученици, кои по Втората светска војна требаше да ги зближи Германците и Французите, во Босна има многу подолга традиција: родителите уште во 19. век ги давале своите деца на една година во семејство од друга националност, за да се запознаат со нивните обичаи и начинот на размислување.

Крстосница на светските религии

Доколку се патува на спојот помеѓу светските религии христијанство и ислам, многу помалку ќе се забележи судир на култури отколку сопствен вид на синкретизам. Во одредени делови од Косово и Македонија и во денешно време е вообичаено на децата да им се дава и христијанско и муслиманско име. Во цела источна Европа немало инквизиција. Таму каде културните разлики навистина бараат толеранција, оваа толеранција постои. Во земја како Србија, која стана позната како епицентар на етничкиот национализам, соживотот со Ромите е подобар отколку во Чешка или во Франција. Дури и ултранационалистичката радикална партија на своите изборни настани постојано имаше говорник од Ромите, кој секогаш добиваше аплауз од страна на публиката. Но во девеесетите години навистина имаше војни и тие навистина се водеа помеѓу нациите, а не помеѓу различни идеологии или класи. Како ова се вклопува на докажаната културна толеранција? Оној кој сака да ја разбере оваа контрадикторност, најпрво треба да се наврати на дебатата за „Мултикултура“, како што се водеше на запад во 1980тите години. Во САД се разви обичајот, да не се прави етничка, културна, па дури ни расистичка разлика.

Како реагираме на странци?

Тргнувајќи од искуствата од сопствената држава, канаѓанецот Чарлс Тејлор го бараше спротивното: Би требало да се погледнува. Не рамнодушноста наспроти особеностите на другите е вистинската основа за соживот, вели канадскиот филозоф, туку нивното признавање. Почитта, за која својот ближен најпрво би требало вештачки да се соголи од своите социјални вредности, според Тејлор не може да биде оддржлива. Поделеноста ни е позната од секојдневното општење: Како реагираме на непознато, на пример на човек, кој ќе нè изненади со својот изглед? Го свртуваме погледот од него или го погледнуваме? Дали некој кој зборува на швапски дијалект, а има азиски црти на лицето, го прашуваме како се објаснува оваа контрадикторност? Дали со лицата со посебни потреби говориме за нивното очигледно патење и дали живо се интересираме за тоа како тие се чувствуваат? Или пак се правиме дека воопшто не го забележуваме нивниот инвалидитет? Во секојдневното општење одговорот секогаш ќе зависи од конкретната ситуација, нашиот карактер и од нашата чувствителност. Но на апстрактно ниво, на ниво на морал или политика, не може да се избегнат општоважечките одлуки. Во Западна Европа во текот на вековите се разви култура на свртување на погледот, на Исток пак култура на погледнување. Тие се одразуваат на секојдневното општење. Начинот на кој луѓето на Исток се однесуваат со различните од нив, на Запад се третира како несоодветно, директно, но и како слободно и од срце, додека пак на Исток се смета дека апстракцијата на особеноста кон својот соговорник е безобзирна и култивирана, но и вештачка и бесчувствителна.

Здив на колективна еднаквост

Морално гледано, како причина за свртување на погледот од разликите најчесто се наведуваат идеалите на ревулуционерното граѓанство. Но западната култура на свртување на погледот и културата на еднаквоста не настанале дури со Француската револуција и нејзината Égalité (Еднаквост) со незјините човекови права. Тие потекнуваат уште од апсолутизмот. „Кралот сонце“ подеднакво зрачел за сите свои поданици, без оглед на нивното потекло. Уште таму бил содржан елементот на еднаквост и ценење на разликите, кои само биле дополнети од страна на Јакубинците. Модерното државно управување, како што почнало да се развива во Франција во 17. век, делувало со броиви субјекти: особеностите, како на пример посебните права му биле нешто ужасно. Етничките и јазичните разлики немале никакво значење. На кралот му било сеедно на кој јазик ќе молчеле неговите поданици. Апсолутизмот не успеал да се пробие во империите на европскиот исток. Османлиското царство, кое повеќе од 500 години, сè до крајот на Првата светска војна владеело со добар дел од Балканот, ги делело своите поданици врз основа на веросиповеста и оваа разлика била критериум за поделба на правата. Муслиманите, Евреите и Христијаните беа посебни верски нации. Но не уживаа исти права: Христијаните мораа да плаќаат повеќе даноци од Муслиманите и мораа да се препознаваат по својата облека. Но и Муслиманите беа засегнати со специфични забрани, така што системот во себе содржеше и дел на колективна еднаквост, слично како и кај примената на посебни но еднакви тези на американските жители од југ. Поделбата на населението во верски организации беше техника на владеење: Потчинетите народи ги задржуваа своите автономни структури, за да го преземат собирањето на даноци од Високата порта. Австрија, која ја освои другата половина на Балканот, не остана недопрена од европското просветителство. Но Хабсбурговците со право се плашеа од опасностите на еднаквоста на радикалната модернизација, како во Франција или во Прусија на Фридрих Велики. Марија Тереза го воведе задолжителното образование, но инсистираше на настава на мајчин јазик за сите групи на народи. Она што денес ни се чини напредно, тогаш беше конзервативно. Се сметаше дека народ кој говори или пишува германски или латински, може да предизвика премногу образовано население. Но доколку децата во училиште учеа украински, словенски или романски, во Виена беа сигурни дека нивниот хоризонт никогаш нема да го надмине нивното тесно животно опкружување. И австрискиот посебен пат беше диктиран од интересот на одржување на моќта. Концептот „Подели и владеј“ се исплатеше, кога во 1848 година Виенскиот двор ги искористи Хрватите за победа над унгарските либерали. Доколку сите либерали во царството би се чувствувале како припадници на една единствена нација, во тој случај сите би се кренале против царот.

Се работи за идентитет, не за различност

Во богатите, помодерни држави на Западот во 18. и 19. век владееја изедначувањето и асимилацијата на етничките и јазичните разлики, но со цел навистина да се направи друштво на еднакви индивидуи. Во империте пак на Исток, разликите систематски се политизираа. Подоцна, некои држави во регионот се обидоа да чекорат по западниот пат – на пример Романија во 1920 година, кога ненамерно стана држава на повеќе народи, или Југославија по 1929. Но за обиди беше премногу доцна. Турција, која никогаш не ја напушти идејата на чиста нација на граѓанска држава, и ден денес се бори со резултатите. Трите »француски« земји во Југоисточна Европа (Романија, Грција, Турција) за разлика од нивниот идол Франција, не можеа и не сакаа да се однесуваат со почит кон непризнавањето на културните малцинства. Се чинеше дека се трга погледот, но всушност точно се погледнуваше, не за да се израмнат малцинствата, туку за на истите на им се намали вредноста. Ниедна земја во Европа не отишла толку далеку со политизацијата на разликите како комунистичка Југославија; земјата не пропадна поради постигнувањето еднаквост, туку поради спротивното. Вреднувањето на сите области на животот де факто ги претвори некогашните верници во конкуренти партии, кои пак во поредениот систем на етничкиот баланс мораа постојано да ги урамнотежуваат своите интереси. Откако ова ограничување продолжи со првите општи избори и со воведувањето на мнозинскиот принцип, нациите-партии беа спротиставени во сè. Но бидејќи нациите имаат само гол интерес, а не и „нешто“ за кое би се расправале, по кратко време остана само војната. Странските посетители на Балканот секогаш забележуваа, дека разликите кои се решаваа крваво, воопшто не им се чинеа толку големи. Разликите не се навистина толку големи. Доколку „нациите“ се наоѓаат во меѓусебна конкуренција, своето постоење не мора повеќе да го докажуваат со негување на културните разлики. Тоа што политички се наоѓаат во конкуренција, ги држи доволно далеку едни од други. Не станува збор за разликите на крајот од овој систем, кој целосно почива на разлики, туку само за идентитет. Доволно е што другиот едноставно е другиот. Кога аплицирам за нешто морам да се плашам од конкурентот кој ми е најсличен. Непријателството и културната близина одат рака под рака, а толеранцијата не ја зголемува конкуренцијата. Кога помеѓу 1992 и 1995 во Босна меѓусебно се бореа пред сè некатолички Хрвати, неправославни Срби и немуслимански Босанци, тие не ги решаваа своите разлики, туку се бореа за својот гол интерес. Оној кој има чувство за тоа, може и ден денес, по војната, да го почувствува специфичниот дух на толеранција и почит на културните разлики на Балканот. Но оној кој мисли дека овој дух штити од војна, не е во право. Многуте лекции за мултинационално разбирање, кои по војните беа овозможени од стана на многу западни фондации и НВО на Балкански здруженија, се со добри намери и воопшто не се штетни, иако можеби се поставува прашањето кој се наоѓа на професорското место, а кој е ученик. Но како превенција против војна, овој напор во секој случај е погрешна инвестиција. Денес конфликтите повеќе не се заразни. Од мултикултурните империи настанаа национални држави, а од етничките фракции се создадоа или се создаваат нации во западна, државно-граѓанска смисла. Она што се одржало од времето на државата на повеќе народи се хиерархиите на престижот и тие и ден денес секој политички конфликт го потхрануваат со незадоволства. И во Западна Европа ни се познати хиерархии во национален престиж. Тие произлегуваат од степенот на образование и од богатствата на една нација; култивираната Франција и Германија која уживаше благосостојба долго време се наоѓаа во пат позиција. На Балканот и во Средна Европа критериумите немаат граѓанско, туку феудално потекло. На врвот се наоѓаат нациите кои „формираат држави“.Тоа во времето на царствата на повеќе нации не беа само (австриските) Германци и Турците, туку наскоро и Србите и Грците, кои уште на почетокот на 19. век и по пат на војни кои меѓународно важеа за ослободителни војни станаа носители на слободни држави. Иако по степенот на образованост и богатство не може да се мери со ниедна западна држава, Турција како наследен управител на империјата и денес на Балканот е многу почитувана и тоа не само од страна на Муслиманите.

Гордиот, слободен сокол

На второ место се „историските нации“.Во времето на монархијата на Хабсбурговците како такви важеа нациите со сопствени благородници, кои своевремено имале свое царство, а кои дури подоцна, но со дефинирани „историски“ права дошле под царската круна. Ова пред сè важеше за Унгарците, кои на крај преку личноста на царот беа поврзувани само уште со Хабсбург. „Историски нации“ со „стари“ (и се разбира спорни) права беа и Чесите и Хрватите, во османското царство и Грците, Србите, Црногорците и Романците. Столбот на хиерархијата го сочинуваа „народите без историја“, како што ги нарекуваше Хегел: Групи, кои не ги обединуваше империска и државна историја, тука само јазикот и обичаите, а можеби и религијата и овој или оној национален мит. Кон нив се вбројуваа Словенците и Словаците, босанските Муслимани, Бугарите и Албанците. Тоа што во Словенија бруто домашниот производ по жител е двојно поголем од хрватскиот, не го намалува чувството на надмоќност во Загреб: За свесните Хрвати соседите се само збогатени селани. И срамежливата почит и стравот, кои беа застапени насекаде во Србија, не настанаа дури со последната војна. Србија цел еден век за Словените во царството на Хабсбурговците беше гордиот, слободен сокол и сите би постапувале како него, само доколку би се осмелиле. Не постои страв дека новите нации во Југоисточна Европа еден ден ќе сакаат да ги повторат конфликтите на западноевропските нации од времето на империјализмот. Тие во своите војни за поделба имаат само еден докажан принцип на организација за држава, кој за себе сака да го искористи националното. Сега го имаат. На овој начин непријателството и предрасудите станаа излишни; горчината по искуствата од последната војна ќе биде надмината најдоцна по една генерација. Наспроти предрасудата, нациите на Балканот навистина немаат изразени стереотипи едни кон други, како што е случајот со западните нации. И за денешните Германци е доволна наследена или попатно стекната предрасуда, можеби потхранета со доживување од одмор, за да ги сметаат сите Французи за „арогантни“ или „со кренати носеви“.На Балканот вакво нешто не постоеше дури ни за време на војната. Луѓето едноставно полесно се прифаќаат.
Норберт Мапес-Нидeк, роден 1953 г., од почетокот на 1990 години работи како слободен дописник од Југоисточна Европа за бројни германски медиуми, меѓу нив и за звучни имиња, како Цајт (Die Zeit) и Дојчландфунк (Deutschlandfunk).