Проектот „Freiraum“ е замислен да биде еден вид огледало на Европа, со имагинација и емпатија да се почуствува како им е на другите. Кои се проблемите на луѓето во европските градови?
Дел од овој голем проект е и Скопје, благодарение на Контапункт асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики. Тие воспоставија врска помеѓу Скопје и Копенхаген.
Колку денес во Европа вреди слободата? Ова е појдовното прашање што го поставува европскиот проект насловен „Freiraum“ (Простори на слободата) на Гете институтот. Проектот опфаќа 38 градови, во кои низ меѓусебна размена на истражувачките тимови се разгледуваат различните перспективи за прашањата кои се денес важни за Европа:
- Слободата и идентитетот - судири помеѓу слободата на говорот и слободата на уметноста, од една страна, и верските вредности, од друга страна; конфликтите предизвикани од борбата за правата на жените и ЛГБТ заедницата
- Слободата и економијата - како остварувањето на основните слободи е условено од економската состојба на луѓето и нациите; како неолибералниот слободен пазар често ги попречува луѓето слободно да се развиваат
- Слободата и Европа - спротивставени перцепции за ЕУ како гаранција за слобода и независност, од една страна, и како јарем кој ја ограничува автономијата, од друга страна.
Проектот „Freiraum“ е замислен да биде еден вид огледало на Европа, со имагинација и емпатија да се почуствува како им е на другите. Кои се проблемите на луѓето во европските градови?
Дел од овој голем проект е и Скопје, благодарение на Контапункт асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики. Тие воспоставија врска помеѓу Скопје и Копенхаген.
Нивната идеја е да снимат документарен филм во кој преку раскажувањето на личните приказни, (но и размислувањата и рефлексиите) на петмина луѓе кои живеат и работат во Копенхаген, а потекнуваат од Македонија, да ги истражат темите поврзани со прашањето на слободата и нејзината поврзаност со местото на живеење, прашањето на границите, градот како простор за реализација на приказните на слободата, прашањето за движењата, миграциите, новите дијаспорични искуства.
Уште пред да тргнеме за Данска, во Скопје ја прашувам Искра Гешоска, која е авторка на идејата и на сценариото – каков ќе биде нивниот пристап, нема ли ова да биде уште една приказна на невозможни споредби – овде и таму?
„Не, сакаме да го поставиме прашањето за слободата и физичките граници и ограничувања, границите на припаѓањето, влијанието на патувањата во перцпецијата на физичкиот простор и личната слобода. Многу ни е важно овие приказни да ги контекстуализираме со самиот град. Ќе побараме од учесниците во филмот да ни раскажат некоја приказна поврзана со некоја посебна локација во Копенхаген. Ќе се обидеме урбаниот пејзаж на Копенхаген да го поставиме во дијалог со она што учесниците го кажуваат. Сакаме нивната приказна да ја раскажеме преку еден вид тројна перспектива – новата земја, новиот град, начинот на кој нивните приказни се во дијалог со градот“, ми одговара Искра.
Тие имаа договорено интервјуа со петмина соговорници со различна економска и културолошка заднина. Некои од нив се добро интегрирани во данското општество, а други пак, се уште се борат за своето место, па можеби не се чувствуваат најудобно во данскиот начин на живот. Дали се сомневаат дека припаѓаат на тоа општество и на тој културен контекст?
Го прашувам Владимир Јанковски каде ќе го снимаат првиот соговорник.
„Ќе побараме од учесниците во филмот да ни раскажат приказна поврзана со некоја посебна локација во Копенхаген. Урбаниот пејзаж на Копенхаген да го поставиме во дијалог со она што го кажуваат нашите соговорници“.
Првата средба е со Владимир Тодоровски , кој работи во бизнисот со храна. Тој во Данска дошол пред триесетина години, тогаш имал само 24 години. Сега живее во Остербро еден од најамултикултурните делови на градот.
„Многу брзо го почуствував градот како свој, растев задно со него А кога денес правам споредба помеѓу Копенхаген и Скопје, можам да кажам дека Копенхаген е местото каде живеам и повеќе ми одговара, но кога се сеќавам на Скопје, мислам на безгрижноста од детството и младоста и и смислата за хумор и тоа понекогаш ми недостасува“ вели тој.
Раскажува дека овде во Копенхаген тој може да направи нешто што за него ќе биде чин на слобода. „Овде слободата ја чувствувам како брод што плови со ветар во грбот. Овде во Копенхаген секогаш дува ветренце“, така ја чувствувам слободата.
Екипата од Скопје, Владимир ја носи во Асистенс (Assistens Cemetery) , што всушност се гробишта, таму се гробовите на познатите Данци -Ханс Кристијан Андерсен и Сорен Киркегард, но повеќе личи на парк и луѓето така го користат - во сончевите денови доаѓаат тука со своите деца, се сончаат на тревата, ручаат, се шетаат...
„Овде ми се допаѓа што иако градот ги има сите погодности на една метропола, големи концерти, театарски претстави, спортски натпревари и можност да се изгубиш во анонимност, но ако посакаш може да се дружиш со луѓето, како да си во некое маало. Градот ме обликувал, едноставно, се однесуваш како што градот очекува од тебе. Од друга страна, на микроплан, во моето соседство и јас му влијаам на градот. Со години не сум се почувствувал како доселеник, како туѓинец. Многу брзо по моето доаѓање се потрудив да го научам јазикот, така што по неколку години почнав да сонувам на дански. Но поважно беше што полека ме напушти чувството на нелагодност и страв да критикувам. Плаќам данок како и сите, гласам, комплетно сум дел од ова општество и имам право да критикувам, имам право да се лутам, да давам совети и имам право да се радувам како сите Данци, што се родени во Данска“.
Во „Meatpacking District“, дел од Вестербро, каде Владимир и Ѓорѓе Јовановиќ треба да се сретнат со следната соговорничка е неверојатно живо, мали продавници, многу различни кафулиња полни со млади луѓе... Таа доаѓа на велосипед, вообичаеното превозно средство овде (лекцијата што скопјаните допрва треба да ја научат за да се изборат со загадувањето на воздухот).
Мила Лукиќ е од Скопје, но живеела на повеќе места и вели дека нејзината животна приказна е слична како градот Копенхаген: „Единствена константа е дека постојано се менува“. Таа кажува дека Копенхаген е нејзиниот дом. „Овде на многу начини се чувствуваш слободен, слобода како лична слобода, како безбедност, можеш да се изразиш што мислиш без разлика дали некој друг го дели твоето мислење или не. Слободата е и финансиска, да има доволно можности и услови да изградиш живот баш таков каков што сакаш. Некој сака многу да патува, некој сака да чита, друг пак целото богатство го вложува во велосипеди, трети сакаат дизајнерски мебел, има многу начини да се изразиш како што ти одговара.
За мене, идентитет е само индивидуалниот идентитет, значи не го врзувам со припадност кон некоја националност или група. Важно е која сум јас, што оставам зад себе, какво добро правам“, вели Мила.
Таа во Данска стигнала како млада студентка и вели од тоа време до денес, кога се чувствува како Данка, поминала еден индивидуално тежок процес на самопронаоѓање. Потоа Мила вели дека она што не и’ се допаѓа во современиот Копенхаген е тенденцијата за гетоизирање на одредени делови. „Се забележува една неволност од староседелците да се променат како што се менува градот, не им е секогаш пријатно што има други религии, други националности, други ликови, тоа не ми се допаѓа, а тоа е малку примитивно“.
Во меѓувреме од Берлин, каде што живее, стигнува и Елена Велјановска, таа има договорено средба со Нада Прља, ликовна уметница.
Нада живеела во Скопје и во Лондон, а сега и во Копенхаген. За своите искуства во различни средини вели: „Чудно е, откако ќе заминам од некаде се сеќавам дека сум била интегрирана во тоа општество. Но, како уметник никогаш до крај не се чувствуваш како дел од едно општество, со самото тоа што си уметник, ми се чини дека не припаѓам во општеството на начин на кој му припаѓаат другите луѓе. За сите места каде што сум живеела мислам дека им припаѓав, но во исто време и не им припаѓав. Има различни нивоа на тоа чувство: кога си комотен во некја средина? Дали кога некој ќе те праша како да стигне до некое место во градот, а ти знаеш да му кажеш, дали е тоа кога сите зборуваат дански а ти се чувствуваш удобно бидејќи го знаеш јазикот? Дали е тоа кога е прифатено она што го работиш? Мислам дека тоа е една болна ситуација, во сите тие средини сакаш да припаѓаш, а сепак не можеш сосема да го оствариш тоа. Но, сигурно знам дека сакам да се интегрирам, а не да се асимилирам.
На прашањето што во овој момент за неа значи слобода, Нада недвосмислено одговара: „Правото на говор и на изразување. Тоа е најголемата слобода, за било кој. Слободата на изразувањето значи дека припаѓаш и да функционираш во едно општество“. Таа се потсетува на случката кога како уметник со свој проект учествувала на повторното поставување на Берлинскиот ѕид, а некој ја прашал како може да ги коментира состојбите, кога не живее во Германија. „Мене навистина ме погоди тоа прашање и секогаш размислувам за тоа кога правам дело во јавен простор. Во која мера можам да коментирам проблеми во некоја заедница, колку сум дел на таа заедница. Затоа ја избрав уметноста во јавен простор, бидејќи мислам дека комуницира со овие важни теми“.
Венка Симовска е професорка по психологија на Универзитетот Архаус во Копенхаген (Danish School of Education, Aarhus University), таа во Данска живее од 1999 година, градот го чувствува како нејзин дом. Живее во населбата Холмен, која некогаш била воена област, а денес е живописна и мирна населба со скапи и помалку скапи станови, но и уметнички академии, модерна и нова, но која во дизајнот и архитектурата се потпира на традицијата. Нивни соседи се и луѓето што живеат во бродови преку целата година. „Има плурализам на животни стилови и социо економски услови во кои живеат луѓето на овој остров, во комбинација со факултетите и младите луѓе, ова е е инспиративно и фасцинантно место, особено затоа што соседите од населбата секогаш се поканети на изложбите или филмовите на студентите по филм или архитектура“, вели таа.
Втората локација што ја избира Венка како значајна точка на поврзување со идејата за слобода е Кристијанија. Алтернативна населба, која настанала во седумдесеттите години кога група млади луѓе ги запоседнале воените бараки што се наоѓале таму . „Тоа е заедница во заедница, град во град, општество во општество со свои правила на функционирање, на еден начин, тоа за мене е демонстрација на освојувањето на слободата. Оваа заедница покажува една поента во градот дека слободата не се подарува, туку се освојува на конструктивни и креативни, а не милитаристички начини.“
На прашањето дали се чувствува како доселеник во овој град, таа одговара дека се чувствува како доселеничка или емигрантка во секој град.
„Не му припаѓам на ниту еден град, на ниту една нација. За мене припадноста не е фиксна, не е вкоренета, таа е флуидна, слично како и идентитетот. Се формира и реформира со промена на начинот на живеење или местото на живеење. Понекогаш се менува само низ еден единствен разговор, со промената на соговорникот или пак интимно внатре во мојот свет на мисловни превирања. Овде, на пример, зборувам на англиски јазик, другите најчесто ми се обраќаат на дански, некогаш сонувам на македонски, дома зборувам на македонски, некогаш сонувам на дански или на англиски. Најчесто пишувам и истражувањата ги правам на англиски, белешките ми се на македонски...некогаш сите јазици ми се измешани и тешко ми е да ги пронајдам вистинските зборови, тогаш зборувам со тишината, не знам дали сето тоа е карактеристика на доселениците, или лично моја, затоа што јас така се чувствував и кога живеев во Македонија, но во младоста сите книги ги читав на српскохрватски јазик, кога беше старата Југославија. Дали и тогаш бев емигрант? Веројатно да“, вели Венка Симовска.
Таа има слободен ден на работа и паѓа договор да се посети Кронборг, замокот на принцот Хамлет. Таму, во темните, подземни зандани, не може а да не се праша: Што е гнило во кралството Данска?
„Данска би можела да биде подобра во проширувањето на просторите на слобода за оние групи луѓе што се маргинализирани, што се непривилегирани, што заради различни причини живеат на маргините на социјалното ткиво. Додека земјава е прилично успешна во проширувањето на тие простори на слобода за одредени групи луѓе како што се различните сексуални идентитети, за разните форми на семејство итн. тоа не е случај со бегалците, со странците, со емигрантите. Мислам дека тука може да се направи многу повеќе и многу подобро, но за жал , политичката клима не е пријателски настроена кон овие социјални трансформации. Верувам дека тоа ќе се случи, но засега, за жал, развојот води во спротивна насока“, вели Венка.
Екипата на Контрапункт од Скопје неколку пати и на различни локации низ Копенхаген се среќава и со Даниел Серафимовски.
За да ни покаже некои специфични начини на живеење, заедници во градот, простори на слобода, не води длабоко во градот, далеку од патеките на туристите. Тој е архитект, Македонец роден во Данска, најдолго живеел и работел во Британија, а престојувал и во Италија. „Кога зборувам за архитектура, подобро се изразувам на англиски јазик“. Со нас тој разговара на македонски, со Данците зборува на дански.
Како архитект го интересираат специфичните начини на живеење во заедница, кои што ги има во Копенхаген и кои нудат алтернативен начин на организирање на просторот за живеење. Освен Кристијанија која е позната, има уште неколку заедници во кои луѓето самите го организираат и управуваат со животниот простор и правилата за домување. Една од овие населби датира од 19 –от век и всушност се прв пример на социјални станови во Данска.
Даниел Серафимовски вели дека најдолго живеел во Копенхаген и го чувствува како свој град. Данска е позната по современиот дизајн и по стилот што се одликува со скромност и големо внимание за на тоа како да се подобри животот на луѓето“.
На прашањето што е слободата, или поточно каде се чувствува најслободен, со оглед на тоа што живеел во неколку европски градови, тој одговара: „ За мене не е најважно да се идентификуваш како Данец или Македонец, во Данска се чувствувам како дома, по годините во кои живеев во Британија и во Скопје, се вратив во Копенхаген и интересно е да се види како се изменил градот. Тој многу се проширил, се појавија нови населби и простори, за некои моите чувства се амбивалентни, на пример не ми се допаѓа начинот на кој е трансформирано пристаништето со прилично гламурозни згради што мислам дека се разликува од данскиот начин, но разбирам дека со тоа градот станал поинтернационален. Исто така одредени области на градат станале подинамични. Но има и промени што се резултат на десно ориентираната влада која е на власт повеќе години, како и на неолиберлистички ориентираната економија“, вели Даниел.
Кои се просторите на слобода во современа Европа?
Дали е слобода кога знаеш повеќе јазици, кога си се школувал во повеќе земји, кога можеш да избираш како ќе живееш, што и колку ќе работиш, дали е тоа правото на избор, слободата на говорот? Искуствата на слободата се најголемиот копнеж и најголемата замка, слободата е нешто што е во постојано барање. Нешто што никогаш нема конечна дефиниција и зависи од разни од политички класни еконмслки контексти. Токму затоа нема конечни одговори. Само предупредувања дека денес во Европа можеби е загрозена слободата што веќе еднаш била освоена.