Claim Goethe Institut Claim Goethe Institut

Северна Македонија

Филмот во наставата по германски јазик
Филмот почнува!

Филмот во наставата по германски јазик
© adobe.stock

Филмовите нудат голем потенцијал за наставата по странски јазици. Тие имаат мотивирачки ефект врз изучувачите на јазикот, овозможуваат увид во другата култура и создаваат мноштво автентични настани, кои можат да бидат повод за говорење и пишување.

ЗОШТО ФИЛМ ВО НАСТАВАТА ПО СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ?

Вклучувањето на филмот во наставата овозможува мотивирачка настава по странски јазик, којашто е ориентирана кон изучувачот на јазикот и дејството. Филмот ја надградува наставата по странски јазик со компетенцијата на аудио-визуелно разбирање и со тоа овозможува аудио-визуелно разбирање на просторот што го опкружува во секојдневниот свет. Со оглед на тоа што филмовите се автентични културни производи, вклучувањето на филмот во наставата може да даде важен придонес за увежбување на интеркултурната и медиумската компетенција кај изучувачите на јазикот.
Играните филмови раскажуваат приказна со слика и тон што на изучувачите на јазикот им овозможува да се соочат со презентираните конфликти и гледишта и со тоа кај нив да се побуди промена на перспективата. Испреплетеноста на емоционални и когнитивни елементи има мотивирачки ефект и ја поддржува афективно-емотивната страна на учењето странски јазик.

 ИЗБОР НА ФИЛМОТ

Најважниот критериум при изборот на филмот се изучувачите на јазикот. Филмот треба да одговара на нивната возраст и на изворната култура и да пробуди интерес кај нив. Тематски, треба да им биде овозможено на изучувачите на јазикот да се поврзат со сопствениот свет. Се разбира, треба да се земе предвид, исто така, и нивното јазично ниво. Сепак, недоволната јазична компетенција може да се компензира со соодветни методолошки пристапи.
 
Можете да изберете различни филмски формати: долгометражни играни филмови, краткометражни филмови, ТВ-серии, музички видеа, рекламни филмови, вести, интервјуа итн. Пократките формати имаат предност што можат да бидат прикажани во целост во наставата. Доколку во времетраењето на часот нема доволно време да се прикаже во целост долгометражен игран филм, сепак може да се изберат 4-5 сцени, врз основа на коишто може да се разработи тематиката на филмот.
Последно, но не и најмалку важно, при изборот на филмот може да биде одлучувачко дали веќе постојат наставни материјали за него. Линковите што следуваат подолу можат да помогнат во потрагата по соодветен филм.

МЕТОДСКО-ДИДАКТИЧКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дури и кај пократките филмови се нуди можност, филмот да се подели на неколку секвенци, кои ќе се обработуваат една по една, со цел кај изучувачот на јазикот да се спречи чисто пасивно гледање на филмот. Една секвенца, којашто изучувачите на јазикот треба да ја обработат, не би требало да трае подолго од пет минути. Во зависност од комплексноста на јазикот во филмската секвенца и нивото на изучувачите на јазикот, филмската секвенца може да се прикаже повеќе пати. Употребата на поднаслови (овде се претпочитаат германски поднаслови наспроти поднаслови на мајчин јазик) е, исто така, можност да се олесни разбирањето.
При обработката на покомплексни филмски секвенци, во смисла на дидактичка редукција, фокусот треба да биде поставен на еден одреден елемент: јазик, тек на дејството, ликови, филмски јазик итн. Елементите можат да се разработуваат со поделба на изучувачите на јазикот во групи, така што најпрво се пристапува поединечно, а на крајот сите елементи се спојуваат во целина.
 
Дидактизациите на одделни филмски извадоци се вршат според докажаната шема ПРЕД – ЗА ВРЕМЕ НА – ПОТОА.

Задачите ПРЕД ГЛЕДАЊЕТО го активираат предзнаењето на учениците, ја будат нивната љубопитност и нудат запознавање и појаснување на вокабуларот, историската заднина или информациите за земјата и културата.
Задачите ЗА ВРЕМЕ НА ГЛЕДАЊЕТО треба да спречат само пасивно гледање и да го олеснат разбирањето.

Задачите ПО ГЛЕДАЊЕТО помагаат да се продлабочи виденото и слушнатото и овозможуваат поврзување со сопствениот живот.
 

ПРИМЕРИ ЗА ФОРМИ НА ЗАДАЧИ

Нумерацијата на задачите именувани во примерите се однесува на дидактизација на филмот „Deine Schönheit ist nichts wert“ (Твојата убавина не вреди ништо).

 
ПРЕД ГЛЕДАЊЕТО
- Да се направат претпоставки за дејството или за поставеноста на ликовите со помош на плакати за филмот или цитати од филмот.
- Слики од филмот: опис на сликата (спореди задача 1A/B).
- Да се изработи асоциограм на темата / клучните поими.
- Појаснување на вокабуларот преку задачи со подредување.
- Работа со транскрипти: да се стават во редослед деловите од дијалогот.



ЗА ВРЕМЕ НА ГЛЕДАЊЕТО
- Задачи со набљудување, на пример за текот на дејството, ликовите, информациите за земјата и културата (спореди задача 2).
- Чек-листи (Што гледаше во филмот, а што не?).
- Да се покажуваат слики без тон и да се прават претпоставки за тоа што зборуваат ликовите (спореди задача 4a).
- Да се слуша само звучниот запис и да се прават претпоставки за сликите. 

ПО ГЛЕДАЊЕТО
- Утврдување на разбраното: задачи со точно / погрешно (спореди задача 3).
- Задачи со избор помеѓу повеќе опции (спореди задача 7a), текстови со празнини (спореди задача 7b).
- Да се напише профил на некој лик (спореди задача 5).
- Да се одговори на отворени прашања за разбирање (спореди задача 4c).
- Да се напише состав или филмска критика.
- Креативно продолжување: да се напише внатрешен дијалог, да се допише некоја сцена (спореди задача 9A/B b), да се измисли нов крај (спореди задача 10b), да се води интервју со главниот лик. 

 
ЛИТЕРАТУРА
 
Biechele, Barbara (2010): „Verstehen braucht Sehen: entdeckendes Lernen mit Spielfilm im Unterricht Deutsch als Fremdsprache.“ In: Welke; Faistauer (2010).
 
Henseler, Roswitha; Möller, Stefan; Surkamp, Carola (2011): Filme im Englischunterricht. Grundlagen, Methoden, Genres. Seelze: Klett/Kallmeyer.
 
Welke, Tina; Faistauer, Renate (Hg.) (2010): Lust auf Film heißt Lust auf Lernen. Der Einsatz des Mediums Film im Unterricht Deutsch als Fremdsprache. Wien: Praesens Verlag.
 
Welke, Tina; Faistauer, Renate (Hg.) (2015): Film im DaF/DaZ-/Unterricht. Wien: Praesens Verlag.