Claim Goethe Institut Claim Goethe Institut

Северна Македонија

„ЗНАЕЊЕ И УЧЕЊЕ ВО ДИГИТАЛНАТА ЕРА“
НАСТАВНИЦИТЕ НА ИДНИНАТА

Директорката на Гете-институтот во Украина, Беате Келер, го отвора дигиталниот конгрес „Знаење и учење во дигиталната ера“ во ноември во Киев.
Директорката на Гете-институтот во Украина, Беате Келер, го отвора дигиталниот конгрес „Знаење и учење во дигиталната ера“ во ноември во Киев. | Фотографија: Володимир Бугаенко

Како влијае дигитализацијата врз подучувањето и учењето, но и врз општествениот развој и пазарот на трудот? На конгресот „Знаење и учење во дигиталната ера“ на Гете-институтот во Украина, „Гете актуел“ разговараше со Филип Кох, експерт за вештачка интелигенција.

Господине Кох, кога вештачката интелигенција ќе го преземе владеењето со светот?
 

Мислам дека не треба да се занимаваме со ова апокалиптично сценарио онолку колку што е тоа актуелно. Ова сценарио има попкултурна заднина, доаѓа од холивудските филмови и добро се продава. Но, мислам дека наместо тоа, постојат сосема други поприсутни опасности.

„МОРА ДА БИДЕТЕ ВО МОЖНОСТ ДА СИ ДОЗВОЛИТЕ ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА.“

За какви опасности станува збор?

Мислам дека со вештачката интелигенција - ако тргне во лош правец - ние сме во состојба силно да го разединиме општеството. На пример, со вештачката интелигенција можеме индивидуално да го пресметаме осигурителниот ризик на секое лице, можеме да создадеме независни системи за оружје итн. Истовремено, ние сме сведоци на силна приватизација на истражувањето. Односно компаниите кои во моментот развиваат вештачка интелигенција се големите играчи на пазарот: Amazon, Apple, Facebook и Google. Истражувањата повеќе не се одвиваат на универзитетите, туку кај големите претставници на индустријата. Ова доведува до силна нееднаквост. Мора да бидете во можност да си дозволите вештачка интелигенција. Малите и средни претприемачи не можат да си ја дозволат, додека пак големите трговци што работат со нарачки, без проблем. Така, на пазарот постојат две брзини на движење.

Филип Кох во разговор со Катарина Бук и Ева Корб од Гете-институтот во Украина
Филип Кох во разговор со Катарина Бук и Ева Корб од Гете-институтот во Украина | Фотографија: Володимир Бугаенко

Според мене, најголема опасност е тоа што апокалиптичните сценарија и терминаторските идеи, како големи, небулозни облаци на страв ги засенуваат реалните опасности, кои од своја страна повеќе не се појавуваат во јавниот дискурс. Сите би можеле да извлечеме огромна корист од потенцијалната револуција во вештачката интелигенција во нашата индустрија затоа што рутински повторливите задачи можат да бидат целосно автоматизирани. Создавањето вредности останува, но се губат работните места. Затоа мораме да размислиме дали и понатаму почитта кон луѓето ќе ја засноваме врз нивната работоспособност, односно продуктивност или врз нивното учество во целокупната општествена додадена вредност. Ние мораме да размислиме за економска конструкција, со која би можеле да го опфатиме целото општество. Сега мора активно да управуваме со овој процес.

Публиката на конгресот „Знаење и учење во дигиталната ера“ се состои во најголем дел од наставен кадар и образовни експертки и експерти од различни научни дисциплини. Тие честопати си го поставуваат прашањето: Дали мојата професија ќе застари во иднина? Колку е оправдана оваа загриженост?

Мислам дека наставниците треба да бидат помалку загрижени околу замената на нивната работа и нејзино преземање од автоматски системи. Постојат работни позиции коишто се вршат по построго одредени правила и се појасно структурирани од професијата наставник. Наставната професија е збир на интеракција, флексибилност, неповрзаност со правила. Адвокатот е врзан за правила, службениците, даночните консултанти итн. се врзани за правила. Ова воопшто не важи за наставникот. Притоа, наставничката професија носи со себе уште една особена способност, која ние не можеме толку брзо да ѝ ја пренесеме на вештачката интелигенција, имено тоа е да се пристапува емоционално, меѓучовечки, емпатично со другата страна. И тоа е задача што вештачката интелигенција не може да ја преземе, барем не во блиска иднина.

Teilnehmer*innen des Digitalkongresses
Teilnehmer*innen des Digitalkongresses | Foto: Volodymyr Bugaenko

ШАНСА ЗА ОБРАЗОВНИОТ СЕКТОР

Каде ги гледате највозбудливите можности на вештачката интелигенција во образованието?

Ризикот од десолидаризација и индивидуализација на ризикот, за коишто зборував претходно, може да бидат можност во образовниот сектор. Можеме да го индивидуализираме образованието без да ги распуштиме класовите и училиштата. Секој во класот може самостојно да си работи на темите зададени од системот: „Ова е сега вистинската задача за тебе, таа ќе те однесе понатаму, а не оваа“. Според тоа, со вештачката интелигенција се намалуваат многу чекори од повторувачките процеси. Со ова олеснување, можеме да се сконцентрираме на она што ги прави луѓето ексклузивни на емпатично ниво. Ова значи дека можеме да го искористиме слободното време за да им пристапиме на ученичките и учениците.

Значи, наставникот може да стане советник за подучување и придружник при подучувањето бидејќи извршува корективни функции?

Она што генерално им треба на учениците и луѓето е некој што ќе им помогне да се снајдат во нашиот висококомплексен свет полн со безусловно достапни информации. Не се работи толку за тоа да се напише следната математичка задача, бидејќи тоа можат да го преземат системите. Наместо тоа се работи за тоа како ги оценуваме информациите, како се справуваме со нив, од каде доаѓаат тие информации итн. Тоа значи, наставниците на иднината треба да станат еден вид совладувачи на комплексноста.