Станбени прашања

Mehrfamilienhaus © Goethe-Institut/ Simone Schirmer

Барате ли стан во Германија? Во некои региони лесно се наоѓа стан, додека во други региони тоа е многу тешко. Почнете да барате порано и контактирајте ги лицата кои ги огласуваат становите штом најдете соодветен оглас за стан.

Барање стан

Постојат неколку интернет страни за барање стан, како на пример:

Исто така можете да изнајмите соба во заеднички стан (кратко WG). Во WG се дели станот со други лица. Соби во WG можете да најдете на интернет страната wg-gesucht.de. Постојат и станови за привремен наем. Тие станови може да се изнајмат само за ограничен период.

Огласите за станови често се објавуваат и во многу весници, најчесто во петок или сабота. Огласите за станови можете да ги најдете и на интернет страниците на весниците. Исто така, можете да прашате во канцеларијата за станови во Вашето место на живеење. Исто така, агент за недвижности може да Ви помогне при барањето: ако агентот најде стан за Вас, треба да платите. Обично, агентот за недвижности добива провизија во висина од 2 - 3 месечни кирии.

Кирија и депозит

Во огласите обично стои колкава кирија треба да платите за станот. Но, тоа обично е само основната кирија без режиски трошоци. Покрај тоа, треба да ги платите и дополнителните трошоци, како што се трошоците за вода, чистење на скалилата и ѓубрарина. Греењето и електричната енергија може исто така да бидат дел од дополнителните трошоци, но тоа не е секогаш така. Прашајте го лицето кое што го издава станот под кирија што вклучуваат дополнителните трошоци и што ќе треба да платите дополнително.

Основната кирија и дополнителните трошоци заедно се нарекуваат кирија со режиски трошоци. Вкупната кирија со режиските трошоци му ја плаќате на наемодавателот на почетокот на месецот.
Обично становите не се опремени со мебел, но често има кујна. Работите кои остануваат од претходниот кираџија во станот, како што е фрижидерот, треба обично да се платат. Тоа се нарекува откуп.

Честопати наемодавците бараат од нивните кираџии да платат депозит. Тој може да биде најмногу 3 основни кирии. Со иселувањето, депозитот ќе Ви биде вратен. Ако сакате да проверите дали киријата за станот е премногу висока, можете да погледнете во контролниот индекс на кирии. Таму можете да ги најдете просечните цени на кириите за секој град. При електронското пребарување внесете „Mietspiegel“ и името на Вашиот град.

На почетокот на годината не се знае колку вода, струја или гас ќе ви бидат потребни. Затоа, секој месец плаќате аванс. На крајот од годината, ќе добиете поврат или ќе треба да платите дополнително.

Договор за изнајмување стан

Сите информации за киријата и депозитот се наоѓаат во договорот за изнајмување. Таму ќе биде наведено и дали треба да го реновирате станот при иселување. Обично мора да потпишете записник од примопредавањето кога се вселувате во стан. Во записникот стои, на пример, дали нешто во станот е скршено. Тогаш и вие и наемодавците сигурно ќе знаете дека тоа не сте го скршиле Вие. Прочитајте го внимателно договорот за наем и записникот од примопредавањето пред да ги потпишете.

Доколку сакате да се иселите, во нормални услови треба да ја најавите Вашата селидба 3 месеци однапред. Тоа се нарекува отказен рок. Секогаш внимавајте на отказниот рок, за да не плаќате двојно. За тоа треба да испратите писмо до наемодавецот до крајот од месецот.

Куќен ред

Не сакате конфликти со Вашите соседи? Почитувајте неколку правила: обично времето за одмор е од 22:00 до 7:00 и од 13:00 до 15:00 за време на ручек. Во тоа време не смее да се прави премногу врева. Во недела и празници цел ден е време за одмор.

Во Германија постојат различни канти за отпад од хартија и картон, од остатоци од овошје и зеленчук и за друг отпад. Најчесто кантите за отпад се пред самата куќа. Тука може да се фрли ѓубрето. Стакло или електрични уреди треба да се носат на посебни места за собирање или контејнери. Пластика, конзерви и амбалажи треба да се фрлат во жолта кеса или во жолта канта. Во градовите, обично треба да се носи пластика и амбалажно ѓубре до најблиската канта за рециклирање. Информирајте се во Вашата општина.

Сите други правила можете да ги најдете во правилникот за домување. На пример: дали дозволено е да имате куче или мачка во станот? Или: дали треба да го чистите ходникот или тротоарот пред вашата куќа?

Често поставувани прашања

Следете не