За проектот

Teenagers are looking over a town from a rooftop Photo: Ant Rozetsky © unsplash

Надалеку видливи знаци на соработка

Со проектот Freiraum (Сфери на слободата) сакаме да истражиме како стојат работите со слободата во градовите во Европа. Кои прашања произлегуваат кога граѓаните, научниците и културните работници локално размислуваат за поимот „слобода“? Кои проблеми може да се препознаат во градот? Со тоа што динамично ќе ги разменуваат своите прашања ширум Европа, 38 Гете-институти и нивните партнери од уметноста и граѓанскиот сектор развиваат креативни одговори - едни за други, оддалеку, со дистанца која помага. Во продолжение следува скицата на проектот.
 

Европа се менува. Популистички и националистички партии наидуваат на голем одѕив во многу земји. Скепсата во однос на ЕУ, како што се покажа со примерот со референдумот за Брегзит, не е ограничена само на Велика Британија. Португалија, Шпанија и Грција мораат да спроведат драстични мерки на штедење. Од друга страна, процесот на интеграција тече со различна брзина. Земји како Романија и Бугарија уште некое неопределено време ќе играат споредна улога. Накратко: Европа се соочува со предизвици на различни нивоа и бара одговори.

Гете-институт: Прифаќање на предизвиците и поставување нови акценти во европската политика

Гете-институт се смета за институција со европска мисија. Се залага за визијата за интегрирана Европа, како и за заеднички, но сепак разновиден културен простор. Нè обврзуваат вредности како отвореност, либералност, правичност и интеграција на сите општествени актери. Истовремено, Гете-институт е свесен дека состојбата на статус-кво во Европа во моментов насекаде се доживува како кризна. Во такви услови, строго да се држиме до приказната за обединета Европа може да изгледа како неприфаќање на реалноста. Онака како што Европа мора да го прифати предизвикот на актуелната ситуација и Гете-институт мора да постави појасни акценти во својот ангажман околу европската политика. Притоа патоказ не треба да биде наивниот ентузијазам, туку подготвеноста за дијалог – дијалог кој на моменти сигурно ќе биде и тензичен.  

Freiraum: заземање позиција, јакнење на партнерите, вклучување нови целни групи


Со големиот проект Freiraum, кој ќе се случува од 2017 до почетокот на 2019 година, Гете-институт зазема јасна позиција. Во центарот се наоѓа поимот на слободата, кој најдоцна од просветителството наваму е енормно важен за европскиот идентитет. Но, ветувањето што го носи овој поим со себе изгуби многу од својот сјај. Амбивалентноста на поимот за слободата денес е јасно видлива и тоа не само поради тоа што, на пример, во земји како Полска или Унгарија е доминантен антилиберален политички стил. Со оглед на таквите текови, многу партнери на Гете-институт се чувствуваат несигурно, а некои дури и загрозени. На таквите, Гете-институт сака да им биде доверлив партнер – а со Freiraum да воспостави надалеку видлива соработка.
Со проектот Freiraum, Гете-институт сака свесно да им пристапи на нови целни групи: на често маргинализираните млади луѓе со миграциско потекло и на оние, кои критички или скептично гледаат на денешна Европа, но сепак се доволно отворени за разговор. Освен тоа, треба да се мотивираат и луѓето што немаат предрасуди за Европа, но ја земаат здраво за готово, да го подигнат својот глас.

Тек на проектот: изнаоѓање прашања, формирање тандеми, разменување прашања, разработка на одговори

Во фокусот на проектот Freiraum се наоѓа идејата за вмрежување. Проектот треба да го има следниот тек: до крајот на септември 2017 година, секој од 38-те вклучени Гете-институти во проектот конципираше прашање поврзано со поимот на слободата. Тоа го направија со повеќе локални партнери - како на пример, театри или културни центри, невладини организации, универзитети, здруженија, иницијативи. Во процесот на конципирање на прашањето требаше да се земе предвид некој особено важен проблем за местото во кое се работи. За да се конципира и заостри ова прашање, секој институт можеше да одвои време за интензивен процес на истражување, на пример, да се организира работилница со партнери или надворешни експерти.   

Како помага погледот однадвор за да се внесе живот во европската идеја

Во втората етапа од проектот, 38-те вклучени Гете-институти со своите партнери до почетокот на ноември 2017 година создадоа видеа со времетраење од две минути, кои ги претставуваа нивните конципирани прашања и ја појаснуваа заднината. Овие видеа беа презентирани за време на варшавската средба, собир кој се одржа на 4 и 5. декември 2017 година во Варшава. Целта на оваа средба беше, покрај претставувањето на конципираните прашања, да се извлечат и таканаречените тандеми - односно да се одредат по два Гете-института што ќе работаат заедно во рамките на проектот Freiraum, ќе ги разменат своите прашања и со своите партнери ќе конципираат одговор на прашањето на соодветниот тандемски институт.
На пример: Гете-институтите во Варшава и Даблин се извлечени како тандем со помош на лотарија. Даблин го презема прашањето на Варшава и заедно со својот локален партнер конципираат проект, односно предлог-формат и обратно. Нам ни е важно во фокусот да бидат локалните партнери и нивните претстави, идеи и планови, а не тие на Гете-институтите. Од сработеното на секој тандем треба да произлезат две продукции, кои ќе бидат презентирани на двете места, во нашиот пример, во Варшава и во Даблин. Временската рамка се протега до пролетта 2019 година.
Затоа, ние сме уверени дека перспективата однадвор помага за ситуациите одново и поинаку да се проценат. Сигурни сме дека некоја ситуација, која се смета за проблематична, можеби ќе добие креативен предлог за решение, доколку се погледне од една целосно поинаква позиција. Ние сме убедени во тоа дека токму оваа размена носи шанса да се внесе нов живот во европската идеја, која во денешно време многу често се перципира како апстрактна.