Превртена настава со наставни видеа
Учење јазик со видеопораки

Превртена настава со наставни видеа
Превртена настава со наставни видеа | фото (исечок): © Andrey Popov - Fotolia.com

Како звучи германското „Ü“? Како се гради реченица во пасив? Тоа го дознаваат изучувачите на германскиот јазик во стручни книги – или во објаснувачки видеа од наставници.

Маркус фон Амсберг е наставник по германски јазик во едно училиште во Хамбург, во кое на децата и младите им се предаваат најразлични вештини. Во неговото одделение седат и ученици со посебни потреби и гимназијалци. За да им овозможи индивидуална подготовка на нови тематски подрачја, Маркус работи со видеа во кои тој дополнително ги објаснува материјалите што самиот ги подготвил. Видеата опфаќаат теми како делови на реченицата, зборовни групи или времиња и се направени слично како презентација, при што неопходните објаснувања се дадени како нарација.

„Партицип 2 се состои од претставка, стручно наречен префикс, основа на глаголот и наставка“, вели Амсберг некаде на почетокот на своето видео „Партицип 2“, пред да ги воведе поединечните форми и да покаже примери. Најважните стручни поими ги одбележува со различни бои како на табла. По правило, учениците треба да го погледаат видеото дома како подготовка на еден училиштен час и така за наставниот час ќе остане повеќе време за учење. Овој метод, меѓу практичарите познат како „Маркус фон Амсберг“, се нарекува „Flipped Learning“ или „Flipped Classroom“, што значи превртена настава или превртена училница.
 


Со видеата не работат само неговите ученици, туку на ivi-education.de и на Youtube тие може да се погледаат без трошоци и реклами. Маркус фон Амсберг секојдневно добива повратни информации – како на пример од оние што учат германски како странски јазик и што наишле на неговите материјали: „Колегите понекогаш ме критикуваат дека во моите видеа зборувам премногу бавно и јасно и дека именувам сè што може да се види во презентацијата. Но, учениците кои потешко учат, како и оние на коишто германскиот не им е мајчин јазик, се благодарни затоа што можат да ги разберат моите објаснувања и истовремено во видеата имаат автентичен германски јазик“, објаснува наставникот по германски јазик.

Секој со своето темпо

Биргит Јенсен, професорка по германистика на Универзитетот во Источна Каролина, исто така, користи објаснувачки видеа што самата ги направила, за да им го приближи на студентите германскиот јазик: „Во наставата постојано се случува еден да се досадува, додека другите не го разбираат материјалот, бидејќи се побавни или им недостига основата. Видеата им нудат на студентите можност да стекнат основни знаења, да ги повторат објаснувањата и дефинициите во време што ним им одговара или да прескокнуваат пасуси, чии содржини веќе им се познати“.
 

Биргит Јенсен користи видеа во наставата по странски јазик исто и за објаснувања на граматиката на мајчин јазик, која на студентите им е потребна како основа за стекнување знаење по германски јазик: „Многумина не знаат што е придавка или споредна реченица во англискиот јазик така што откако ќе им се разјаснат овие поими преку видеата за англискиот јазик, при воведот на граматичките категории во германскиот јазик не морам да се навраќам на тоа. Кога овие објаснувања ги пренесувам преку видео, на предавањата ми останува повеќе време со учесниците да зборувам автентично на германски“.

Да се заштеди скапоцено време во наставата

Наставниот метод Flipped Classroom/Flipped Learning најпрво се воведе во САД и од пред три години станува сè поомилен во Германија. За разлика од класичната  настава, предавањето материјал се одвива преку домашни задачи, така што ограниченото време за настава може да се користи за примена и увежбување на содржините.

Со помош на видеата учениците може самите да усвојуваат наставни содржини, а евентуалните проблеми или нејасни работи да се разјаснат подоцна на часот. „Пред сè кога се работи за индивидуални прашања и решенија на проблеми, учениците добиваат помош од своите наставници“, објаснува наставниот Феликс Фенрих. Заедно со својот колега Карстен Тајн, тој го користи принципот на превртена училница претежно по предметот Математика. Во меѓувреме, тој соработува со една издавачка куќа и своите искуства редовно ги пренесува на говори и работилници. Благодарејќи на соодветните апликации, и наставниците кои немаат афинитет кон техниката би можеле да создаваат наставни видеа.

Важно е наставните содржини да бидат куси и прецизни

Сите експерти се согласни дека висококвалитетните наставни видеа ги пренесуваат наставните содржини кусо, структурирано и прецизно. Во идеален случај, тие не треба да бидат подолги од шест минути. „Кога некој снима презентација и во неа постојано се повторува, тоа ги нервира учениците. Во добро видео секоја реченица е осмислена“, вели Маркус фон Армсберг. Биргин Јенсен, покрај тоа, во своите видеа му придава важност на хуморот: За да моите студенти воопшто ги погледнат наставните видеа, морам да ги мотивирам. Така на пример, во видеото за предлошки фрази за опуштање ја вметнувам песната од Битлси She came in through the bathroom window – при што, секако, треба да бидат запазени авторските права“.
 

Да се направат добри наставни видеа, чини време. Но, како и сите добри високовредни наставни материјали, тие може повеќепати да се употребуваат. Покрај тоа, достапни се онлајн на сите ученици и заинтересирани колеги. „Во САД на овој начин со Академијата се создаде огромен и бесплатен систем за учење, достапен за сите, вели Феликс Фенрих. Бидејќи овие материјали на англиски јазик за германските ученици само ограничено се погодни, тој сака вмрежувањето меѓу колегите да го поттикне и таму – покрај другото со порталот umgedrehterunterricht.de, на кој наставниците објавуваат материјали и може да разменуваат искуства.