Математика на дофат

Изложба

Изложбата „Математика на дофат“ сака да создаде нов пристап кон математиката. Таа сетилно ја претставува наводно најапстрактната од сите науки и ја прави математиката сфатлива – за сите возрасни групи, а без да биде неопходна претходна подготовка.

Но што точно значи нов приод? Сите наши експерименти се фокусираат на третирање на математикта низ игра. Тие директно поттикнуваат на восхитување и размислување: се прашуваме „зошто е тоа така?“, набрзо самите си даваме првични одговори и така ја наоѓаме логиката зад феномените. Станува збор за ново с-фаќање со рака, глава и срце, кое може да даде нови импулси за наставата по математика во училиштето.

Посетители од секоја возраст и со секакви предзнаења се поканети да експериментираат: тие местат сложувалки, градат мостови, прават ментална гимнастика со мисловни игри, гледаат трка на кугли, создаваат прекрасни балони од сапуница - и притоа сосема попатно секогаш се занимаваат со математика.

Со оваа изложба Гете-институт запливува во целосно нови води. Затоа уште повеќе се радуваме што на проектот можевме да стекнеме еден реномиран партнер. Математикум Гисен е првиот интерактивен музеј за математика во светот. „Математика на дофат“ прикажува избор од особено докажани експерименти од изложбата во Гисен каде што повеќе од 160 експонати ве канат да ги испробате и да размислите.

Изложбата е на светска турнеја од 2013 година.


 

назад